Приказна 40
Мојсеј удира во карпата
ЕДНА по една, поминале 10, 20, 30, 39 години, а Израелците сѐ уште биле во пустината. Но во сите тие години, Јехова се грижел за својот народ. Ги хранел со мана. Ги водел дење со столб од облак, а ноќе со столб од оган. И за сите тие години, не им се излитила облеката и не ги болеле нозете.
Во првиот месец од 40-тата година откако го напуштиле Египет, Израелците повторно се улогориле во Кадис. Таму биле и 40 години пред тоа, кога ги испратиле 12-те извидувачи да ја разгледаат ханаанската земја. Во Кадис умрела и Маријам, сестрата на Мојсеј. Но, како и претходно, на тоа место повторно имале тешкотии.
Народот не можел да најде вода. Затоа му се жалеле на Мојсеј: ‚Подобро ќе беше да умревме. Зошто нѐ доведе од Египет на ова ужасно место каде што ништо не расте? Овде нема жито, нема смокви, нема грозје, нема калинки. Нема дури ни вода за пиење!‘
Кога Мојсеј и Арон отишле во светиот шатор за да се помолат, Јехова му рекол на Мојсеј: ‚Собери го народот, па пред сите нив речи ѝ на онаа карпа да пушти вода. Тогаш од неа ќе излезе доволно вода за народот и за нивните животни‘.
И Мојсеј го собрал народот, па му рекол: ‚Слушајте, вие што немате доверба во Бог! Мораме ли Арон и јас да ви извадиме вода од оваа карпа?‘ Тогаш Мојсеј двапати ја удрил карпата со својот стап, и голем млаз вода потекол од неа. Имало доволно вода за да пијат и целиот народ и сите животни.
Но Јехова им се налутил на Мојсеј и на Арон. Дали знаеш зошто? Затоа што Мојсеј и Арон рекле дека тие ќе извадат вода од карпата. Но, всушност, тоа го сторил Јехова. И поради тоа што Мојсеј и Арон не ја кажале вистината, Јехова рекол дека ќе ги казни. ‚Вие нема да го одведете мојот народ во Ханаан‘, рекол тој.
Набрзо потоа Израелците заминале од Кадис. По некое време, дошле на планината Хор. Таму, на врвот од планината, Арон умрел. Кога умрел, имал 123 години. Израелците биле многу тажни, па затоа 30 дена целиот народ плачел по Арон. Неговиот син Елеазар станал следниот првосвештеник на израелскиот народ.
4. Мојсеева 20:1-13, 22-29; 5. Мојсеева 29:5; Неемија 9:21.