Вредни како крањска пчела
Од дописникот на Разбудете се! во Словенија
ПЧЕЛИТЕ се познати како многу вредни. Но, во тоа особено се истакнува една сорта — крањската пчела.a Оваа пчела го добила името по областа Крањска, која се наоѓа во западниот дел на денешна Словенија. Во почетокот, оваа пчела ја имало само на Балканскиот полуостров и на север дури до Карпатите. Меѓутоа, во денешно време, поради тоа што крањската пчела е многу омилена меѓу пчеларите, нејзината слава — а и самите пчели — се рашириле низ целиот свет.
Зошто крањската пчела е толку омилена? Освен тоа што произведува големи количества висококвалитетен мед и е многу отпорна на болести и студено време, таа е питома и не напаѓа. Нејзината склоност да се рои, која отежнува да се одгледува во голем број, е намалена со селективно одгледување. Но, зошто крањската пчела стекнала глас дека е повредна од другите пчели? Како прво, наутро тие ја напуштаат кошницата порано од другите пчели. Така имаат повеќе време да соберат повеќе нектар од кој се прави мед, а можат да го донесат и од подалечни места.
„Нација на пчелари“
Пчеларството во Словенија има долга и интересна историја. Словенечкиот биолог Јанез Грегори оди до таму што своите сонародници ги нарекува „нација на пчелари“. Всушност, Словенците биле познати како вешти пчелари уште во осмиот век н.е. Оттогаш па сѐ до 1800-тите, тие правеле кошници од шупливи стебла. Во некои делови од Словенија, овие кошници биле познати како корита. Меѓутоа, во 15 век, со појавата на пиланите, старите дрвени корита биле заменети со кошници направени од штици. Бидејќи имале долгнавеста форма, тие на шега биле наречени труги, односно мртовечки сандаци.
Поради големата побарувачка на мед и пчелин восок, пчеларството станало толку економски важно што го привлекло вниманието на владетелите на таа земја, кои на извесни повластени лица им дале ексклузивни права да се занимаваат со оваа дејност. Ако се земе предвид дека пчелиниот восок бил неопходен за да се прават свеќи, кои особено се користеле во црквите и манастирите, и дека медот бил единственото средство за засладување што постоело во тоа време, тогаш сосема е разбирливо зошто властите биле толку заинтересирани. Во 1500-тите, уште повеќе се зголемило производството на мед откако почнала да се одгледува хејдата како градинарска култура, бидејќи тоа овозможило пчелите да имаат повеќе храна на есен. За кратко време Крањска почнала да извезува големи количества мед и пчелин восок. Во 17 век, крањскиот изучувач Валвазор известил дека до средината на 1600-тите, Крањска извезувала „илјадници квинтали“ мед годишно само во покраината Салцбург (Австрија).b
Се шири славата на крањската пчела
Низ годините, Крањска има дадено скапоцен придонес за развојот на пчеларството како наука и уметност. Уште во 1770-тите, царицата Марија Тереза го назначила Антон Јанша, родум од Горенско, да биде првиот инструктор за пчеларство во новоотворената школа за пчеларство во Виена (Австрија). До крајот на 1800-тите, истражувањата покажале дека издржливите крањски пчели можат да ги задоволат потребите на пчеларите во многу делови од светот. Баш во тоа време крањската пчела го добила своето име и почнала да се шири низ целиот свет. Всушност, до почетокот на 20 век, Крањска извезувала „цели вагони полни со кошници“, при што во секоја кошница се наоѓал по еден рој крањски пчели.
Во текот на истиот период, традиционалната кошница од штици го добила името крањич, односно „крањска кошница“. Она што го прави крањичот особено интересен е уникатната уметничка форма што ја имал некогаш. (Видете ја рамката „Цртежи на кошниците“ на 24. страница.) Денес во Словенија има повеќе од 7.000 пчелари и преку 160.000 кошници. Во градот Радовљица е отворен дури и еден специјален пчеларски музеј, посветен на историјата на пчеларството во Словенија.
Популарен симбол
Веќе одамна Словенците ја сметаат пчелата за симбол на трудољубивост и практична мудрост. Првото научно друштво во денешна Словенија, основано во 1693, било наречено Друштво на трудољубивите и на неговиот амблем се наоѓала пчелата. Неговите членови дури и се нарекувале апес, што на латински значи „пчели“. За Словенците пчелата претставува и симбол на штедливост, па затоа таа си го нашла своето место и во финансискиот свет. Нејзиниот лик може да се види на корицата на штедните книшки, како и на грбот на некои словенечки монети.
Словенците сметаат дека се слични на пчелата затоа што и самите се познати како трудољубив народ. Една словенечка пословица гласи: „Гледај ги пчелите и учи од нив“. Затоа, секогаш кога ќе видите вредни пчелки или ќе каснете мед — сладок производ од нивниот голем труд — можеби ќе се потсетите на вредните крањски пчели.
[Фусноти]
a Крањската пчела е позната и како сива пчела поради прстените од ситни сиви влакненца околу стомачниот дел.
b Квинтал е мерка за тежина еднаква на 100 килограми.
[Рамка/слики на страница 24]
Цртежи на кошниците
Во еден типичен словенечки пчеларник, кошниците се ставени една покрај друга како фиоки во голем правоаголен орман, при што пократката страна е свртена напред. Уметноста на сликање со маслени бои на предната страна зела замав од почетокот на 1700-тите до 1900-тите. Иако се зачувани околу 3.000 примероци од овие уникатни уметнички форми, тие се само мал дел од кошниците што биле направени и украсени низ годините.
Цртежите на штиците главно содржат религиозни мотиви, на кои се прикажани „светци“ и библиски приказни. Но, меѓу сликите има и животни, разни занаетчии, како и различни измислени и смешни сцени. На некои слики се прикажани семејните односи. На пример, на некои од нив можат да се видат два демона што со помош на воденичен камен го острат лажливиот јазик на една жена, а на други е прикажана жена што го тегне својот маж да се врати дома од некоја меана.
Сликите на кошниците се ценат како „бисери на словенечкото културно наследство“, како „најстара енциклопедија на народната мудрост“ и „веројатно најавтентична словенечка уметност“. Но, сликите имале и практична намена. Бидејќи на исто место биле поставени голем број кошници, некоја пчела можела да направи кобна грешка и да влезе во погрешна кошница,
каде што другите пчели ќе ја убиеле како непожелен натрапник. Пчеларите сметале дека различните живописни цртежи на предната страна на кошниците им помагале на пчелите да се враќаат секоја во својата кошница.
[Слики]
„Адам и Ева“
„Јосиф продаден во Египет“
„Исус пристигнува во Ерусалим“
Типичен словенечки пчеларник со традиционално насликани штици
[Извор на слика]
Сите фотографии на пчеларници: Z dovoljenjem upravitelja rojstne hiše pisatelja Josipa Jurčiča
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
АВСТРИЈА
ИТАЛИЈА
СЛОВЕНИЈА
Крањска
ХРВАТСКА
Крањска
ЈАДРАНСКО МОРЕ
[Извор на слика]
Мапа: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 22]
Словенечка монета на која е прикажана прочуената крањска пчела
[Слика на страница 23]
Крањската пчела е позната како питома и не напаѓа
[Слика на страница 23]
Матица опкружена со млади пчели работнички
[Слика на страница 23]
Ларви
[Извор на слика]
Фотографија: Janez Gregori