Глава 14
,Јас склучувам со вас сојуз за Царство‘
1. Каков изглед поставил Исус пред своите апостоли ноќта пред својата смрт?
ВО НОЌТА пред да го убијат, Исус им рекол на своите верни апостоли: ‚Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. Одам да ви приготвам место за да бидете и вие каде што сум Јас‘. Потоа додал: „Јас склучувам со вас сојуз, токму како што мојот Татко склучил со мене сојуз за Царство“ (Јован 14:2, 3; Лука 22:29, NW). Каков извонреден изглед им понудил!
2. Колкумина ќе учествуваат со Христос во неговото небесно Царство?
2 Меѓутоа, Исус не мислел дека само апостолите ќе владеат со него во неговото небесно Царство. Подоцна било објавено дека 144.000 откупени од Земјата ќе ја имаат таа голема предност (Отк. 5:9, 10; 14:1, 4). Дали некои денес тежнеат да го постигнат тоа?
Собирање на наследниците на Царството
3. На каква можност Исус свртел внимание во својата јавна служба?
3 Откако Ирод Антипа го затворил Јован Крстител, Исус презел интензивна акција на јавно проповедање во која вниманието го сосредоточил на „царството небесно“ (Мат. 4:12, 17). Им објаснил на луѓето дека за нив ќе постои прилика да влезат во тоа Царство, а неговите ученици сериозно тежнееле кон таа награда (Мат. 5:3, 10, 20; 7:21; 11:12).
4. а) Кога првите Исусови ученици биле помазани со свет дух? б) Што покажува дека оттогаш вниманието било насочено кон собирањето на наследниците на Царството?
4 На Пентакост 33. н. е., првите од нив биле помазани со свет дух (Дела 2:1-4; 2. Кор. 1:21, 22). Била објавена Божјата подготовка за спасение која води до бесмртен небесен живот. Петар ги употребил „клучевите од небесното царство“ за да им го отвори ова спознание — прво на Евреите, потоа на Самарјаните и на крај на луѓето од паганските нации (Мат. 16:19). Било посветено посебно внимание за составувањето на владата која треба да владее со човештвото 1.000 години, па скоро сите вдахновени писма во Христијанските Грчки списи првенствено се упатени до оваа група на наследници на Царството — до ‚светите‘, „учесници во небесното призвание“.a
5. Дали биле повикани за небесен живот затоа што биле подобри Божји слуги од оние кои живееле порано?
5 Тоа што биле повикани за небесен живот не е затоа што на некој начин биле подобри од сите други Божји слуги кои умреле пред Пентакост 33. н. е. (Мат. 11:11). Не, туку Јехова тогаш почнал да ги избира оние кои би биле совладетели со Исус Христос. Отогаш, 19 векови постоел само еден позив — небесниот. Тоа било незаслужена доброљубивост која Бог ја покажал спрема ограничен број луѓе за унапредување на своите мудри и љубезни намери (Еф. 2:8-10).
6. а) Зошто мора да дојде време кога небесниот позив ќе престане? б) Кој требало да ги води работите кон исполнување и на пророштвото во врска со ‚големото мноштво‘, и што всушност се случило?
6 Со време, пропишаниот, но ограничен број од 144.000 требало да се пополни. Тогаш би било близу и конечното запечатување на овие духовни Израелци во знак на Јеховиното одобрување (Отк. 7:1-8). Потоа Јехова, преку својот дух и преку разбирањето на неговата Реч што ѝ го овозможил на својата видлива организација, ќе ги управува работите така што ќе се исполни еден друг дел од неговата намера, опишана во Откровение 7:9-17. Од сите нации ќе се собере „големо мноштво“, со восхитувачки изглед да ја преживее големата неволја и да живее засекогаш во совршенство во земски Рај. Ако разгледаме што всушност се случило, се чини јасно дека небесниот позив воглавно бил завршен околу 1935 н. е., кога јасно се распознала земската надеж на ‚големото мноштво‘. Оттогаш, на неколкуте илјади останати од небесната класа им се придружиле милиони обожаватели на Јехова кои сериозно се надеваат засекогаш да живеат токму овде, на Земјата.
7. Дали е можно дури и денес некои да добијат небесен позив, и зошто одговараш така?
7 Дали тоа значи дека сега Бог никого повеќе не повикува за небесен живот? Додека не се изврши конечното запечатување, можно е некои од оние кои имаат таква надеж да станат неверни, а на нивно место ќе бидат избрани други. Но, разумно е да се прифати дека тоа многу ретко се случува.
Духовни синови — како го знаат тоа?
8. Какво објаснување дал Павле за да покаже како некој знае дека е роден преку свет дух?
8 На крстените христијани кои примиле небесен позив, Божјиот дух им дава потврдно уверување дека се посвоени како духовни синови. Апостол Павле го покажал ова кога им напишал на „светите“ (NW) во Рим, опишувајќи каква била ситуацијата на сите вистински христијани во тоа време. Тој рекол: „Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку кого велиме: ‚Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји“ (Рим. 1:7; 8:14-17).
9. Како ‚самиот Дух му сведочи‘ на духот на оние дека се навистина синови Божји?
9 Две употреби на зборот „дух“ го привлекуваат нашето внимание: „самиот Дух“ и „нашиот дух“. Првиот е Божјата невидлива активна сила. Во неговите духовни деца тој влева увереност дека се присвоени како Божји слободни деца. Тој дух исто така сведочи преку Божјата вдахновена Реч, Библијата, која е како лично писмо до неговите духовни деца (1. Петр. 1:10-12). Кога читаат што им велат Писмата на оние кои се духовни Божји синови, сите оние кои се родиле преку свет дух прикладно реагираат: ‚Тоа се однесува на мене‘. Така Божјата активна сила на различни начини му сведочи на нивниот дух, мотивирачката сила на нивниот ум и срце, дека се Божји деца. Во согласност со она што Божјиот дух го потврдува на таков начин, тие ги насочуваат своите умови и срца кон изгледот да станат сонаследници со Христос, и ги прифаќаат одговорностите како Божји духовни деца (Фил. 3:13, 14).
10. а) Кои фактори, сами по себе, не докажуваат дека некој е помазан христијанин? б) Какво становиште заземаат ‚другите овци‘ во врска со нивното место во Божјата намера?
10 Дали е тоа случај и со тебе? Ако е така, ти имаш прекрасна предност. Меѓутоа, би било погрешно ако некој мисли дека е духовно помазан христијанин ако покажува силно ценење за подлабоките духовни работи, или ако е ревносен во службата на проповедање или има силна љубов кон браќата. Таквите работи се својствени и за многумина од ‚другите овци‘. И нивните срца се поттикнати од она што го читаат во Писмата во врска со Христовите сонаследници, но не си дозволуваат да бараат за себе нешто што Бог не го наменил за нив. (Спореди 4. Мојсеева 16:1-40.) Тие ја сфатиле Божјата првобитна намера со Земјата и работат со ценење за да имаат учество во неа.
Достојно учество
11. Кој присуствува на годишната Спомен-свеченост за Исусовата смрт, и зошто?
11 Секоја година на 14. низан, после зајдисонце, помазаните следбеници на Исус Христос во сите делови на Земјата се сеќаваат на неговата смрт, во склад со упатствата што им ги дал на своите апостоли (Лука 22:19, 20). ‚Другите овци‘ исто така присуствуваат, но не учествуваат во земањето од лебот и виното, туку се само посматрачи исполнети со почитување.
12. Како некои рани христијани во Коринт пропуштиле да покажат соодветно ценење за Господовата Спомен-вечера?
12 Тоа не е безначаен религиозен ритуал, туку е многу значаен настан. На христијаните од првиот век во Коринт (Грција), од кои некои не покажувале доволно ценење за таа прилика, апостол Павле им напишал сериозен совет со зборовите: „Оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа“. Што ги направило ‚недостојни‘ учесници? Тие не се подготвиле прикладно во срцето и мислите. Постоеле и расцепи во собранието. Исто така некои претерано јаделе и пиеле пред состанокот, а спрема Господовата Спомен–-вечера се однесувале со рамнодушност. Не биле во состојба да го распознаат сериозното значење на лебот и виното (1. Кор. 11:17-34).
13. Кое е значењето на лебот и виното кои се служат на Спомен-свеченоста?
13 Што тие всушност преставуваат? Не се работи за некакво наводно чудесно претворање на лебот и виното. Христос во никаков поглед не се жртвува повторно при секоја Спомен–свеченост. Библијата тврди дека „Христос, . . . еднаш [засекогаш, NW] се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги премавне [понесе, NW] гревовите на многумина“ (Евр. 9:28; 10:10; Рим. 6:9). Бесквасниот леб и црвеното вино се само симболи кои го претставуваат дословното тело што го жртвувал Исус и дословната крв што ја пролеал. Но колку се само драгоцени овие стварности! Исусовото безгрешно човечко тело било дадено за човештвото да ја има можноста да живее засекогаш (Јован 6:51). А неговата пролиена крв служи за двојна цел — да ги очисти од грев оние луѓе кои покажуваат вера во неа, и да стапи на сила новиот сојуз помеѓу Бог и собранието на духовниот Израел кој се состои од духовно помазани христијани (1. Јов. 1:7; 1. Кор. 11:25; Гал. 6:14-16). Овие драгоцени подготовки им овозможиле на членовите на ‚малото стадо‘ Бог да ги прогласи за праведни, всушност да може да им се припише човечка совршеност (Лука 12:32). Тоа е сторено за да можат тие да се родат преку свет дух како Божји синови, со изглед да учествуваат со Христос во неговото небесно Царство. И додека секоја година земаат од симболите на Спомен–-свеченоста, сведочат за својата небесна надеж, а со тоа се обновува и продлабочува нивното ценење за тоа што се во ‚новиот сојуз‘ што го посредувал Христос (Евр. 8:6-12).
,Ќе појдеме со вас‘
14. а) Зошто ‚другите овци‘ не земаат од симболите на Спомен-свеченоста, но што очекуваат желно? б) Како тие гледаат на своето заедништво со остатокот од наследници на Царството?
14 ‚Другите овци‘ распознаваат како Јехова постапува со помазаните, па им се придружуваат, велејќи: „Ќе појдеме со тебе [„со вас“, NW], оти чувме дека Бог е со вас“ (Зах. 8:20-23). Не само што се собираат со нив, туку и заедно учествуваат во објавувањето на добрата вест за Царството по целата населена Земја. Меѓутоа, ‚другите овци‘ не се земени во ‚новиот сојуз‘ со духовниот Израел, ниту се вклучени во ‚сојузот . . . за царство‘ што го склучил Исус со оние кои ги избрал да делат небесен живот со него, па оттука, прикладно не земаат од симболите на Спомен-свеченоста (Лука 22:20, 29, NW). Но, додека ‚новиот сојуз‘ ја исполнува својата цел — собирање на последните членови на ‚малото стадо‘ за небесното Царство — ‚другите овци‘ сфаќаат дека ова укажува дека се приближуваат благословите кои тие ќе ги добијат на Земјата преку тоа Царство. За нив е предност што во текот на „последните денови“ служат обединето со лојалниот остаток на наследниците на Царството.
[Фуснота]
a Види ги уводните стихови во Римјаните 1:1; 1. Коринтјаните 1:1 и 2. Коринтјаните 1:1, Ефесјаните 1:1, Филипјаните 1:1, Колосјаните 1:1, Тит 1:1, 1. Петрово 1:1 и 2. Петрово 1:1; исто така Галатјаните 3:26-29; 1. Солунјаните 2:12; 2. Солунјаните 2:14; 2. Тимотеј 4:8; Евреите 3:1; Јаков 1:18; 1. Јованово 3:1, 2 и Јуда 1.
За повторување
● Зошто во Христијанските Грчки списи толку многу се насочува вниманието на небесната надеж?
● Како некој знае дека е роден како Божји син? Кое е значењето на симболите на Спомен-свеченоста што ги земаат тие лица?
● Како ‚другите овци‘ покажуваат дека навистина се обединети со ‚малото стадо‘?