22. поглавје
Да се препознае вистинската религија
1. Кој ја извршувал вистинската религија во првиот век?
НЕ ПОСТОИ сомнение кој ја извршувал вистинската религија во првиот век. Тоа биле следбениците на Исус Христос. Сите тие припаѓале на една христијанска организација. Но, како е денес? Како можат да се препознаат оние кои ја извршуваат вистинската религија?
2. Како можеме да ги препознаеме оние кои ја извршуваат вистинската религија?
2 Објаснувајќи на кој начин можеме да го сториме тоа, Исус рекол: ”Ќе ги препознаете по нивните родови (...) Така секое добро стебло раѓа добар род, а зло стебло раѓа зол [безвреден, NW] род (...) Значи: ќе ги препознаете по нивните родови“ (Матеј 7:16–20, Ст). Кои добри плодови би ги очекувал ти од вистинските обожаватели на Бог? Што би требало да зборуваат или да прават?
ДА СЕ СВЕТИ БОЖЈЕТО ИМЕ
3, 4. (а) Што било ставено на прво место во Исусовата примерна молитва? (б) Како Исус го светел Божјето име?
3 Оние кои вистински го обожаваат Бог постапуваат во согласност со примерната молитва која Исус им ја дал на своите следбеници. Прво што Исус спомнал било следново: ”Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое!“ (Матеј 6:9, ББД). Што значи да се свети Божјето име? Како Исус го правел тоа?
4 Исус самиот покажал како го прави тоа кога во една молитва му рекол на својот Татко: ”Го објавив името твое на луѓето, кои си Ми ги дал од светот“ (Јован 17:6, ББД). Да, Исус ги запознавал другите со Божјето име, Јехова. Тој не пропуштал да го употребува тоа име. Исус знаел дека намерата на неговиот Татко била да се прослави Божјето име по целата Земја. Затоа дал добар пример така што го објавувал и го славел ова име (Јован 12:28; Исаија 12:4, 5).
5. (а) Како христијанското собрание е поврзано со Божјето име? (б) Што мораме да правиме за да добиеме спасение?
5 Библијата покажува дека самото постоење на вистинското христијанско собрание е поврзано со Божјето име. Апостол Петар објаснил дека Бог им ”го посветил своето внимание на народите за да избере од нив народ за свое име“ (Дела на апостолите 15:14, NW). Затоа вистинскиот Божји народ мора да се однесува кон неговото име како кон свето, и да го објавува ширум целата Земја. Всушност, познавањето на тоа име е потребно за спасение како што Библијата вели: ”Зашто секој кој ќе го привика името Јеховино, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13, 14, NW).
6. (а) Дали црквите го држат свето Божјето име? (б) Дали постои религиозна заедница која сведочи за Божјето име?
6 Кој денес го свети Божјето име и го објавува по целата Земја? Црквите воглавно избегнуваат да го употребуваат Јеховиното име. Некои дури го отстраниле од своите преводи на Библијата. Што мислиш, со која организација би се поврзал ако во разговорот со своите соседи често зборуваш нешто за Јехова и притоа го споменуваш неговото име? Постои само еден народ кој навистина го следи Исусовиот пример во тој поглед. Главната цел на нивниот живот е да му служат на Бог и да сведочат за неговото име, токму како што тоа го правел Исус. Затоа го носат библиското име ’Јеховини сведоци‘ (Исаија 43:10–12).
ДА СЕ ОБЈАВУВА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
7. Како Исус ја истакнал важноста на Божјето Царство?
7 Во примерната молитва што ја дал Исус, тој исто така ја покажал важноста на Божјето Царство. Тој ги поучувал луѓето да молат: ”Да дојде царството Твое“ (Матеј 6:10, ББД). Исус секогаш одново го нагласувал Царството како единствено решение за проблемите на човештвото. Тој и неговите апостоли го правеле тоа на тој начин што проповедале за Царството ”по градовите и селата“ и ”по куќите“ [од куќа до куќа, NW] (Лука 8:1; Дела на апостолите 5:42; 20:20, ББД). Божјето Царство било тема на нивното проповедање и поучување.
8. Како Исус покажал која вест ќе ја објавуваат неговите вистински следбеници во ”последните денови“?
8 А како е денес? Во што се состои централната наука на Божјата вистинска христијанска огранизација? Во пророштвото за ”последните денови“, Исус рекол: ”И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14, ББД). Затоа и денес Царството мора да биде главната вест на Божјиот народ.
9. Кои луѓе ја објавувата пораката за Царството?
9 Запрашај се: Со која огранизација ќе го поврзеш оној што ќе дојде на твојата врата и ти зборува за тоа дека Божјето царство е вистинската надеж за човештвото? Дали припадниците на која и да е друга религиозна заедница, освен Јеховините сведоци, разговарале со тебе за Божјето Царство? Само малку од нив воопшто знаат што претставува Царството! Тие молчат за Божјата влада, иако веста за таа влада го потресува светот. Пророкот Даниел прорекол дека тоа царство ’ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно‘ (Даниел 2:44, ББД).
ПОЧИТ КОН БОЖЈАТА РЕЧ
10. Како Исус покажал почитување спрема Божјата реч?
10 Друг начин на кој можат да се препознаат оние кои го извршуваат вистинското обожавање е по нивниот став спрема Библијата. Исус за сето време покажувал почитување спрема Божјата Реч. Секогаш одново се повикувал на неа како на највисок авторитет (Матеј 4:4, 7, 10; 19:4–6). Исус покажал дека ја почитува Библијата така што живеел според нејзините учења. Никогаш не предизвикувал недоверба спрема Библијата. Всушност, тој ги осудувал оние кои учеле нешто што не било во согласност со Библијата и кои се обидувале да ја разводнат со свои науки (Марко 7:9–13).
11. Каков став често заземаат црквите спрема Божјата реч?
11 Дали црквите на христијанството го следат Христовиот пример во тоа? Дали длабоко ја почитуваат Библијата? Многу свештеници не веруваат во библискиот извештај за Адамовиот прв грев, за потопот во времето на Ное, за Јона кој се наоѓал во големата риба, и друго. Исто така зборуваат дека човекот се развил по пат на еволуција, дека не е создаден од Бог. Дали со тоа поттикнуваат на ценење за Божјата реч? Некои духовни водачи тврдат дека вонбрачните полни односи не се ништо лошо и дека дури хомосексуалноста и полигамијата се сосема природни појави. Дали мислиш дека тие ги поттикнуваат луѓето да ја употребуваат Библијата како свој патоказ? Тие сигурно не го следат примерот на Божјиот Син и неговите апостоли (Матеј 15:18, 19; Римјаните 1:24–27).
12. (а) Зошто на Бог не му е допадливо обожавањето на многумина кои ја имаат Библијата? (б) До кој заклучок мораме да дојдеме кога гледаме како намерни грешници и понатаму уживаат углед во некоја црква?
12 Некои членови на црквата имаат Библија и дури ја проучуваат, но со својот начин на живеење не покажуваат дека ја следат. За таквите во Библијата читаме: ”Тие јавно изјавуваат дека го познаваат Бог, а се одречуваат од него со своите дела“ (Тит 1:16, NW; 2. Тимотеј 3:5). До кој заклучок доаѓаме кога ги гледаме членовите на црквите како учествуваат во игри на среќа, се опиваат или прават други лоши работи, а истовремено и понатаму уживаат добар глас во својата црква? Очигледно е дека Бог не ја одобрува нивната религиозна организација (1. Коринтјаните 5:11–13).
13. Која сериозна одлука треба да ја донесе некој кога ќе утврди дека науките на неговата црква не се потполно согласни со Библијата?
13 Ако си размислувал за претходните поглавја од оваа книга и ако си ги разгледал библиските стихови кои се содржани во нив, тогаш си ги запознал основните науки на Божјата Реч. Но, што ако науките на религиозната огранизација со која си поврзан, не се во согласност со Божјата Реч? Тогаш стоиш пред сериозен проблем. Мораш да решиш дали ќе ја признаеш вистинитоста на Библијата, или ќе ја отфрлиш во корист на науките кои не се темелат на неа. Секако, ти мораш сам да одлучиш по тоа прашање. Потребно е добро да се размисли, бидејќи твојата одлука влијае на твојот однос кон Бог и на можноста за вечен живот на рајската Земја.
ДА СЕ ДРЖАТ ОДДЕЛЕНИ ОД СВЕТОТ
14. (а) Која е натамошна ознака на вистинската религија? (б) Зошто е толку важно обожавателите да одговараат на тие барања?
14 Друга ознака по која можат да се препознаат обожавателите кои ја извршуваат вистинската религија е дека тие, како што рекол Исус, ”не се дел од светот“ (Јован 17:14, NW). Тоа значи дека вистинските обожаватели на Бог се држат одделени од корумпираниот свет и сите негови работи. Исус Христос одбил да биде политички водач (Јован 6:15). Ако се сетиш дека Библијата зборува оти Сатана, Ѓаволот е владетел на овој свет, ќе разбереш зошто е толку важно да се биде одделен од светот (Јован 12:31; 2. Коринтјаните 4:4). Колку е тоа сериозно произлегува од следниот библиски текст: ”Кој сака да биде пријател на светот, непријател Божји станува“ (Јаков 4:4, ДК).
15. (а) Дали црквите кои ги познаваш не се ”дел од светот“? (б) Дали познаваш некоја религиозна заедница која го исполнила тоа барање?
15 Дали фактите покажуваат дека црквите во твојата средина го земаат тоа при срце? Зарем свештениците и членовите на црквените општини не се навистина ”дел од светот“? Или дали се длабоко вмешани во национализмот, политиката и класните борби на овој свет? Не е тешко да се одговори на овие прашања, бидејќи активностите на црквите се надалеку познати. Но, исто така е лесно да се испита активноста на Јеховините сведоци. Ако го направиш тоа, ќе утврдиш дека тие навистина го следат примерот на Христос и неговите први следбеници, држејќи се одделени од светот, од неговите политички судири и од неговиот себичен, неморален и насилнички начин на постапување (1. Јованово 2:15–17).
ЉУБОВ ПОМЕЃУ СЕБЕ
16. Која е една важна ознака по која ќе се препознаат вистинските Христови ученици?
16 Најважната ознака по која можат да се препознаат вистинските Христови ученици е љубовта што ја имаат меѓу себе. Исус рекол: ”По тоа сите ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Покажуваат ли таква љубов религиозните огранизации кои ги познаваш? Што прават кога земјите во кои живеат ќе стапат во војна?
17. Како религиозните организации и нивните членови одговараат на барањето да покажуваат меѓусебна љубов?
17 Сигурно знаеш што обично се случува тогаш. На заповед на светските водачи, членовите на различни религиозни заедници одат на бојните полиња за да ги убиваат своите браќа по вера од другите земји. И така католици убиваат католици, протестанти убиваат протестанти, а муслимани убиваат муслимани. Дали мислиш дека таквиот начин на постапување е во согласност со Божјата Реч и дека навистина открива Божји дух? (1. Јованово 3:10–12).
18. Дали Јеховините сведоци одговараат на барањето да покажуваат меѓусебна љубов?
18 А како Јеховините сведоци го исполнуваат барањето да се љубат меѓусебно? Тие не постапуваат како религиите во светот. Не ги убиваат на бојните полиња своите браќа по вера. Не се виновни за лага, така што би зборувале ”јас го љубам Бог“, а истовремено да ги мразат своите браќа поради нивната националност, племенско потекло или расна припадност (1. Јованово 4:20, 21). Тие покажуваат љубов уште на еден друг начин. Како? Со својот начин на постапување со ближните и со љубезното настојување да им помогнат на другите да го запознаат Бог (Галатјаните 6:10).
ЕДНА ВИСТИНСКА РЕЛИГИЈА
19. Зошто е логично и библиски да се рече дека постои само една вистинска религија?
19 Сосема е логично дека може да постои само една вистинска религија. Тоа е во согласност со фактот дека вистинскиот Бог ”не е Бог на неред, туку на мир“ (1. Коринтјаните 14:33, NW). Библијата зборува дека всушност постои само ”една вера“ (Ефесјаните 4:5, ДК). Кој денес ја сочинува заедницата на вистински обожаватели?
20. (а) Кои ги означува оваа книга како денешни вистински обожаватели, земајќи ги предвид фактите? (б) Дали веруваш и ти дека е така? (в) Како можат најдобро да се запознаат Јеховините сведоци?
20 Без сомнение можеме да речеме дека тоа се Јеховините сведоци. За да се увериш и ти, те повикуваме подобро да ги запознаеш. Најдобра можност за тоа е да ги посетиш нивните состаноци во Царската сала на Јеховините сведоци. Со оглед на тоа дека Библијата укажува оти вршењето на вистинската религија уште сега донесува вистинско задоволство, а и го отвора патот за вечен живот во рајот на Земјата, вредно е да се вложи труд тоа да се испита (5. Мојсеева 30:19, 20). Ние срдечно те покануваме. Зошто веднаш не го испиташ тоа?
[Слика на страница 185]
Со која религиозна заедница ќе стапиш во врска ако зборуваш за Јехова и неговото Царство?
[Слики на страница 186]
Дали некој покажува почит спрема Божјата реч ако не живее според неа?
[Слика на страници 188 и 189]
Исус одбил да биде политички водач
[Слика на страница 190]
Срдечно те покануваме да ги посетуваш состаноците на Јеховините сведоци