Младите прашуваат...
Растргнат меѓу две култури што да правам?
„Ние сме Италијанци, и дома многу отворено си изразуваме љубов и чувства. Но, сега живееме во Британија. Овде луѓето се многу воздржани и учтиви. Се чувствувам како да не припаѓам ни на едната ни на другата култура — премногу сум Италијанец за да бидам Британец и премногу Британец за да бидам Италијанец“ (Џозуе, Англија).
„На училиште наставникот ми рече да го гледам в очи кога зборува. Но, кога го погледнав татко ми в очи додека ми зборуваше нешто, ми рече дека сум непристоен. Се чувствувам растргнат меѓу двете култури“ (Патрик, иселеник од Алжир, кој сега живее во Франција).
Дали татко ти или мајка ти е емигрант?
◻ Да ◻ Не
Дали јазикот или културата на училиште се поинакви од јазикот или културата во твојот дом?
◻ Да ◻ Не
МИЛИОНИ луѓе се преселуваат во друга земја секоја година, а мнозина од нив се соочуваат со големи проблеми. Одеднаш, опкружени се со луѓе чии јазик, култура и начин на облекување се разликуваат од нивните. Како резултат на тоа, доселениците честопати се предмет на потсмев — факт во кој се уверила и една девојка по име Нур. Таа и семејството се преселиле од Јордан во Северна Америка. „Луѓето ни се потсмеваа, бидејќи се облекувавме поинаку“, вели таа. „А право да ви кажам, воопшто не го разбиравме американскиот хумор.“
Една девојка по име Надја наишла на друг проблем. „Родена сум во Германија“, објаснува таа. „Бидејќи моите родители се Италијанци, зборувам германски со акцент, и децата на училиште ме викаат ‚глупав странец‘. Но, кога одам во Италија, сфаќам дека зборувам италијански со германски акцент. Тогаш се чувствувам како да не припаѓам никаде. Каде и да одам, јас сум странец.“
Со кои други проблеми се соочуваат децата на доселениците? И што можат да направат за да бидат успешни во околностите во кои се наоѓаат?
Културни разлики и јазични пречки
И во семејствата на самите доселеници може да се родат културни разлики. Зошто? Децата честопати ја прифаќаат новата култура побрзо од родителите. На пример, Ана имала осум години кога нејзиното семејство се преселило во Англија. „Јас и брат ми речиси веднаш се привикнавме на Лондон“, вели таа. „Но, на мајка ми и татко ми, кои цел живот живееле на малиот португалски остров Мадеира, не им беше толку лесно.“ Вон, која имала три години кога нејзините родители се преселиле од Камбоџа во Австралија, вели: „Мајка ми и татко ми не се вклопија добро. Всушност, татко ми често знаеше да се изнервира или да се налути што не сум го разбрала неговиот став или неговото мислење“.
Ваквите културни разлики може да бидат како еден јаз што ги разделува младите од родителите. Освен тоа, како ѕидишта на замок изградени покрај некој јаз, и јазичните пречки можат уште повеќе да ги поделат семејствата. Темелите на овие пречки се поставуваат кога децата почнуваат да го учат новиот јазик побрзо од родителите. Пречките се зголемуваат кога децата ќе почнат да го забораваат мајчиниот јазик, поради што сѐ потешко комуницираат со своите родители.
Ијан, кој сега има 14 години, видел како почнала да се издига таква пречка меѓу него и неговите родители откако семејството се преселило од Еквадор во Њујорк. „Сега повеќе зборувам англиски отколку шпански“, вели тој. „Наставниците на училиште зборуваат англиски, другарите зборуваат англиски, па и јас зборувам англиски со брат ми. Главата ми е полна со англиски зборови кои ги истиснуваат шпанските.“
Дали и ти си во слична ситуација? Ако твоето семејство се преселило кога си бил многу мал, можеби не си размислувал дека мајчиниот јазик може да ти користи подоцна во животот. Па така, можеби си дозволил да го заборавиш. Нур, која ја спомнавме претходно, вели: „Татко ми упорно бараше дома да го зборуваме неговиот јазик, но ние не сакавме да зборуваме арапски. За нас, арапскиот беше само непотребен товар. Нашите другари зборуваа англиски. Сѐ што гледавме на телевизија беше на англиски. Си мислевме: ‚Што ќе ни е арапскиот?‘“
Но, како што растеш, можеби ќе сфатиш дека ќе ти користи ако добро го зборуваш мајчиниот јазик. Сепак, можеби ти е тешко да се сетиш на зборовите што порано ти доаѓале без проблем. Мајкл (13), чии родители се преселиле од Кина во Англија, вели: „Ми се мешаат двата јазика“. Орнела (15), која се преселила од Конго (Киншаса) во Лондон, вели: „Се трудам да ѝ кажам нешто на мајка ми на лингала, но не успевам затоа што сум навикната да зборувам англиски“. На Ли, која е родена во Австралија, но чии родители се од Камбоџа, ѝ е мака што не го зборува добро јазикот на своите родители. Таа вели: „Кога зборувам со родителите и сакам да им објаснам што мислам за нешто, сфаќам дека не го зборувам нивниот јазик доволно добро“.
Причини за да се премости јазот
Ако си го подзаборавил мајчиниот јазик, не очајувај. Можеш повторно да го обновиш. Но, прво мора да ти биде јасно во главата зошто е тоа корисно. Кои би биле некои корисни работи? „Го научив јазикот на моите родители затоа што сакав да сме блиски во емоционален и, пред сѐ, во духовен поглед“, вели Џозуе, кого веќе го спомнавме. „Сега, кога го знам нивниот јазик, можам да разберам како се чувствуваат. А и тие можат да ме разберат мене.“
Многу млади христијани го учат јазикот на нивните родители затоа што сакаат да им ја кажуваат на другите доселеници добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14; 28:19, 20). „Многу е добро да можеш да ја објасниш Библијата на два јазика!“, вели Саломао, кој се доселил во Лондон кога имал пет години. „Речиси го имав заборавено мајчиниот јазик, но сега служам во собрание на португалски јазик и зборувам течно и англиски и португалски.“ Олег (15), кој сега живее во Франција, вели: „Многу сум среќен што можам да им помагам на другите. Можам да им ја објаснам Библијата на луѓе што зборуваат руски, француски и молдавски“. Нур сфатила дека се потребни повеќе објавители што ќе проповедаат на арапски. Таа вели: „Сега одам на часови и се обидувам да си го обновам јазикот. Го сменив ставот. Сега сакам да ме поправаат кога правам грешки. Сега сакам да научам!“
Што можеш да направиш за повторно да го зборуваш течно јазикот на твоите родители? На некои семејства им помага тоа што дома по правило зборуваат само на мајчиниот јазик. Така децата ќе ги научат добро и двата јазика.a Исто така, можеш да ги замолиш родителите да те научат да пишуваш на мајчиниот јазик. Стелиос, кој пораснал во Германија, но чиј мајчин јазик е грчкиот, вели: „Заедно со родителите, секој ден разгледувавме некој библиски стих. Тие ќе го прочитаа наглас, а јас го запишував. Сега знам да читам и да пишувам и грчки и германски“.
Нормално, ако добро познаваш две култури и зборуваш два или повеќе јазици, во голема предност си. Кога ги разбираш двете култури, подобро ги разбираш луѓето и можеш да им одговориш ако прашуваат нешто за Бог. Библијата вели: „Човекот се радува на одговорот од својата уста, и збор кажан во право време — колку е добар!“ (Изреки 15:23). Прити, која е родена во Англија, но има индиско потекло, објаснува: „Затоа што ги разбирам двете култури, поубаво се чувствувам во службата. Ги разбирам луѓето и од едната и од другата култура — што веруваат и како размислуваат“.
„Бог не е пристрасен“
Ако се чувствуваш растргнат меѓу две култури, не обесхрабрувај се. И некои библиски ликови биле во слична ситуација. На пример, кога бил мал, Јосиф бил оттргнат од својата израелска култура, и остатокот од животот го поминал во Египет. Сепак, тој очигледно никогаш не го заборавил мајчиниот јазик (1. Мојсеева 45:1-4). На тој начин, можел да му помогне на своето семејство (1. Мојсеева 39:1; 45:5).
Тимотеј, кој бил на долги патувања со апостол Павле, имал татко Грк и мајка Еврејка (Дела 16:1-3). Но, тој не дозволил мешаното потекло да му претставува пречка, туку, без сомнение, во својата мисионерска служба го искористил тоа што ги разбирал културните разлики за да им помага на другите (Филипјаните 2:19-22).
Можеш ли и ти да ги сметаш твоите околности за предност, а не за пречка? Не заборавај: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Јехова те сака поради тебе самиот, а не поради местото од каде што си дојден. Можеш ли и ти, како и младите што беа спомнати во оваа статија, да ги искористиш знаењето и искуството за да им помагаш на луѓето од твојата култура да го запознаат нашиот непристрасен Бог Јехова кој нѐ сака? Тоа може да те направи вистински среќен! (Дела 20:35).
[Фуснота]
a Дополнителни практични предлози можеш да најдеш во статијата „Подигање деца во странска земја — предизвиците и наградите“ која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 2002.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Со какви културни разлики или јазични пречки се соочуваш?
◼ Како можеш да ги надминеш овие разлики?
[Слика на страница 20]
Ќе бидеш поблизок со родителите ако го зборуваш нивниот јазик