Нова одбрана во борбата против туберкулозата
ТУБЕРКУЛОЗАТА (ТБЦ) е најстариот заразен убиец на човекот, и сѐ уште претставува толку сериозна закана за здравјето што Светската здравствена организација (СЗО) ја споредува со темпирана бомба. „Ние сме во трка со времето“, предупредува еден извештај на СЗО во врска со ТБЦ. Ако човекот не успее да ја дезактивира оваа бомба, еден ден може да се соочи со болест која е отпорна на лекови и која „се шири низ воздухот, а неизлечлива е речиси подеднакво како и СИДА-та“. Дојде време, поттикнува СЗО, да се отрезниме во поглед на погубниот потенцијал на ТБЦ. „Секој што диши, од Волстрит до Големиот кинески ѕид . . . треба да биде загрижен за овој ризик.“
Претерување? Не би рекле. Само замислете си колку претпазлив би бил светот кога некоја болест би се заканувала да се прошири и да го избрише целото население на, да речеме, Канада, во рок од десет години! Иако ова звучи како фантазија, заканата е реална. Ширум светот, ТБЦ убива повеќе луѓе отколку СИДА-та, маларијата и тропските болести заедно: 8.000 лица секој ден. Денес, околу 20 милиони луѓе се заболени од активна ТБЦ, а околу 30 милиони би можеле да умрат од неа во текот на следните десет години — бројка која е поголема од населението на Канада. (Видете ја рамката „Глобалниот стисок на ТБЦ“, на страница 21.)
А сега, добрата вест
Но, денес има надеж. После десет години испитувања, истражувачите пронајдоа една стратегија со која може да се намали опасноста од ТБЦ како неконтролиран убиец и да се направи криминалец под контрола. Д-р Хироши Накајима, поранешен генерален директор на СЗО, ја нарекол оваа нова стратегија „еден од најважните успеси во здравствената заштита на населението во оваа деценија“. А д-р Арата Кочи, директор на Глобалната програма за ТБЦ при СЗО, вели дека ја нуди најголемата шанса да ја „уништи епидемијата на ТБЦ“. Која е причината за сета оваа возбуденост? Една метода наречена DOTS.
DOTS е акроним за директно набљудување на лекувањето, краткорочно. Тоа е еден систем на одржување на здравјето со кој повеќето пациенти од ТБЦ можат да се излечат за шест до осум месеци без да поминат ниту еден ден во болница. Успехот на DOTS зависи од пет елементи. Ако недостига некој од овие елементи, забележува СЗО, можноста да се излечат жртвите на ТБЦ „ќе ни помине низ прсти“. Кои се тие елементи?
● 1. Директно: Најопасниот случај на ТБЦ е случајот кој не е дијагнозиран. Затоа СЗО нагласува дека, како прво, здравствените работници треба да ги насочат своите напори кон идентификување на луѓето во нивната заедница кои се заболени од заразна ТБЦ.
● 2. Набљудување: Вториот елемент на DOTS го прави здравствениот систем — а не пациентот — одговорен да се постигне оздравување. Здравствените работници, или обучени волонтери, како што се продавачи, наставници или поранешни пациенти од ТБЦ, ги набљудуваат пациентите кои ја земаат секоја поединечна доза лекови против ТБЦ. „Набљудувачите на пациентите“ се пресуден фактор за успехот затоа што една главна причина зошто ТБЦ постои сѐ до денес е тоа што пациентите пребрзо престануваат да ги земаат лекарствата. (Видете ја рамката „Зошто во пораст — повторно?“ на страница 21.) После само неколку седмици лекување, тие се чувствуваат подобро и престануваат да ги земаат таблетите. Сепак, лекарствата мора да се земаат шест до осум месеци за да може организмот да се ослободи од сите бацили на ТБЦ.
● 3. Лекување: Во текот на овие шест до осум месеци, здравствените работници ги следат резултатите од лекувањето и го документираат напредокот на пациентот. На тој начин, тие се грижат пациентите да бидат целосно излечени и да не можат да им ја пренесат инфекцијата на другите.
● 4. Краткорочно: Употребата на исправната комбинација и исправната количина лекови против ТБЦ, познато како краткорочна хемиотерапија, во текот на период со исправно траење, е четвртиот елемент на стратегијата DOTS. Овие комбинирани лекови им задаваат нокаут на бацилите на ТБЦ.a Лековите мора секогаш да ги има на располагање за лекувањето воопшто да не се прекине.
● 5. !: СЗО го изразува овој петти елемент на стратегијата DOTS со еден извичник на крајот на DOTS! Тој ги означува финансирањето и цврстите начела. СЗО ги поттикнува здравствените системи да обезбедат финансиска обврска од владите и од невладините организации и да го направат лекувањето на ТБЦ дел од постоечкиот здравствен систем на земјата.
Кога зборуваме за финансирањето, методата DOTS ги привлекува оние што прават полиси кои ги држат финансиските извори. Светската банка го рангира DOTS како „еден од финансиски најисплатливите интервенции кои стојат на располагање во борбата против . . . болеста“. Вкупниот трошок на користењето на оваа стратегија во сиромашните земји, пресметува СЗО, е околу 100 долари на пациент. „Ова ретко изнесува повеќе од 10 центи на жител во земјите во развој, што може да се допушти дури и во најлоши економски услови“. Меѓутоа, ниските трошоци не исклучуваат висока добивка.
Колку е делотворно?
Во март 1997, претставници на СЗО најавија дека и сосема малата употреба на стратегијата DOTS „била причина глобалната епидемија на ТБЦ да се стабилизира за прв пат во текот на децении“. „Онаму каде што се користи DOTS, стапката на оздравување речиси се удвојува.“ Водечки проекти на DOTS спроведени во подрачја во кои е раширена ТБЦ веќе покажуваат дека ваквата стратегија дејствува. Да разгледаме неколку извештаи за успех што ги наведе СЗО.
Во Индија, „DOTS беше применет на подрачја за репрезентации кои опфаќаат повеќе од 12 милиони луѓе . . . Сега туберкулозата се лечи кај 4 од секои 5 пациенти“. Во една водечка програма во Бангладеш, која опфати еден милион луѓе, „87 проценти [од пациентите со ТБЦ] беа излечени“. На еден индонезиски остров, со проектот DOTS се „лекуваат 9 од секои 10 инфицирани пациенти“. Во Кина, водечките проекти оствариле „зашеметувачки успех“ со стапка на оздравување од 94 проценти. Во еден град во Јужна Африка, „повеќе од 80 проценти [од пациентите со ТБЦ] успешно се излекувани“. Неодамна, DOTS беше воведен во Њујорк Сити, со импресивни резултати.
Откритијата од испитувањата во десетици земји, заклучува д-р Кочи, покажуваат дека оваа стратегија „може да се користи насекаде и дека може да постигне стапка на оздравување од 85, па и повеќе проценти“.
Не процвет — туку напредок
Со едно лекување кое практично може да порази еден од најсмртоносните инфективни убијци на човекот лесно и без големи трошоци, би очекувале стратегијата DOTS да цвета. „Сепак“, вели еден службеник на СЗО, „изненадувачки малку земји ја воведуваат докажаната и исплатлива стратегија на СЗО за контрола на ТБЦ.“ Всушност, на почетокот на 1996, само 34 земји ја воведоа оваа стратегија меѓу целокупното население.
Сепак, има напредок. Пред 1993, кога СЗО објави глобална вонредна состојба за ТБЦ, само секој 50-ти пациент применувал DOTS. Денес тој однос е секој 10-ти. Како што се известува, во 1998, 96 земји ја користеле стратегијата DOTS. Ако повеќе земји се придружат на DOTS, годишниот број на случаи на ТБЦ ‚ќе се преполови само за една деценија‘. Д-р Кочи вели: „Имаме пакет на докажана здравствена нега, кој треба само пошироко да се користи“.
Бидејќи човекот има сознанија и средства за успешно да се бори против ТБЦ, единственото нешто што недостига се ‚луѓе кои ќе се погрижат тие лекарства да се користат ширум светот‘. Не е чудно тоа што во една публикација која е наменета за лекари и други здравствени работници ширум светот, СЗО прашува: „Што чека секој од нас?“
[Фуснота]
a Во лековите спаѓаат изониазид, рифампин, пиразинамид, стрептомицин и етамбутол.
[Истакната мисла на страница 20]
Секоја секунда, некој жител на земјата се инфицира со туберкулоза
[Истакната мисла на страница 20]
‚Животоспасувачките лекови лежат на полица додека истовремено милиони умираат‘ (д-р Арата Кочи).
[Истакната мисла на страница 22]
„Стратегијата DOTS ќе претставува најважен успех во здравствената заштита на населението во оваа деценија.“ Отпечатена публикација на СЗО
[Рамка на страница 21]
Зошто во пораст — ПОВТОРНО?
Лекот за туберкулоза (ТБЦ) беше откриен пред повеќе од четири децении. Оттогаш, повеќе од 120 милиони луѓе умреле од ТБЦ, а уште речиси 3 милиони ќе умрат оваа година. Зошто толку многу луѓе сѐ уште умираат од ТБЦ кога постои лек? Од три главни причини: немарност, ХИВ/СИДА и ТБЦ која е отпорна на повеќето лекови.
Немарност. Очите на светот се сосредоточени на заразните болести како што се СИДА-та и еболата. Но, во 1995, на секое лице кое умрело од ебола, 12.000 лица умреле од ТБЦ. Всушност, ТБЦ е толку вообичаена во земјите во развој што тамошното население почнало да ја смета за животна реалност. Во меѓувреме, во побогатите земји на ТБЦ ѝ е допуштено да се шири додека истовремено на полиците лежат делотворни лекови за оздравување. Оваа глобална немарност се покажа како фатална грешка. Додека загриженоста на светот во врска со ТБЦ слабееше, бацилите на ТБЦ стануваа сѐ појаки. Денес, тие напаѓаат сѐ повеќе луѓе и во поголем број земји отколку кога и да било порано во човечката историја.
ХИВ/СИДА. ТБЦ е патувачки придружник на ХИВ и на СИДА. Кога луѓето ќе се инфицираат со ХИВ — кој го ослабува имунитетот — постои 30 пати поголема веројатност да се разболат од ТБЦ. Не зачудува тоа што моменталната светска епидемија на ХИВ предизвика зголемување и на бројот на пациенти со ТБЦ! Се проценува дека 266.000 ХИВ-позитивни лица умреле од ТБЦ во 1997. „Тоа се мажите и жените“, вели Петер Пјо, директор на Здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, „кои не извлекоа корист од ефтините лекови против ТБЦ што им беа потребни за да се излечат од туберкулозата.“
ТБЦ отпорна на повеќето лекови. „Супербактериите“, кои се имуни на човековиот антибиотички арсенал, се научна фантастика, но во случајот со ТБЦ, тие брзо стануваат реалност. Повеќе од 50 милиони луѓе можеби веќе се инфицирани со ТБЦ отпорна на повеќето лекови (MDR). Пациентите кои престануваат да ги земаат лекарствата само после неколку седмици затоа што се чувствуваат подобро, им се потрошиле лековите или, пак, затоа што оваа болест претставува срамен белег во друштвото, не ги убиваат сите бацили на ТБЦ во организмот. Во една азиска земја на пример, 2 од секои 3 пациенти со ТБЦ прерано прекинуваат со лекувањето. Кога повторно ќе се разболат, болеста можеби потешко ќе се лекува затоа што преживеаните бактерии повторно напаѓаат и триумфираат над сите достапни лекови против ТБЦ. Како резултат на тоа, пациентите завршуваат со вид на ТБЦ кој е неизлечлив — за нив и за секого што ќе го заразат. А штом овој смртоносен (MDR) дух ќе излезе од шишето, останува мрачното прашање: ‚Дали човекот ќе може да го врати назад?‘
[Рамка на страница 21]
Глобалниот стисок на ТБЦ
Со секоја измината година, епидемијата на туберкулоза (ТБЦ) станува сѐ пораширена, сѐ поскапа и сѐ посмртоносна. Извештаите што ги собра Светската здравствена организација го следат развојот на овој безгласен убиец. Еве некои примери за ова: „Пакистан ја губи војната против туберкулозата“. „Туберкулозата се врати во Тајланд со нова сила.“ „Денес туберкулозата се вбројува меѓу водечките причини за болест и смрт во Бразил.“ „Туберкулозата го држи во цврст стисок населението на Мексико.“ Во Русија, „појавата на ТБЦ нагло расте“. Во Етиопија, „туберкулозата пустоши низ земјата“. „Јужна Африка има една од највисоките евидентирани стапки на појава на ТБЦ во светот.“
Иако 95 од секои 100 пациенти на ТБЦ се од посиромашните земји, ТБЦ го засилува својот стисок и врз богатите земји. Соединетите Држави доживеаја нагол пораст на евидентираните случаи на ТБЦ во текот на раните 1990-ти години. Новинарката Валери Гартсеф забележува дека ТБЦ „уште еднаш се врати за да ги прогонува Американците“. Исто така, д-р Јап Брукманс, директор на Royal Netherlands TB Association, неодамна изјавил дека епидемијата на ТБЦ „почна да се влошува во Источна Европа и во делови на Западна Европа“. Не изненадува тоа што списанието Science од 22 август 1997 наведува дека „туберкулозата и понатаму претставува огромна закана за здравјето“.
[Рамка на страница 23]
Откриен е нацртот на ТБЦ
Неодамна истражувачите успејаа да го документираат целиот генетски нацрт на бактеријата на туберкулозата (ТБЦ). Овој подвиг означува „нова фаза во битката против еден од најуспешните предатори на човекот“, вели д-р Даглас Јанг, од Imperial College School of Medicine во Лондон. Светската здравствена организација известува дека ова откритие „би можело да се покаже непроценливо во идното истражување на лекови и вакцини против ТБЦ“ (The TB Treatment Observer, 15 септември 1998).
[Слики на страница 22]
Комбинација од овие лекови може да ги убие бацилите на ТБЦ
[Извори на слики]
Фотографијата ја достави СЗО (Женева)
Фотографија: СЗО/Thierry Falise
[Слики на страница 23]
Потребни се 100 долари за да се излечи еден пациент
[Извори на слики]
Фотографија: СЗО/Thierry Falise
Фотографијата ја достави СЗО (Женева)
[Извори на слики на страница 20]
Фотографија: СЗО/Thierry Falise
Фотографијата ја достави СЗО (Женева)
Фотографија: СЗО/Thierry Falise