Гледиште на Библијата
Зошто исклучувањето е подготовка која е израз на љубов
ЕКСКОМУНИКАЦИЈА — самата помисла предизвикува измешани чувства меѓу многумина религиозни луѓе.a Повеќето луѓе се согласуваат дека на религиите им е потребен некој облик на дисциплина. Но, многумина сметаат дека екскомуникацијата е остаток од минатото — строг стил на дисциплинирање кој ги потсетува на ловот на вештерки и на инквизицијата.
Кон проблемот придонесува и распространетото влијание на секуларниот свет. Така, повеќето религии на христијанскиот свет прифатиле потолерантно гледиште за гревот. Затоа, не изненадува толку тоа што еден епископален свештеник рекол: „Екскомуникацијата е дел од нашата традиција, но мислам дека не е пожелна во овој век“.
Меѓутоа, многу луѓе можеби се изненадени кога ќе дознаат дека меѓу Јеховините сведоци исклучувањето (еквивалент на екскомуникацијата) се сфаќа сериозно. Навистина, не е лесно да се преземе таа постапка, но тоа е една подготовка која е израз на љубов. Како тоа?
Го поддржува Божјето име
Јехова е свет Бог. Тој не поднесува намерен грев од страна на оние кои тврдат дека го обожаваат. Апостол Павле им напишал на христијаните: „Вие самите бидете светци [свети, НС] во сите ваши постапки. Оти е напишано: ‚Бидете свети, бидејќи Јас сум свет‘ “ (1. Петрово 1:15, 16). Затоа, исклучувањето на непокајничките грешници го поддржува Божјето свето име — покажува љубов кон тоа име. (Спореди Евреите 6:10.)
Дали тоа значи дека, ако еден христијанин подлегне на слабост или западне во тежок грев, тој автоматски е отстранет од собранието? Воопшто не! Јехова не е нечувствителен диктатор. Тој е милостив и покажува разбирање. Се сеќава дека сме несовршени (Псалм 102:14). Јехова признава дека „сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23). Бог подготвил духовна помош во собранието така што, доколку еден христијанин направи „погрешен чекор“ или дури и изврши сериозен грев, тој може со љубов да биде ‚исправен‘ во дух на благост (Галатјаните 6:1, НС). Со тоа што ќе прифати совет од Божјата Реч и ќе покаже длабоко жалење и искрено каење, оној кој застранил од патот на праведноста може духовно да се ‚исцели‘ (Јаков 5:13—16).
Меѓутоа, што ако еден крстен христијанин сериозно згреши и сите напори да му се помогне да се поправи се безуспешни? Со други зборови, што ако тој тврдоглаво одбива да го поправи својот грешен начин на постапување?
Го чува собранието заштитено
Библијата им заповеда на христијаните: „Да не се дружите со оној, кој наречувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете“ (1. Коринтјаните 5:11).
Дали овој библиски закон е строг или понижувачки? Размисли само за следново: Кога еден закоравен криминалец е испратен во затвор поради тоа што го прекршува законот, дали тоа се смета за нешто строго или нечувствително? Не, бидејќи јавноста има право да го заштити мирот и сигурноста на другите. Всушност, за време на неговата затворска казна, криминалецот е исклучен од општеството кое се придржува на законот.
Слично на тоа, христијанското собрание има право кога ги отстранува непокајничките престапници од својата средина. Зошто? Затоа што собранието мора да биде засолниште од неморалните грабливци и другите своеволни извршители на грев.
Увидувајќи дека „оној што ќе згреши, расипува многу добри работи“, апостол Павле им заповедал на соверниците: „Исфрлете го лошиот помеѓу вас“ (Проповедник 9:18; 1. Коринтјаните 5:13). Оваа постапка го спречува грешникот да шири расипаност во собранието и го заштитува доброто име на собранието. (Спореди 1. Тимотеј 3:15.)
Заштита за поединците
Исклучувањето ги заштитува и поединечните членови на собранието. Да илустрираме: Замисли си дека од спиење те разбудила бучната врева од автомобилска труба или аларм. Тешко е да се игнорира продорниот звук — всушност, тој те сепнува! Слично на тоа, кога некој е отстранет од собранието, се надеваме дека таа постапка го пленува вниманието на секој член на стадото. Таа ги вознемирува нивните мисли. Тоа не може да се игнорира. Како може ова да биде заштита?
„Кога во Салата на Царството првпат слушнав дека некој е исклучен, во почетокот за мене тоа беше шок“, вели една жена Сведок. „Потоа тоа ме направи понизна. Ме натера да сфатам дека и јас може да паднам.“ Како што покажуваат нејзините зборови, исклучувањето може да ги поттикне другите да го преиспитаат своето однесување (1. Коринтјаните 10:12).
Ако си поставуваме прашања како што се: ‚Дали има некои подрачја во мојот живот на кои сум духовно ранлив?‘ може да ни биде од помош да ја испитаме нашата лична положба пред Бог. На овој начин можеме да продолжиме ‚со страв и трепет да го градиме нашето спасение‘ (Филипјаните 2:12).
Враќање кај Бог
„Колку и да беше тешко“, рекла една христијанка која извесно време била исклучена, „дисциплинирањето беше неопходно и многу потребно, и се покажа дека е животоспасувачко.“ Ова истакнува еден друг важен аспект на исклучувањето. Може да ги поттикне некогаш непокајничките грешници да ги направат првите чекори назад кон Бог.
Апостол Павле рекол: „Господ го казнува оној, кого што го сака“ (Евреите 12:6). Вистина е дека „секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евреите 12:11).
Тоа се случило со Ричард. Откако бил исклучен речиси две години, тој се покајал, го поправил своето однесување кое го обесчестува Бог и бил прифатен назад во христијанското собрание. Гледајќи наназад, во врска со тоа искуство тој вели: „Сфаќам дека требаше да бидам исклучен и дека потполно го заслужив она што го добив. Навистина тоа беше неопходно и ми помогна да увидам колку беше сериозен мојот начин на постапување и потребата да го барам Јеховиното простување“.
Можеби нема да биде лесно да се издржи дисциплинирањето. За да се прифати, потребна е понизност, но оние кои учат од него собираат обилен плод.
Затоа, исклучувањето е подготовка која е израз на љубов бидејќи го поддржува Божјето свето име и го заштитува собранието од расипувачкото влијание на гревот. Исто така, тоа покажува љубов кон престапникот со тоа што го охрабрува да се покае и ‚да се обрати за да се очисти од гревовите свои, за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово‘ (Дела 3:19, 20).
[Фуснота]
a Екскомуникацијата е дисциплинска постапка чиј резултат е отстранување од членството во една религија.
[Извор на слика на страница 12]
The New Testament: A Pictorial Archive from Nineteenth-Century Sources, by Don Rice/Dover Publications, Inc.