Поглавје 59
Кој е всушност Исус?
КОГА чамецот со Исус и неговите ученици пристигнува во Витсаида, луѓето му донесуваат еден слеп човек и го молат да го допре и да го излекува. Исус го води човекот за рака надвор од селото, му плукнува на очите и го прашува: „Гледаш ли нешто?“
„Гледам луѓе“, одговара човекот, „зашто забележувам нешто што личи на дрвја, но одат.“ Исус ги става рацете на неговите очи и му го враќа видот, така што човекот може јасно да гледа. Потоа, го испраќа дома давајќи му упатство да не влегува во градот.
Исус сега заминува со своите ученици во селата на Цезареја Филипова, на крајниот север на Палестина. Качувањето е долго околу 50 километри, до прекрасната локација Цезареја Филипова, на околу 350 метри надморска височина. Патувањето веројатно трае околу два дена.
По патот, Исус оди насамо да се помоли. Остануваат само околу девет или десет месеци до неговата смрт, и тој е загрижен за своите ученици. Многумина веќе го напуштиле. Други очигледно се збунети и разочарани бидејќи тој ги одбил настојувањата на луѓето да го направат цар и затоа што кога непријателите го предизвикале, не им дал знак од небото за да докаже дека тој е цар. Што веруваат неговите ученици во врска со неговиот идентитет? Кога доаѓаат на местото каде што се моли, Исус ги прашува: „Што велат мноштвата, кој сум јас?“
„Некои велат Јован Крстител“, одговараат тие, „други Илија, а други, пак, Еремија или еден од пророците.“ Да, луѓето мислат дека Исус е еден од тие мажи подигнат од мртвите!
„А вие, што велите вие, кој сум јас?“ прашува Исус.
Петар брзо одговара: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“.
Откако поволно се изразува за Петровиот одговор, Исус вели: „Јас тебе ти велам: Ти си Петар, и на оваа камена маса ќе го изградам своето собрание, и портите на Хадесот нема да го надвладеат“. Овде Исус прво најавува дека ќе изгради собрание и дека дури ниту смртта нема да ги држи неговите членови заробени по завршувањето на нивниот верен пат на Земјата. Потоа му вели на Петар: „Ќе ти ги дадам клучевите на царството на небесата“.
Исус на тој начин открива дека Петар треба да добие посебни предности. Не, Петар не добил примат меѓу апостолите, ниту е темел на собранието. Самиот Исус е Камената маса на која ќе се изгради неговото собрание. Но, Петар треба да добие три клуча со кои, така да се каже, ќе отвори можност на групи луѓе да влезат во Царството на небесата.
Петар ќе го искористи првиот клуч на Пентекост 33 н.е. да им покаже на покајничките Евреи што мораат да прават за да се спасат. Вториот клуч ќе го искористи набргу после тоа, за да им ја отвори можноста за влегување во Божјето Царство на Самарјаните кои верувале. Потоа, во 36 н.е. ќе го искористи третиот клуч за да им ја отвори истата можност на необрезаните не-Евреи, Корнелиј и неговите пријатели.
Исус го продолжува разговорот со своите апостоли. Тој ги разочарува со тоа што им кажува за страдањата и смртта со кои наскоро ќе се соочи во Ерусалим. Петар не сфаќа дека Исус ќе биде воскреснат во небесен живот, па го тргнува настрана. „Биди љубезен спрема себеси, Господи“, вели тој. „Такво нешто воопшто нема да те снајде.“ Свртувајќи му го грбот, Исус одговара: „Бегај зад мене, Сатано! Ти си ми камен спрепинач, зашто не мислиш Божји мисли, туку човечки“.
Изгледа дека, покрај апостолите, и други патуваат со Исус, па сега тој ги повикува кај себе и им објаснува дека нема да е лесно да се биде негов следбеник. „Ако некој сака да појде по мене“, вели тој, „нека се одрече од себе и нека го земе својот маченички столб, и постојано нека ме следи. Зашто кој сака да си ја спаси душата, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби душата заради мене и заради добрата вест, ќе ја спаси.“
Да, за да се покажат достојни за неговата наклоност, Исусовите следбеници мора да бидат храбри и самопожртвувани. Тој вели: „Зашто секој кој се срами од мене и од моите зборови во оваа прељубничка и грешна генерација, од него ќе се срами и Синот човечки кога ќе пристигне во славата на својот Татко со светите ангели“. Марко 8:22—38; Матеј 16:13—28; Лука 9:18—27.
▪ Зошто Исус е загрижен за своите ученици?
▪ Какви гледишта имаат луѓето во врска со идентитетот на Исус?
▪ Какви клучеви му се дадени на Петар, и како требало да се користат?
▪ Каков прекор добива Петар, и зошто?