Депресија — битка со чувствата
„ЕДНО утро, кога имав 12 години, се разбудив, седнав на работ од креветот и почнав да се прашувам дали тој ден ќе умрам“, вели Џејмс,a кој оттогаш страда од тешка депресија. „Секој ден се борам со оваа емоционална и душевна болест“, вели тој сега, по цели 30 години. Како млад, се чувствувал толку безвредно што ги искинал сите слики од детството. „Сметав дека воопшто не заслужувам некој да се сеќава на мене“, се потсетува Џејмс.
Бидејќи одвреме-навреме сите се бориме со чувства на тага, можеби си мислиме дека знаеме што значи да си во депресија. Но, како се чувствуваат оние што имаат клиничка депресија?
Безмилосен натрапник
Клиничката депресија не е само минливо чувство на тага. Таа е сериозно нарушување кое честопати го спречува лицето да си ги извршува секојдневните работи.
На пример, повеќе од 40 години, Алвару го измачуваат чувства на „страв, збунетост, емоционална болка и длабока тага“. Тој објаснува: „Поради депресијата, многу ме погаѓаше она што другите го мислеа за мене. И, секогаш кога нешто немаше да испадне како што треба, мислев дека јас сум крив за тоа“. Еве како тој ја опишува депресијата: „Имаш ужасни болки, но не знаеш каде те боли. Се плашиш, а не знаеш зошто. А што е најлошо, воопшто немаш желба да зборуваш со некого за тоа“. Сега му е полесно затоа што барем знае која е причината за неговите симптоми. Тој вели: „Ми помага тоа што знам дека и други луѓе се борат со истиот проблем“.
Како последица од депресијата, 49-годишната Марија од Бразил страдала од несоница, чувствувала болки и раздразливост, и ‚речиси постојано била тажна‘. Многу ѝ олеснало кога првпат ѝ била воспоставена дијагноза и кога дознала дека нејзината состојба има име. „Но, тогаш се загрижив уште повеќе бидејќи малкумина навистина ја разбираат депресијата и повеќето ја сметаат за нешто срамно“, вели таа.
Тажни без причина?
Иако понекогаш причините за депресијата се очигледни, таа најчесто настапува неочекувано. „Одеднаш, над тебе се надвиснуваат црни облаци на тага, без никаква очигледна причина“, објаснува Ричард од Јужноафриканската Република. „Се чувствуваш потиштен и исцрпен, иако не си доживеал ни смртен случај ни некој потресен настан. И ништо не може да ги растера тие облаци. Паѓаш во очај, а не знаеш зошто.“
Воопшто не е срамно некој да има депресија. Сепак, на Ана од Бразил ѝ било многу срам кога дознала дека има депресија. „Дури и сега, по 8 години, се срамам од себе“, признава таа. Нејзе ѝ е особено тешко да се справи со својата емоционална болка. Таа вели: „Понекогаш ми е толку тешко што чувствувам дури и физичка болка. Сите мускули ме болат“. Во таквите моменти, за неа е речиси невозможно да стане од кревет. Има и денови кога Ана плаче без престан. „Липам толку силно и толку се исцрпувам што имам чувство дека во мене нема капка крв“.
Библијата потврдува дека луѓето можат да паднат во опасна депресија. На пример, апостол Павле изразил загриженост за еден човек, велејќи дека би можело да „го скрши преголемата жалост“ (2. Коринќаните 2:7). Некои депресивни лица се толку вознемирени и збунети што посакуваат да умрат. Многумина се чувствуваат како пророкот Јона, кој рекол: „Подобро ми е да умрам отколку да живеам“ (Јона 4:3).
Што може да стори едно депримирано лице за да се справи со своето нарушување?
[Фуснота]
a Имињата во овие статии се сменети.
[Истакната мисла на страница 3]
„Одеднаш, над тебе се надвиснуваат црни облаци на тага без никаква очигледна причина“