Поглавје 86
Приказната за загубениот син
ОТКАКО им ги раскажал на фарисеите илустрациите за повторното наоѓање на загубената овца и загубената драхма, Исус сега продолжува со една друга илустрација. Тоа е илустрација за еден татко полн со љубов и за неговото постапување со неговите двајца синови од кои секој си има сериозни недостатоци.
Како прво, тука е помладиот син, главната личност во илустрацијата. Тој го зема своето наследство кое му го дава татко му без колебање. Потоа заминува од дома и почнува да води многу неморален начин на живот. Но, слушни го Исус додека ја раскажува приказната, и види дали можеш да одредиш кого треба да го претставуваат овие личности.
„Еден човек“, почнува Исус, „имаше два сина. И помладиот му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот од имотот што ми припаѓа‘. Тогаш [таткото] им ги подели своите средства за живот.“ Што прави овој помлад син со она што го добива?
„Не поминаа многу денови“, објаснува Исус, „а младиот син собра сѐ и отпатува во далечна земја, и таму попусто го истроши својот имот водејќи развратен живот.“ Всушност, тој ги потрошил своите пари живеејќи со проститутки. Но, потоа дошле тешки времиња, како што раскажува Исус понатаму:
„Кога потроши сѐ, низ таа земја настана тежок глад, и тој западна во оскудица. Дури отиде и му се придружи на еден од граѓаните на таа земја, а тој го испрати на своите полиња да чува свињи. И посакуваше да се насити со рогачките што ги јадеа свињите, но никој не му даваше ништо“.
Колку било понижувачки да се биде принуден да се чуваат свињи, бидејќи овие животни според Законот биле нечисти! Но, она што најмногу го измачувало синот бил нагризувачкиот глад кој го терал да копнее дури и по храната што ја добивале свињите. Поради страшната неволја во која се нашол, Исус рекол дека тој ‚си дошол при себеси‘.
Продолжувајќи ја својата приказна, Исус објаснува: „[Тој си] рече: ‚Колку само наемници кај татко ми имаат леб во изобилство, додека јас овде умирам од глад! Ќе станам и ќе појдам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и против тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници“‘. Затоа стана и отиде кај татка си“.
Размисли за ова: Ако таткото го нападнел и ако налутено му се развикал кога си заминал од дома, веројатно синот не би бил толку цврсто одлучен што да прави. Можеби ќе решел да се врати и да побара работа на друго место во својата татковина, и немало да се појави пред својот татко. Меѓутоа, таква мисла не му паднала на ум. Сакал да биде баш во својот дом!
Јасно, таткото во Исусовата илустрација го претставува нашиот полн со љубов, милосрден небесен Татко, Јехова Бог. А можеби препознаваш и дека загубениот, или расипничкиот син, ги претставува луѓето кои биле познати како грешници. Фарисеите, на кои им зборува Исус, претходно го критикувале затоа што јадел баш со такви луѓе. Но, кого го претставува постариот син?
Кога е пронајден загубениот син
На каков прием наидува загубениот, или расипничкиот син од Исусовата илустрација кога се враќа во куќата на својот татко? Слушни како Исус го опишува тоа:
„Додека уште беше далеку, татко му го здогледа и се сожали, па потрча и му падна околу вратот и нежно го бакна“. Колку милосрден, срдечен татко кој толку добро го претставува нашиот небесен Татко Јехова!
Таткото веројатно слушнал за развратниот живот на својот син. Сепак, му изразува добредојде дома без да чека детално објаснување. И Исус има таков срдечен дух, преземајќи иницијатива да им приоѓа на грешниците и даночниците кои во оваа илустрација се претставени со расипничкиот син.
Точно, проникливиот татко од Исусовата илустрација сигурно бил донекаде свесен за каењето на својот син кога го видел неговиот тажен, потиштен израз на лицето кога синот се вратил. Но, татковата иницијатива полна со љубов му олеснува на синот да си ги признае гревовите, како што раскажува Исус: „Тогаш синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и против тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници‘“.
Синот уште ги нема доречено зборовите кога таткото стапува во акција, заповедувајќи им на своите робови: „Бргу! Изнесете долга облека, најдобрата, и облечете го во неа, и ставете му прстен на раката и сандали на нозете. И доведете го згоениот млад бик, заколете го, па да јадеме и да се веселиме бидејќи овој мој син беше мртов и оживе; беше загубен и се најде“. Потоа, почнале „да се веселат“.
Во меѓувреме, неговиот ‚постар син бил во полето‘. Додека го слушаш остатокот од приказната, види дали можеш да препознаеш кого тој го претставува. Исус за постариот син вели: „Кога дојде и се приближи до куќата, чу музичка изведба и играње. Затоа повика еден од слугите и го запраша што значи сето тоа. А тој му рече: ‚Дојде брат ти, и татко ти го закла згоениот млад бик, бидејќи му се врати здрав‘. Но тој се разгневи и не сакаше да влезе. Тогаш татко му излезе и почна да го моли. А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, толку години ти робувам и ниеднаш не ја престапив твојата заповед, а сепак мене ниеднаш не ми даде ни јаре за да се провеселам со моите пријатели. А штом дојде овој твој син кој со блудници ги изеде твоите средства за живот, ти му го закла згоениот млад бик‘“.
Кој, како постариот син, критички се однесувал кон милосрдието и вниманието што им се укажувало на грешниците? Зарем тоа не биле книжниците и фарисеите? Бидејќи повод за оваа илустрација било нивното критизирање на Исус затоа што им изразува добредојде на грешниците, јасно е дека постариот син ги претставува токму нив.
Исус ја заклучува својата приказна со зборовите на таткото до својот постар син: „Дете, ти секогаш си со мене, и сѐ што е мое, твое е; но просто моравме да се веселиме и радуваме, бидејќи овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде“.
Со тоа Исус не објаснува што на крајот прави постариот син. Всушност, подоцна, после Исусовата смрт и воскресение, ‚големо мноштво свештеници почнале да ѝ стануваат послушни на верата‘, а тука можеби биле вклучени и некои од класата на „постариот син“ на која овде ѝ зборува Исус.
Но, кого денес го претставуваат двајцата синови? Тоа сигурно се оние кои доволно сознале за Јеховините намери за да имаат темел да стапат во однос со него. Постариот син претставува некои членови на ‚малото стадо‘, односно на „собранието од првородените кои се запишани на небесата“. Тие усвоиле сличен став како постариот син. Не сакале да ѝ изразат добредојде на земната класа, ‚другите овци‘, за кои мислеле дека ќе ги истиснат од центарот на вниманието.
Расипничкиот син пак, од друга страна, ги претставува оние од Божјиот народ кои заминале за да уживаат во задоволствата што ги нуди светот. Меѓутоа, со текот на времето покајнички се вратиле и повторно станале Божји активни слуги. Навистина, колку љубов и милосрдие покажува Таткото кон оние кои увидуваат дека им е потребно простување и се враќаат кај него! Лука 15:11—32; Левит 11:7, 8; Дела 6:7; Лука 12:32; Евреите 12:23; Јован 10:16.
▪ Кому му ја раскажува Исус оваа илустрација, или приказна, и зошто?
▪ Кој е главна личност во приказната, и што се случува со него?
▪ Кого во времето на Исус го претставувале таткото и помладиот син?
▪ Како Исус го имитира примерот на милосрдниот татко од својата илустрација?
▪ Како гледа постариот син на изразеното добредојде кон брат му, и на кој начин се однесуваат фарисеите како постариот син?
▪ Каква примена има Исусовата илустрација во нашево време?