Дискриминација на жените
ВО Западна Африка, еден бизнисмен купува едно деветгодишно дете. Во Азија, новороденче е живо закопано во пустинскиот песок. Во една земја на Ориентот, едно детенце што проодува умира од изгладнетост во дом за сираци — несакано и незгрижено. Овие трагедии ги поврзува една заедничка нишка: сите жртви се девојчиња. Самото тоа што се женски значело дека се сметаат за неважни.
Ова не се единствени случаи. Во Африка, илјадници девојчиња и млади жени се продадени во ропство, некои дури и за само 15 долари. А се известува дека секоја година стотици илјади девојчиња се продадени или принудени на проституција, главно во Азија. Што е уште полошо, цифрите на населението за извесен број земји покажуваат дека дури 100 милиони девојчиња „исчезнале“. Ова очигледно се должи на абортусот, чедоубиството или крајното запоставување на женскиот род.
Долго време — со векови — така се гледало на жените во многу земји. А на некои места сѐ уште е така. Зошто? Затоа што во таквите земји поголема вредност им се припишува на момчињата. Таму се смета дека момчето може да ја продолжи семејната лоза, да наследи имот и да се грижи за родителите кога тие ќе остарат, бидејќи во овие земји честопати владата не им дава пензија на остарените. Една азиска изрека вели дека „подигањето девојче е исто како да наводнуваш растение во градината на твојот сосед“. Кога ќе порасне, тоа ќе си замине за да се омажи или можеби дури и ќе биде продадено во проституција, и затоа ќе биде од мала или од никаква помош во грижата за остарените родители.
Помал удел
Во земјите кои се измачувани од сиромаштија, овој став значи помалку храна, помала здравствена нега и помало школување за девојчињата во семејството. Истражувачите во една азиска земја откриле дека 14 проценти од девојчињата биле лошо исхранети, во споредба со само 5 проценти од момчињата. Во некои земји двојно повеќе момчиња отколку девојчиња се носени во здравствените центри, објаснува еден извештај на Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ). Исто така, повеќе од 40 проценти од младите жени во Африка, како и во јужна и западна Азија, се неписмени. „Во светот во развој се случува еден стравотен апартхејд на полот“, се жалела неодамна починатата Одри Хепберн, поранешен амбасадор на УНИЦЕФ.
Овој „апартхејд на полот“ не исчезнува кога девојчињата ќе станат возрасни. Сиромаштијата, насилството и неподносливата мачна работа пречесто се судба на жената, токму заради тоа што таа е жена. Претседателот на Светската банка објаснил: „Жените извршуваат две третини од светската работа . . . Сепак, тие заработуваат само една десетина од светскиот приход и поседуваат помалку од еден процент од светскиот посед. Тие се меѓу најсиромашните сиромашни во светот“.
Според еден извештај на Обединетите нации, повеќе од 70 проценти од 1,3 милијарди луѓе во светот кои живеат во ужасна сиромаштија се жени. „И станува сѐ полошо“, додал извештајот. „Бројот на селските жени кои живеат во апсолутна сиромаштија се зголеми речиси за 50% во однос на минатите две децении. Сѐ повеќе сиромаштијата поприма женски лик.“
Уште потрауматско од мачната сиромаштија е насилството кое ги уништува животите на толку многу жени. Како што е проценето, сто милиони девојчиња, главно во Африка, страдаат од осакатување на гениталните органи. Силувањето е една раширена злоупотреба која останува речиси недокументирана во некои подрачја, иако истражувањата покажуваат дека во некои земји секоја шеста жена е силувана во текот на својот живот. Војните ги погодуваат и мажите и жените, но повеќето од бегалците кои се принудени да бегаат од своите домови се жени и деца.
Мајки и снабдувачи
Товарот на грижата за семејството честопати повеќе лежи врз мајката. Веројатно таа работи подолго и можеби е единствениот снабдувач. Во некои селски подрачја на Африка, речиси со половината семејства управуваат жени. Во некои локации на западниот свет, значителен дел од семејствата се управувани од жени.
Понатаму, особено во земјите во развој, жените традиционално извршуваат некои од најтешките работи, како што е носењето вода и дрва за огрев. Ископачувањето на шумите и потрошувањето на пасиштата уште повеќе ги отежнуваат овие задачи. Во некои земји кои се погодени од суша, жените секој ден трошат по три или повеќе часови барајќи дрва за огрев, како и по четири часа на ден носејќи вода. Дури откако ќе завршат со тоа ринтање, тие можат да почнат да ја извршуваат работата што се очекува од нив дома или на полето.
Очигледно, и мажите и жените страдаат во земјите каде што сиромаштијата, гладот или споровите се секојдневно искуство. Но, страдањето на жените е неспоредливо. Дали некогаш ќе се промени ваквата ситуација? Постојат ли некакви реални изгледи дека еден ден со жените секаде ќе се постапува со почитување и обѕирност? Постои ли нешто што жените можат да го сторат сега за да ја подобрат својата судба?
[Рамка/слика на страница 5]
Девојчиња проститутки — кој е виновен?
Се проценува дека секоја година еден милион деца — повеќето девојчиња — се присилени или продадени во проституција. Арајаa‚ која доаѓа од југоисточна Азија, се сеќава што се случило со некои од нејзините школски другарки. „Кулвади стана проститутка кога имаше само 13 години. Таа беше фино девојче, но мајка ѝ често се опијануваше и играше покер, па затоа немаше време да се грижи за ќерка си. Мајка ѝ ја охрабри Кулвади да заработува пари излегувајќи со мажи, и не помина долго време кога таа почна да работи како проститутка.
Сивун, една друга ученичка во мојот клас, дојде од северниот дел од земјава. Таа имаше само 12 години кога родителите ја испратија во главниот град за да работи како проститутка. Мораше да работи две години за да го исплати договорот што го потпишале нејзините родители. Сивун и Кулвади не се нешто невообичаено — од 15 девојчиња во мојот клас, 5 станаа проститутки.“
Постојат милиони млади како што се Сивун и Кулвади. „Секс индустријата е еден огромен пазар кој зема голем замав“, се жали Васила Тамзали, од УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации). „Продавањето на едно 14-годишно девојче станало толку вообичаено што веќе е банално.“ А штом овие девојчиња ќе бидат продадени во сексуално ропство, исплаќањето на нивната цена на купување може да се покаже речиси невозможно. Манџу, која татко ѝ ја продал кога имала 12 години, сѐ уште должела 300 (американски) долари после седум години проституција. „Не можев да сторам ништо — бев фатена во стапица“, објаснува таа.
За девојчињата, да се побегне од СИДА-та може да биде речиси исто толку тешко како да се побегне од подведувачите кои ги заробуваат. Една анкета спроведена во југоисточна Азија покажала дека 33 проценти од овие деца проститутки биле инфицирани од вирусот на СИДА. Сѐ додека цвета индустријата од пет милијарди долари, овие девојчиња веројатно ќе продолжат да страдаат.
Кој е виновен за оваа ужасна практика? Очигледно, оние кои купуваат или продаваат девојчиња во проституција сносат огромен дел од вината. Но, за осуда се и подлите мажи кои ги користат девојчињата за да ги задоволат своите сексуални страсти. Бидејќи, без таквите практикувачи на неморал, проституцијата на овие девојчиња не би постоела.
[Фуснота]
a Имињата се променети.
[Слика]
Секоја година околу милион девојчиња се присилени на проституција
[Рамка/слика на страница 6]
Работниот ден на жената во Централна Африка
Жената станува во шест часот и подготвува појадок за семејството и за себе, кој тие ќе го јадат подоцна тоа утро. Откако ќе донесе вода од блиската река, таа се упатува кон своето парче земја — кое може да биде оддалечено и еден час одење.
Сѐ до околу четири часот попладне, таа ја ора, ја плеви или ја наводнува земјата, запирајќи само на кратко за да јаде од храната што ја зела со себе. Двата преостанати часови дневна светлина ги користи за да сече дрва за огрев и за да собира касава или друг зеленчук за семејството — и сето тоа го носи дома.
Обично пристигнува дома кога сонцето заоѓа. Тогаш нејзината работа е да ја подготви вечерата, задача која може да потрае два или повеќе часа. Неделите ги минува во перење облека во блиската река, а потоа пегла, откако ќе се исушат алиштата.
Нејзиниот сопруг ретко ја цени сета оваа напорна работа или ретко ги слуша нејзините предлози. Не му пречи да насече дрвја или да ги запали шумските грмушки за таа да ја подготви земјата за садење, но тој не прави речиси ништо повеќе. Повремено, ги носи децата до реката за да се искапат и можеби малку лови и рибари. Но, голем дел од денот го минува во разговор со другите мажи од селото.
Ако сопругот може да си го дозволи тоа, тој ќе доведе дома нова, помлада жена која ќе биде центар на неговата наклоност. Меѓутоа, од неговата прва жена сѐ уште ќе се очекува да продолжи да работи како и секогаш, сѐ додека нејзиното здравје не ослаби или додека не умре.
Африканските жени носат тежок товар на работа