Младите прашуваат...
Кога може да започнам врска со некого?
„На школо, ако не си во врска со некого — со кого и да било — почнуваш да мислиш дека нешто ти фали!“ (Британи).
„Чувствувам огромен притисок да почнам да излегувам со некого. Што е уште полошо, околу мене врие од убави дечковци“(Витни).
◼ Гледаш како на одморот меѓу часовите дечко и девојка се шетаат низ ходникот држејќи се за рака. Како се чувствуваш?
□ Сеедно ми е
□ Малку сум љубоморна
□ Многу им завидувам
◼ Сте отишле на кино со пријателите и наеднаш сфаќаш дека сите се парови освен ти! Како се чувствуваш?
□ Сеедно ми е
□ Малку сум љубоморна
□ Многу им завидувам
◼ Твојата најдобра пријателка неодамна се заинтересирала за некој од спротивниот пол и сега излегува со него. Како се чувствуваш?
□ Сеедно ми е
□ Малку сум љубоморна
□ Многу им завидувам
АКО штиклираше „малку сум љубоморна“ или „многу им завидувам“ на кое и да е од горните прашања, не си единствената. Во земјите каде што е вообичаено младите да излегуваат со лице спротивниот пол, многумина од нив би дале сличен одговор. „Понекогаш ти се чини дека навистина пропушташ нешто кога гледаш како твоите врснички имаат дечковци, а ти немаш“, вели 14-годишната Ивет.
Потребата да бидеш со некого кој многу ти значи — и кому ти многу му значиш — може да биде неверојатно силна. „Желбата да имаш девојка станува посилна од ден на ден, и тешко можеш да ѝ одолееш!“, вели еден тинејџер. Всушност, многумина започнуваат врска уште на многу рана возраст. На пример, една анкета во списанието Time откри дека 25 отсто од 13-годишниците веќе „излегувале, односно имале врска со некого“. Што мислиш, дали биле спремни за такво нешто? Дали си ти спремен да започнеш врска со некого? За да одговориме на овие прашања, најпрво треба да разгледаме едно друго, поосновно прашање.
Што значи да бидеш во врска со некого?
◼ Редовно излегуваш со некого од спротивниот пол.
Дали си во врска или не? □ Да □ Не
◼ Неколку пати дневно си праќаш СМС-пораки или зборуваш по телефон со истиот пријател од спротивниот пол.
Дали си во врска или не? □ Да □ Не
◼ Одржуваш тајно пријателство со некого од спротивниот пол, а твоите родители не знаат за тоа. Не си им кажал/-а бидејќи знаеш дека нема да одобрат такво нешто.
Дали си во врска или не? □ Да □ Не
◼ Кога и да излегуваш со пријателите, секогаш се одвојуваш настрана со истата личност од спротивниот пол.
Дали имаш врска или не? □ Да □ Не
Најверојатно без проблем го одговори првото прашање, но можеби се помисли малку пред да ги одговориш другите. Што, всушност, значи да бидеш во врска со некого? Во оваа статија ќе ја дефинираме врската како блиско дружење на две лица од спротивен пол, кои меѓусебно си се допаѓаат еден на друг. Сеедно дали сте во група или сами, дали контактирате преку телефон или лично и дали го правите тоа јавно или во тајност, ако ти и твојот пријател од спротивниот пол имате посебни чувства еден кон друг, вие сте во врска.
Но, дали си спремна за такво нешто? За да дознаеш, размисли за следниве три прашања.
Какви се твоите намери?
Во многу култури е најнормално двајца луѓе да започнат врска за подобро да се запознаат. Но, врската треба да има една чесна цел — таа треба да им помогне на дечкото и на девојката да видат дали ќе си одговараат за брак. Зошто?
Библијата го користи изразот „цутот на младоста“ за да го опише периодот од животот кога половиот нагон и романтичните чувства се многу силни (1. Коринќаните 7:36). Блиското дружење со одредена личност од спротивниот пол додека си сѐ уште во „цутот на младоста“ може толку да ја разгори страста, што на крајот ќе мораш на своја кожа да ја искусиш мудроста на она што е речено во Галатите 6:7: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“.
Точно, можеби некои од твоите врсници имаат врски без никаква намера да стапат во брак. Можеби за нив пријателот од спротивниот пол не е ништо друго освен еден трофеј или „приврзок“ со кого се појавуваат во јавноста за да си ја зајакнат сопствената самодоверба. Но, сурово е да си играш со нечии чувства на ваков начин. Затоа, не е за изненадување тоа што честопати ваквите врски завршуваат многу брзо. „Многу млади што излегуваат со некого, раскинуваат за една или две недели“, вели една девојка по име Хедер. „За нив врските се нешто минливо — на некој начин, тие им се подготовка за развод, а не за брак.“
Несериозните врски, односно врските заради забава или само колку да се има дечко или девојка, лесно можат да водат до повредени чувства. Размисли за Ерик кој, кога имал 18 години, уживал во дружењето со една девојка едноставно сметајќи ја само за своја блиска пријателка. Набрзо сфатил дека за неа тоа пријателство било нешто многу повеќе. „Просто не можев да поверувам колку брзо разви чувства кон мене“, вели Ерик. „Јас навистина мислев дека сме само пријатели!“
Се разбира, нема ништо лошо во тоа да се дружиш со лица од спротивниот пол кога се присутни повеќе луѓе и кога има некој што ја надгледува групата. Но, што се однесува до врска со одредена личност, најдобро е да почекаш додека не ти помине цутот на младоста и не си во можност навистина да размислуваш за брак. Ова го сфатила и една девојка по име Челси. „Понекогаш си мислам дека треба да излегуваш заради забава“, признава таа, „но воопшто не е забавно кога едниот ги сфаќа работите сериозно, а другиот не“.
Колку години имаш?
◼ Кога мислиш дека би било во ред една млада личност да започне врска со некого? ․․․․․
◼ Сега прашај еден од родителите, или и двајцата, што мислат за ова, а потоа запиши го нивниот одговор. ․․․․․
Голема е веројатноста првиот број што го запиша да е многу помал од вториот. А можеби и не е! Можеби и ти си еден од многуте млади што мудро го одложуваат излегувањето со некого од спротивниот пол сѐ додека не се доволно возрасни и додека не се запознаат подобро самите себе. Една млада христијанка по име Сандра избрала да постапи токму така, иако е веќе доволно возрасна за да стапи во брак. Таа вели: „Кога ќе започнеш врска со некого, сакаш тој подобро да те запознае. Но, ако ти самиот не се познаваш, како може да те запознае некој друг?“
Даниела, која има 17 години, размислува на сличен начин. Таа вели: „Кога ќе помислам што барав кај потенцијалниот сопруг пред две години, сфаќам дека тоа е сосема различно од она што го барам сега. Всушност, дури ни сега не верувам дека би донела исправна одлука за оваа работа. Кога ќе видам дека мојот карактер е постојан неколку години, тогаш ќе размислувам за врска“.
Дали си спремен за брак?
Бидејќи врската е првото скалило што води до брак, добро би било да се прашаш дали можеш да ја носиш одговорноста што во бракот ја има мажот или жената — па дури и мајката или таткото. Како можеш да знаеш дали си спремен за тоа? Размисли за следново.
◼ Односи со другите Како се однесуваш со твоите родители или со твоите браќа и сестри? Дали честопати те вадат од такт, па користиш груби или саркастични зборови за да им кажеш што мислиш? Што би рекле тие за тебе во врска со ова? Начинот на кој се однесуваш со членовите на твоето семејство покажува како ќе се однесуваш и со твојот сопружник (Ефешаните 4:31, 32).
◼ Пари Како ги трошиш парите? Дали си секогаш во долгови? Кога ќе најдеш работа, можеш ли да ја задржиш? Ако не можеш, зошто? Дали поради самата работа? Или поради работодавачот? Или, пак, поради тоа што ти имаш некоја неубава карактерна црта? Ако не можеш да водиш сметка за своите пари, како ќе можеш да го правиш тоа за целото семејство? (1. Тимотеј 5:8).
◼ Духовност Ако си Јеховин сведок, какви духовни особини имаш? Дали спремно ја читаш Божјата реч, одиш во служба и учествуваш на христијанските состаноци? Ако не работиш на сопствената духовност, како ќе можеш да му помогнеш на сопружникот да го прави тоа? (2. Коринќаните 13:5).
Ова се само некои работи за кои треба да размислиш ако сакаш да почнеш врска и да стапиш во брак со некого. Во меѓувреме, можеш да се дружиш со лица од спротивниот пол кога се присутни и други луѓе. Подоцна, кога ќе решиш да започнеш врска со некого, подобро ќе се познаваш себеси и ќе знаеш што бараш од својот доживотен сопружник.
Повеќе информации може да се најдат на страници 13-26 од книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци
Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ може да се најдат на Веб-страницата www.watchtower.org/ype
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Во кои ситуации е во ред да се дружиш со лица од спротивниот пол?
◼ На која особина треба да работиш најмногу за некому да му бидеш добар брачен партнер во иднина?
[Рамка/слики на страница 28]
ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ ОД ТВОИТЕ ВРСНИЦИ
„Понекогаш сум им љубоморен на оние што имаат врска со некого — па дури и на оние што се во брак. Но, врските не се само заради забава. Ако мислиш така, тогаш си играш со нечие срце. Мислам дека целта на врската е да видиш дали таа личност навистина е онаа со која сакаш да стапиш во брак“ (Блејн, 17).
„Мислам дека не е во ред да излегуваш со дечковци како ‚проба‘ за врската што еден ден ќе ја имаш со некој што навистина ти се допаѓа. Тоа само ќе води до повредени чувства“ (Челси, 17).
„Навистина мислам дека треба да си на возраст кога би можел да стапиш во брак пред воопшто да започнеш врска со некого. Во спротивно, би било исто како да одиш на интервју за работа со цело работно време, а сѐ уште одиш на школо и, всушност, немаш намера да ја прифатиш работата“ (Сандра, 21).
[Рамка на страница 30]
ЗБОР-ДВА ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Порано или подоцна, вашето дете сигурно ќе биде ставено во ситуација да размислува дали да почне врска со некого. „Јас не мора ништо да правам!“, вели Филип. „Девојките сами ме прашуваат дали сакам да излезам со нив, а јас стојам без збор и се прашувам: ‚Што да правам сега?‘ Тешко ми е да ги одбијам зашто некои од нив се навистина убави!“
Најдобро што можете да направите како родители е да разговарате со својот тинејџер за излегувањето. Зошто не ја искористите оваа статија како темел за еден ваков разговор? Како родител, обиди се да дознаеш што мисли твојот син или ќерка за предизвиците што ги има на училиште, па дури и во христијанското собрание. Можеш да го поведеш разговорот во опуштена атмосфера, на пример, „кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат“ (5. Мојсеева 6:6, 7). Кога и да решиш да разговарате, мисли на тоа дека треба да бидеш „брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19).
Немој да креваш паника ако син ти или ќерка ти се интересира за некого од спротивниот пол. „Кога татко ми дозна дека имам дечко, многу се налути!“, вели една тинејџерка. „Се обиде да ме исплаши со куп прашања за тоа дали сум спремна за брак, а кога си млад, таквите прашања можат само да те натераат да сакаш да ја продолжиш врската и да докажеш дека родителите не се во право!“
Ако твоето дете што е на тинејџерска возраст знае дека во вашиот дом не смее ни да се спомне за излегување со некого од спротивниот пол, може да се случи нешто трагично: Може да почне тајно да излегува со некого. „Кога родителите претеруваат“, вели една девојка, „просто те тераат уште повеќе да ја криеш врската. Нема да ја прекинеш, туку ќе излегуваш уште поскришно.“
Многу повеќе ќе постигнеш ако си отворен со детето. Една девојка, која има 20 години, вели: „Моите родители секогаш зборуваат отворено со мене за излегувањето. Ним им е важно да знаат кој ми се допаѓа, и мислам дека тоа е убаво. Потоа татко ми разговара со оној што ми се допаѓа. Ако сметаат дека има причина за загриженост, татко ми и мајка ми ќе ми кажат. Обично имам расчистено дали сум заинтересирана или не уште пред тој да ме праша дали сакам да излегуваме“.
[Слика на страница 29]
Дружењето со лица од спротивен пол кога се присутни и други луѓе може да биде изградувачко и корисно