Варди се од погрешна доброљубивост
1 Јеховиниот народ е познат по неговиот доброљубив и дарежлив дух. Тој често се манифестира на материјален начин кога го имитираме пријателски настроениот Самарјанин за кој зборувал Исус во својата трогателна споредба (Лука 10:29-37). Сепак, некои кои не се достојни за материјална помош може да настојуваат да ја искористат нашата доброљубивост. Така, нашата љубов кон другите мора да биде урамнотежена со „познавањето и разбирањето на сѐ“ (Фил. 1:9).
2 Во собранието: На пример, некој може да вели дека е без работа или да набројува други причини зошто бара помош. Понекогаш овие поединци не бараат активно вработување, туку едноставно сакаат другите да им обезбедуваат животни потреби. За таквите, апостол Павле наложил: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Сол. 3:10).
3 „Времето и приликите“ го погодуваат секој од нас, па ако сме во материјална криза, да ни недостига „лебот наш насушен“, не треба да бидеме премногу загрижени, бидејќи Јехова го обезбедува за оние кои го љубат и ја вршат неговата волја (Проп. 9:11; Мат. 6:11, 31, 32). Лицето кое е во оскудица може да најде за корисно да зборува со некој од старешините. Старешините можеби знаат за владини програми кои се воспоставени за да се пружи помош и можеби се во состојба да му помогнат да комплетира документи или да разбере какви се барањата на таквите програми. Во секој случај, старешините можат да ги проценат околностите на секој еден кој бара помош и да одлучат што може да се стори. (Спореди 1. Тимотеј 5:3-16.)
4 Патувачки измамници: Заедницата и понатаму добива извештаи дека патувачки измамници им извлекле пари и материјални работи на некои во собранијата. Тоа не треба да нѐ изненади зашто Писмото предупредува дека „лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тим. 3:13). Честопати, овие лажливци тврдат дека се во неволја и дека им требаат пари за храна и превоз до дома. Иако може да звучат искрено, во повеќето случаи воопшто не се Јеховини сведоци, туку се преправаат дека се.
5 Ако странец бара помош, мудро е да се консултираме со некој собраниски старешина кој може да го преземе водството за да утврди дали тоа лице е наш брат. Обично може да се телефонира кај еден од старешините на собранието на тој човек и да се провери каков углед има. Искрените браќа и сестри кои неочекувано ќе се најдат во потреба треба да сфатат дека овој вид испитување се прави за да се заштитат сите што се вклучени. Од друга страна, измамниците ќе бидат разоткриени со овој вид претпазливост. Нема потреба за неоправдана сомничавост кон сите кои не ги познаваме, но мораме да бидеме претпазливи пред зли лажливци. (Види и km 9/80, стр. 2.)
6 Мудриот цар Соломон советувал: „Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне“ (Изреки 3:27). Со нашиот мудар разбор, можеме и понатаму да бидеме милосрдни додека се вардиме од погрешна доброљубивост.