Поглавје 60
Претслика за Христовата слава на Царството
ИСУС стигнал во областа Цезареја Филипова и го поучува мноштвото меѓу кое се и неговите апостоли. Тој им ја дава следнава изненадувачка објава: „Навистина ви велам дека некои од оние кои стојат овде воопшто нема да вкусат смрт додека најпрво не го видат Синот човечки како доаѓа во своето царство“.
‚Што мисли Исус со ова?‘, сигурно се прашуваат учениците. Околу една седмица подоцна, Исус ги зема со себе Петар, Јаков и Јован и се качуваат на една висока планина. Веројатно е ноќ, бидејќи учениците се сонливи. Додека Исус се моли, се преобразува пред нив. Лицето почнува да му свети како сонце, а облеката му е сјајна како светлина.
Тогаш се појавуваат две личности, кои се идентификувани како „Мојсеј и Илија“, и почнуваат да разговараат со Исус за неговото ‚заминување кое треба да се случи во Ерусалим‘. Тоа заминување очигледно се однесува на Исусовата смрт, а потоа на воскресението. Така, тој разговор покажува дека неговата понижувачка смрт не е нешто што треба да се избегне, како што посакувал Петар.
Сега потполно будни, учениците гледаат и слушаат со зачуденост. Иако е визија, тоа изгледа толку вистинито што Петар се вклучува во сцената и вели: „Господи, добро е што сме овде. Ако сакаш, ќе подигнам овде три шатора, еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“.
Додека Петар зборува, ги покрива еден светол облак и глас од небото вели: „Ова е мојот Син, љубениот, кого сум го одобрил; него слушајте го“. Кога го слушаат гласот, учениците паѓаат со лицата кон земјата. Но, Исус вели: „Станете и не плашете се“. Кога стануваат, не гледаат никого освен Исус.
При симнувањето од планината следниот ден, Исус заповеда: „Никому да не кажувате за визијата додека Синот човечки не стане од мртвите“. Појавувањето на Илија во визијата покренува едно прашање во мислите на учениците. „Зошто“, прашуваат тие, „книжниците велат дека прво мора да дојде Илија?“
„Илија веќе дојде“, вели Исус, „и не го препознаа.“ Меѓутоа, тој всушност им зборува за Јован Крстител, кој исполнил улога слична на онаа на Илија. Јован го подготвил патот за Христос, како што Илија го подготвил за Елисеј.
Колку охрабрувачка била таа визија, како за Исус така и за учениците! Визијата, така да се каже, е претслика на Христовата слава на Царството. Учениците, всушност, го виделе „Синот човечки како доаѓа во своето царство“, токму онака како што Исус им ветил една недела пред тоа. По Исусовата смрт, Петар напишал дека тие ‚биле очевидци на Христовата величественост додека биле со него на светата гора‘.
Фарисеите барале од Исус знак за да докаже дека тој е оној кој е ветен во Писмото да биде Божји избран цар. Но, не добиле таков знак. Од друга страна, пак, на Исусовите блиски ученици им е дозволено да го видат Исусовото преобразување, како потврда на пророштвата за Царството. Затоа, Петар подоцна напишал: „Според тоа, ја имаме пророчката реч уште посигурна“. Матеј 16:13, 28—17:13; Марко 9:1—13; Лука 9:27—37; 2. Петрово 1:16—19.
▪ Како некои гледаат како Христос доаѓа во своето Царство пред да ја вкусат смртта?
▪ За што разговараат Мојсеј и Илија со Христос во визијата?
▪ Зошто таа визија за учениците претставува толку зајакнувачка помош?