Младите прашуваат . . .
Како да се однесувам со девојка на која ѝ се допаѓам?
„Сузана го направи првиот чекор. Тоа ни најмалку не ми сметаше. Дури и ми одговараше“ (Мартин).a
„Ако еден човек не се однесува чесно со жените, тоа може да има катастрофални последици“ (Роберт).
НЕОДАМНА една девојка ти рекла дека сака да те праша нешто. Честопати сте биле заедно во друштво и убаво ти е да си муабетиш и да се дружиш со неа. Но, по она што ти го рекла, си останал со подзината уста. Таа е заинтересирана за врска и сака да знае дали и ти си заинтересиран.
Ова може да те изненади ако сметаш дека мажот е тој што треба да го направи првиот чекор за некоја врска. Иако најчесто тоа и се случува, не заборавај дека со тоа што го направила првиот чекор, таа не ги прекршила библиските начела.b Тоа може да ти помогне да реагираш на исправен начин.
Откако ќе размислиш, можеби ќе заклучиш дека си премногу млад за да имаш врска или дека во моментов не ти се допаѓа таа девојка. Можеби ќе се чувствуваш и виновен, прашувајќи се дали некако си ѝ оставил погрешен впечаток. Што да сториш? Пред сѐ, треба да ги земеш предвид нејзините чувства.
Внимавај на нејзините чувства
Размисли низ што поминува девојката во оваа ситуација. Желна да остави добар впечаток, можеби со денови вежбала што ќе ти каже. Откако ги смислила правите зборови и ја извежбала насмевката, сигурно се измачувала и со помислата дека ти би можел да ја одбиеш. На крајот, собрала доволно храброст, ја совладала тремата и ти рекла што ѝ лежи на срце.
Зошто била спремна на вакво нешто? Можеби затоа што е заљубена во тебе. Или, пак, можеби е импресионирана од твоите убави особини коишто другите изгледа и не ги забележуваат. Значи, со своите зборови таа, на некој начин, ти дала комплимент каков што не се добива секој ден.
Ова не го велиме за да влијаеме врз твојата одлука, туку за да те потсетиме да бидеш љубезен. Една девојка по име Кети вели: „Дури и кога едно машко не е заинтересирано за девојката, треба да биде поласкано што некој го забележал. Затоа, наместо само да рече ‚не‘, треба барем да биде фино и љубезно да ѝ каже дека не е заинтересирано“. Да претпоставиме за момент дека имаш намера да го сториш баш тоа — ‚љубезно да ѝ кажеш дека не си заинтересиран‘, односно на фин начин да ѝ кажеш ‚не‘.
Што ако еднаш веќе си ја одбил? Можеби сега ти доаѓа грубо да ја одбиеш. Бори се против тој нагон. Во Пословици 12:18 се вели: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување“. Како можеш да зборуваш со „јазикот на мудрите“?
Можеш едноставно да ѝ се заблагодариш што ти ги кажала своите чувства и што има толку убаво мислење за тебе. Извини ѝ се ако можеби несвесно си ѝ дал некаков повод за такви чувства. Јасно, но љубезно, кажи ѝ дека ти немаш такви чувства за неа. Можеби тоа нема да биде доволно и можеби ќе треба да бидеш подиректен, сепак немој да зборуваш грубо и навредливо. Во прашање се нејзините длабоки чувства, затоа биди стрплив. Да беше ти на нејзино место, немаше ли да цениш ако обѕирно те одбиеше?
Меѓутоа, можеби ќе тврди дека ти си ја завел. Можеби ќе ти каже конкретни постапки со кои си ѝ ги разгорел чувствата. Можеби ќе ти рече: ‚Се сеќаваш кога ми даде цвеќе?‘ или ‚А она што ми го кажа додека се шетавме заедно минатиот месец?‘ Во тој случај, ќе мораш сериозно да се преиспиташ.
Погледни ѝ в очи на вистината
Некои мажи на жените гледаат исто како што во минатото истражувачите честопати гледале на земјите што ќе ги откријат — нешто што треба да се освои и да се искористи. Тие сакаат да се во врска, но не ја сакаат одговорноста што ја носи бракот. Се трудат да ги шармираат жените играјќи си со нивните чувства, но не сакаат да се обврзуваат. Таквите мажи ја здобиваат љубовта на жените со измама. Еден христијански старешина вели: „Некои момчиња одат од една девојка до друга. Не е фер така да си играат со чувствата на девојките“. До што доведува таквата себичност?
„Како безумниот кој фрла гламни стрели и сее смрт, таков е човекот кој го измамува својот ближен и вели: ‚Само се шегував‘“ (Пословици 26:18, 19). Кога еден маж влегува во врска со некоја жена од себични причини, таа кога-тогаш ќе ги согледа неговите вистински мотиви. Тогаш, неговата измама може да ја прободе до срце, како што покажува и следниов пример.
Еден млад човек бил во врска со една девојка, но не сакал да се ожени со неа. Ја изнесувал во убави ресторани и оделе заедно на забави. Уживал во нејзиното друштво, а неа ѝ годело неговото внимание и мислела дека има сериозни намери. Кога дознала дека тој бил заинтересиран само за дружење, била длабоко повредена.
Дури и ако ненамерно си ѝ оставил погрешен впечаток на девојката што ти пришла, што треба да направиш? Ако се браниш и правдаш, само ќе направиш да биде огорчена. Размисли за ова библиско начело: „Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост“ (Пословици 28:13). Затоа, биди искрен. Признај ја својата одговорност за какво и да било недоразбирање. А ако намерно си се поиграл со нејзините чувства, признај дека си направил голема грешка. Искрено извини се.
Меѓутоа, не очекувај дека со тоа што ќе се извиниш, си ја средил работата. Можеби девојката ќе ти биде лута некое време. Можеби ќе мораш да им објасниш на нејзините родители зошто си се однесувал така. А можеби ќе има и други последици. Во Галатите 6:7 се вели: „Што човек сее, тоа и ќе пожнее“. Но, со тоа што ќе се извиниш и ќе правиш сѐ што можеш за да ги поправиш работите, ќе ѝ помогнеш да продолжи понатаму со својот живот. А ова искуство ќе те научи ‚да ги воздржуваш своите усни од лажно зборување‘ за што и да било во животот, вклучувајќи ги и ситуациите во кои станува збор за лица од спротивниот пол (Псалм 34:13).
Размисли сериозно пред да одговориш
Но што ако навистина сакаш подобро да ја запознаеш девојката? Во тој случај, имај на ум дека целта на една врска не е само добро да се забавуваш. Силните чувства што се раѓаат меѓу двајца што се во врска се знак дека нивната цел е брак. Откако ќе се земат, тие чувства им помагаат да создадат блиска врска како маж и жена. Како може да влијае ова сознание врз тебе сега?
Додека размислуваш за младата девојка, можеби ќе сфатиш дека ти се допаѓаат многу работи кај неа. Таа ја отворила вратата и ти, така да се каже, сакаш да остане отворена. Но, наместо веднаш да влеташ во врска, преземи чекори со кои ќе се заштитите и двајцата од горка болка подоцна.
Би било добро да се посоветуваш со неколкумина зрели лица што ја познаваат. Предложи ѝ и таа да се посоветува со лицата што те познаваат тебе. Секој од вас треба да зборува со нив и за добрите и за лошите страни на другиот. Исто така, можете да ги прашате и христијанските старешини за нивното мислење. Добро е да знаеш дали личноста која ти се допаѓа е на добар глас во христијанското собрание.
Но, можеби ќе речеш: ‚Што има другите да се мешаат во мојот приватен живот?‘ Факт е дека дури и во личните работи како што се врските, мудро е да се чуе мислењето на другите. Всушност, на тоа нѐ поттикнува и Библијата, зашто во Пословици 15:22 (NW) се вели: „Успехот лежи во мноштвото советници“. Возрасните со кои ќе разговараш нема да донесат одлука место тебе. Но, ‚преку срдечниот совет‘ што ќе ти го дадат, може да ти откријат некои работи за девојката што ти се допаѓа, па дури и за тебе, кои инаку не би ги ни забележал (Пословици 27:9).
Мартин, кој беше спомнат на почетокот, направил така. Иако живее сам, поразговарал со своите родители во врска со Сузана. Потоа и тој и Сузана си размениле имиња од зрели лица што би можеле да кажат дали тие двајца си одговараат. Откако чуле добри мислења еден за друг, Мартин и Сузана започнале врска и почнале да размислуваат за брак. Ако и ти постапиш слично, пред да се родат чувства во тебе, ќе се чувствуваш посигурен во одлуката што ќе ја донесеш на крајот.
Пред сѐ, моли му се на Јехова. Бидејќи врската е чекор кон брак, моли го Бог да ти помогне да видиш дали врската со таа девојка би можела да води до брак. Што е уште поважно, моли го Бог да ви помогне и на двајцата да донесете одлуки што уште повеќе ќе ве зближат со него. Токму тоа ќе ви донесе вистинска среќа и на двајцата.
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b Во статиите „Младите прашуваат“ од изданијата на Разбудете се! од 8 февруари 2005 и 8 април 2005 се зборува за тоа како може една девојка да му пријде на момче за да му предложи врска.
[Слики на страница 29]
Ако не си вистински заинтересиран, внимавај да не даваш погрешни сигнали