Тринаесетто поглавје
Ако бракот е пред распаѓање
1, 2. Кога бракот се наоѓа под притисок, кое прашање треба да се постави?
ВО 1988 година, една Италијанка по име Лучија била многу депримирана.a После десет години нејзиниот брак се распаѓал. Многупати се обидувала да се помири со својот сопруг, но тоа едноставно не ѝ успевало. Затоа се одвоила од него поради неусогласеност и морала сама да подига две ќерки. Кога ќе помисли на тоа време, Лучија се потсетува: „Бев сигурна дека ништо не можеше да го спаси нашиот брак“.
2 Ако имаш брачни проблеми, можеби ќе можеш да се соживееш со Лучија. Твојот брак можеби е во криза и се прашуваш дали сѐ уште може да се спаси. Ако е така, ќе увидиш дека е корисно да размислиш за ова прашање: Дали ги следев сите добри совети што Бог ги дал во Библијата за да помогне бракот да се направи успешен? (Псалм 118:105).
3. Иако разводот станал популарен, за каква реакција се известува кај многу разведени лица и нивните семејства?
3 Кога односите меѓу мажот и жената се многу напнатни, можеби изгледа дека поништувањето на бракот е најлесната постапка. Но, иако многу земји доживеале шокантен пораст на распаднати семејства, неодамнешните истражувања покажуваат дека еден голем процент на разведени мажи и жени жалат поради разводот. Извесен број од нив страдаат од повеќе здравствени проблеми, како физички така и ментални, отколку оние кои остануваат во брак. Збрканоста кај децата од разведените бракови и чувството дека се несреќни, честопати траат со години. Родителите и пријателите на распаднатото семејство исто така страдаат. Но на кој начин Бог, Основачот на бракот, гледа на таа ситуација?
4. Како треба да се решаваат проблемите во бракот?
4 Како што беше забележано во претходните поглавја, Бог имал намера бракот да биде доживотна врска (1. Мојсеева 2:24). Тогаш, зошто се распаѓаат толку многу бракови? Тоа не може да се случи прекуноќ. Обично има знаци на предупредување. Малите проблеми во бракот можат да стануваат сѐ поголеми додека не почнат да изгледаат несовладливи. Но, ако овие проблеми се решаваат веднаш со помош на Библијата, би можеле да се избегнат многу распади на бракови.
БИДИ РЕАЛЕН
5. Со која реална ситуација треба да се соочи секој брак?
5 Еден фактор кој понекогаш води до проблеми се нереалните очекувања што можеби ги имаат едниот или обата брачни партнера. Љубовните романи, популарните списанија, телевизиските програми и филмовите можат да создадат надежи и сништа кои се далеку од реалниот живот. Кога тие сништа нема да се исполнат, една личност може да се чувствува измамена, незадоволна, па дури и огорчена. Сепак, како можат двајца несовршени луѓе да пронајдат среќа во бракот? Потребен е напор за да се постигне еден успешен однос.
6. а) Какво урамнотежено гледиште за бракот дава Библијата? б) Кои се некои причини за несогласувања во бракот?
6 Библијата е практична. Таа ги признава радостите на бракот, но исто така предупредува дека оние кои стапуваат во брак „ќе имаат телесни неволи“ (1. Коринтјаните 7:28). Како што беше веќе забележано, обата партнера се несовршени и се склони кон грев. Менталната и емоционалната градба, како и воспитувањето на секој партнер, се различни. Брачните двојки понекогаш не се согласуваат во врска со парите, децата и роднините. Извор на расправии може да биде и неодвојувањето доволно време за да се прават работите заедно, како и сексуалните проблеми.b Потребно е време за да се излезе на крај со овие работи, но не се обесхрабрувај! Повеќето брачни двојки можат да се соочат со таквите проблеми и да донесат обострано прифатливи решенија.
ДИСКУТИРАЈ ЗА НЕСОГЛАСУВАЊАТА
7, 8. Ако помеѓу брачните партнери дојде до повредени чувства или недоразбирања, кој е библискиот начин за да се решат?
7 На многумина им е тешко да останат смирени кога дискутираат за повредени чувства, недоразбирања или за личните пропусти. Наместо отворено да рече: „Чувствувам дека сум погрешно сфатен“, сопружникот можеби ќе се вознемири и ќе го преувеличи проблемот. Многумина ќе речат: „Ти се грижиш само за себеси“ или „Ти не ме сакаш“. Другиот сопружник можеби одбива да одговори затоа што не сака да биде вовлечен во расправија.
8 Еден подобар начин на постапување што треба да се следи е да се внимава на библискиот совет: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26). Кога една среќна брачна двојка дошла до својата 60-годишнина на бракот, била запрашана во што е тајната на нивниот успешен брак. Сопругот рекол: „Научивме да не си легнуваме сѐ додека не ги средиме несогласувањата, па макар колку и да се мали“.
9. а) Што е откриено во Библијата како еден многу важен дел од комуникацијата? б) Што треба често да прават брачните другари, иако за тоа се потребни храброст и понизност?
9 Кога меѓу сопругот и сопругата ќе дојде до несогласување, секој од нив треба да „биде брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Откако внимателно ќе се сослушаат, обата партнера можеби ќе увидат дека е потребно да се извинат (Јаков 5:16). За да се рече искрено: „Извини што те повредив“, потребни се понизност и храброст. Но, ако со несогласувањата се постапува на таков начин, тогаш тоа многу ќе ѝ помогне на брачната двојка не само да ги реши проблемите туку и да создаде срдечност и блискост, кои ќе придонесат да најдат поголемо задоволство во дружењето еден со друг.
ДА СЕ ИЗВРШУВА БРАЧНАТА ДОЛЖНОСТ
10. Која заштита што им ја препорачал Павле на коринтските христијани може да важи и за денешниот христијанин?
10 Кога апостол Павле им пишал на коринтјаните, тој го препорачал бракот „за да се избегне блудството“ (1. Коринтјаните 7:2). Светот денес е исто толку лош, па дури и полош од древниот Коринт. Неморалните теми за кои луѓето од светот отворено дискутираат, нескромниот начин на облекување и сензуалните раскази кои се изнесени во списанијата и во книгите, на ТВ и во филмовите, сите заедно побудуваат недозволени сексуални апетити. На коринтјаните, кои живееле во слична средина, апостол Павле им рекол: „Подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат [да се распламтени од страст, НС]“ (1. Коринтјаните 7:9).
11, 12. а) Што си должат еден на друг сопругот и сопругата, и во каков дух треба да се извршува тоа? б) Како треба да се постапи во ситуација кога брачната должност треба привремено да се одложи?
11 Затоа, на венчаните христијани Библијата им заповеда: „Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената — спрема мажот“ (1. Коринтјаните 7:3). Забележи дека нагласокот е ставен на давањето — а не на барањето. Телесната блискост во бракот ќе донесе вистинско задоволство само ако секој партнер мисли на доброто на другиот. На пример, Библијата им заповеда на сопрузите да се однесуваат кон своите жени „според спознанието“ (1. Петрово 3:7, НС). Ова важи особено во поглед на давањето и добивањето на брачната должност. Ако со жената не се постапува нежно, нејзе може да ѝ биде тешко да се радува на овој аспект на бракот.
12 Има времиња кога брачните другари можеби мораат да си ја ускратат брачната должност. Ова може да биде случај со сопругата во извесни периоди од месецот или кога се чувствува многу уморна. (Спореди 3. Мојсеева 18:19.) Тоа може да биде случај со сопругот кога се соочува со некој сериозен проблем на работа и се чувствува емоционално исцрпен. Таквите случаи на привремено одложување на извршувањето на брачната должност најдобро се решаваат ако обата партнера отворено дискутираат за ситуацијата и се согласат со меѓусебен „договор“ (1. Коринтјаните 7:5). Ова ќе ги спречи обата партнера да не донесат избрзани, погрешни заклучоци. Меѓутоа, ако жената своеволно му ја ускратува на својот сопруг брачната должност или ако сопругот намерно не ја извршува таа должност со љубов, партнерот може да биде ставен на искушение. Во една таква ситуација, во бракот можат да се појават проблеми.
13. Како можат да постапуваат христијаните за да го зачуваат своето размислување чисто?
13 Како и сите христијани, слугите на Бог кои се во брак мораат да избегнуваат порнографија, која може да создаде нечисти и неприродни желби (Колосјаните 3:5). Исто така, тие мораат да внимаваат на своите мисли и постапки кога контактираат со сите припадници на спротивниот пол. Исус предупредил: „Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:28). Ако го применуваат библискиот совет во врска со сексот, брачните двојки ќе можат да избегнат да паднат во искушение и да извршат прељуба. Тие можат и понатаму да се радуваат на една прекрасна интимност во таков брак во кој сексот се цени како еден добар подарок од Основачот на бракот, Јехова (Изреки 5:15—19).
БИБЛИСКА ОСНОВА ЗА РАЗВОД
14. Каква жална ситуација се појавува понекогаш? Зошто?
14 За среќа, во повеќето христијански бракови можат да се решат секакви проблеми што ќе се појават. Меѓутоа, понекогаш тоа не е случај. Поради тоа што луѓето се несовршени и живеат во еден грешен свет со кој управува Сатана, некои бракови сепак доаѓаат до распаѓање (1. Јованово 5:19). Како треба да постапат христијаните во една таква тешка ситуација?
15. а) Кој е единствениот библиски темел за развод со можност за повторно стапување во брак? б) Зошто некои одлучиле да не се разведат од неверниот брачен другар?
15 Како што беше спомнато во второто поглавје од оваа книга, блудот е единствената библиска основа за развод со можност за повторно стапување во бракc (Матеј 19:9, НС). Ако имаш јасен доказ дека твојот брачен другар бил неверен, тогаш пред тебе стои една тешка одлука. Дали ќе го продолжиш бракот или ќе се разведеш? Не постојат правила. Некои христијани потполно му простиле на партнерот кој искрено се каел, а зачуваниот брак на крајот испаднал добар. Други, пак, одлучиле да не се разведат само заради децата.
16. а) Кои се некои фактори поради кои некои биле поттикнати да се разведат од својот брачен другар кој згрешил? б) Кога недолжниот сопружник ќе донесе одлука да се разведе или да не се разведе, зошто никој не треба да ја критикува неговата одлука?
16 Од друга страна, пак, грешната постапка можеби довела до бременост или до некоја сексуално пренослива болест. Можеби децата треба да бидат заштитени од родителот кој врши сексуална злоупотреба. Очигледно е дека мора да се размисли за многу работи пред да се донесе одлука. Меѓутоа, ако дознаеш дека твојот брачен партнер ти бил неверен, а потоа продолжиш со сексуалните односи со својот сопружник, на тој начин покажуваш дека си му простил на сопружникот и дека сакаш бракот да продолжи. Повеќе не постои основа за развод со библиска можност за повторно стапување во брак. Никој не треба да се меша во туѓи работи и да се обидува да влијае врз твојата одлука ниту, пак, некој би требало да ја критикува твојата одлука откако ќе ја донесеш. Ти ќе треба да живееш со последиците од она што си го одлучил. „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5).
ОСНОВА ЗА ОДВОЈУВАЊЕ
17. Ако не се работи за блуд, какви ограничувања во поглед на одвојувањето или разводот дава Библијата?
17 Дали има ситуации кои би го оправдале одвојувањето или можеби разводот од брачниот другар дури и ако тој не направил блуд? Да, но во тој случај христијанинот не е слободен да се интересира за трета личност со намера повторно да стапи во брак (Матеј 5:32). Иако Библијата остава простор за едно такво одвојување, таа поставува услов — оној што си заминува да „не се премажува, или, пак, да се помири“ (1. Коринтјаните 7:11). Кои се некои екстремни ситуации во кои одвојувањето би можело да изгледа препорачливо.
18, 19. Кои се некои екстремни ситуации кои можат да доведат до тоа сопружникот да одмери дали е препорачливо законски да се одвои или да се разведе, дури и без можност за повторно стапување во брак?
18 На пример, семејството може да осиромаши поради тешката мрзливост и лошите навики на сопругот.d Можеби тој го прокоцкува семејниот приход или го користи за да ја поддржи својата зависност од дрога и алкохол. Библијата наведува: „Ако некој не се грижи за . . . своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Ако таквиот човек одбива да се промени, можеби дури и ги финансира своите пороци земајќи од парите што ги заработува неговата жена, сопругата можеби ќе одлучи да го заштити своето добро и доброто на своите деца така што ќе добие законско одвојување.
19 За една таква законска постапка може да се размислува и ако сопружникот е премногу насилен кон партнерот, можеби многу често го тепа до таа мера што здравјето, па дури и животот му се во опасност. Освен тоа, ако сопружникот постојано се обидува да го принуди брачниот другар на некој начин да ги прекрши Божјите заповеди, тогаш брачниот другар кој е загрозен може да размислува и за одвојување, особено ако работите дојдат дотаму што и духовниот живот е доведен во опасност. Партнерот кој се наоѓа во опасност може да дојде до заклучок дека единствениот начин ‚да му се покорува на Бога повеќе отколку на луѓето‘ е да добие законско одвојување (Дела 5:29).
20. а) Во случај семејството да се распаѓа, што можат да понудат зрелите пријатели и старешините, а што не треба да понудат? б) Иако во Библијата се спомнува одвојување, за каков изговор не смеат да го користат тоа венчаните луѓе?
20 Во сите случаи на крајно малтретирање од страна на сопружникот, никој не треба да врши притисок врз недолжниот брачен партнер, сеедно дали да се одвои или да остане со другиот. Иако зрелите пријатели и старешините можат да понудат поддршка и совет кој се темели на Библијата, тие не можат да ги знаат сите поединости од она што се случува помеѓу сопругот и сопругата. Само Јехова може да го види тоа. Се разбира, една христијанска сопруга не би покажала почитување кон Божјата подготовка за брак доколку користи слаби изговори за да се ослободи од бракот. Но, ако крајно опасната ситуација потрае, никој не треба да ја критикува доколку одлучи да се одвои. Истите работи можат да се речат и во врска со христијанскиот сопруг кој бара одвојување. „Сите ние ќе застанеме пред Божјата судска столица“ (Римјаните 14:10, НС).
КАКО БИЛ СПАСЕН ЕДЕН РАСПАДНАТ БРАК
21. Кое искуство покажува дека библискиот совет за бракот е делотворен?
21 Три месеци откако се одвоила од својот сопруг, Лучија, која беше спомната на почетокот, сретнала Јеховини сведоци и почнала да ја проучува Библијата со нив. „На мое големо изненадување“, објаснува таа, „Библијата ми даде практични решенија за мојот проблем. После само една недела проучување, веднаш сакав да се смирам со сопругот. Денес можам да речам дека Јехова знае како да ги спаси браковите што се во криза бидејќи неговите поуки им помагаат на брачните другари да научат како да се почитуваат еден со друг. Не е точно тоа дека Јеховините сведоци ги разделуваат семејствата, како што тврдат некои луѓе. Во мојот случај беше вистинито токму спротивното.“ Лучија научила да ги применува библиските начела во својот живот.
22. Во што треба да имаат доверба сите брачни двојки?
22 Лучија не е исклучок. Бракот треба да биде благослов, а не товар. За таа цел Јехова го обезбедил најдобриот извор за брачен совет што некогаш е напишан — неговата скапоцена Реч. Библијата може да го направи „неискусниот мудар“ (НС) (Псалм 18:7—11). Таа спасила многу бракови кои биле пред распаѓање и подобрила многу други бракови кои имале сериозни проблеми. Сите брачни двојки нека имаат потполна доверба во брачниот совет што го дава Јехова Бог. Тој навистина е делотворен!
[Фусноти]
a Името е променето.
b За некои од овие подрачја стана збор во претходните поглавја.
c Библискиот термин преведен со „блуд“ вклучува постапки на прељуба, хомосексуалност, бестијалност и други своеволни недозволени постапки кои вклучуваат употреба на половите органи.
d Ова не ги вклучува оние ситуации кога сопругот, иако е добронамерен, не е способен да се грижи за своето семејство од причини врз кои не може да влијае, како што е некоја болест или недостиг на можности за вработување.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ПОМОГНАТ . . . ДА СЕ ИЗБЕГНЕ РАСПАД НА БРАКОТ?
Бракот е извор на радост, но и на неволји (Изреки 5:18, 19; 1. Коринтјаните 7:28).
Несогласувањата треба да се решаваат веднаш (Ефесјаните 4:26).
При дискусиите, слушањето е исто толку важно колку и зборувањето (Јаков 1:19).
Брачната должност треба да се извршува во дух на несебичност и нежност (1. Коринтјаните 7:3—5).
[Слика на страница 154]
Брзо решавајте ги проблемите. Не дозволувајте сонцето да зајде во вашата испровоцирана состојба