Зошто се плашиме од смртта?
„Смртта е најстрашното нешто бидејќи со неа завршува сѐ“ (Аристотел).
ДРУГИТЕ ја сметале за набожна жена — вистинско „Божје чедо“. Некои ја нарекувале „столб на нејзината црква“. Била поучена дека смртта не е крај на сѐ, туку премин кон задгробен живот. Но, кога ѝ дошол смртниот час, била преплашена. Бидејќи ја мачеле сомнежи, побарала помош од својот духовен водач: „Од толку [верувања за тоа што се случува при смртта], како знаеш кое е исправното?“
Во речиси сите религии и општества е присутна идејата дека луѓето остануваат живи или ќе оживеат по смртта. Има толку многу верувања, но кое е исправно? Многумина се сомневаат дека воопшто постои некаков задгробен живот. А ти? Дали си бил поучен дека луѓето ја преживуваат смртта? Дали веруваш во тоа? Дали се плашиш од смртта?
Страв дека со смртта завршува сѐ
Стравот од смртта е тема на многу книги и научни извештаи издадени во последниве неколку децении. Сепак, повеќето не сакаат да размислуваат за смртта. Но, бидејќи сме свесни дека ќе умреме, порано или подоцна оваа тема почнува да ни се врти во главата и без да сакаме. Смртта е многу честа појава — секој ден во просек умираат повеќе од 160.000 лица! Многу луѓе ги фаќа страв кога ќе помислат дека секој човек, без исклучок, мора да умре.
Според стручњаците, стравот од смртта има неколку аспекти: страв од болката, страв од непознатото, страв од загуба на најблиските и страв дека смртта ќе се одрази негативно врз семејството и пријателите.
Луѓето најчесто се плашат од смртта бидејќи мислат дека со неа завршува сѐ. Без оглед на нивните религиозни убедувања, многу луѓе имаат страв дека, кога ќе умрат, ќе престанат да постојат, а науката уште повеќе им го зголемува ваквиот страв. Впрочем, за повеќето биолошки процеси во организмот на човекот постои научно објаснување. А ниеден биолог, физичар или хемичар не пронашол докази дека еден невидлив дел од нас може да ја преживее смртта на физичкото тело. Затоа, многу научници ја објаснуваат смртта кај луѓето како обичен биолошки процес.
Според тоа, воопшто не изненадува тоа што голем број навидум побожни луѓе кои веруваат во задгробен живот длабоко во себе се плашат дека со смртта завршува сѐ. Интересно е тоа што цар Соломон, кој живеел многу одамна, спомнал дека смртта е крај — нешто што ги плаши луѓето.
‚Правот‘ — нашата конечна состојба?
Во книгата Проповедник, која е напишана пред 3.000 години, Соломон рекол: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо, и за нив повеќе нема плата, зашто споменот за нив е заборавен. И љубовта нивна, и омразата нивна, и љубомората нивна ја снема“. Потоа рекол: „Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила, зашто нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот во кој одиш“ (Проповедник 9:5, 6, 10).
Под Божје водство, Соломон рекол: „Каков што е крајот на синовите човечки таков е и крајот на животните — сите имаат ист крај. Како што умираат едните така умираат и другите... Човекот не е подобар од животното... Сите одат на едно место. Сите настанале од прав и сите се враќаат во прав“ (Проповедник 3:19, 20).
Овие зборови ги напишал цар Соломон, но под водство на Бог, и тие се дел од Божјата пишана Реч, Библијата. Овие и многу други библиски стихови се косат со општоприфатеното верување дека дел од нас ја преживува смртта во некаков друг облик (1. Мојсеева 2:7; 3:19; Езекиел 18:4). Тогаш, дали Бог сака да ни каже дека ‚правот‘ е конечната состојба во која ќе се најдат сите луѓе — дека со смртта завршува сѐ? Секако дека не!
Никаде во Библијата не пишува дека дел од човекот ја преживува смртта. Сепак, таа јасно покажува дека оние што умираат имаат надеж. Во следната статија можеш да прочиташ зошто не треба да се плашиш дека со смртта завршува сѐ.
[Рамка на страница 3]
НЕИЗБЕЖЕН НЕПРИЈАТЕЛ
Смртта е наречена непријател на човекот. Опкружени сме со безброј докази дека таа е вистински непријател. Според една проценка, секоја година умираат околу 59 милиони лица — просечно по 2 во секунда. Разгледај неколку статистички податоци за стапката на смртност.
◼ На секои 102 секунди, по еден човек умира во војна.
◼ На секоја 61 секунда, по еден човек е убиен.
◼ На секои 39 секунди, едно лице си го одзема животот.
◼ На секои 26 секунди, едно лице загинува во сообраќајна несреќа.
◼ На секои 3 секунди, еден човек умира од глад.
◼ На секои 3 секунди, умира по едно дете помало од 5 години.
[Рамка на страница 4]
ЗАЛУДНО ИСТРАЖУВАЊЕ
На 9 ноември 1949 год., на планините во Аризона (САД) исчезнал Џејмс Кид, еден 70-годишен човек што работел во рудник за бакар. Неколку години подоцна, откако судот го прогласил за мртов, биле пронајдени неговиот рачно составен тестамент, пари и неколку потврди за поседување акции во вредност од речиси 250.000 долари. Во својот тестамент, Кид се изјаснил дека сака неговите пари да се вложат во истражување за да се дојде до „научен доказ дека луѓето имаат душа што го напушта телото при смртта“.
За кратко време, голем број наводни истражувачи и научници побарале да им бидат доделени овие средства. На судските сослушувања што траеле со месеци биле изнесени илјадници „докази“ дека постои невидлива душа. На крајот, судијата им ги доделил парите на две угледни истражувачки организации. По повеќе од педесет години, овие истражувачи сѐ уште трагаат по „научен доказ дека луѓето имаат душа што го напушта телото при смртта“.