Поглавје 16
Ревност за обожавањето на Јехова
ИСУСОВИТЕ полубраќа — другите синови на Марија — се Јаков, Јосиф, Симон и Јуда. Пред сите тие да тргнат заедно со Исус и неговите ученици на пат за Капернаум, град во близина на Галилејското море, можеби застануваат во својот дом во Назарет за да може семејството да ги спакува работите кои ќе им бидат потребни.
Но зошто Исус оди во Капернаум, а не ја продолжува својата служба во Кана, Назарет или во некое друго место во ридиштата на Галилеја? Како прво, Капернаум лежи на поповолно место и очигледно е поголем град. Исто така, повеќето од новите Исусови ученици живеат во Капернаум или во неговата близина, па затоа не мораат да ги напуштат своите домови за да бидат поучени од него.
За време на својот престој во Капернаум, Исус прави многу чудесни дела, како што самиот сведочи неколку месеци подоцна. Но, Исус и неговите придружници повторно се на пат. Пролет е, и тие патуваат кон Ерусалим за да присуствуваат на Пасхата 30 н.е. Додека се таму, учениците кај Исус гледаат нешто што можеби не го виделе порано.
Според Божјиот закон, Израелците морале да принесуваат животински жртви. Затоа, заради нивна погодност, во Ерусалим има трговци кои продаваат животни или птици за таа цел. Но тие продаваат баш внатре во храмот и ги мамат луѓето наплаќајќи превисоки цени.
Огорчен поради тоа, Исус прави бич од јажиња и ги истерува продавачите. На менувачите на пари им ги растура кованите пари и им ги превртува масите. „Носете ги одовде овие работи!“ им вика на продавачите на гулаби. „Престанете од домот на мојот Татко да правите дом за тргување!“
Гледајќи го тоа, Исусовите ученици се присетуваат на едно пророштво во врска со Божјиот Син: „Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“. Но Евреите прашуваат: „Каков знак имаш да ни покажеш, бидејќи ги правиш овие работи?“ Исус одговара: „Урнете го овој храм, и за три дена ќе го подигнам“.
Евреите мислат дека Исус зборува за дословниот храм и затоа прашуваат: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а ти за три дена ли ќе го подигнеш?“ Меѓутоа, Исус зборува за храмот на своето тело. Кога три години подоцна е подигнат од мртвите, неговите ученици се присетуваат на овие зборови. Јован 2:12—22; Матеј 13:55; Лука 4:23.
▪ Во кои места патува Исус после свадбата во Кана?
▪ Зошто Исус е огорчен, и што прави?
▪ На што се присетуваат Исусовите ученици гледајќи ги неговите постапки?
▪ Што вели Исус за „овој храм“ и што мисли со тоа?