Дванаесетто поглавје
Зајакнат од Божји гласник
1. На кој начин Даниел бил благословен поради неговиот жив интерес за остварувањето на Јеховината намера?
ЖИВИОТ интерес што Даниел го имал за остварувањето на Јеховината намера бил богато награден. Му било дадено возбудливото пророштво за 70-те седмици во врска со времето кога ќе се појави Месијата. Исто така, Даниел бил благословен со тоа што видел како верниот остаток од неговиот народ се вратил во татковината. Тоа се случило во 537 пр.н.е., кон крајот на „првата година на персискиот цар Кир“ (1. Ездра 1:1—4).
2, 3. Од која причина можеби Даниел не се вратил во Јуда заедно со еврејскиот остаток?
2 Даниел не бил меѓу оние кои се вратиле во Јуда. На стари години, нему можеби би му било тешко да патува. Во секој случај, Бог сѐ уште имал на ум за него натамошна служба во Вавилон. Поминале две години. И тогаш, извештајот ни кажува: „Во третата година на персискиот цар Кир би откровение до Даниила, кој се викаше Валтазар; и вистинско беше тоа откровение и со голема сила. Тој го разбра тоа откровение и го објасни тоа видение“ (Даниел 10:1).
3 „Третата година на персискиот цар Кир“ би одговарала на 536/535 пр.н.е. Поминале повеќе од 80 години откако Даниел бил доведен во Вавилон заедно со јудејски младинци од царски и благороден род (Даниел 1:3). Ако бил во раните тинејџерски години кога за првпат дошол во Вавилон, до сега би имал веќе скоро 100 години. Колку само прекрасно досие на верна служба имал тој!
4. И покрај поодминатите години на Даниел, која значајна улога уште ќе ја одигра тој во Јеховината служба?
4 И покрај поодминатите години, улогата на Даниел во Јеховината служба не била завршена. Преку него, Бог пак ќе објави пророчка порака која има далекосежно значење. Таа требало да биде пророштво кое ќе се протега до наше време, па дури и понатаму. За да го подготви Даниел за оваа натамошна задача, Јехова сметал дека е соодветно да дејствува во негова корист, да го зајакне за службата која му претстоела.
ПРИЧИНА ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ
5. Кои извештаи веројатно предизвикувале загриженост кај Даниел?
5 Иако Даниел не се вратил во Јуда заедно со еврејскиот остаток, бил длабоко заинтересиран што се случува во неговата сакана татковина. Од извештаите кои стигнале до него, Даниел дознал дека не одело сѐ како што треба. Олтарот и темелот на храмот биле повторно поставени во Ерусалим (1. Ездра, поглавје 3). Но, соседните нации биле против тој проект на повторна изградба, па затоа кроеле планови како да им напакостат на еврејските повратници (1. Ездра 4:1—5). Навистина, лесно било тегобно да се загрижи за многу работи.
6. Зошто го измачувала Даниел состојбата во Ерусалим?
6 Даниел бил запознат со пророштвото на Јеремија (Даниел 9:2). Знаел дека повторното градење на храмот во Ерусалим и обновувањето на вистинското обожавање таму биле тесно поврзани со Јеховината намера во врска со Неговиот народ и дека сето ова ќе се случи пред да се појави ветениот Месија. Всушност, Даниел имал висока предност да го добие од Јехова пророштвото за „седумдесетте седмици“. Од него разбрал дека Месијата ќе дојде по 69 „седмици“ откако ќе излезе законот за обновување и повторна изградба на Ерусалим (Даниел 9:24—27). Меѓутоа, ако се земе предвид дека Ерусалим бил опустошен и дека се одложувала изградбата на храмот, лесно е да се види зошто бил Даниел обесхрабрен, потиштен и депримиран.
7. Што правел Даниел три седмици?
7 „Во тие дни јас, Даниил, бев тажен цели три седмици“, вели извештајот. „Вкусен леб не јадев; месо и вино не влезе во устата моја, и масла не употребив, додека не завршија трите седмици“ (Даниел 10:2, 3). „Три седмици“, или 21 ден на тагување и постење биле необично долг период. Се чини дека завршиле на „дваесет и четвртиот ден од првиот месец“ (Даниел 10:4). Според тоа, периодот на постењето на Даниел ја вклучувал Пасхата, што се одржувала на 14-от ден од првиот месец, Нисан, како и на седмодневниот Празник на бесквасни лебови што следел потоа.
8. Во која поранешна прилика Даниел искрено барал упатство од Јехова, и каков бил исходот?
8 Даниел имал слично искуство и во една прилика порано. Во тоа време бил во недоумица за тоа како ќе се исполни Јеховиното пророштво за 70-годишното опустошување на Ерусалим. Што направил тогаш? „И го свртив лицето свое кон Господа Бога“, рекол Даниел, „со молитва и со молба, во пост, во кострет и пепел.“ Јехова одговорил на молитвата на Даниел со тоа што му го испратил ангелот Гавриел со порака која многу го охрабрила (Даниел 9:3, 21, 22). Дали Јехова сега ќе дејствува на сличен начин и ќе му го даде на Даниел охрабрувањето кое очајнички му било потребно?
ВИЗИЈА КОЈА ВЛЕВА СТРАВОПОЧИТУВАЊЕ
9, 10. а) Каде бил Даниел кога добил визија? б) Опиши што видел Даниел во визијата.
9 Даниел не е разочаран. Тој ни кажува што се случува понатаму со зборовите: „А во дваесет и четвртиот ден од првиот месец се најдов покрај брегот на големата река Тигар; ги кренав очите угоре и видов: ете еден човек, облечен во ленена облека, а крстот му беше препашан со злато од Уфаз“ (Даниел 10:4, 5). Тигар е една од четирите реки кои извирале од градината Едем (1. Мојсеева 2:10—14). Грчкото име Тигрис потекнува од името Тигра кое на староперсиски се користело наместо хебрејското Хидекел. Регионот помеѓу Тигар и Еуфрат бил наречен Месопотамија, што значи „земја меѓу реки“. Ова потврдува дека Даниел, кога ја примил оваа визија, сѐ уште бил во Вавилонија, иако веројатно не во градот Вавилон.
10 Каква само визија добил Даниел! Кога ги кренал очите очигледно не видел обичен човек. Даниел го дава следниов жив опис: „Телото негово изгледаше како топаз, лицето — како светкавица — очите му беа како запалени светила, рацете негови и нозете негови изгледаа како сјаен бакар и гласот на зборовите негови како глас на многу луѓе“ (Даниел 10:6).
11. Како влијаела визијата врз Даниел и врз луѓето кои биле со него?
11 И покрај блескавоста на визијата, Даниел рекол: „Луѓето што беа со мене не го видоа тоа видение“. Од некоја необјаснива причина, ‚страв голем ги обзел, и тие избегале за да се сокријат‘. Значи, Даниел останал сосема сам на брегот на реката. Глетката на ‚големото видение‘ била толку моќна, што признал: „Во мене не остана сила и видот на лицето мое се измени многу, не остана во мене бодрост“ (Даниел 10:7, 8).
12, 13. Што ни кажува за гласникот: а) неговата облека? б) неговиот изглед?
12 Да го разгледаме одблизу овој впечатлив гласник кој толку го исплашил Даниел. Тој бил ‚облечен во ленена облека, а крстот му бил препашан со злато од Уфаз‘. Во древниот Израел, појасот на првосвештеникот, ефодот и наградникот, како и облеките на другите свештеници биле направени од фин преден лен и биле украсени со злато (2. Мојсеева 28:4—8; 39:27—29). Според тоа, облеката на гласникот укажува на светоста и достоинственоста на неговата положба.
13 Исто така, кај Даниел влеал стравопочит изгледот на гласникот — сјајниот блесок на телото слично на скапоцен камен, заслепувачкиот сјај на светлечкото лице, продорната моќ на огнените очи и светликавоста на моќните раце и нозе. Влевал стравопочит дури и заповедничкиот глас. Сето ова јасно покажува дека бил натчовек. Овој „човек, облечен во ленена облека“ не бил никој друг туку ангел од висок ранг, еден од оние кои служеле во светата присутност на Јехова, од каде што дошол со порака.a
,МНОГУ ПОЖЕЛНИОТ‘ ЧОВЕК — ЗАЈАКНАТ
14. Каква помош му била потребна на Даниел за да ја прими ангелската порака?
14 Пораката од Јеховиниот ангел за Даниел била тешка и сложена. Пред да ја прими, на Даниел му била потребна помош да закрепне од физичкото и психичкото страдање. Очигледно свесен за ова, ангелот со љубов лично му помогнал на Даниел и го охрабрил. Да го проследиме она што самиот Даниел го раскажал за случката.
15. Што направил ангелот за да му помогне на Даниел?
15 „И го чув гласот на зборовите негови; и штом го чув гласот на зборовите негови, ненадејно паднав ничкум и лежев со лицето кон земјата.“ Веројатно од страв и исчекување Даниел се здрвил. Што направил ангелот за да му помогне? „Но ете,“ вели Даниел, „рака една се допре до мене и ме исправи на колената мои и на дланките од рацете мои.“ Освен тоа, ангелот го охрабрил пророкот со следниве зборови: „Данииле, сакани [многу пожелен, NW] човеку, задлабочи се во зборовите што ќе ти ги кажам, и исправи се на нозете свои, зашто при тебе сум денеска испратен“. Помошта и утешните зборови повторно го оживеале Даниел. Иако бил „растреперен“, тој ‚станал‘ (Даниел 10:9—11).
16. а) Како може да се види дека Јехова брзо одговара на молитвите на своите слуги? б) Зошто задоцнил ангелот кога доаѓал да му помогне на Даниел? (Вклучи ја рамката.) в) Каква порака имал ангелот за Даниел?
16 Ангелот истакнал дека дошол токму за да го зајакне Даниел. „Не бој се, Данииле!“, рекол ангелот. „Од првиот ден кога го управи срцето свое да постигнеш разбирање и да се смириш пред твојот Бог, зборовите твои беа примени, и јас сакав да дојдам според зборовите твои.“ Тогаш ангелот објаснил зошто имало задоцнување. Тој рекол: „Но кнезот на персиското царство стоеше спроти мене дваесет и еден ден; а тоа е [и ете, NW] Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне и јас останав таму при персискиот цар“. Со помош на Михаел, ангелот можел да ја исполни својата мисија и да дојде кај Даниел со оваа итна порака: „А сега дојдов да ти соопштам, што ќе се случи со твојот народ во последните времиња, зашто видението се однесува кон далечни дни“ (Даниел 10:12—14).
17, 18. Како Даниел добил помош по втор пат, и што можел да стори заради тоа?
17 Наместо Даниел да се одушеви од можноста да добие таква фасцинантна порака, изгледа дека она што го чул имало спротивен ефект врз него. Извештајот вели: „Додека ми зборуваше такви зборови, паднав ничкум на земја и онемев“. Но, ангелскиот гласник бил спремен да му помогне со многу љубов — по втор пат. Даниел рекол: „Ете, еден сличен на синовите човечки се допре до усните мои и јас ја отворив устата своја, почнав да зборувам“b (Даниел 10:15, 16а).
18 Ангелот го зајакнал Даниел кога му ги допрел усните. (Спореди Исаија 6:7.) Со обновена способност да зборува, Даниел можел да му ги објасни на ангелскиот гласник тешкотиите низ кои минувал. Даниел рекол: „Господаре мој, од ова видение утробата во мене се преврте и во мене не остана сила. Па како може слугата Твој, Господи, да зборува со мојот Господар? оти во мене нема сила, и дишењето мое запрело“ (Даниел 10:16б, 17).
19. Како Даниел добил помош по трет пат, и со каков резултат?
19 Даниел не се жалел ниту, пак, се оправдувал. Само си ја кажал тешката ситуација, а ангелот ја прифатил неговата изјава. Така, по трет пат, еден ангелски гласник му помогнал на Даниел. „Тогаш пак се допре до мене тој човечки образ, ме поткрепи [ме зајакна, NW]“, рекол пророкот. После тој допир што влевал сила, гласникот продолжил со следниве утешни зборови: „Не бој се, сакан човеку, мир да имаш; охрабри се, охрабри се!“ Тој допир полн со љубов и изградувачките зборови изгледа дека биле токму она што му било потребно на Даниел. Со каков резултат? Даниел објавил: „И кога зборуваше тој со мене, јас се закрепив и реков: ‚Зборувај Господи мој, зашто ти ме поткрепи‘“. Даниел повторно бил спремен за уште една предизвикувачка задача (Даниел 10:18, 19).
20. Зошто бил потребен напор за ангелскиот гласник да ја изврши својата задача?
20 Откако го зајакнал Даниел и му помогнал да ја обнови својата умствена и физичка способност, ангелот повторно ја навел целта на својата мисија. Тој рекол: „Знаеш ли зошто дојдов при тебе? Сега ќе се вратам за да се борам со персискиот кнез; а штом ќе излезам јас, ќе дојде грчкиот кнез. Но јас ќе ти соопштам што е напишано во вистинското писмо; и нема никој друг, што ќе ми помогне во тоа, освен Михаил, вашиот кнез“ (Даниел 10:20, 21).
21, 22. а) Што можеме да научиме за Јеховиниот начин на постапување со своите слуги од искуството на Даниел? б) За што бил зајакнат Даниел сега?
21 Колку само е Јехова полн со љубов и обѕирен! Тој секогаш постапува со своите слуги во склад со нивните способности и ограничувања. Од една страна, им дава задачи според она што знае дека можат да го постигнат, дури и кога тие понекогаш мислат поинаку. Од друга страна, пак, спремен е да ги сослуша и да им го даде она што е потребно за да им помогне да ги извршат своите задачи. Нека и ние секогаш го имитираме нашиот небесен Татко, Јехова, така што со љубов ќе ги охрабруваме и ќе ги зајакнуваме своите сообожаватели (Евреите 10:24).
22 Утешната порака на ангелот била големо охрабрување за Даниел. И покрај поодминатите години, Даниел сега бил зајакнат и подготвен да прими и да запише едно натамошно извонредно пророштво во наша корист.
[Фусноти]
a Иако не е кажано како се вика овој ангел, изгледа дека е истиот чијшто глас се слушнал како го упатува Гавриел да оди да му помогне на Даниел со визијата која штотуку ја видел. (Спореди Даниел 8:2, 15, 16 со 12:7, 8.) Освен тоа, Даниел 10:13 покажува дека Михаел, „еден од првите [најистакнатите, NW] кнезови“, дошол за да му помогне на овој ангел. Според тоа, овој неименуван ангел мора да ја ужива привилегијата блиску да соработува со Гавриел и со Михаел.
b Иако истиот ангел кој зборувал со Даниел можеби му ги допрел усните и го освежил, начинот на изразување во овој случај остава простор за можноста друг ангел, можеби Гавриел, да го сторил тоа. Во секој случај, ангелскиот гласник го зајакнал Даниел.
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Зошто задоцнил Јеховиниот ангел кога доаѓал да му помогне на Даниел во 536/535 пр.н.е.?
• Што покажува за ангелскиот гласник неговата облека и изглед?
• Каква помош му била потребна на Даниел, и како му ја пружил ангелот три пати?
• Каква порака имал ангелот за Даниел?
[Рамка на страници 204 и 205]
Ангелски чувари или демонски владетели?
МОЖЕМЕ многу да научиме за ангелите од она што го вели книгата Даниел. Таа ни кажува за улогата што ја играат тие во извршувањето на Јеховината реч и за напорите што ги вложуваат за да ги исполнат своите задачи.
Божјиот ангел рекол дека „кнезот на персиското царство“ му го препречил патот кога доаѓал за да зборува со Даниел. Откако се борел со него 21 ден, ангелскиот гласник можел да продолжи по патот само со помош на „Михаил, еден од првите кнезови“. Ангелот, исто така, рекол дека пак ќе мора да се бори со тој непријател и веројатно со „грчкиот кнез“ (Даниел 10:13, 20). Тоа не било лесна задача, дури ни за еден ангел! Меѓутоа, кои се овие кнезови на Персија и Грција?
Пред сѐ, забележуваме дека Михаел бил наречен „еден од првите кнезови“ и „вашиот кнез“. Подоцна, Михаел се спомнува како „големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на [Даниеловиот] народ“ (Даниел 10:21; 12:1). Ова укажува на Михаел како на ангелот кој бил наименуван од Јехова да ги води Израелците низ пустелијата (2. Мојсеева 23:20—23; 32:34; 33:2).
Овој заклучок го поддржува и изјавата на ученикот Јуда дека ‚Архангел Михаил, се препирал со ѓаволот за Мојсеевото тело‘ (Јуда 9). Положбата, моќта и авторитетот што го имал Михаел го направиле навистина „архангел“, што значи „главниот ангел“ или „најистакнатиот ангел“. Сосема е соодветно оваа возвишена положба да не може да се припише на никој друг освен на Исус Христос, Божјиот Син, пред тој да живее на Земјата и после тоа (1. Солунјаните 4:16; Откровение 12:7—9).
Дали тоа значи дека Јехова наименувал ангели и над такви нации како Персија и Грција за да ги водат нивните работи? Па, Исус Христос, Божјиот Син, отворено изјавил: „Владетелот на светот . . . нема власт над мене“. Исто така, Исус рекол: „Моето царство не е дел од овој свет . . . моето царство не е одовде“ (Јован 14:30; 18:36, обата NW). Апостол Јован објавил дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, NW). Јасно е дека нациите на светот никогаш не биле ниту се сега под водството односно владетелството на Бог или на Христос. Иако Јехова дозволува „претпоставените власти“ да постојат и да задржат контрола над земните владини работи, Тој не наименува свои ангели над нив (Римјаните 13:1—7). Сите „кнезови“ или „владетели“ над нив може да бидат поставени само од „владетелот на светот“, Сатана Ѓаволот. Значи, тие мора да се демонски владетели, а не ангелски чувари. Според тоа, зад видливите владетели стојат невидливи демонски сили, односно „кнезови“, и во националните конфликти не се вмешани само обични луѓе.2
[Слика на целата страница 199]
[Слика на целата страница 207]