Поучување — цената и ризиците
„Од учителите се очекува толку многу, но сепак, често е случај оддадените просветни работници во нашите училишта да не добиваат голема . . . пофалба од јавноста за нивниот труд“ (Кен Елтис од Универзитетот во Сиднеј, Австралија).
МОРА да се признае дека оваа „многу важна професија“, како што е наречена, носи многу предизвици — од несоодветна плата до лоши услови во училницата; од премногу канцелариска работа до преголеми класови; од непочитување и насилство до рамнодушност на родителите. Како некои учители се справуваат со овие предизвици?
Недостиг на почит
Запрашавме четворица учители од Њујорк Сити кои проблеми сметаат дека се најголеми. Сите еднодушно одговорија: „Недостигот на почит“.
Според Вилијам, од Кенија, работите се промениле во овој поглед дури и во Африка. Тој вели: „Децата стануваат сѐ понедисциплинирани. Кога растев јас [сега тој е во своите 40-ти години], учителите важеа за едни од најпочитуваните луѓе во африканското општество. И младите и старите секогаш во учителот гледаа пример за имитирање. Оваа почит опаѓа. Западната култура малку по малку влијае врз младите, дури и во селските области на Африка. Филмовите, видеокасетите и литературата го прикажуваат недостигот на почит кон авторитетот како нешто херојско“.
Џулијано, кој поучува во Италија, се жали: „Врз децата влијае духот на побуна, непокорност и непослушност што го исполнува целото општество“.
Дрога и насилство
За жал, дрогата стана проблем во училиштата — до толкав степен што учителката и авторка Луан Џонсон од САД пишува: „Превенцијата од злоупотреба на дрога е дел од наставната програма на речиси секое училиште, почнувајќи од градинка. [Курзивот е од нас.] Децата знаат многу повеќе за дрогата . . . отколку возрасните“. Таа додава: „Кај учениците што се чувствуваат изгубени, несакани, осамени, кои се досадуваат или се несигурни постои поголема веројатност да експериментираат со дрога“ (Two Parts Textbook, One Part Love — Два дела учебник, еден дел љубов).
Кен, учител од Австралија, прашува: „Како да се справат нашите учители со школувањето на деветгодишник што сопствените родители го вовеле во светот на дрогата и сега е зависник?“ Михаел, во своите 30-ти, предава во едно средно училиште во Германија. Тој пишува: „Сосема сме свесни дека се разнесува дрога; но премногу ретко се открива тоа“. Тој коментира и за недостигот на дисциплина и вели дека таа „се покажува со општо деструктивна манија“, додавајќи: „Масите и ѕидовите се ишарани и инвентарот е оштетен. Некои од моите ученици веќе имаа работа со полицијата поради кражби по дуќани и слично. Не е чудо што и на училиште често се краде!“
Амира предава во Мексико, државата Гванахуато. Таа признава: „Се соочуваме со проблеми со насилство и зависност од дрога во семејството, а тоа директно се одразува врз децата. Тие се наоѓаат во средина каде што учат непристоен говор и други пороци. Друг голем проблем е сиромаштијата. Иако школувањето кај нас е бесплатно, родителите мораат да купуваат тетратки, пенкала и друг школски прибор. Но, на прво место доаѓа храната“.
Пиштоли на училиште?
Во Соединетите Држави, најновите инциденти на престрелки во училиштата потенцираа дека насилството поврзано со оружје не е мал проблем во оваа земја. Еден извештај наведува: „Се проценува дека секој ден во 87.125-те јавни училишта во оваа земја се внесуваат 135.000 пиштоли. За да се намали бројот на пиштоли во училиштата, службените лица користат детектори за метал, камери за надзор, специјално тренирани кучиња што ги откриваат пиштолите, контролирање на шкафчињата, легитимации и забрана за носење училишни торби“ (Да се биде учител во Америка). Таквите безбедносни мерки наведуваат некои да се прашаат: ‚Дали станува збор за училишта или за затвори?‘ Извештајот додава дека повеќе од 6.000 ученици биле истерани затоа што носеле пиштоли на училиште!
Ајрис, учителка во Њујорк Сити, рече за Разбудете се!: „Учениците скришум внесуваат оружје во училиштата. Детекторите за метал не го спречуваат внесувањето на оружјето. Вандализмот на училиште е уште еден голем проблем“.
И покрај ваквата анархична средина, совесните учители настојуваат да дадат образование и да всадат морални вредности. Не е ни чудо што многу учители страдаат од депресија и исцрпеност. Ралф Буш, претседател на Здружението на наставници во Тирингија (Германија) вели: „Речиси една третина од милион учители во Германија се разболуваат како последица на стрес. Работното место ги истоштува“.
Деца што имаат бебиња
Друг голем проблем е сексуалната активност на адолесцентите. Џорџ С. Морисон, автор на Да се биде учител во Америка го вели следново за таа земја: „Секоја година забременуваат околу 1 милион тинејџерки (11 проценти од девојките на возраст од 15 до 19 години)“. Соединетите Држави имаат највисока стапка на бремени тинејџерки во споредба со сите други развиени земји“.
Оваа ситауација ја потврдува Ајрис, која вели: „Сите адолесценти зборуваат за секс и за забави. Тоа им е опсесија. А сега имаме и Интернет на училишните компјутери! Тоа значи ‚чет‘ групи и порнографија“. Анхел, од Мадрид (Шпанија), известил: „Сексуалниот промискуитет е нормална работа меѓу учениците. Имавме случаи на многу млади тинејџерки што забременија“.
„Славни бебиситерки“
Друга поплака на некои учители е тоа што многу родители не ја исполнуваат сопствената одговорност да ги воспитуваат своите деца дома. Учителите сметаат дека родителите треба да бидат првите воспитувачи на своите деца. Добрите манири и доброто однесување започнуваат дома. Не е чудно што Сандра Фелдман, претседател на Американскиот сојуз на учители, вели дека „со учителите . . . треба да се постапува повеќе како со другите професионалци а помалку како со славни бебиситерки“.
Родителите честопати пропуштаат да соработуваат со дисциплината што се дава на училиште. Лимариз, цитирана во претходната статија, рече за Разбудете се!: „Ако ги пријавите кај директорот делинквентните деца, знајте дека потоа следи напад од родителите!“ Буш, цитиран претходно, го изјави следново во врска со работата со проблематични ученици: „Семејното воспитување исчезнува. Повеќе не можете да претпоставувате дека повеќето деца доаѓаат од семејства со добро, разумно воспитание“. Естела, од Мендоса (Аргентина), рекла: „Ние учителите се плашиме од учениците. Ако им ставиме ниски оценки, тие фрлаат со камења по нас или нѐ напаѓаат. Ако имаме автомобил, ќе ни го оштетат“.
Дали е чудно тоа што во многу земји нема доволно учители? Вартан Грегоријан, претседател на корпорацијата Карнеги во Њујорк, предупредил: „Во нашите училишта [во САД] ќе бидат потребни 2,5 милиони нови учители во текот на следната деценија“. Големите градови „активно бараат учители од Индија, од Западноиндиските Острови, од Јужна Африка, од Европа и од секаде од каде што можат да се најдат добри учители“. Се разбира, ова значи дека во тие краеви ќе нема доволно учители.
Зошто нема доволно учители?
Јошинори, учител од Јапонија со 32-годишно искуство, рече дека „поучувањето е благородна работа со добар стимул и дека многу се почитува во јапонското општество“. За жал, ова не е случај во секоја култура. Грегоријан, цитиран претходно, исто така навел дека на учителите „не им се укажува соодветна професионална почит, признание и надоместок . . . Поучувањето во повеќето држави [на САД] се плаќа помалку отколку која и да е друга професија што бара факултетска или магистерска диплома“.
Кен Елтис, цитиран во почетокот, напишал: „Што се случува кога учителите откриваат дека многу работни места за кои се бараат пониски квалификации се плаќаат значително повеќе отколку држењето часови? Или кога учениците што ги поучувале пред само дванаесет месеци . . . заработуваат повеќе отколку што заработуваат тие сега или ќе заработуваат по пет години? Таквото сознание сигурно го загрозува чувството на самопочит кај учителот“.
Вилијам Ејерс напишал: „Учителите се многу слабо платени . . . Ние заработуваме просечно една четвртина од она што им се плаќа на адвокатите, половина од заработувачката на сметководителите, помалку од камионџиите и од бродоградителите . . . Нема друга професија што бара толку многу а добива толку малку во поглед на финансиски надоместок“ (Поучување — патувањето на учителот). На истата тема, Џенет Рено, поранешен главен обвинител на САД, во ноември 2000 рекла: „Можеме да испратиме луѓе на Месечината . . . Им даваме огромни плати на спортистите. Зошто не можеме да ги платиме нашите учители?“
„Општо земено, учителите не се доволно платени“, вели Лимариз. „По сите мои години образование добивам само ниска годишна плата овде во Њујорк Сити, покрај сиот стрес и нервозите што ги носи со себе животот во голем град.“ Валентина, учителка во Санкт Петерсбург (Русија), вели: „Работата на учителот е неблагодарна работа што се однесува до заработувачката. Платата отсекогаш била под утврдениот минимум“. Марлин, од Чубут (Аргентина), ги изразува своите чувствува: „Ниските плати нѐ тераат да работиме на две или три места, трчајќи од едно место до друго. Тоа ја намалува нашата ефикасност“. Артур, учител од Најроби (Кенија), рече за Разбудете се!: „Со опаѓањето на економијата, мојот живот како учител не е лесен. Како што ќе признаат многу мои колеги, ниската плата секогаш ги обесхрабрувала луѓето да ја изберат нашата професија“.
Дајана, учителка од Њујорк Сити, се жалела на претераната канцелариска работа што му одзема многу време на учителот. Друга учителка напишала: „Поголемиот дел од денот отпаѓа на ритуал, повторување и рутина“. Вообичаена поплака е: „Треба да се пополнуваат формулари, тие глупави формулари — по цел ден“.
Премалку учители, премногу ученици
Бертолт, од Дирен (Германија) изнесува уште една вообичаена поплака. „Има премногу ученици во едно одделение! Во некои има по 34 ученици. Тоа значи дека не можеме да им обрнеме внимание на учениците што имаат проблеми. Нив не ги ни забележуваме. Личните потреби се запоставени.“
Лимариз, цитирана претходно, објаснува: „Освен незаинтересираноста на родителите, минатата година најголем проблем ми беше тоа што во одделението имав 35 деца. Замислете си како е да се работи со 35 деца на возраст од 6 години!“
Ајрис рече: „Овде во Њујорк нема доволно учители, особено по математика и природни науки. Тие можат да најдат подобра работа на друго место. Затоа во градот се вработени многу странски учители“.
Очигледно, поучувањето е напорна професија. Тогаш, што ги мотивира учителите? Зошто продолжуваат и истрајуваат? Нашата последна статија ќе ги разгледа овие прашања.
[Истакната мисла на страница 9]
Се проценува дека секој ден во училиштата во САД се внесуваат 135.000 пиштоли
[Рамка/слика на страница 10]
Што значи да се биде успешен учител?
Каква дефиниција ќе дадете за еден добар учител? Дали е тоа лице што може да ја развие меморијата на едно дете за тоа да може да повторува факти и да решава тестови? Или, пак, е лице што поучува да се поставуваат прашања, да се размислува, да се резонира? Кој му помага на детето да стане подобар граѓанин?
„Кога ние како учители ќе сфатиме дека сме партнери со нашите ученици во долгото и сложено патување наречено живот, кога ќе почнеме да постапуваме со нив со достоинство и почит што ги заслужуваат како луѓе, тогаш ќе бидеме на пат да станеме достојни учители. Тоа е толку едноставно — и толку тешко“ (Поучување — патувањето на учителот).
Добриот учител го увидува потенцијалот на секој ученик и знае како да го поттикне и да го зголеми. Вилијам Ејерс забележал: „Мораме да најдеме подобар начин, начин што се темели на јаки страни, искуства, вештини и способности . . . Се сеќавам како една мајка Индијанка, чиј петгодишен син доби етикета ‚бавен ученик‘, ме молеше: ‚Винд-Вулф ги знае имињата и миграционите движења на повеќе од четириесет птици. Знае дека орелот што совршено одржува рамнотежа има тринаесет пердуви на опашот. Му треба само учител што го знае неговиот потенцијал‘“.
За да го извлече најдоброто од секое дете, учителот мора да открие што го интересира или мотивира и какво е по природа. Исто така, оддадениот учител мора да ги сака децата.
[Извор на слика]
United Nations/Photo by Saw Lwin
[Рамка на страница 11]
Мора ли учењето секогаш да биде забавно?
Учителот Вилијам Ејерс направил список на десет заблуди за поучувањето. Една од нив е: „Добрите учители прават учењето да биде забавно“. Тој продолжува: „Забавата одвлекува внимание, разонодува. Кловновите се забавни. Вицовите можат да бидат забавни. Учењето може да ангажира, да заинтересира, да воодушеви, да збуни, да задлабочи и, честопати, може да биде многу пријатно. Ако е забавно, во ред. Но, не мора да биде забавно“. Тој додава: „Поучувањето бара широк опсег на спознание, способност, вештина, просудување и разбирање — но пред сѐ бара обѕирна, грижлива личност“ (Поучување — патувањето на учителот).
Сумијо, од Нагоја (Јапонија), го открива следниов проблем кај своите ученици: „Многу средношколци не се заинтересирани за ништо друго освен да се забавуваат и да прават нешто што не бара голем напор“.
Роза, училишен советник од Бруклин (Њујорк), вели: „Општ став на учениците е дека учењето е здодевно. Учителот е здодевен. Тие мислат дека сѐ треба да биде забавно. Не сфаќаат дека од учењето се добива онолку колку што се вложува во него“.
Поради опсесијата со забава, на младите им е уште потешко да вложуваат напор и да прават жртви. Сумијо, цитиран погоре, рекол: „Факт е дека тие не можат да мислат на иднината. Има многу малку средношколци што мислат за тоа дека, ако работат напорно на нешто сега, трудот ќе се исплати во иднина“.
[Слика на страница 7]
ДАЈАНА, САД
[Слика на страница 8]
‚Употребата на дрога е раширена, но се открива премногу ретко‘ (МИХАЕЛ, ГЕРМАНИЈА).
[Слика на страници 8 и 9]
„Се соочуваме со насилство и зависност од дрога во семејството“ (АМИРА, МЕКСИКО).
[Слика на страница 9]
„Со учителите . . . треба да се постапува повеќе како со другите професионалци а помалку како со славни бебиситерки“ (САНДРА ФЕЛДМАН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АМЕРИКАНСКИОТ СОЈУЗ НА УЧИТЕЛИ