Поглавје 70
Излекуван е човек кој бил роден слеп
КОГА Евреите се обидуваат да го каменуваат Исус, тој не го напушта Ерусалим. Подоцна, на Сабат, додека тој и неговите ученици шетаат низ градот, здогледуваат еден човек кој е слеп од раѓање. Учениците го прашуваат Исус: „Раби, кој згрешил, овој човек или неговите родители, па се родил слеп?“
Можеби учениците, како и некои рабини, веруваат дека човек може да направи грев во мајчината утроба. Но, Исус одговара: „Ниту овој човек згрешил ниту неговите родители, туку тоа се случило за да се покажат Божјите дела на него“. Слепилото на овој човек не е последица од некоја конкретна грешка или грев што го направиле тој или неговите родители. Гревот на првиот човек Адам е причина што сите луѓе се несовршени и се подложни на такви дефекти како, на пример, да се роди човек слеп. Овој дефект кај човекот сега дава можност Исус да ги покаже Божјите дела.
Исус нагласува колку е итно да се вршат овие дела. „Ние мораме да ги вршиме делата на оној кој ме испрати додека е ден“, вели тој. „Доаѓа ноќта, кога никој не може да работи. Додека сум во светот, јас сум светлината на светот“. Наскоро, смртта ќе го фрли Исус во темнината на гробот каде што не ќе може повеќе ништо да стори. Во меѓувреме, тој е извор на просветлување за светот.
Откако ги кажува овие работи, Исус плука на земјата и со плунката прави кал. Ја става на очите на слепиот и вели: „Оди и измиј се во бањата Силоам“. Човекот го послушува. И кога го прави тоа, тој прогледува! Колку само се радува кога се враќа, гледајќи за првпат во својот живот!
Соседите и другите кои го познаваат се зачудени. „Зарем тоа не е оној што седеше и питаше?“ — прашуваат тие. „Тоа е тој“, одговараат некои. Но, други не можат да веруваат: „Не, туку личи на него“. Меѓутоа, човекот вели: „Јас сум тој“.
„Тогаш, како ти се отворија очите?“ — сакаат да знаат луѓето.
„Човекот кој се вика Исус направи кал и ми ги намачка очите и ми рече: ‚Оди на Силоам и измиј се.‘ Па така отидов и се измив и прогледав.“
„Каде е тој човек?“ — прашуваат тие.
„Не знам“, одговара тој.
Луѓето сега го водат некогаш слепиот човек кај своите верски водачи, фарисеите. И тие почнуваат да го распрашуваат како прогледал. „Ми стави кал на очите, и јас се измив и сега гледам“, објаснува човекот.
Фарисеите сигурно треба да се радуваат со излечениот питач! Наместо тоа, јавно го обвинуваат Исус. „Тоа не е човек од Бог“, тврдат тие. Зошто го велат ова? „Бидејќи не го држи Сабатот.“ А други фарисеи сепак се прашуваат: „Како може човек кој е грешник да прави такви знаци?“ Така настанува поделба помеѓу нив.
Затоа го прашуваат човекот: „Што велиш ти за него, бидејќи ти ги отвори очите?“
„Тој е пророк“, одговара тој.
Фарисеите одбиваат да веруваат во тоа. Тие се уверени дека сигурно постои некој таен договор меѓу Исус и тој човек за да го измамат народот. Па, за да го решат тоа прашање, ги повикуваат родителите на питачот за да ги испрашаат. Јован 8:59; 9:1—18.
▪ Што е, а што не е причината за слепилото на човекот?
▪ Што е ноќта кога никој не може да работи?
▪ Кога човекот е излекуван, каква е реакцијата на оние кои го познаваат?
▪ Како фарисеите се поделени околу лекувањето на човекот?