Како најдобро да го искористиш времето во службата?
Во текот на 2014 службена година, Јеховините сведоци поминаа 1.945.487.604 часови во службата на проповедање, што е јасен доказ дека сме решени да останеме зафатени во службата за Јехова! (Пс. 110:3; 1. Кор. 15:58). Бидејќи „преостана малку време“, дали можеме часовите што ги минуваме во службата да ги користиме за да им сведочиме на што е можно повеќе луѓе? (1. Кор. 7:29).
За да го искористиме најдобро времето кога сме во служба, треба да бидеме флексибилни. На пример, ако често ти се случува да поминеш час или повеќе во некоја гранка од службата без да посведочиш некому, би можел ли да смениш нешто за да сретнеш што повеќе луѓе и да разговараш со нив? Околностите се разликуваат од место до место. Сепак, следниве предлози може да ти помогнат подобро да го искористиш времето во служба за да не го трошиш напразно (1. Кор. 9:26).
Сведочење од куќа до куќа: Со децении, објавителите обично проповедаат од куќа до куќа наутро и напладне. Меѓутоа, бидејќи дење многу луѓе се на работа, би можел ли да се обидеш да проповедаш од куќа до куќа доцна попладне или приквечер, кога луѓето се дома и се поопуштени? Преку ден, подобри резултати можат да се постигнат ако сведочиш на улица или на деловно подрачје.
Сведочење на прометни места: Штандовите и количките со литература треба да се постават на прометни места во рамките на собраниското подрачје. (Види во Нашата служба за Царството од јули 2013, стр. 5.) Ако се намали фреквенцијата на луѓе на подрачјето предвидено за вакво сведочење, Одборот на собранието може да реши штандовите или количките да се префрлат на место каде што има повеќе минувачи.
Повторни посети и библиски курсеви: Би можел ли да испланираш да правиш повторни посети и да проучуваш со интересентите во време кога не можеш да најдеш луѓе ако сведочиш на некој друг начин? На пример, ако во сабота наутро наоѓаш повеќе луѓе од куќа до куќа, би можел ли да проучуваш со интересентите попладне или навечер? За поделотворно да го искористиш времето, би можел ли да испланираш да правиш повторни посети кај интересенти што живеат на исто подрачје?
Иако можеме да го известуваме сето време што го минуваме во служба, порадосни сме кога им сведочиме на повеќе луѓе. Ако увидиш дека во одреден дел од денот не можеш да ги најдеш луѓето додека си во една гранка од службата, обиди се со друга. Моли го Јехова, „Господарот на жетвата“, да те води за да можеш најдобро да го искористиш времето во службата! (Мат. 9:38).