Младите прашуваат
Како да го преболам раскинувањето?
„Се дружевме пет години, а во врска бевме шест месеци. Кога сакаше да ми раскине, немаше храброст да ми го каже тоа, туку одеднаш престана да зборува со мене. Се чувствував беспомошно. Бев крајно разочарана. Не можев да сфатам што му згрешив“ (Рејчел)a
РАСКИНУВАЊЕТО може да ти ја претвори радоста во голема тага. Размисли за Џеф и Сузан. Тие биле во врска две години и станале многу блиски. Тој секој ден ѝ испраќал љубовни СМС-пораки. Одвреме-навреме, ѝ давал подароци во знак на внимание. „Џеф секојпат се трудеше да ме сослуша и да ме разбере“, вели Сузан. „Покрај него се чувствував ценета и сакана.“
По кратко време, Џеф и Сузан почнале да зборуваат за брак и за тоа каде би живееле откако ќе се земат. Џеф дури ја распрашувал колкав прстен носи. Но еден ден, како гром од ведро небо, ѝ кажал дека сака да раскинат! Сузан била скршена. Иако продолжила со својата секојдневна рутина, не можела да се соземе од шокот. „Бев исцрпена и психички и физички“, вели таа.b
Зошто раскинувањето боли
Ако си била во слична ситуација како Сузан, можеби се прашуваш: ‚Ќе можам ли некогаш да ја надминам оваа криза?‘ (Псалм 38:6). Сосема е нормално да се чувствуваш така. Раскинувањето може да биде една од најголемите трауми во животот. Некои велат дека по раскинувањето се чувствувале полумртви. Можно е дури и да ги доживееш истите фази низ кои минува едно ужалено лице, имено:
Одрекување. ‚Не, не е можно. Ќе се премисли за ден-два.‘
Гнев. ‚Како можеше да ми го направи ова? Не сакам да го видам!‘
Депресија. ‚Мене никој не ме сака.‘
Прифаќање. ‚Сѐ ќе си дојде на свое место. Раскинувањето ми падна тешко, но ќе го преболам.‘
Биди уверена дека можеш да стигнеш до оваа последна фаза. Колку време ќе ти треба, зависи од повеќе фактори — на пример, колку долго сте биле во врска и колку сте се зближиле. Но, што може во меѓувреме да ти помогне да го преболиш раскинувањето?
Како да ја надминеш кризата
Се вели дека времето лечи сѐ. Можеби овие зборови ти звучеле нереално кога сте раскинале. Причина за тоа е фактот што времето е само дел од решението. Ако си се пресекла, раната со текот на времето ќе зарасне, но сега те боли. Мораш да го запреш крвавењето, да ја ублажиш болката и да внимаваш раната да не се инфицира. Истото е случај и со една емоционална рана — моментално те боли, но ако преземеш мерки, би можела да ја ублажиш болката и да не бидеш инфицирана од огорченост. Времето ќе си го стори своето, но што би можела да сториш ти? Еве неколку предлози:
◼ Слободно изрази ја тагата. Нема ништо погрешно во тоа да се исплачеш. И Библијата вели дека има „време за плачење“, па дури и „време за тагување“ (Проповедник 3:1, 4). Солзите не се знак на слабост. Кога му било тешко, дури и Давид, кој бил храбар војник, признал: „Цела ноќ со плачење го залевам леглото, со солзи ја натопувам постелата“ (Псалм 6:6).
◼ Не го запоставувај своето физичко здравје. Вежбањето и правилната исхрана ќе ти помогнат да ја надоместиш силата што ти ја одзеле емоционалните проблеми поврзани со раскинувањето. Библијата вели дека „телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8).
Кои промени можеби ќе треба да ги направиш за да не го занемариш здравјето?
․․․․․
◼ Биди активна. Продолжи да правиш работи што ти се интересни. Како никогаш порано, труди се да не се изолираш (Изреки 18:1). Ако се дружиш со луѓе што се грижат за тебе, ќе можеш да се концентрираш на нешто позитивно.
Кои цели би ти помогнале да бидеш активна?
․․․․․
◼ Искажи си ги чувствата во молитва. Ова може да биде предизвик. Некои имаат чувство дека Бог ги изневерил бидејќи дозволил да им раскине дечкото. Можеби си велат: ‚Толку се молев да најдам некој, и ете што се случи!‘ (Псалм 10:1). Но, дали би било во ред да мислиме дека Бог треба да ни биде стројник? Се разбира дека не. Јехова не е одговорен што дечкото сакал да ја прекине врската. ‚Тој се грижи за тебе‘ (1. Петрово 5:7). Затоа, помоли се и кажи му како се чувствуваш. Библијата вели: „Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).
За кои конкретни работи би можела да му се молиш на Јехова за да го преболиш раскинувањето?
․․․․․
Мисли на иднината
Откако ќе ти се залечат раните, добро е да ја анализираш својата претходна врска. Ако си спремна за тој чекор, можеби ќе ти биде од помош одговорот на следниве прашања:
◼ Дали дечкото ти кажал зошто ти раскинува? Ако да, напиши го тоа на празните линии, сеедно дали сметаш дека е оправдано или не.
․․․․․
◼ Дали мислиш дека имало и други причини за да раскинете?
․․․․․
◼ Дали си можела да сториш нешто за да не раскинете? Ако да, што е тоа?
․․․․․
◼ Дали ова искуство ти помогна да сфатиш кои промени би те направиле духовно или емоционално позрела?
․․․․․
◼ Што би сменила кај себеси ако повторно започнеш романтична врска?
․․․․․
Точно е дека вашата врска не испаднала како што си очекувала. Но, запомни: додека трае една бура, лесно е да се концентрираш на темното небо и на силниот дожд. Меѓутоа, по некое време, дождот ќе престане и облаците ќе се расчистат. Младите што беа цитирани во оваа статија од лично искуство можат да потврдат дека со текот на времето успеале да го преболат раскинувањето. Биди сигурна дека ќе успееш и ти!
[Фусноти]
a Имињата во оваа статија се сменети.
b Иако во оваа статија се цитирани женски лица, начелата за кои се дискутира важат и за машките.
РАЗМИСЛИ
◼ Што научи за себе од поранешната врска?
◼ Што научи за спротивниот пол?
◼ Кому можеш да му се довериш ако те обземат негативни чувства поради раскинувањето?
[Рамка на страница 20]
ПРЕДЛОГ
Сузан, која беше спомната претходно, направила список на стихови за да се потсетува на нив секогаш кога ѝ е многу тешко. И ти би можела да го сториш истото со некои стихови од оваа статија.
[Слика на страница 19]
Раскинувањето е како отворена рана — сега боли, но по некое време ќе се залечи