Зошто толку многу луѓе се осамени?
Луѓето се чувствуваат осамено од различни причини. Ако разбереш зошто се чувствуваш осамено, веројатно ќе ти биде полесно да се справиш со тоа чувство.
ЗОШТО ЛУЃЕТО СЕ ЧУВСТВУВААТ ОСАМЕНО?
Некои луѓе се чувствуваат осамено затоа што немаат многу прилики да поминуваат време со други. На пример, може да се чувствуваш осамено ако:
не можеш да бидеш со семејството и пријателите толку често колку што би сакал.
обично немаш со кого да се дружиш во слободното време и кога другите уживаат во животот заедно со некој друг.
немаш пријатели со кои имаш нешто заедничко.
не си вклучен во некои друштвени активности поради твојата возраст, здравјето или други околности врз кои не можеш да влијаеш.
си го изгубил твојот круг на пријатели затоа што си сменил училиште, си завршил со школувањето, си се преселил или си се пензионирал.
Некои луѓе често поминуваат време со други, но и покрај тоа се чувствуваат осамено затоа што немаат или изгубиле близок пријател. Ова можеби е случај и со тебе ако:
ти починал сопружникот или некој близок пријател.
си се разделил или развел од твојот сопружник.
сакаш да стапиш во брак, но сѐ уште не си ја нашол вистинската личност.
мислиш дека никој не те сака или дека никој не те разбира.
имаш чувство дека никој од оние кои ги познаваш не одвојува време вистински да те запознае и да разбере како се чувствуваш.
Други, пак, се борат со осаменост затоа што имаат чувство дека нивниот живот нема смисла. Тие можеби се опкружени со пријатели, но сепак мислат дека нивниот живот нема никаква цел. Празнината што ја чувствуваат придонесува да мислат дека никој не може да ги разбере.
Многу фактори можат да придонесат да се чувствуваш осамено. Сепак, ти можеш да се избориш со тоа чувство!
ФАКТОРИ ШТО ЈА ЗГОЛЕМУВААТ ОСАМЕНОСТА
Технологијата. Современата технологија може да биде многу корисна, но од друга страна, поради неа многу луѓе сѐ помалку контактираат со други. На пример, наместо да одат во продавница и да комуницираат со вработените во продавницата, многумина купуваат онлајн. Исто така, технологијата им овозможува на луѓето да работат од друго место, обично од дома. Но, размисли какво влијание имаат социјалните мрежи. Иако од ден на ден тие ни овозможуваат да сме во контакт со сѐ повеќе луѓе, некои забележале дека тие се причина да се појават или да се засилат чувствата на осаменост. На пример, кога на нивните објави нема да добијат доволно лајкови, се чувствуваат несакано. Кога ќе видат слики на кои другите уживаат заедно со своите пријатели, се чувствуваат отфрлено и им паѓа тешко бидејќи се потсетуваат дека тие немаат пријатели.
Менталното здравје. Чувствата на осаменост можат да се одразат врз менталното здравје, а проблемите со менталното здравје можат уште повеќе да ги зголемат чувствата на осаменост. Осаменоста може да биде причина да се појават или да се засилат чувствата на анксиозност и депресија. А кога некој страда од депресија, може да мисли дека неговиот живот нема смисла и се чувствува уште поосамено. Освен тоа, анксиозноста и чувствата на безвредност можат да ни отежнат да се зближиме со другите и да побараме помош.a
Средината. На некои места луѓето треба многу да работат за да не ја изгубат работата или за да можат да ги покријат трошоците. Како резултат на тоа, често се исцрпени и немаат време да изградат цврсти пријателства. Други, пак, имаат ограничени можности да склопат пријателства затоа што живеат на места со строги општествени норми кои одредуваат кој со кого може да се дружи. А некои живеат во средина во која луѓето се премногу концентрирани на себе си, создавајќи атмосфера во која е тешко да имаш вистински пријатели.
Лошите искуства. Оние кои биле физички или емоционално злоупотребени во минатото имаат рани за кои е потребно долго време да се залечат. Поради тоа, може да им е тешко да имаат доверба во другите и да склопат пријателства.
МОЖЕШ ДА ЈА ПОБЕДИШ ОСАМЕНОСТА
Без разлика од која причина се чувствуваш осамено, можеш да преземеш чекори за да се справиш со тоа чувство. Многу луѓе успеале во тоа. Во следните статии ќе биде разгледано како успешно да се бориш со осаменоста.
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ: Гледај го видеоклипот Што треба да знаеш за социјалните мрежи.
a Оние кои подолго време се борат со анксиозност и депресија треба да побараат стручна помош. Тоа што ќе го добијат соодветното лекување ќе им помогне полесно да се справат со осаменоста.