ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Заштити се од криминал
„Кога е темно, обично пријателите ме испраќаат до дома. Но, една вечер бев толку уморна што повикав такси.
Таксистот не ме однесе дома, туку на едно пусто место, каде што се обиде да ме силува. Почнав да врескам на сет глас и тој се повлече. Кога повторно проба да ми се доближи, пак почнав да викам и да трчам.
Порано си мислев: ‚Е, зарем со викање ќе се спасиш?‘ Но сега од лично искуство знам дека функционира!“ (КАРИН).a
ВО МНОГУ земји, криминалот е секојдневие. На пример, за ситуацијата во својата земја еден судија рекол: „За жал, не е прашање дали, туку кога ќе станеш жртва“. Во други места, можеби криминалот не е толку раширен. Сепак, не е мудро да сме безгрижни, зашто така стануваме полесна жртва.
Сеедно дали живееш во средина со повисока или пониска стапка на криминал, што можеш да направиш за твојата безбедност и безбедноста на твоето семејство? Еден практичен совет е да се држиш за следново библиско начело: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3). Всушност, полицијата им препорачува на луѓето да преземат превентивни мерки, од кои првата би била да не се доведат во ситуација да станат жртви на криминал.
Физичките повреди и материјалната штета не се единствените последици од криминалот. Многу жртви цел живот носат емоционални лузни и се борат со психички последици. Значи, многу е важно да преземеме разумни чекори за да се заштитиме! Во врска со тоа, разгледај што можеш да сториш за да се заштитиш од четири вида криминал — грабеж, сексуален напад, компјутерски (сајбер) криминал и кражба на идентитет.
ГРАБЕЖ
Што е тоа? Грабежот е кражба со примена на сила или закана.
Како влијае врз луѓето? По една серија вооружени грабежи во Британија, една јавна обвинителка забележала дека, иако жртвите не претрпеле никаква физичка повреда, сите доживеале психичка траума. „Неколкумина од нив се жалат на анксиозност и проблеми со спиењето“, вели таа, „и речиси сите велат дека она што го доживеале многу негативно им се одразува врз животот и работата.“
Што можеш да направиш?
Биди внимателен. Крадците ја користат секоја можност што ќе им се укаже за да ограбат некого. Омилена мета им се невнимателните. Затоа, држи ги на око оние што те гледаат, биди свесен за она што се случува околу тебе и немој да си го нарушуваш расудувањето или да си ги затапуваш сетилата со претерано пиење или со дрога. „Кога некој пие или се дрогира“, потешко му е „да размислува јасно и да согледа можна опасност“, пишува во една енциклопедија за здравје.
Заштити го својот посед. Заштити ги возилото и вратите и прозорците во твојот дом. Никогаш не примај непознат. Не се истакнувај со она што го имаш, гледај твоите вредни работи да не паѓаат во очи. „Мудроста е кај скромните“, стои во Изреки 11:2. Најчеста мета на крадците — меѓу кои има и очајни деца — се луѓе што парадираат со скап накит и со електронски уреди.
Побарај совет. „На глупавиот неговиот пат му се чини исправен а кој слуша совет мудар е“ (Изреки 12:15). Ако патуваш некаде, послушај ги советите на мештаните и на локалните власти. Тие може да ти кажат кои места да ги избегнуваш и како да се заштитиш и себеси и личните работи.
СЕКСУАЛЕН НАПАД
Што е тоа? Во сексуален напад не спаѓа само силување туку и други форми на сексуален контакт при кои се користат закани, присила или заплашување.
Како влијае врз луѓето? Една жена што била силувана вели: „Најжалното е што не завршува сѐ со самиот чин на силување. Тоа е нешто што те прогонува долго отпосле и ти го менува гледиштето за животот. Им го менува животот и на твоите блиски“. Се разбира, жртвата не е одговорна за сексуалниот напад. Напасникот е тој што ја сноси целата вина.
Што можеш да направиш?
Не ги игнорирај своите чувства. Од еден полициски оддел во Северна Каролина (САД) го даваат следниот совет: „Ако на некое место или покрај некој човек се чувствуваш непријатно и вознемирено, замини си. Не дозволувај никому да те убеди да останеш ако нешто однатре ти вели да си одиш.“
Не оставај впечаток на несигурност; биди претпазлив. Сексуалните напасници ги напаѓаат невнимателните и беспомошните. Затоа, чекори со сигурност и биди на штрек.
Реагирај брзо. Врескај (5. Мојсеева 22:25-27). Избегај или возврати на начин со кој ќе го фатиш напасникот на препад. И, ако е можно, избегај некаде на безбедно и повикај полиција.b
КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ
Што е тоа? Тоа е криминал извршен на Интернет. Криминални дела од овој тип се затајување данок, незаконско користење на социјални услуги, измама со кредитни картички и недоставување на купена стока. Тука спаѓаат и инвестициски измами, измамнички онлајн аукции и слично.
Како влијае врз луѓето? Цената што ја плаќаат жртвите на компјутерскиот криминал — но и општеството во целина — е милијарди долари. Разгледај го следниов пример. Сандра добила имејл за кој мислела дека е од банката преку кој била замолена да ги обнови податоците од својата банковна сметка. Неколку минути откако ги испратила личните податоци, се шокирала кога видела дека 4.000 американски долари од нејзината сметка биле префрлени на сметка во некоја странска банка. Веднаш ѝ станало јасно дека е жртва на измама.
Што можеш да направиш?
Биди внимателен! Нека не те лаже професионалниот изглед на некоја интернет-страница и имај на ум дека легалните финансиски институции не бараат доверливи информации преку имејл. Пред да купиш нешто или пред да инвестираш во нешто преку Интернет, провери го реномето на фирмата. „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“, пишува во Изреки 14:15. И, биди претпазлив кога имаш работа со фирми со седиште во странство. Ако дојде до проблем, може да биде потешко да се реши.
Истражувај во врска со фирмата и нејзините процедури. Прашај се: ‚Каде е седиштето на оваа фирма? Дали телефонскиот број е точен? Кога купувам нешто, дали се вклучени и некои скриени трошоци? Кога ќе ми биде доставена нарачката? Дали производот може да се врати или дали може да ми бидат вратени парите?
Биди особено внимателен ако понудата изгледа премногу добра. Главна мета на интернет-крадците се алчните и оние што сакаат за малку пари да добијат многу. За да ги намамат жртвите, измамниците обично нудат голема заработувачка со малку труд, нудат заем или кредит дури и на лица што не ги исполнуваат условите или нудат голема добивка за инвестиции со „мал ризик“. „Одвој време за да процениш колку е остварлива понудата“, велат од Федералната комисија за трговија на САД. „Колку поголеми се ветувањата, толку поголем е ризикот. Не дозволувај некој маркетинг агент да те убеди да прифатиш зделка пред да се увериш дека сѐ е во ред.“
КРАЖБА НА ИДЕНТИТЕТ
Што е тоа? Кражба на идентитет вклучува нелегално добивање и користење туѓ идентитет за да се изврши проневера или друг вид криминално дело.
Како влијае врз луѓето? Крадците може да го искористат твојот идентитет за да земат кредитни картички или заеми или за да отворат нови сметки. Потоа, те заглавуваат во долгови до гуша! Дури и ако овие долгови некогаш бидат поништени, банката може да одлучи некое време да не ти дава одредени услуги. „Лошата финансиска репутација ти се одразува врз сѐ — полошо е дури и од тоа да ти ги украдат парите“, вели еден човек на кој му се случило тоа.
Што можеш да направиш?
Заштити ги доверливите информации. Ако вршиш банкарски трансакции или ако купуваш преку Интернет, редовно менувај ги лозинките, посебно ако си користел јавен компјутер. И, како што беше спомнато, биди особено внимателен кога добиваш мејлови во кои се бараат доверливи лични податоци.
Луѓето што сакаат да украдат нечиј идентитет не се служат само со компјутери. Тие на секој начин се обидуваат да дојдат до важни документи, како што се банковни извештаи, штедни книшки, кредитни картички и нечиј матичен број. Затоа, чувај ги овие работи на безбедно место и уништи ги сите доверливи документи пред да ги фрлиш. Се разбира, ако мислиш дека некој документ ти е изгубен или украден, пријави го тоа веднаш.
Води евиденција за твоите извештаи. „Најсилно оружје против... кражбата на идентитет е редовно да ги проверуваш сметките“, вели Федералната комисија за трговија. „Многу е важно кражбата на идентитетот да се открие рано.“ Затоа, редовно проверувај ги банковните извештаи, барем еднаш месечно, и веднаш реагирај ако забележиш необична трансакција.
Се разбира, во овој свет ништо не е сигурно. Дури и луѓе што биле крајно претпазливи, станале жртви на криминал. Имајќи го ова на ум, секогаш е за наше добро да ги следиме мудроста и разбирањето што можеме да ги стекнеме преку Библијата. „Не оставај ја мудроста, и таа ќе те чува. Сакај ја, и ќе те штити“ (Изреки 4:6). Што е уште поважно, Библијата ветува дека на криминалот ќе му биде ставен крај.
Наскоро свет без криминал
Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе му стави крај на криминалот? Размисли за следново:
Бог сака да му стави крај на криминалот. „Јас, Јехова, ја сакам правдата, а ги мразам грабежот и неправдата“ (Исаија 61:8).
Тој може да го спречи криминалот. „Тој е возвишен во својата сила. Правдата и големата праведност тој нема да ги омаловажи“ (Јов 37:23).
Ветил дека ќе ги уништи злобните и ќе ги спаси праведните. „Оние што прават зло, ќе бидат истребени.“ „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:9, 29).
На своите верни слуги им ветил дека ќе живеат во мирољубив нов свет. „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).
Те допираат ли до срце овие зборови? Тогаш, одвој време да провериш што вели Библијата и дознај повеќе за Божјата намера со човештвото. Ниедна друга книга не содржи толкава мудрост. И ниедна друга книга не ни дава посигурна надеж за подобро утре — живот без криминал.c
a Имињата се сменети.
b Повеќето жртви на сексуален напад го познаваат напасникот. Повеќе информации можеш да најдеш во поглавјето „Како да се заштитам од сексуални напасници?“ на 228. страница од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1. Оваа книга е достапна на www.jw.org/mk.
c Нешто повеќе за важни библиски учења има во книгата Што навистина учи Библијата? Оваа книга можеш бесплатно да ја добиеш од Јеховините сведоци или можеш да ја читаш онлајн на www.jw.org/mk.