Лекција 7
Приближување на Бог во молитва
Зошто е важно редовно да се молиме? (1)
Кому треба да му се молиме и како? (2, 3)
Кои се исправни теми за молитва? (4)
Кога треба да се молиш? (5, 6)
Дали Бог ги слуша сите молитви? (7)
1. Молитвата е понизно разговарање со Бог. Треба редовно да му се молиш на Бог. На тој начин можеш да се чувствуваш близок до него како до некој драг пријател. Јехова е толку голем и моќен, а сепак ги слуша нашите молитви! Дали ти редовно му се молиш на Бог? (Псалм 65:2, НС; 1. Солунјаните 5:17).
2. Молитвата е дел од нашето обожавање. Така, треба да му се молиме само на Бог, Јехова. Кога Исус бил на Земјата, тој секогаш му се молел на својот Татко, а не на некој друг. Ние треба да го правиме истото (Матеј 4:10; 6:9). Меѓутоа, сите наши молитви треба да бидат изговорени во името на Исус. Тоа покажува дека ние ја почитуваме Исусовата положба и дека имаме вера во неговата откупна жртва (Јован 14:6; 1. Јованово 2:1, 2).
3. Кога се молиме, треба да разговараме со Бог од нашето срце. Не треба молитвите да ги изговараме напамет или да ги читаме од молитвеник (Матеј 6:7, 8). Можеме да се молиме во секоја пристојна положба, во секое време и на секое место. Бог може да ги чуе дури и тивките молитви изговорени во нашето срце (1. Царства 1:12, 13). Добро е да најдеме тивко место далеку од другите луѓе за да ги изговориме нашите лични молитви (Марко 1:35).
4. За кои теми можеш да се молиш? Сѐ што би можело да влијае врз твоето пријателство со него (Филипјаните 4:6, 7). Пример-молитвата покажува дека треба да се молиме во врска со Јеховиното име и намера. Можеме исто така да молиме да бидат обезбедени нашите материјални потреби, да бидат простени нашите гревови и за помош да се спротивставиме на искушение (Матеј 6:9—13а). Нашите молитви не треба да бидат себични. Треба да се молиме само за работи кои се во согласност со Божјата волја (1. Јованово 5:14).
5. Можеш да се молиш секогаш кога срцето те поттикнува да му благодариш на Бог или да го фалиш (1. Летописи 29:10—13). Треба да се молиш кога имаш проблеми и кога е испитувана твојата вера (Псалм 54:22; 119:1). Соодветно е да се молиш пред да ги земаш оброците (Матеј 14:19, НС). Јехова нѐ повикува да се молиме „во секое време“ (Ефесјаните 6:18).
6. Треба да се молиме особено ако сме извршиле сериозен грев. Во такви прилики треба да преколнуваме за Јеховина милост и простување. Ако му ги исповедаме нему нашите гревови и ако го правиме најдоброто да не ги повторуваме, Бог е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5, НС; Изреки 28:13, НС).
7. Јехова ги слуша молитвите само на праведните луѓе. За да ги чуе Бог твоите молитви, мораш колку што можеш најдобро да се трудиш за да живееш по неговите закони (Изреки 15:29; 28:9). Мораш да бидеш понизен кога се молиш (Лука 18:9—14). Мораш да се трудиш во согласност со она за кое се молиш. На тој начин ќе докажеш дека имаш вера и дека вистински го мислиш она што го изговараш. Само тогаш Јехова ќе одговори на твоите молитви (Евреите 11:6).