Единаесетти дел
Сега се поставува темелот за новиот свет
1, 2. Што се случува пред наши очи во исполнение на библиските пророштва?
ПОСТОИ уште нешто многу чудесно, имено: сега, додека Сатановиот стар свет се распаѓа, се поставува темелот за Божјиот нов свет. Пред наши очи Бог собира луѓе од сите народи и од нив го прави темелот за новото земно општество кое набргу ќе го замени денешниов разединет свет. Во Библијата, во 2. Петрово 3:13, ова ново општество е наречено „нова земја“.
2 Библиското пророштво, исто така, вели: „Во последните денови [времето во кое ние сега живееме]... многу народи ќе одат, велејќи: „Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора [вистинската религија]... Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки‘“ (Исаија 2:2, 3).
3. а) На кого се исполнува пророштвото од Исаија? б) Што вели за тоа последната книга од Библијата?
3 Ова пророштво се исполнува сега на оние што се подложуваат на ‚Божјите патишта и одат по неговите патеки‘. Последната книга од Библијата зборува за ова мирољубиво меѓународно општество како за „големо мноштво луѓе... од сите народи и племиња и народности и јазици“, вистинско светско братство кое обединето му служи на Бог. Библијата понатаму вели: „Тоа се оние што доаѓаат од големата неволја“. Всушност, тие ќе го преживеат крајот на овој злобен поредок (Откровение 7:9, 14; Матеј 24:3).
Вистинско меѓународно братство
4, 5. Зошто е можно да постои светското братство на Јеховините сведоци?
4 Милиони Јеховини сведоци искрено се трудат да живеат во склад со Божјите упатства и исправен начин на постапување. Нивната надеж за вечен живот е укотвена во Божјиот нов свет. Со тоа што ги слушаат Божјите закони во секојдневниот живот, ја покажуваат својата желба да се подложат на неговиот начин на владеење, како сега така и во новиот свет. Насекаде, без оглед на нивната национална или расна припадност, тие се послушни на истите мерила — оние што Бог ги изнел во својата Реч. Затоа, претставуваат вистинско меѓународно братство, општество на новиот свет кое го создал Бог (Исаија 54:13; Матеј 22:37, 38; Јован 15:9, 14).
5 Јеховините сведоци не си ја припишуваат заслугата себеси за ова единствено светско братство. Знаат дека тоа е резултат на Божјиот моќен дух кој влијае врз луѓето што се подложуваат на неговите закони (Дела 5:29, 32; Галатите 5:22, 23). Тоа е Божје дело. Како што рекол Исус: „Она што не е можно за луѓето, можно е за Бог“ (Лука 18:27). Според тоа, ако Бог можел да ја создаде трајната вселена, тогаш сигурно може да го создаде и трајното општество на новиот свет.
6. Зошто братството на Јеховините сведоци може да се нарече современо чудо?
6 Според тоа, начинот на кој ќе владее Јехова во новиот свет уште сега може да се види по она што тој го прави со темелот на новиот свет којшто сега се поставува. А она што тој го прави со своите Сведоци, во извесна смисла, е современо чудо. Зошто? Затоа што ги собрал Јеховините сведоци во едно вистинско светско братство кое никогаш не може да биде нарушено од разединувачките национални, расни или религиозни интереси. Иако ги има неколку милиони и живеат во преку 235 земји, Сведоците ги поврзува една нераскинлива врска. Ова светско братство, единствено во целата историја, навистина е современо чудо — Божје дело (Исаија 43:10, 11, 21; Дела 10:34, 35; Галатите 3:28).
По што се препознаваат Божјите слуги
7. Според зборовите на Исус, по што ќе се препознаваат неговите следбеници?
7 Како може понатаму да се открие кои луѓе Бог ги употребува како темел за неговиот нов свет? Ако се види кој ги исполнува Исусовите зборови во Јован 13:34, 35. Тој рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“. Јеховините сведоци веруваат во Исусовите зборови и постапуваат според нив. Како што советува Божјата Реч, тие ‚горливо се сакаат еден со друг‘ (1. Петрово 4:8). ‚Се облекуваат во љубов, зашто таа совршено ги поврзува‘ (Колошаните 3:14). Така, братската љубов е „лепилото“ кое ги држи заедно во целиот свет.
8. Како 1. Јованово 3:10-12 кажува по што уште ќе се познава Божјиот народ?
8 Исто така во 1. Јованово 3:10-12 стои: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: секој што не оди во праведност, не потекнува од Бог, а така и оној што не го сака својот брат. Зашто, ова е пораката што сте ја чуле од почетокот: да се сакаме еден со друг. Да не бидеме како Каин, кој потекнуваше од Злобниот и го уби својот брат“. Затоа, Божјиот народ сочинува едно мирољубиво, светско братство.
Уште еден знак за препознавање
9, 10. а) По кое дело ќе се препознае кои се Божјите слуги во последните денови? б) Како Матеј 24:14 се исполнил на Јеховините сведоци?
9 Постои уште еден начин да се препознаат Божјите слуги. Во неговото пророштво за крајот на светот, Исус зборувал за многу работи по кои ќе се гледа дека ова се последните денови. (Види го деветтиот дел.) Едно од основните обележја на ова пророштво е запишано во Матеј 24:14: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“.
10 Дали се гледа дека се исполнува тоа пророштво? Да. Уште откако започнале последните денови во 1914 год., Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство по целиот свет така како што заповедал Исус: по домовите на луѓето (Матеј 10:7, 12; Дела 20:20). Милиони Сведоци ги посетуваат припадниците на секој народ за да им зборуваат за новиот свет. На таков начин ти си ја добил оваа брошура, бидејќи делото на Јеховините сведоци вклучува печатење и делење на милијарди примероци на литература за Божјето Царство. Дали познаваш некој друг кој проповеда за Божјето Царство од куќа до куќа низ целиот свет? Од Марко 13:10 произлегува дека ова дело на проповедање и поучување мора „најпрво“ да биде завршено — пред да дојде крајот.
Одговор на второто големо спорно прашање
11. Што уште постигнуваат Јеховините сведоци со тоа што се подложуваат на Божјата влада?
11 Подложувајќи се на Божјите закони и начела, Јеховините сведоци постигнуваат уште нешто. Тие покажуваат дека Сатана бил лажливец кога тврдел дека луѓето не можат да му бидат верни на Бог во искушение, и на тој начин одговараат на второто големо спорно прашање кое се однесува на беспрекорноста на човекот (Јов 2:1-5). Бидејќи тие сочинуваат општество од милиони луѓе од сите народи, Сведоците, како едно тело, покажуваат дека се лојални на Божјата влада. И покрај нивната несовршеност и притисокот од Сатана, тие се на Божјата страна во спорното прашање за правото на владеење.
12. На чија вера се угледуваат Сведоците?
12 Денес, овие милиони Јеховини сведоци се угледуваат на верата на цела редица Сведоци од минатото и остануваат лојални на Бог. Некои од нив биле Авел, Ное, Јов, Авраам, Сара, Исак, Јаков, Девора, Рут, Давид и Даниел, и тоа се само неколкумина (Евреите, 11. поглавје). Библијата ги означува како ‚голем облак од верни сведоци‘ (Евреите 12:1). Овие и други, вклучувајќи ги и Исусовите ученици, останале беспрекорно верни на Бог. А Исус самиот дал најголем пример со тоа што останал беспрекорно и совршено верен.
13. Кои Исусови зборови за Сатана се покажале вистинити?
13 Тоа докажува дека е вистина она што Исус им го рекол на верските водачи за Сатана: „А сега сакате да ме убиете мене, човек кој ви ја кажува вистината која ја чу од Бог... Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко. Тој е човекоубиец откако се побуни, и не остана постојан во вистината, бидејќи во него нема вистина. Кога зборува лага, го зборува своето, бидејќи е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:40, 44).
За што ќе се одлучиш?
14. Што се случува со темелот на новиот свет?
14 Темелот за новиот свет кој Бог сега го поставува станува сѐ поцврст. Меѓународното општество од Јеховини сведоци секоја година станува поголемо бидејќи стотици илјади луѓе ја користат својата слободна волја, темелена на точно спознание, и ја прифаќаат Божјата влада. Тие стануваат дел од општеството на новиот свет, стојат на Божјата страна во спорното прашање за правото на владеење и докажуваат дека Сатана е лажливец.
15. Кое дело на одвојување ќе се изврши во нашево време?
15 Со тоа што ја избрале Божјата влада, тие ќе ги исполнат условите да застанат ‚од десната страна‘ на Христос кога тој ќе ги одвојува „овците“ од „јарците“. Во своето пророштво за последните денови, Исус прорекол: „Сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. Ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата“. Овците ќе бидат понизните луѓе кои соработувале со Христовите браќа и ги поддржувале, подложувајќи се на Божјата влада. Јарците ќе бидат тврдоглавите луѓе кои ги одбиле Христовите браќа и не направиле ништо за да ја поддржат Божјата влада. Со каков резултат? Исус рекол: „[Јарците] ќе отидат во вечна смрт, а праведниците [овците] во вечен живот“ (Матеј 25:31-46).
16. Што мораш да правиш ако сакаш да живееш во Рајот што доаѓа?
16 Навистина, Бог се грижи за нас! Многу бргу тој ќе овозможи еден прекрасен земен рај. Дали би сакал да живееш во тој Рај? Ако сакаш, покажи го своето ценење за сѐ што прави Јехова со тоа што ќе учиш за него и ќе постапуваш според наученото. „Барајте го Јехова додека може да се најде! Повикувајте го додека е близу! Злосторникот нека го остави својот пат и злобниот нека ги остави своите мисли, и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува“ (Исаија 55:6, 7).
17. Зошто не треба да губиме време, туку треба да избереме кому да му служиме?
17 Нема време за губење. Крајот на овој стар поредок е многу близу. Божјата Реч советува: „Немојте да го сакате ниту светот ниту она што е во светот! Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него... А светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:15-17).
18. Која постапка ќе ти овозможи со доверба да гледаш на иднината, со надеж дека ќе живееш во Божјиот прекрасен нов свет?
18 Божјиот народ сега се подготвува за вечен живот во новиот свет. Тој стекнува духовни и други вештини што се потребни за да се создаде еден рај. Те поттикнуваме да се одлучиш за Бог како Владетел и да учествуваш во животоспасувачкото дело кое тој денес го спроведува по целата Земја. Проучувај ја Библијата со Јеховините сведоци и запознај го Бог кој навистина е заинтересиран за тебе и кој ќе му стави крај на сето страдање. На овој начин, и ти можеш да станеш дел од општеството на новиот свет. Тогаш можеш со доверба да гледаш на иднината, со надеж дека ќе стекнеш Божја милост и дека засекогаш ќе живееш во тој величествен нов свет.
[Слика на страница 31]
Јеховините сведоци сочинуваат вистинско меѓународно братство
[Слика на страница 32]
Сега се поставува темелот за Божјиот нов свет