Тие успеале
СТАНАВМЕ ПРИЈАТЕЛКИ
Елиз, 20-годишната ќерка на Филип, живеела со татко ѝ и била одговорна за многу работи дома. Но, тогаш Филип се оженил со Луиз. Дали Луиз и Елиз успеале да најдат заеднички јазик?
Луиз: На почетокот беше многу тешко. Отсекогаш сум била по домаќинските работи и кога дојдов во новото семејство, сакав да се знае дека домот е моја обврска.
Елиз: Луиз ја преуреди куќата и исфрли многу наши работи. Еднаш, суредував низ дома, но некои работи ги ставив на погрешно место затоа што веќе не знаев што каде стои. Ова ја налути Луиз, си кажавме тешки зборови и цела седмица не ѝ зборував.
Луиз: Во еден момент сѐ ми дојде преку глава и ѝ реков на Елиз: „Не знам веќе што да направам. Ова веќе не се трпи!“ Подоцна истата вечер дојде кај мене и ми се извини. Ја прегрнав и се изнаплакавме.
Елиз: Луиз остави некои мои слики на ѕидот, а тато не ги тргна ламбите што јас ги имав наместено во дневната соба. Можеби звучи како ситница, ама со тоа ми помогнаа да видам дека ова е сѐ уште мој дом. Многу сум ѝ благодарна на Луиз и за тоа колку се грижи за мојот помал брат кога тој е кај нас. По две години заеднички живот, почнувам да гледам на неа како на член на семејството.
Луиз: За мене Елиз веќе не е само некој со кого делам ист дом — таа сега ми е добра пријателка.
„НАЈВАЖНО Е ДА СМЕ СЛОЖНИ“
Кога Антон и Марелиз се венчале пред шест години, секој од нив имал по три деца.
Антон: Често правиме работи заедно како семејство. На пример, одиме на кампување. Но, се трудиме и да му посветиме време на секое дете посебно. Ни требаа неколку години за работите да си дојдат на свое место, но сега успеваме да ги решиме повеќето семејни несогласувања.
Марелиз: За нас е важно на децата да гледаме како на „наши“ деца, а не како на „мои“ и „твои“. Се сеќавам дека еднаш се налутив кога сметав дека Антон неправедно искара еден од моите синови, а ќерка му ја остави да седне каде сака во колата. Сфатив дека не е важно кој каде седи — најважно е да сме сложни. Се трудиме да бидеме фер, иако не можеме да постапуваме со сите исто.
Освен тоа, гледам да не зборувам пред другите за убавите моменти од претходниот брак, за да не си помислат дека порано ни било поубаво. Наместо тоа, изразувам благодарност за семејството што го имаме сега.
„НАЈПРВО ГИ ПОФАЛУВАМЕ“
Франсис се оженил со Сесилија пред четири години. Нивното семејство се состои од нејзините три возрасни деца и неговиот син, кој е тинејџер.
Франсис: Се трудам да бидам пристаплив и да не се навредувам лесно. Редовно јадеме заедно и тоа време го користиме за да поразговараме како семејство. Исто така, секому му давам да сработи нешто низ дома, зашто тоа е добро за целото семејство.
Сесилија: Поминувам време со секое од нашите деца и внимателно слушам кога ми кажува што го плаши и што го загрижува. Кога сите сме собрани заедно, прво гледаме да ги пофалиме децата, а потоа да ги поттикнеме да се поправат во нешто. А кога јас ќе направам грешка, си ја признавам и се извинувам.
МЕ ИЗРАСНАА ОЧУВ И МАЌЕА
Јуки (20) последен пат го видел својот татко на пет години. Подоцна, мајка му се омажила за Томонори, но таа починала кога Јуки имал десет години. Пет години подоцна, кога неговиот очув се преженил за Михоко, Јуки останал со очув и со маќеа.
Јуки: Кога мојот очув реши да се прежени си помислив: „Малку ли поминав? Само уште маќеа ми фалеше!“ Не можев да се помирам со тоа и бев ладен со Михоко.
Михоко: Иако мојот сопруг не ми вршеше притисок да го сакам неговиот посинок како што тој го сакаше, решив да се обидам да се зближам со Јуки. Се трудевме некои работи да останат исти како порано — на пример, духовните активности, рекреацијата и разговорите по вечерата. Исто така, многу подобро го разбирам откако разговаравме како се чувствува поради смртта на мајка му.
Кога останав бремена, бевме загрижени како Јуки ќе го прифати тоа и сакавме да му покажеме дека неговата улога во семејството нема да се смени. Му дававме да го храни бебето, да го бања и да му ги менува пелените, а гледавме пред други секогаш да го пофалиме колку ни помага. Малиот Ицуки е многу приврзан за Јуки. Првиот збор не му беше „тато“ или „мама“, туку ниинии (бато).
Јуки: Како посинок, нормално е да се чувствуваш осамен и запоставен. Дури и да пробаш да им објасниш на другите низ што минуваш, не можат потполно да те сфатат. Сепак, можам да кажам дека сохристијаните ми даваат голема поддршка. Повеќе не сум толку ладен со мојата маќеа. Таа ми дава добри совети и со неа можам да зборувам отворено за сѐ.
[Истакната мисла на страница 9]
Биди стрплив! Семејствата со очув или маќеа може да бидат среќни и успешни