СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Комуникација меѓу родител и тинејџер
ПРЕДИЗВИК
Кога беше мал, зборуваше со тебе за сѐ и сешто. Сега, како тинејџер, не ти кажува ништо. Кога ќе пробаш да зборуваш со него, или успеваш да извлечеш само по некое зборче или, пак, избувнува караница која твојот дом го претвора во бојно поле.
Сепак, можеш да научиш да разговараш со својот тинејџер. Но, најпрво да разгледаме два фактора што можат да бидат причина комуникацијата да биде предизвик.a
ЗОШТО ДОАЃА ДО ТОА
Желбата за независност. За да стане одговорна возрасна личност, твојот тинејџер во извесна смисла мора постепено да премине од совозачкото на возачкото седиште и да научи сам да управува по животниот пат кој е полн со опасности. Се разбира, некои тинејџери сакаат поголема слобода од таа што ја имаат. Некои родители, пак, им даваат на своите деца помала слобода од тоа што би можеле. Тоа може да биде причина за затегнати односи кои ќе им задаваат главоболки и на родителите и на децата. „Родителите сакаат да контролираат сѐ во мојот живот“, се жали Бред (16).b „Ако до 18-тата година не ми дадат поголема слобода, си одам од дома!“
Апстрактно размислување. Малите деца обично гледаат на работите круто, за нив постои само црно и бело. Но, многу тинејџери можат да ги видат и сивите нијанси — другите страни на една работа. Ова е важен аспект на апстрактното размислување и ѝ помага на една млада личност да научи добро да ги проценува работите. Да разгледаме еден пример. За едно дете, концептот за правда е многу едноставен: ‚Мама го скрши колачето на две и ми даде пола мене, пола на бато‘. Во овој случај, правдата се сведува на математичка формула. Меѓутоа, тинејџерите сфаќаат дека тој концепт не е толку едноставен. Впрочем, да постапуваш праведно не значи со секого да постапуваш исто. Апстрактното размислување му помага на тинејџерот да се фати во костец со таквите сложени теми. Која е лошата страна на ова? Па, може да се фати во костец и со тебе.
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Почни спонтан разговор секогаш кога е можно. Искористи ги моментите кога сте опуштени. На пример, некои родители увиделе дека еден тинејџер полесно се отвора кога работи нешто со нив или додека се возат заедно во кола, отколку кога ќе го седнат пред себе за да зборуваат. (Библиско начело: 5. Мојсеева 6:6, 7.)
Биди краток. Не мора за секоја работа да зборуваш на долго и на широко. Подобро кажи ја поентата... и тука заврши. Поголемиот дел од она што си го кажал ќе допре до твојот тинејџер подоцна, кога ќе биде сам и ќе може да размисли за тоа. Не скратувај му ја таа можност. (Библиско начело: Изреки 1:1-4.)
Слушај — и биди флексибилен. Слушај внимателно — без да го прекинуваш — за да можеш потполно да сфатиш во што е проблемот. Кога зборуваш, биди разумен. Ако круто се држиш за правилата, тинејџерот ќе биде на искушение да си бара дупки во законот. Книгата Staying Connected to Your Teenager предупредува: „Тоа ги тера децата да живеат двоен живот. На родителите им го кажуваат тоа што сакаат да го чујат, а штом родителите не ги гледаат, прават што сакаат“. (Библиско начело: Филипјаните 4:5.)
Остани смирен. „Кога не се согласуваме за нешто, мајка ми се лути што и да кажам“, вели една тинејџерка по име Кари. „Тоа ме вади од кожа и тогаш нашиот разговор брзо преминува во кавга.“ Наместо да избувнеш, кажи нешто со што ќе покажеш дека сфаќаш како се чувствува твоето дете. На пример, наместо да речеш: „За тоа ли се секираш? Па тоа не е ништо“, би можел да речеш: „Гледам дека оваа работа многу те мачи“. (Библиско начело: Изреки 10:19.)
Колку што е можно, насочувај, не диктирај. Апстрактното размислување на твојот тинејџер е како мускул што треба да се развива. Затоа, кога ќе се соочи со дилема, немој ти да „вежбаш“ место него. Разговарајте за проблемот, но дај му шанса самиот да дојде до некои решенија. Потоа, откако заедно сте разгледале неколку опции, би можел да речеш: „Ова ти се некои можности. Размисли за нив ден-два, и потоа можеме пак да зборуваме која ти се чини најдобра и зошто“. (Библиско начело: Евреите 5:14.)
a Иако во оваа статија за тинејџерот зборуваме во машки род, начелата важат и за двата пола.
b Имињата во оваа статија се сменети.