Што вели Библијата
Каков поглавар треба да биде мажот?
ВО МНОГУ земји, невестата, пред да го каже судбоносното „да“, дава завет дека ќе му биде подложна на младоженецот. Но и покрај тоа, на многу жени им е одбивна помислата дека мажот е поглавар во семејството. Да видиме што вели Библијата на оваа тема. Ќе откриеме дека таа помага урамнотежено да гледаме на принципот за поглаварство и да сфатиме дека тој има и практични страни.
Што очекува Бог од поглаварот
Во Библијата, во Ефешаните 5:22-24, се наоѓа основниот опис на принципот за поглаварство: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието... И како што собранието му е подложно на Христос, така и жените нека им бидат подложни на своите мажи во сѐ“. Како „глава на жената“, мажот треба да преземе водство во семејството, а жената треба да го следи тоа водство и да го почитува мажот во таа улога (Ефешаните 5:33).
Меѓутоа, мажот нема неограничен авторитет бидејќи и самиот им е подложен на Бог и на Христос. На пример, тој нема право да ѝ нареди на жената да прекрши некој Божји закон или да постапи против својата совест обликувана според Библијата. Но, во други работи, тој е одговорен пред Бог да ги донесува важните одлуки во семејството (Римјаните 7:2; 1. Коринќаните 11:3).
Библијата му заповеда на мажот да биде несебичен поглавар, кој повеќе се грижи за жената отколку за себе. Во Ефешаните 5:25 стои: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“. Сопругот кој го следи Христовиот совршен пример на љубов се труди воопшто да не биде самоволен поглавар.
Освен тоа, Библијата го учи мажот да живее со својата жена ‚во склад со она што го научил‘ (1. Петрово 3:7). Тоа не значи дека е доволно да биде свесен дека мажите и жените се физички и емоционално различни. Тој треба да ги разбира потребите на својата сопруга.
Таа ти е „другарка“
Дали подложната жена е само безгласна буква? Да ја земеме за пример Сара, сопругата на Авраам, која во Библијата е пофалена за нејзината послушност (1. Петрово 3:5, 6). Таа му била подложна на својот сопруг и во големи и во мали работи. На пример, била спремна и да ја напушти удобната куќа за да живее под шатори и постојано да се сели, и набрзина да направи ручек за гостите (1. Мојсеева 12:5-9; 18:6). Меѓутоа, во врска со едно сериозно прашање, неколкупати го кажала своето мислење, иако било сосема различно од мислењето на Авраам. Таа сакала неговата наложница Агара и неговиот првороден син Исмаел повеќе да не бидат дел од нивното семејство. Наместо да ја прекори Сара, Бог му рекол на Авраам ‚да го послуша нејзиниот глас‘. Во меѓувреме, Сара му останала подложна на Авраам и чекала тој да им каже на Агара и на Исмаел да си одат, а не таа да земе сѐ во свои раце (1. Мојсеева 21:8-14).
Примерот на Сара покажува дека жената не треба да живее со мажот без никакво право на глас, туку дека таа му е „другарка“, која заслужува почит (Малахија 2:14). Како негова помошничка, таа значајно придонесува да се донесат добри одлуки и има извесен авторитет во семејството. Честопати го води домаќинството, па дури и ракува со парите. Се разбира, мажот, како поглавар на семејството, е должен да ги донесе конечните одлуки (Изреки 31:10-31; 1. Тимотеј 5:14).
Почит кон Творецот
Јехова Бог ги создал мажот и жената, и ги здружил со брак, кој е света заедница меѓу нив двајцата (1. Мојсеева 2:18-24). Освен тоа, тој и на мажот и на жената им дал посебни улоги, кои се за нив извор на најголема радост (5. Мојсеева 24:5; Изреки 5:18).
Како Основач на бракот, Јехова е во положба и има право да ги постави мерилата за брачното уредување. Брачните другари кои ги исполнуваат своите улоги и го почитуваат принципот за поглаварство, не само поради тоа што е практично, туку и од почит кон Бог, ќе ја имаат Неговата наклоност и поддршка.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Кој дал совршен пример како поглавар? — Ефешаните 5:25.
◼ Дали Бог го ограничува авторитетот на мажот? — 1. Коринќаните 11:3.
◼ Која е целта на бракот и на принципот за поглаварство? — Изреки 5:18.
[Слика на страница 28]
И двајцата во бракот се среќни и задоволни ако мажот е поглавар сличен на Христос