Гледиште на Библијата
Дали Бог ја одобрил трговијата со робови?
ТЕМНИ, испотени тела превиткани речиси надве се влечат по подвижното мовче носејќи огромен товар од големи бали памук. Безмилосни надзорници ги тераат да работат под ударите на кожни камшици. Развресканите деца ги оттргнуваат од рацете на расплаканите мајки и му ги продаваат на оној што ќе понуди најмногу на лицитациите. Веројатно ова се мрачните, брутални слики што Ви доаѓаат на ум кога ќе помислите на ропството.
Иронично, се вели дека голем број трговци со робови и сопственици на робови биле многу религиозни. Историчарот Џејмс Валвин напишал: „Имало стотици такви луѓе, Европејци и Американци, кои го фалеле Господа за неговиот благослов, благодарејќи му за профитниот и сигурен бизнис во Африка додека ги свртувале своите бродови со робови кон пасатите и се упатувале кон Новиот свет“.
Некои луѓе дури и тврделе дека Бог ја одобрува трговијата со робови. На пример, во еден говор на Генералната конференција на Методистичко-протестантската црква во 1842, Александар Мекејн изјавил дека воведувањето на ропството било „одредено од самиот Бог“. Дали Мекејн бил во право? Дали Бог одобрувал киднапирање и силување на девојки, безмилосно разделување на семејствата и сурово тепање што било составен дел од трговијата со робови во времето на Мекејн? И што е со милионите што денес се присилени да работат како робови под брутални услови? Дали Бог го одобрува таквото нечовечно постапување?
Ропството и Израелците
Библијата наведува дека „човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Можеби ова никаде не е толку очигледно како во суровите облици на ропство што ги измислил човекот. Јехова Бог не е рамнодушен на страдањето што го нанело ропството.
На пример, размислете за една ситуација што настанала кај Израелците. Библијата ни кажува дека Египќаните ‚им го загорчувале животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнувале немилостиво‘. Израелците ‚стенкале во ропство, викале, и нивниот повик за помош, среде ропството, се издигнал до Бога‘. Дали Јехова бил рамнодушен на нивната неволја? Напротив, ‚Бог го чул нивното викање за помош и се сетил за Својот Завет со Авраама, Исака и Јакова‘. Освен тоа, Јехова му рекол на својот народ: „Ќе ве избавам од теретот што ви го наметнаа Египетците. Ќе ве ослободам од ропството во кое ве држат“ (Излез 1:14; 2:23, 24; 6:6—8).
Јасно, Јехова не одобрувал ‚човек да владее над човек‘ преку угнетувачко ропство. Но, зарем Бог подоцна не дозволил да постои ропство во неговиот народ? Да, дозволил. Меѓутоа, ропството што постоело во Израел било сосема поинакво од тиранските облици на ропство што постоеле низ историјата.
Според Божјиот закон, киднапирањето и продавањето луѓе се казнувале со смрт. Освен тоа, Јехова обезбедил упатства за да се заштитат робовите. На пример, оној роб што бил осакатен од својот господар, требало да биде ослободен. Ако некој роб умрел заради тоа што господарот го тепал, господарот можел да биде казнет со смрт. Заробените жени можеле да станат робинки или да бидат земени како сопруги. Но, не смеело да се користат само за сексуално задоволство. Суштината на Законот сигурно ги наведувала праведните Израелци да постапуваат со робовите со почит и љубезност, како да се наемни работници (Излез 20:10; 21:12, 16, 26, 27; Левит 22:10, 11; Второзаконие 21:10—14).
Некои Евреи доброволно им станале робови на сонародниците Евреи за да ги отплатат долговите. Оваа практика ги заштитувала луѓето од глад и на многумина им овозможила да закрепнат од сиромаштијата. Освен тоа, во клучни моменти од еврејскиот календар, робовите можеле да бидат ослободени ако сакалеa (Излез 21:2; Левит 25:10; Второзаконие 15:12). Коментирајќи за ваквите закони во врска со робовите, еврејскиот изучувач Мојсеј Милцинер навел дека еден „роб никогаш не престанувал да биде човек, на него се гледало како на личност што поседува извесни природни човечки права, во кои господарот немал право да се меша“. Каква остра разлика со угнетувачките системи на ропство што ги валкаат аналите на историјата!
Ропството и христијаните
Ропството било дел од економскиот систем на Римската Империја, под која живееле христијаните од првиот век. Затоа, некои христијани биле робови, а други поседувале робови (1. Коринќаните 7:21, 22). Но, дали тоа значи дека Исусовите ученици биле насилни сопственици на робови? Воопшто не! Без оглед на тоа што дозволувал римскиот закон, можеме да бидеме уверени дека христијаните не ги малтретирале оние што биле под нивна власт. Апостол Павле дури и го охрабрил Филемон да постапува како со „брат“ со својот роб Онисим, кој станал христијанинb (Филемон 10—17).
Библијата не покажува дека поробувањето луѓе од страна на други луѓе било дел од Божјата првобитна намера со човештвото. Освен тоа, ниедно библиско пророштво не алудира на тоа дека во Божјиот нов свет луѓето ќе поседуваат други луѓе во ропство. Наместо тоа, во тој претстоен Рај, праведните ‚ќе седат мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој нема да ги плаши‘ (Михеј 4:4).
Јасно, Библијата не го одобрува лошото постапување со другите во каков и да е облик. Напротив, таа охрабрува на почит и еднаквост меѓу луѓето (Дела 10:34, 35). Таа ги поттикнува луѓето да постапуваат со другите онака како што би сакале да се постапува со нив (Лука 6:31). Освен тоа, Библијата ги охрабрува христијаните понизно да ги сметаат другите за подобри од себе, без оглед на нивната положба во општеството (Филипјаните 2:3). Овие начела се во потполн несклад со насилничките облици на ропство што ги практикувале многу нации, особено во изминатите векови.
[Фусноти]
a Фактот што била направена подготовка да им се овозможи на некои да останат со својот господар јасно покажува дека ропството во Израел не било угнетувачко.
b На сличен начин, некои христијани денес се работодавачи; други се вработени. Исто како што еден христијански работодавач не би ги малтретирал оние што работат за него, Исусовите ученици од првиот век постапувале со своите слуги во склад со христијанските начела (Матеј 7:12).