Поглавје 78
Бидете подготвени!
ОТКАКО ги предупредува мноштвата на лакомоста, а своите ученици ги опоменува да не им посветуваат претерано внимание на материјалните работи, Исус поттикнува: „Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко нашол за добро да ви го даде царството“. На тој начин, тој открива дека во небесното Царство ќе бидат само еден релативно мал број луѓе (подоцна идентификувани како 144.000). Повеќето од оние кои добиваат вечен живот ќе бидат земни поданици на Царството.
Колку прекрасен дар — „царството“! Опишувајќи како треба учениците исправно да реагираат на примањето на тоа царство, Исус ги поттикнува: „Продајте го она што го имате и давајте дарови на милосрдие“. Да, тие треба да го користат својот имот за духовна корист на другите и така да си собираат „неисцрпно благо на небесата“.
Исус понатаму ги опоменува своите ученици да бидат подготвени за неговото враќање. Тој вели: „Бедрата нека ви бидат опашани и вашите светилки нека горат, а вие бидете како оние луѓе кои го чекаат својот господар кога се враќа од свадба, за веднаш да му отворат штом ќе стигне и ќе почука. Среќни се оние робови кои господарот, кога ќе пристигне, ги наоѓа будни! Навистина ви велам: Ќе се опаше и ќе ги натера да прилегнат до масата, па ќе пријде и ќе ги служи“.
Во оваа илустрација, подготвеноста на слугите при враќањето на нивниот господар се гледа по тоа што ги засукале своите долги облеки, ги прицврстиле за своите појаси и продолжуваат да ги извршуваат своите должности во ноќта, под светлината на добро наполнетите светилки. Исус објаснува: ‚И ако стигне на втората стража [од околу девет навечер до полноќ], или дури и на третата [од полноќ до околу три наутро], и ги затече така, среќни се!‘
Господарот ги наградува своите слуги на необичен начин. Им вели да прилегнат до масата и почнува да ги служи. Не постапува со нив како со робови туку како со лојални пријатели. Колку прекрасна награда за тоа што продолжиле да работат во ноќта за својот господар додека го чекале неговото враќање! Исус заклучува: „И вие бидете подготвени, бидејќи Синот Човечки доаѓа во час во кој и не мислите дека е веројатно.“
Сега Петар прашува: „Господи, нам ли ни ја кажуваш оваа илустрација или на сите?“
Наместо директно да одговори, Исус дава друга илустрација. „Кој е всушност верниот настојник“, прашува тој, „кого неговиот господар ќе го постави над своето тело од служители за да им ја дава нивната порција храна во право време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина ви велам: Ќе го постави над целиот свој имот.“
‚Господарот‘ очигледно е Исус Христос. ‚Настојникот‘ го претставува ‚малото стадо‘ на ученици како колективно тело, а ‚телото од служители‘ се однесува на истата оваа група од 144.000 кои го добиваат небесното Царство, но тој израз ја подвлекува нивната работа како поединци. ‚Имотот‘ над кој е поставен да се грижи верниот настојник се царските интереси на господарот на Земјата, што ги вклучува земните поданици на Царството.
Продолжувајќи со илустрацијата, Исус укажува дека постои можност да не бидат лојални сите членови на класата на тој настојник, односно роб, објаснувајќи: „Но ако тој роб во своето срце некогаш каже: ‚Мојот господар ќе го забави доаѓањето‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, и да јаде и пие и да се опива, господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не го очекува . . . и ќе го казни со најголема строгост“.
Исус забележува дека неговото доаѓање донело огнено време за Евреите, зашто некои ги прифаќаат, а некои ги отфрлаат неговите учења. Тој е крстен во вода пред повеќе од три години, но сега сѐ повеќе се приближува кон крај неговото крштавање во смрт, и затоа вели: „Колку само ми е мачно додека не се заврши“.
Откако им ги упатува овие забелешки на своите ученици, Исус повторно им се обраќа на мноштвата. Тој жали заради тоа што тврдоглаво одбиваат да го прифатат јасниот доказ за неговиот идентитет и неговото значење. „Кога ќе видите како во западните краеви се крева облак“, забележува тој, „веднаш велите: ‚Доаѓа бура‘, и така бидува. А кога ќе видите дека дува јужен ветар, велите: ‚Ќе има топол бран‘, и така се случува. Лицемери, знаете да го испитувате надворешниот изглед на земјата и небото, а како тоа да не знаете да го испитувате ова особено време?“ Лука 12:32—59.
▪ Колкумина го сочинуваат ‚малото стадо‘, и што добиваат тие?
▪ Како Исус ја нагласува потребата неговите слуги да бидат подготвени?
▪ Кој во Исусовата илустрација е ‚господарот‘, ‚настојникот‘, ‚телото од служители‘, и што е ‚имотот‘?