Последни денови — што потоа?
НЕКОИ се стресуваат при самата помисла на „последните денови“ бидејќи на нив гледаат само како на тешки времиња (2. Тимотеј 3:1). Тогаш зошто толку луѓе низ вековите со душа чекале тие да дојдат? Затоа што, откако ќе поминат последните денови, ќе дојдат поубави времиња.
На пример, сер Исак Њутн бил убеден дека, откако ќе дојде крајот, ќе завладее илјадагодишното Божје Царство и ќе настапи ера на мир и напредок за целиот свет. Тој рекол дека во тоа време ќе се исполнат пророштвата од Михеј 4:3 и Исаија 2:4, каде што стои: „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да се учат да војуваат“.
Кога го дал пророштвото за времето на крајот, Исус сакал да ги охрабри своите ученици. Откако кажал дека во големата неволја ќе има многу страдање, грижи и страв, тој рекол: „А кога ќе почне да се случува сето тоа, исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28). Но, од што ќе требало да бидат избавени?
Што ветува Бог
Војните, граѓанските немири, криминалот, насилството и гладот се само некои проблеми кои сега го погодуваат човештвото. Поради нив, милиони лица живеат во страв. Ако вакви проблеми те мачат и тебе, обрни внимание на следниве ветувања од Бог:
„Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).
„Мојот народ ќе живее во мирни престојувалишта, во безбедни живеалишта, во почивалишта каде што никој нема да ги вознемирува“ (Исаија 32:18).
„[Јехова] ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:9).
„И секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4).
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
„А кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“ (Изреки 1:33).
Колку и да ни е удобен животот сега, болеста и смртта нѐ чекаат сите. Но, и нив ќе ги нема во Божјиот нов свет. Затоа, можеме да очекуваме повторно да се сретнеме со најблиските што ни умреле. Размисли за следниве ветувања:
„Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
„[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).
„А како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26).
„Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
Апостол Петар многу убаво и во кратки црти го кажал истото: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). За да завладее праведноста низ целиот свет, неопходно е да бидат отстранети сите неправедни луѓе. Истото важи и за денешниве себични политички системи кои се причина за многу немири и крвопролевања. Божјето Царство на чело со Христос ќе ги замени сите човечки влади. Во врска со таа Божја влада, дадена ни е следнава гаранција: „Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот на Давидовиот престол и во неговото царство ќе му нема крај, за да се утврди и втемели врз правдата и врз праведноста, отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Јехова над војските“ (Исаија 9:7).
И ти можеш да го доживееш тоа, зашто Библијата нѐ уверува: „[Бог] сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Не одложувај. Стекнувај го знаењето што може да ти помогне да живееш вечно! (Јован 17:3). Направи го првиот чекор — стапи во контакт со издавачите на ова списание и побарај бесплатно да ја проучуваш Библијата.
[Слики на страници 8 и 9]
Наскоро би можел да живееш вечно и да имаш совршено здравје во мирните рајски услови на Земјата