ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА
Што е Судниот ден?
Во библиски времиња, Бог користел судии за да го заштити својот народ од неправди (Судиите 2:18). Во Библијата, Судниот ден што ќе дојде во иднина е опишан како радосен период во кој Јехова, Судијата на целата Земја, ќе го спаси човештвото од неправдите. (Прочитај Псалм 96:12, 13; Исаија 26:9.)
Бог го поставил Исус да им донесе правда и на живите и на мртвите (Дела 10:42; 17:31). Многу луѓе починале без да го познаваат Бог. За време на Судниот ден, Исус ќе ги воскресне тие луѓе за да можат да го запознаат и да го засакаат вистинскиот Бог. (Прочитај Дела 24:15.)
Колку долго ќе трае Судниот ден?
Во Библијата пишува дека Судниот ден ќе трае илјада години. Во тој период мртвите ќе бидат вратени во живот (Откровение 20:4, 12). Ним ќе им биде потребно време за да ги дознаат Божјите мерила и да живеат според нив. Спротивно на општоприфатеното гледиште, во Библијата пишува дека луѓето ќе бидат судени на темел на она што ќе го прават откако ќе воскреснат. (Прочитај Римјаните 6:7.)
Во Библијата исто така се зборува за еден друг ден на суд кој ќе дојде ненадејно, пред да започнат тие илјада години. Овој ден е наречен и крајот, како што беше објаснето во статиите на почетокот од ова списание. Тогаш, Бог ќе ги уништи сите злобни луѓе кои не веруваат во него (2. Петрово 3:7). Затоа, треба да дадеме сѐ од себе за да докажеме дека навистина го сакаме Бог. (Прочитај 2. Петрово 3:9, 13.)