Секогаш фали го Јехова
1 Малку се оние активности кои поради својата важност секогаш го заслужуваат нашето внимание. Во нив ги вбројуваме јадењето, дишењето и спиењето. Тие се неопходни за нашиот физички опстанок. Апостол Павле го ставил проповедањето на добрата вест во слична таква категорија кога поттикнал: „Секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва“ (Евр. 13:15). Според тоа, и фалбите за Јехова го заслужуваат нашето постојано внимание. Тоа е нешто што треба да се трудиме да го правиме секојдневно, секогаш фалејќи го нашиот небесен Татко.
2 Кога другите се обиделе да му го одвлечат вниманието, Исус одговорил: „Треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо“ (Лука 4:43). Во текот на неговата три и полгодишна служба, сето она што го правел секојдневно, на некој начин било директно поврзано со прославувањето на Бог. Знаеме дека и Павле го мислел тоа, со оглед на она што го изразил во 1. Коринтјаните 9:16: „Тешко мене, ако не проповедам“. И други верни христијани биле охрабрени да бидат секогаш спремни да ја одбранат пред другите својата надеж (1. Петр. 3:15). Денес, стотици илјади ревни пионери и милиони собраниски објавители настојуваат да ги имитираат таквите добри примери.
3 Кога ќе размислиме за искрената ревност што ја покажал Исус Христос, нашиот Пример, наведени сме тесно да ги следиме неговите стапки (1. Петр. 2:21). Понекогаш можеби се обесхрабруваме кога во секојдневниот живот мораме да се соочуваме со проблеми. Како можеме секојдневно да користиме прилики да го фалиме Јехова, кога имаме световна работа со полно работно време? А не смееме да ги запоставиме ниту семејните обврски кои одземаат многу од нашето време. Повеќето млади луѓе се зафатени со неопходното секојдневно школување. Некои можеби мислат дека е невозможно секој ден јавно да го фалат Јехова. Понекогаш, други можеби дозволуваат да помине еден цел месец без да ја споделат со другите добрата вест.
4 Јеремија бил еден од оние кои не можеле да се воздржат. Еднаш, кога за кратко време пропуштил да зборува во Јеховино име, тој чувствувал како во него да гори неподносливо силен оган (Ерем. 20:9). Соочен со нешто што изгледало како тешка неволја, Јеремија секогаш изнаоѓал начини да им ја кажува на другите Јеховината порака. Можеме ли да го имитираме неговиот пример на храброст и упорно да бараме можности да го фалиме нашиот Творец секој ден?
5 Не треба да ја ограничиме нашата служба за Јехова само на формалните прилики, кога со другите објавители сме однапред договорени да сведочиме на подрачјето на собранието. Сѐ што е потребно е да има некој кој ќе биде спремен да слуша. Секој ден постојано се сретнуваме со луѓе — тие доаѓаат во нашиот дом, работиме со нив на нашето работно место, заедно чекаме ред во некој супермаркет или се возиме со нив во автобус. Потребен е само пријателски поздрав и прашање кое поттикнува на размислување или, пак, некоја забелешка со која ќе се започне разговор. Многумина откриле дека за нив тоа е најефикасен начин на сведочење. Кога имаме толку многу прилики да им зборуваме на другите за добрата вест, би било незамисливо да помине еден цел месец без да дадеме сведоштво за Царството.
6 Никогаш нема да престане предноста да го фалиме Јехова. Како што укажал псалмистот, сѐ што дише треба да го фали Јехова, а сигурно дека и ние сакаме да бидеме вклучени во тоа (Пс. 150:6). Ако срцето нѐ поттикнува секогаш да го правиме тоа, секојдневно ќе ги искористуваме приликите да зборуваме за Јехова и за неговата Реч.