Утеха за потиштените
„Сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8:22). Пред повеќе од 1.900 години, кога ова било запишано, човековото страдање било големо. Многумина биле депримирани. Затоа, христијаните биле подбудени: „Зборувајте им утешно на потиштените души“ (1. Солунјаните 5:14, New World Translation of the Holy Scriptures).
Денес, човековите неволји се многу поголеми и повеќе луѓе од кога и да е порано се потиштени. Но, треба ли тоа да нѐ изненади? Не многу, затоа што Библијата ова го назначува како ‚последни денови‘, и ги нарекува „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1-5, NW). Исус Христос прорекол дека за време на последните денови ќе постои „мака меѓу нациите“ и „луѓето [ќе] се онесвестуваат од страв и очекување на работите кои доаѓаат на населената земја“ (Лука 21:7-11, 25-27, NW; Матеј 24:3-14).
Кога луѓето доживуваат долготрајна загриженост, страв, жалост или други такви негативни емоции, често стануваат депресивни. Причината за депресија, или крајна ужаленост, може да биде смртта на некој сакан, развод, отпуштање од работа или непопустлива болест. Луѓето исто така стануваат депресивни кога развиваат чувство на безвредност, кога сметаат дека ништо не постигнале или дека ги разочарале другите. Секој може да биде опустошен од стресна ситуација, но кога поединецот развива чувство на безнадежност и не е способен да види некаков излез од лошата ситуација, може да настане болна депресија.
Луѓето во старо време доживувале слични чувства. Јов пател од болест и лична несреќа. Мислел дека Бог го напуштил, па затоа изразил одвратност спрема животот (Јов 10:1; 29:2, 4, 5). Јаков бил потиштен заради очигледната смрт на својот син, одбивал да го тешат и сакал да умре (1. Мојсеева 37:33-35). Чувствувајќи вина заради сериозната погрешка, цар Давид оплакувал: „Цел ден одев наоколу жалосен. Сум станал бесчувствителен“ (Псалми 38:6-8, NW; 2. Коринтјаните 7:5, 6).
Денес многумина станале депримирани бидејќи се преоптовариле, обидувајќи се да следат секојдневна рутина која е над нивните душевни, емоционални и физички способности. Очигледно стресот, придружен со негативни мисли и емоции, може да влијае на телото и да придонесе за хемиска нерамнотежа во мозокот, и така да создаде депресија. (Спореди Соломонови изреки 14:30.)
Помош која им е потребна
Епафродит, христијанин од првиот век од Филипи, станал „потиштен затоа што [неговите пријатели] чуле дека се разболел“. Епафродит, кој се разболел откако пријателите го испратиле во Рим со продукти за апостол Павле, можеби имал чувство дека ги разочарал своите пријатели и дека го гледаат како ништо да не постигнал (Филипјаните 2:25-27, NW; 4:18). Како помогнал апостол Павле?
Тој го испратил Епафродит дома со писмо до филипјанските пријатели, во кое рекол: „Со сета радост пружете му [на Епафродит] вообичаено добредојде во Господ; и понатаму ценете ги таквите луѓе“ (Филипјаните 2:28-30, NW). Фактот дека Павле зборувал толку извонредно за него и дека Филипјаните го пречекале срдечно и наклонето, сигурно го утешиле Епафродит и му помогнале да се ослободи од својата потиштеност.
Без сомнение, библискиот совет да ‚им зборуваме утешно на потиштените души‘, е најдобриот. „Потребно ти е да знаеш дека другите се грижат за тебе како личност“, вели една жена која страдала од депресија. „Потребно ти е да слушаш некого како вели: ‚Те разбирам; сѐ ќе биде во ред‘.“
Оној кој е потиштен често треба да преземе иницијатива и да побара некого кој може да се соживее, на кого ќе се довери. Тој треба да биде добар слушател и мошне трпелив. Тој или таа треба да избегнува да му држи лекции на потиштениот или да кажува осудувачки изјави како: ‚Не треба така да се чувствуваш‘ или ‚Тоа е погрешен став‘. Чувствата на депримираниот се кревки и таквите критички коментари само ќе придонесат да се чувствува полошо заради себе.
Оној кој е потиштен може да чувствува безвредност (Јона 4:3). Сепак, тој треба да запомни дека она што навистина е важно е тоа како Бог вреднува некого. Луѓето ‚за ништо не го сметале‘ Исус Христос, но тоа не ја променило неговата права вредност кај Бог (Исаија 53:3). Биди уверен, токму како што Бог го сака својот драг Син така те сака и тебе (Јован 3:16).
Исус ги сожалувал оние кои биле во неволја и се обидувал да им помогне да ја согледаат својата лична вредност (Матеј 9:36; 11:28-30; 14:14). Тој објаснил дека Бог ги цени дури и малите, безначајни врапчиња. „Ниедно од нив не е заборавено од Бога“, рекол тој. Колку многу повеќе тој ги вреднува луѓето кои се обидуваат да ја вршат неговата волја! За нив Исус рекол: „И косата на главата ви е изброена“ (Лука 12:6, 7).
Навистина, за човек кој е болно депримиран, кој е надвладеан од своите слабости и недостатоци, може да биде тешко да верува дека Бог толку високо го цени. Тој може да биде уверен дека е недостоен за божјата љубов и грижа. „Нашите срца можат да нѐ осудуваат“, признава Божјата Реч. Но дали е тоа одлучувачкиот фактор? Не, не е. Бог согледува дека грешните луѓе можат да размислуваат негативно и дури да се осудуваат. Затоа неговата Реч ги утешува: „Бог е поголем од нашите срца и ги знае сите работи“ (1. Јованово 3:19, 20, NW).
Да, нашиот љубезен небесен Татко гледа повеќе отколку нашите гревови и грешки. Ги познава олеснителните околности, целиот наш живот, нашите мотиви и намери. Знае дека сме наследиле грев, болест и смрт и затоа имаме големи ограничувања. Фактот дека чувствуваме жалост и се лутиме на себе, сам по себе е доказ дека не сакаме да грешиме и дека не сме отишле предалеку. Библијата вели дека сме биле „подолжни на ништожност“ против наша волја. Затоа Бог сочувствува со нашата јадна состојба и сочувствително ги зема во обѕир нашите слабости (Римјаните 5:12; 8:20, NW).
„Јехова е милосрден и милостив“, дадена ни е гаранција. „Колку што е далеку изгрејсонцето од зајдисонцето, толку далеку ги оддалечил од нас нашите престапи. Бидејќи самиот добро ја знае нашата градба, се сеќава дека сме прав“ (Псалми 103:8, 12, 14, NW). Навистина, Јехова е „Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. Коринтјаните 1:3, 4).
Помошта која најмногу им треба на потиштените доаѓа од приближувањето кон нивниот милосрден Бог и од прифаќањето на неговиот повик да ‚ја пренесат на него маката своја‘. Тој може навистина да ‚ги оживи срцата на скрушените‘ (Псалми 54[55]:22; Исаија 57:15). Затоа Божјата Реч охрабрува на молитва, велејќи: „Сите ваши грижи оставете ги на [Јехова], зашто Он се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Да, со помош на молитва и преколнување лицето може да му се приближи на Бог и да го ужива „мирот Божји, што надвишува секој ум“ (Филипјаните 4:6, 7; Псалми 15[16]:8, 9).
Практични прилагодувања во начинот на живот може исто така да му помогне на лицето да го надмине депресивното расположение. Многу е важно физичкото вежбање, јадењето здрава храна, дишење свеж воздух и достатен одмор, и избегнување на прекумерно гледање ТВ. Една жена им помагала на депресивни така што ги терала да одат брзо. Кога една депримирана госпоѓа рекла: „Не сакам така да одам“, жената љубезно, но одлучно ѝ одговорила: „Да, ќе одите“. Жената раскажува: „Одевме шест километри. Кога се вративме, таа беше уморна, но се чувствуваше подобро. Не можете да верувате колку е корисно енергичното вежбање додека не се обидете“.
Меѓутоа, понекогаш е невозможно депресијата да се сузбие потполно, дури и кога е испробано сѐ, вклучувајќи и медицинска терапија. „Пробав сѐ,“ вели една средовечна жена, „но депресијата остана.“ Слично е со слепилото, глувоста или сакатоста, често е невозможно да се излечат. Сепак, депресивните можат да најдат утеха и надеж преку редовното читање на Божјата Реч која донесува сигурна надеж за трајно ослободување од сите човечки болести (Римјаните 12:12; 15:4).
Кога никој повеќе нема да биде потиштен
Кога ги опишал страшните работи кои доаѓаат на Земјата во последните денови, Исус додал: „Кога ќе почнат да се случуваат тие работи, исправете се и кренете ги своите глави, зашто се ближи вашето ослободување“ (Лука 21:28, NW). Исус зборувал за ослободување во Божјиот преведен нов свет кадешто „самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21, NW).
Какво ослободување за луѓето ќе биде да се ослободат од бремињата на минатото и секој ден да се будат со кристално чисти мисли, спремни да се зафатат со дневните активности! Никој повеќе нема да биде обвиткан со облакот од депресија. Човештвото го има сигурното ветување дека „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
Доколку не е наведено поинаку, библиските стихови се од Светото писмо на современ македонски јазик (Британско и инострано библиско друштво, 1990)