Ќе ‚скокам како елен‘
РАСКАЖАЛ ФРАНЧЕСКО АБАТЕМАРКО
„Зошто Бог дозволи да се случи ова? Зошто ми се случи баш мене?“ Постојано си ги поставував овие прашања! Не можев да ја поднесам помислата дека животот ќе го поминам во инвалидска количка, неспособен да ги користам рацете и нозете.
ВО 1962 година, во едно гратче во регионот Базиликата, во Италија, ќе сум умрел речиси истиот ден кога сум се родил. Мајка ми имала тешко породување, и лекарот ми дал инјекции што имале тешки нуспојави. По три дена, моето мало тело почнало да се витка од грчеви. Ми се парализирале рацете и нозете и ми биле оштетени гласните жици.
Кога пораснав, бев фрустриран поради мојата физичка состојба. Станав раздразлив и честопати им се развикував на оние што ќе се најдеа околу мене. Се чувствував изолиран од целиот свет, и немав никаква смисла во животот. Кога наполнив 25 години, бев емоционално пропаднат човек. Не сфаќав зошто Бог допуштил толку да страдам, па затоа дојдов до заклучокот што ми изгледаше сосема логичен — дека не постои Бог.
Поинакво гледиште
Едно утро кон крајот на 1987 година, додека седев надвор во мојата инвалидска количка, ми пријдоа двајца убаво облечени млади луѓе. Си помислив дека го бараат брат ми и им реков, со голема тешкотија, дека тој не е дома. „Ама ние сакаме да разговараме со Вас“, одговорија тие. Се изненадив, бидејќи ретко кој сакаше да зборува со мене.
„Верувате ли во Бог?“, ме прашаа тие. Отсечно одговорив: „Како би можел да верувам кога сум во ваква состојба?“ Разврзавме разговор, и дознав дека беа Јеховини сведоци. Ми ја дадоа книгата со наслов Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?,a и јас неволно ја зедов. Рекоа дека пак ќе дојдат, но јас се надевав дека нема да си стојат на зборот.
Двајцата Сведоци пак дојдоа, како што ми ветија, и го продолживме разговорот. Се сеќавам на библиските стихови што ми ги прочитаа, од Исаија 35:5, 6: „Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува“. Тие зборови беа многу убави, но сосема поинакви од реалноста во мојот живот. Јас не можев ни да станам, а камоли да скокам како елен. Како и да е, се согласив да ја проучувам Библијата со нив, но не верував дека Библијата ќе ми помогне во моите неволји баш тогаш. А што се однесува до иднината, ми изгледаше нереално да се надевам дека еден ден ќе оздравиме од сите болести.
По некое време, Сведоците ме поканија на еден состанок во нивната Сала на Царството. Не се сеќавам на која тема беше библиското предавање, но никогаш нема да ја заборавам срдечноста и љубовта што ја покажаа кон мене Сведоците што беа таму. Наместо да ме сожалуваат, направија да се чувствувам вистински добредојден. Таа недела ми стана јасно дека местото ми е во Салата на Царството, и оттогаш почнав редовно да одам на состаноците.
Препрека како планина
Проучувањето на Божјата реч изврши неверојатно влијание врз моето срце. Тоа беше како низ едно суво дрво повторно да почнал да тече животен сок. Ми доаѓаа чувства што мислев дека се умртвени и закопани. Колку беше убаво да се чувствувам повторно жив однатре! Ми доаѓаше желба да им кажувам на другите за прекрасната надеж што почна да се раѓа во мене (Матеј 24:14). Но, како да почнам да проповедам? Многу се молев за тоа, и му велев на Јехова да ми покаже како да проповедам.
Во септември 1991 година, во собранието беше доделен еден пионер (полновремен проповедник). Еден ден, кога бев кај него, му се доверив дека сакам да проповедам. Не можев добро да зборувам, па затоа разговаравме за тоа како би било да користам машина за чукање за да пишувам писма. Еден проблем беа моите парализирани раце. Со помош на пионерот пробав повеќе методи. Се обидов да држам молив со забите и да ги удирам типките со него. Потоа се обидов со еден шлем на кој имаше прикачено стапче, и ја мрдав главата за да удирам во типките. Ни тоа не беше успешно.
Подоцна, додека разговаравме за тој проблем, истиот пионер на шега ми рече: „Имаш многу убав нос“. Веднаш се обидов да ги удирам типките со носот и тоа одеше доста добро. На крајот, можев да пишувам. Замислете си колку труд требаше да се вложи за да се поправат правописните грешки што ги направив со мојот нос! Наскоро сфативме дека ќе ми биде многу полесно да користам компјутер. Но, од каде да најдам пари за да си купам компјутер? Го чекав вистинскиот момент и тогаш зборував со моите родители. Наскоро имав компјутер за да пишувам писма.
Ми се исполнува желбата
Најнапред им пишував на пријателите и на роднините, а потоа на луѓето што живееја во мојот град и во околните места. Наскоро им пишував на луѓе што живеат низ цела Италија. Тешко е да ви опишам колку се радував секогаш кога ќе добиев одговор на некое писмо. Во декември 1991 година ми беше одобрено да бидам некрстен објавител на добрата вест. Исто така, се запишав во Теократската школа за служба, која се одржува секоја седмица во собранијата на Јеховините сведоци. Кога добив задача да одржам говор, внимателно се подготвив дома со помош на мојот компјутер. На состанокот, еден брат излезе на подиумот и го читаше материјалот што го имав подготвено.
Бев многу благодарен за љубовта што ми ја покажуваше Јехова, и знаев дека мојот следен чекор во духовниот напредок ќе биде да му ветам дека ќе му служам на Бог и да се крстам. Собрав храброст и им кажав на моите родители за оваа одлука што ја донесов. Тие не се радуваа на таа вест, но мојата желба да се крстам беше посилна од стравот. Со поткрепа од Јехова и од другите Сведоци, се крстив во август 1992 година. Колку бев среќен што брат ми и снаа ми дојдоа на моето крштавање!
Промени во моето размислување
Начелата од Божјата реч ми стануваа сѐ појасни, и увидов дека треба да ги променам моите негативни карактерни црти. Сфатив дека поради мојата здравствена состојба сум станал посесивен и себичен. Морав да водам борба за да се ослободам од овие маани. Требаше да бидам попонизен и да се борам со постојаната фрустрација што произлегуваше од тоа што морав да зависам од другите.
Исто така, се трудев да престанам да се сожалувам и да мислам дека сум жртва. Почнав да уживам во смешните страни на некои ситуации. Еден ден додека проповедав од куќа до куќа, вратата ја отвори едно девојченце. Еден од Сведоците што беа со мене ја праша дали се дома нејзините родители. Девојчето викна: „Мамо, те бараат двајца луѓе и еден болен човек“. Кога ме виде, на мајката толку ѝ беше незгодно што не знаеше што да рече. Еден од моите пријатели рече: „Всушност, ние сме двајца болни и еден здрав човек“. Сите се насмеавме, а потоа водевме многу пријатен разговор со неа.
Желбата да служам уште повеќе
Откако се крстив, девет месеци бев помошен пионер, и секој месец проповедав по 60 часа. И покрај тоа, сакав да правам уште повеќе. Наскоро почнав да служам како општ пионер, и тогаш проповедав уште повеќе време. Првите неколку месеци од пионерската служба ми беа тешки. Многу луѓе мислеа дека сум им дошол на врата за да барам пари, и тогаш ми беше незгодно и мене и на Сведоците што беа со мене.
Освен тоа, многу браќа во собранието едвај ме разбираа кога зборував и не знаеја како да ми помогнат најдобро. Но, со Јеховина помош и со несебичната поддршка од моите духовни браќа и сестри, по некое време ситуацијата се подобри. Сега луѓето не мислат дека сум само човек во инвалидска количка туку Јеховин сведок што сака да им помогне на другите да дознаат нешто повеќе за Божјите намери.
Во јули 1994 година, присуствував на една специјална школа за пионери, која траеше две недели. Таму ги проучувавме библиските начела што го водат делото на проповедање и правење ученици. Исто така, добивме и практична обука за тоа како да се проповеда. За да присуствувам морав да совладам некои препреки, бидејќи школата се одржуваше во место оддалечено околу 60 километри од местото каде што живеев. Беше невозможно да ноќевам на друго место освен дома, па затоа Сведоците направија распоред кој од нив да ме носи на школата наутро и да ме врати навечер. Кога беше време за ручек, еден од нив ме носеше на вториот спрат, каде што сите јадевме заедно.
Голема одговорност
Во март 2003 година, бев именуван за собраниски старешина. За да ја исполнам таа задача, требаше многу да се давам за другите. Сега уште повеќе сфаќам што мислел Исус кога рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Соработувам со прекрасни старешини, и тие ми помагаат добро да ја исполнам својата улога. Сите во собранието ме ценат — особено младите — и ме вклучуваат во сѐ што прават. Гледаат како ги совладав препреките за да му служам на Јехова, и многумина ме замолуваат да им помогнам во нивните проблеми.
Сфатив дека, за да бидеш среќен, не е најважно да бидеш физички здрав туку да му бидеш мил на Јехова и да ја вршиш неговата волја. Особено нему сум му благодарен што можам да имам прекрасна надеж дека наскоро нема да ми треба инвалидска количка. Да, едвај чекам ‚да скокам како елен‘ и да му служам на вистинскиот Бог во сета вечност (Исаија 35:5, 6).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 22]
‚Сега луѓето не мислат дека сум само човек во инвалидска количка туку Јеховин сведок што сака да им помогне на другите да дознаат нешто повеќе за Божјите намери‘
[Слика на страница 21]
Се подготвувам за собраниски состанок чукајќи на компјутер со носот