Кој ни го покажува патот до Бог?
ИСУС јасно покажал дека Бог не го прифаќа начинот на кој му служат некои луѓе. Тој спомнал дека ќе се појават ‚лажни пророци‘ кои ќе бидат како дрво кое дава безвреден плод и кое, на крајот, „се сече и се фрла во оган“. Исто така рекол: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство“ (Матеј 7:15-22).
Всушност, Исус го кажал следново за некои што ќе тврдат дека го следат: „Ќе им речам: ‚Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!‘“ (Матеј 7:23). Во една друга прилика, тој покажал дека Божјите зборови упатени до неверните Израелци важат и за верските водачи во неговото време, кога рекол: „Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди“ (Марко 7:6, 7).
Јасно е дека ниту Бог ниту неговиот Син не го одобруваат секој начин на обожавање. Според тоа, секоја религија не е вистинска религија. Но, дали ова значи дека само една религија ги учи луѓето за вистината? Зарем не е можно Бог сепак да користи повеќе религии иако не ги одобрува сите? Од друга страна, можно ли е да прифаќа, односно да отфрла поединци од различни религии, независно од тоа што поучуваат нивните организации?
Под Божје водство, апостол Павле напишал: „Ве поттикнувам, браќа, преку името на нашиот Господар Исус Христос, сите да зборувате едно и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ (1. Коринќаните 1:10). Библијата ги советува христијаните ‚да бидат сложни во размислувањето и да ја имаат истата љубов, да бидат еднодушни, еднакво да размислуваат‘ (Филипјаните 2:2).
Логично е дека таму каде што постои вакво единство има, всушност, само една религија. А и самата Библијата вели дека има „еден Господар, една вера, едно крштавање“ (Ефешаните 4:4, 5).
Што вели Библијата
Она што е запишано во Библијата јасно потврдува дека овој заклучок цврсто се темели на Светото писмо. Ако истражиш малку повеќе, ќе видиш дека Бог отсекогаш одобрувал само еден начин на кој неговите слуги можеле да го обожаваат. Во самиот почеток на човечката историја, Бог ги користел семејните поглавари како свои претставници. Меѓу нив биле Ное, Аврам (Авраам), Исак и Јаков (1. Мојсеева 8:18-20; 12:1-3; 26:1-4; 28:10-15).
Потомците на Јаков станале робови во Египет. Таму нивниот број пораснал, иако биле сурово измачувани. Бог ги избавил од ова ропство така што направил чудо за да го преминат Црвеното Море. Им дал закони преку Мојсеј, и со тоа бил основан древниот Израел, кој станал Божји народ (2. Мојсеева 14:21-28; 19:1-6; 20:1-17).
Интересно е тоа што Бог не ги прифаќал религиите на народите што биле населени околу Израел. Всушност, тој го казнувал својот народ, Израелците, кога ги кршеле неговите закони и ја прифаќале религијата на околните народи (3. Мојсеева 18:21-30; 5. Мојсеева 18:9-12).
А што е со поединците од другите народи кои сакале да му служат на вистинскиот Бог? За да почнат да му служат на Јехова заедно со Израелците, најпрво морале да ја напуштат својата лажна религија. Многу такви лица ја стекнале Божјата наклоност и станале негови верни слуги. Меѓу нив имало поединци, како што се Ханаанката Раав и Моавката Рут; Хетеецот Урија и Етиопјанецот Авде-Мелех; но и цели групи, како што биле Гаваонците. Соломон, царот на Израел, од сѐ срце се молел за сите што, слично на нив, почнале да му служат на Бог на исправен начин заедно со неговиот народa (2. Летописи 6:32, 33).
Откако Исус дошол на Земјата
Подоцна, откако Исус бил испратен на Земјата, неговите учења станале темел за вистинската религија, а Божјите намери биле разјаснети на прекрасен начин. По некое време, слугите на вистинскиот Бог биле наречени „христијани“ (Дела 11:26). Затоа, Евреите што сакале да му угодат на Бог морале да го напуштат својот поранешен начин на обожавање. Тие не можеле да бираат меѓу јудаизмот и христијанството или, пак, секој да му служи на Бог одвоено од другите. Како што видовме од Божјата реч, вистинските слуги на Бог биле обединети во „една вера“ (Ефешаните 4:4, 5).
На некои можеби им звучи екстремно и одбивно идејата дека Бог одобрува само една религија. Но, Библијата нѐ упатува токму на овој заклучок. Многу луѓе во минатото, кои му служеле на Бог на свој начин, го прифатиле овој факт. Иако можеби во почетокот биле резервирани, почнале да му служат на Јехова на исправен начин заедно со другите негови слуги и на крајот доживеале богати благослови и голема радост. Пример за тоа е еден Етиопјанец. За него Библијата вели дека, откако се крстил, ‚радосно отишол по својот пат‘ (Дела 8:39).
Секој што ја прифаќа вистинската религија и живее во склад со неа го доживува истото. Но, како можеме да одредиме која е вистинската религија кога ги има толку многу?
[Фуснота]
a За овие лица можеш да дознаеш повеќе од следниве библиски стихови: Исус Навин 2:1-7; 6:22-25; Рут 1:4, 14-17; 2. Самоилова 11:3-11; Еремија 38:7-13 и Исус Навин 9:3-9, 16-21.
[Слика на страница 5]
Ако некоја религија дава безвреден плод, што ја чека?