Поглавје 8
Напрегајте се за да бидете победници
СМИРНА
1. а) Кое е следното собрание што добило порака од прославениот Исус? б) На што ги потсетил Исус христијаните во тоа собрание кога за себе рекол дека е „Првиот и Последниот“?
ДЕНЕС древниот Ефес лежи во урнатини. Но, на местото каде што Исус ја испратил својата втора порака сѐ уште постои прометен град. На околу 55 километри северно од урнатините на Ефес се наоѓа турскиот град Измир, каде што и денес има четири ревносни собранија на Јеховините сведоци. Во првиот век, на ова место се наоѓала Смирна. Забележи што вели Исус понатаму: „На ангелот на собранието во Смирна напиши му: Ова го вели тој, ‚Првиот и Последниот‘, кој беше мртов и оживеа“ (Откровение 2:8). Со овие зборови Исус ги потсетува христијаните во Смирна дека тој бил првиот верен слуга кого Јехова директно го воскреснал како бесмртно духовно суштество и последниот што ќе биде воскреснат на таков начин. Исус е тој што ќе ги воскресне сите други помазани христијани. Затоа има право да им даде совет на своите браќа, кои исто така се надеваат да живеат како бесмртни духовни суштества на небото заедно со него.
2. Зошто сите христијани можат да се утешат од зборовите на оној што ‚умрел и оживеал‘?
2 Исус го дал најдобриот пример за тоа како треба без попуштање да се претрпи прогонство заради праведноста, и ја добил заслужената награда. На неговата верност до смрт и на неговото воскресение се темели надежта на сите христијани (Дела 17:31). Тоа што Исус ‚умрел и оживеал‘ покажува дека, што и да мораме да претрпиме поради вистината, нема да биде залудно. Воскресението на Исус е извор на големо охрабрување за сите христијани, особено кога мораат да страдаат за својата вера. Дали си и ти во ваква ситуација? Тогаш, ќе се охрабриш од следните зборови што Исус му ги кажал на собранието во Смирна.
3. а) Со кои зборови Исус ги охрабрил христијаните во Смирна? б) Иако христијаните во Смирна биле сиромашни, зошто Исус рекол дека се „богати“?
3 „Ја знам твојата неволја и сиромаштвото — но ти си богат! Ги знам и хулите на оние што се нарекуваат Евреи, а не се, туку се синагога на Сатана“ (Откровение 2:9). Исус не може да каже ништо лошо за своите браќа во Смирна — за нив има само срдечна пофалба. Тие претрпеле многу неволји поради својата вера. Најверојатно затоа што му се верни, тие се сиромашни во материјален поглед (Евреите 10:34). Сепак, најмногу се заинтересирани за духовните работи, и си собираат богатство на небото, како што советувал Исус (Матеј 6:19, 20). Затоа во очите на Главниот Пастир тие се „богати“. (Спореди Јаков 2:5.)
4. Од кого поднеле големо противење христијаните во Смирна, и што мислел Исус за тие противници?
4 Исус спомнува дека христијаните во Смирна поднеле големо противење од родените Евреи. Во почетокот, кога христијанството почнало да се шири, мнозина Евреи одлучно му се спротивставиле (Дела 13:44, 45; 14:19). Сега, само неколку децении по падот на Ерусалим, Евреите во Смирна го покажуваат истиот сатански дух. Не е ни чудо што Исус ги нарекува „синагога на Сатана“!a
5. Какви искушенија ги чекале христијаните во Смирна?
5 Со оглед на тоа што се соочуваат со таква омраза, Исус ги утешува христијаните во Смирна со следниве зборови: „Не плаши се од она што ќе го претрпиш. Еве, Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани и да бидете во неволја десет дена. Биди верен до смрт, и ќе те наградам со живот“ (Откровение 2:10). Тоа што Исус овде трипати им се обраќа на христијаните користејќи второ лице множина, покажува дека овие зборови се однесуваат на целото собрание. Тој не може да вети дека искушенијата на христијаните во Смирна наскоро ќе завршат. Некои од нив и понатаму ќе бидат прогонувани и ќе бидат фрлани во затвор. Ќе бидат во неволја „десет дена“. Бројот десет симболизира земна потполност или целосност. Дури и овие верни лица што се духовно богати ќе бидат потполно искушани додека се на Земјата.
6. а) Зошто христијаните во Смирна не требало да се плашат? б) Како Исус ја завршил својата порака до собранието во Смирна?
6 Сепак, христијаните во Смирна не треба ниту да се плашат ниту да попуштат. Ако останат верни до крајот, ги чека награда — „живот“. Во нивниот случај, тоа е бесмртен живот на небото (1. Коринќаните 9:25; 2. Тимотеј 4:6-8). Апостол Павле сметал дека вреди да жртвува сѐ — па дури и својот живот како човек на Земјата — за да ја добие оваа скапоцена награда (Филипјаните 3:8). Очигледно, и овие верни поединци во Смирна гледаат на работите на ист начин. Исус ја завршува својата порака велејќи: „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата: На оној што ќе победи, втората смрт нема да му наштети“ (Откровение 2:11). На победниците им е загарантиран бесмртен живот на небото — живот кој никогаш нема да заврши со смрт (1. Коринќаните 15:53, 54).
„Неволја десет дена“
7, 8. Исто како собранието во Смирна, на кој начин христијанското собрание било ‚потполно искушано‘ во 1918 година?
7 Многу слично на христијаните во Смирна, класата на Јован и нивните придружници во наше време беа, но и понатаму се ‚потполно искушани‘. Тоа што остануваат верни кога се во искушение е доказ дека навистина се Божји народ (Марко 13:9, 10). Кратко време откако почна денот на Господарот, зборовите што Исус им ги кажал на христијаните во Смирна ѝ донесоа вистинска утеха на малата меѓународна група Јеховини слуги (Откровение 1:10). Уште од 1879 година, тие ископуваат духовни богатства од Божјата реч и великодушно ги делат со другите. Но, во Првата светска војна се соочија со силна омраза и противење, делумно затоа што не дозволија да ги зафати воената треска, а делумно и затоа што бестрашно ги разоткриваа грешките на христијанскиот свет. Прогонството подбуцнато против нив од страна на некои водачи во христијанскиот свет беше најжестоко во 1918 година, и може да се спореди со прогонството што го доживеале христијаните во Смирна од тамошната еврејска заедница.
8 Прогонството во Соединетите Американски Држави достигна кулминација на 22 јуни 1918 година, кога новиот претседател на Watch Tower Society, Џозеф Ф. Ратерфорд, и седум негови соработници беа затворени. Повеќето од нив беа осудени на 20 години затвор. Девет месеци подоцна беа условно пуштени. На 14 мај 1919 година, Апелациониот суд ги поништи погрешните пресуди бидејќи се покажа дека имало 130 грешки во текот на судскиот процес. Римокатоличкиот судија Ментон, витез од редот на Св. Грегориј Велики, кој во 1918 година одби да ги пушти овие христијани со кауција, подоцна, во 1939 година, беше осуден на две години затвор и парична казна од 10.000 американски долари на темел на шест обвиненија за изнудување и примање мито.
9. Како постапувал Хитлер со Јеховините сведоци во нацистичка Германија, и како реагирало свештенството на тоа?
9 Во текот на нацистичкото владеење во Германија, Хитлер го забрани во потполност проповедањето на Јеховините сведоци. Со години, илјадници Сведоци беа безмилосно затворани во концентрациони логори и затвори, каде што многу од нив умреа, а околу 200 млади мажи, кои одбија да се борат во војската на Хитлер, беа погубени. Изјавата на еден католички свештеник, која излезе во весникот The German Way од 29 мај 1938 година, е јасна потврда дека свештенството го поддржувало сето ова. Еве дел од таа изјава: „Сега има една држава на Земјата каде што таканаречените... Истражувачи на Библијата [Јеховините сведоци] се забранети. Тоа е Германија!.. Кога Адолф Хитлер дојде на власт, и католичкиот епископат во Германија повторно му го изнесе своето барање, Хитлер рече: ‚Овие таканаречени Искрени истражувачи на Библијата [Јеховините сведоци] прават многу проблеми... Ги сметам за измамници и нема да толерирам тој американски судија Ратерфорд да ги оцрнува германските католици на таков начин. Ги забранувам [Јеховините сведоци] во Германија‘“. На ова свештеникот додал: „Браво!“
10. а) Додека денот на Господарот продолжува да тече, со какво прогонство се соочуваат Јеховините сведоци? б) Какви биле честопати резултатите кога христијаните се бореле на суд за својата верска слобода?
10 Додека денот на Господарот продолжува да тече, Змијата и нејзиното потомство не престануваат да се борат против помазаните христијани и нивните придружници. Многу од нив беа затворани и жестоко прогонувани (Откровение 12:17). Иако непријателите продолжуваат да ‚создаваат проблеми со помош на законот‘, Јеховините слуги и понатаму непоколебливо велат: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Псалм 94:20; Дела 5:29). Во една Стражарска кула од 1954 година стоеше: „Во изминативе четириесет години, во едно или во друго време, повеќе од седумдесет земји ги прогонуваа Јеховините сведоци и донесоа одредби за да ги ограничат нивните дејности“. Кога имаа можност да се борат на суд за својата верска слобода, овие христијани го правеа тоа, и извојуваа големи победи во судските спорови во повеќе земји. Само на Врховниот суд во САД, Јеховините сведоци имаат добиено 50 случаи.
11. Кое Исусово пророштво за знакот на неговата присутност се исполнува на Јеховините сведоци во денот на Господарот?
11 Ниту една друга група не ја слушала толку совесно Исусовата заповед да му го враќа цезаревото на цезарот (Лука 20:25; Римјаните 13:1, 7). И, ниту една друга група луѓе не биле затворани во толку многу земји и под толку многу различни влади — а ова се прави до ден-денес во двете Америки, во Европа, Африка и Азија. Во своето значајно пророштво за знакот на својата присутност, Исус ги кажал и следниве зборови: „Тогаш од луѓето ќе трпите неволји и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Матеј 24:3, 9). Ова навистина се исполнува врз христијанските Сведоци на Јехова во денот на Господарот.
12. Како класата на Јован ги зајакнала Божјите слуги за да истрајат под прогонство?
12 За да ги зајакне Божјите слуги да ги истрпат неволјите, класата на Јован постојано ги потсетува на суштината на она што им го кажал Исус на христијаните во Смирна. На пример, кога почна прогонството од нацистите, во Стражарска кула од 1933 и 1934 година излегоа статии како што беа: „Не плашете се од нив“ (во која беа разработени стиховите од Матеј 10:26-33), „Вжарената печка“ (на темел на Даниел 3:17, 18) и „Устата на лавовите“ (чие мото беше стихот од Даниел 6:22). Во 1980-тите, кога оваа книга беше издадена за првпат и Јеховините сведоци беа изложени на жестоки прогонства во повеќе од 40 земји, Стражарска кула го зајакна Божјиот народ со статии како што беа „Среќни иако прогонувани!“ и „Христијаните истрајуваат и покрај прогонствата“.b
13. Исто како христијаните во Смирна, зошто христијанските Сведоци на Јехова не се плашат од прогонство?
13 Навистина, христијанските Сведоци на Јехова трпат физичко прогонство и други искушенија во текот на симболични десет дена. Исто како христијаните во Смирна, тие не се плашат, а и никој од нас не треба да се плаши додека неволјите на Земјата се зголемуваат. Спремни сме да претрпиме страдања и со радост да го поднесеме дури и ‚одземањето на нашиот имот‘ (Евреите 10:32-34). Ако ја проучуваме Божјата реч и ако таа стане дел од нас, ќе бидеме опремени да стоиме цврсто во верата. Биди уверен дека Јехова може да те чува и навистина ќе ти помогне да му останеш верен. „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6-11).
[Фусноти]
a Околу 60 години по смртта на Јован, 86-годишниот Поликарп бил запален на клада во Смирна бидејќи не сакал да се откаже од својата вера во Исус. Мачеништвото на Поликарп (The Martyrdom of Polycarp), дело за кое се смета дека е пишувано во времето кога тој бил погубен, вели дека, кога требало да се донесат дрва за кладата, ,Евреите, по обичај, го правеле тоа со горливост‘ — иако ова погубување било извршено на „голема сабота“.
b Стражарска кула од 1 ноември 1933 година (англ.); од 1 и 15 октомври, 1 и 15 декември 1934 година (англ.); и од 1 септември 1983 година.
[Рамка/слика на страница 39]
Веќе долги години историчарите наведуваат нови и нови докази дека Јеховините сведоци во Германија му останаа верни на Бог за време на нацистичкиот режим. Историчарката Клаудија Кунц, во својата книга Мајките во татковината (Mothers in the Fatherland), издадена во 1986 година, го вели следново: „Огромен број Германци што не беа нацисти најдоа начин да преживеат под режимот што го презираа... На другиот крај од спектарот — во однос на бројноста и идеологијата — беа 20.000 Јеховини сведоци кои, сите до еден, јасно и гласно одбија да ѝ бидат послушни на нацистичката држава на каков и да било начин... Религијата беше тоа што ја држеше цврсто поврзана оваа група, која даде најголем отпор. Уште од самиот почеток, Јеховините сведоци не соработуваа со нацистичката држава во ниту еден поглед. Дури и откако Гестапо го уништи нивното седиште во земјата во 1933 година и ја забрани сектата во 1935 година, тие не сакаа да кажат ниту едно ‚Хајл Хитлер‘. Околу половина од сите Јеховини сведоци (главно мажи) беа испратени во концентрациони логори, една илјада од нив беа погубени, а уште една илјада умреа меѓу 1933 и 1945 година... Католиците и протестантите беа поттикнати од своето свештенство да соработуваат со Хитлер. Доколку некој од нив воопшто дал отпор, тоа го направил против наредбите и на Црквата и на Државата“.