Петто поглавје
Јехова ги понижува самовозвишените
1, 2. Зошто пророчката порака на Исаија до Евреите од негово време е од интерес за нас?
БИДЕЈЌИ му се гади од состојбата во Ерусалим и во Јуда, пророкот Исаија сега му се обраќа на Јехова Бог и изјавува: „Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом“ (Исаија 2:6а). Што го испровоцирало Бог да го отфрли народот којшто самиот тој го избрал како своја „посебна сопственост“? (Второзаконие 14:2, NW).
2 Јавната оптужба што им ја изрекува Исаија на Евреите од своето време е од голем интерес за нас. Зошто? Затоа што состојбата на денешниов христијански свет е многу слична на состојбата на народот на Исаија, а таков е и судот што го изрекува Јехова. Ако обрнеме внимание на објавата на Исаија, тоа ќе ни даде јасно разбирање на она што Бог го осудува и ќе ни помогне да одбегнуваме практики коишто тој не ги одобрува. Тогаш, со горливо исчекување да ја разгледаме Јеховината пророчка реч што е запишана во Исаија 2:6—4:1.
Во гордост се поклонуваат
3. Кој престап на својот народ го исповеда Исаија?
3 Исповедувајќи го престапот на својот народ, Исаија вели: „Се наполнија со она што е од Истокот, и практикуваат магија како Филистејците, врие кај нив од деца на странци“ (Исаија 2:6б, NW). Околу 800 години пред тоа, Јехова му заповедал на својот избран народ: „Не се онечистувајте со ништо од тоа! Со сѐ тоа се онечистуваат народите, што Јас ги гонам пред вас“ (Левит 18:24). Во врска со оние коишто ги одбрал за своја посебна сопственост, Јехова го принудил Валаам да каже: „Јас го гледам од врвот на карпите, Го набљудувам од високиот брег: Ете, народ, кој живее одвоено, тој не се вбројува меѓу народите“ (Броеви 23:9, 12). Сепак, до деновите на Исаија, Јеховините избраници веќе ги имаат усвоено одвратните практики на околните нации и ‚се полни со она што е од Истокот‘. Наместо да положат вера во Јехова и во неговата реч, тие практикуваат „магија како Филистејците“. Далеку од тоа да се држи одвоена од нациите, земјата „врие“ од „деца на странци“ — без сомнение, странци кои вовеле безбожни практики меѓу Божјиот народ.
4. Наместо да ги наведат Евреите да му благодарат на Јехова, како влијаат врз нив богатството и воената сила?
4 Забележувајќи ја текуштата економска благосостојба и воена сила на Јуда под цар Озиј, Исаија вели: „Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли“ (Исаија 2:7). Дали му благодари народот на Јехова за таквото богатство и воена сила? (2. Летописи 26:1, 6—15). Далеку од тоа! Напротив, тие својата доверба ја полагаат во самото богатство и се одвраќаат од неговиот Извор, Јехова Бог. Со каков резултат? „Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти. Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им“ (Исаија 2:8, 9). Тие го свртуваат настрана своето лице од живиот Бог и се поклонуваат на безживотни идоли.
5. Зошто поклонувањето на идоли не е чин на понизност?
5 Поклонувањето може да биде знак на понизност. Но поклонување на безживотни работи е залудно, прави обожавателот на идолот да се „снизи“, да се изопачи. Како може Јехова да им прости таков грев? Што ќе прават овие идолопоклоници кога Јехова ќе бара од нив да поднесат сметка?
„Гордиот поглед ќе биде скршен“
6, 7. а) Што се случува со самовозвишените лица во денот на Јеховиниот суд? б) Против што и против кого го изразува Јехова својот гнев, и зошто?
6 Исаија продолжува: „Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество“ (Исаија 2:10). Но, ниту една карпа нема да биде доволно голема за да ги заштити, ниту една покривка нема да биде доволно дебела за да ги скрие од Јехова, Семоќниот. Кога тој доаѓа да го изврши својот суд, „гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши. Единствено Тој — во оној ден“ (Исаија 2:11).
7 ,Денот на Господа над Војските‘ доаѓа. Тоа ќе биде време за Бог да ја покаже својата лутина „против сите либански кедри и против сите васански дабови; против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови; против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови; против сите тарсиски бродови, и против сите раскошни бродови“ (Исаија 2:12—16). Да, во денот на Јеховиниот гнев, на секоја организација подигната од човек како симбол на неговата гордост, и на секој безбожен поединец ќе му биде обрнато внимание. Така, „човечката гордост ќе падне и човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој — во оној ден“ (Исаија 2:17).
8. Како доаѓа претскажаниот ден на суд над Ерусалим во 607 пр.н.е.?
8 Проречениот ден на суд над Евреите доаѓа во 607 пр.н.е. кога вавилонскиот цар Навуходоносор го уништува Ерусалим. Жителите го гледаат својот љубен град во пламен, своите величествени згради демолирани, своите моќни ѕидини разбиени. Храмот на Јехова е претворен во крш. Ниту нивните богатства ниту нивните бојни коли нема ништо да им вредат во ‚денот на Господа над Војските‘. А нивните идоли? Ќе им се случи токму она што го претскажува Исаија: „Идолите на нечистите божества ќе ги снема без трага“ (Исаија 2:18). Евреите — вклучувајќи ги кнезовите и моќните луѓе — се одведени во изгнанство во Вавилон. Ерусалим ќе лежи опустошен 70 години.
9. На кој начин состојбата на христијанскиот свет е слична на онаа на Ерусалим и Јуда во деновите на Исаија?
9 Колку само е слична состојбата на христијанскиот свет на онаа на Ерусалим и Јуда во деновите на Исаија! Христијанскиот свет, без сомнение, негува близок однос со нациите на овој свет. Тој одушевено ги поддржува Обединетите нации и ја има исполнето својата куќа со идоли и со небиблиски практики. Неговите приврзаници се материјалисти и ја полагаат својата доверба во воената сила. И зар тој не гледа на своето свештенство како на достојно за големи одликувања, доделувајќи му титули и почести? На самовозвишувањето на христијанскиот свет сигурно ќе му биде избришана секоја трага. Но, кога?
Претстојниот ,Јеховин ден‘
10. На кој ‚Јеховин ден‘ укажуваат апостолите Павле и Петар?
10 Писмото укажува на еден ‚Јеховин ден‘ кој ќе биде од далеку поголемо значење отколку денот на суд над древните Ерусалим и Јуда. Апостол Павле, под инспирација, го поврзал претстојниот ‚Јеховин ден‘ со присутноста на востоличениот цар Исус Христос (2. Солуњаните 2:1, 2). Петар зборувал за тој ден во поврзаност со воспоставувањето на ‚нови небеса и нова земја во кои ќе престојува праведност‘ (2. Петрово 3:10—13). Тоа е денот во кој Јехова ќе го изврши својот суд над целиот зол систем на работи, вклучувајќи го и христијанскиот свет.
11. а) Кој ќе го „истрпи“ претстојниот ‚Јеховин ден‘? б) Како можеме да го направиме Јехова наше прибежиште?
11 „О каков ден!“ вели пророкот Јоил. „Зашто Јеховиниот ден е близу и доаѓа како грабеж од Семоќниот.“ Со оглед на неизбежноста на овој „ден“, не треба ли сите да сме заинтересирани за безбедноста во текот на тој ден кој влева страв? „Кој ќе го истрпи?“ прашува Јоил. Тој одговара: „Јехова ќе биде прибежиште за својот народ“ (Јоил 1:15; 2:11; 3:16, сите NW). Дали ќе биде Јехова Бог прибежиште за оние што имаат горделив дух и ја полагаат својата доверба во богатство, во воена сила и во богови направени од луѓе? Невозможно! Бог го напуштил дури и својот избран народ кога постапувал на ваков начин. Колку само е важно сите Божји слуги ‚да ја бараат правдата, да ја бараат смиреноста‘ и сериозно да испитаат кое место го има Јеховиното обожавање во нивниот живот! (Софонија 2:2, 3).
„На кртиците и лилјаците“
12, 13. Зошто е соодветно во Јеховиниот ден обожавателите на идоли да ги фрлат своите богови „на кртиците и лилјаците“?
12 Како обожавателите на идоли ќе гледаат на своите идоли за време на Јеховиниот голем ден? Исаија одговара: „Ќе влезат во дупките меѓу пештерите и во земните дупки, пред Господовиот ужас, пред сјајот на Неговото Величество, кога ќе стане да ја растресе земјата. Во овој ден: човекот ќе им ги фрли на кртиците и лилјаците, своите сребрени идоли и своите златни идоли . . . кога ќе избега во пештерските шупливости и во распуканиците на карпите пред Господовиот страв, пред болскотот на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. Прекратете да се надевате на човекот чиј здив е во неговите носалки: бидејќи што значи тој?“ (Исаија 2:19—22).
13 Кртиците живеат во дупки во земјата, а лилјаците преспиваат во темни и пусти пештери. Освен тоа, таму каде што на едно место преспиваат голем број лилјаци има одвратна смрдеа и наталожени дебели слоеви од измет. Соодветно е идолите да се фрлат на такви места. Место на темнина и нечистотија е токму она што тие го заслужуваат. Што се однесува до луѓето, тие ќе бараат прибежишта во пештерите и во распуканиците на карпите во денот на Јеховиниот суд. Така, судбината на идолите и на нивните обожаватели ќе биде иста. Верно на пророштвото на Исаија, во 607 пр.н.е. безживотните идоли не ги спасиле од рацете на Навуходоносор ниту своите обожаватели ниту Ерусалим.
14. Во текот на претстојниот ден на Јеховиниот суд врз светската империја на лажната религија, што ќе направат луѓето ориентирани кон светот?
14 Што ќе прават луѓето за време на претстојниот ден на Јеховиниот суд врз христијанскиот свет и врз другите сегменти на светската империја на лажната религија? Соочени со сѐ полошата состојба по целата Земја, повеќето веројатно ќе сфатат дека нивните идоли се безвредни. И наместо во нив, тие најверојатно ќе бараат прибежиште и заштита во нерелигиозни, земни организации, можеби вклучувајќи ги и Обединетите нации, ‚скерлетниот див ѕвер‘ од Откровение, 17. поглавје. „Десетте рогови“ на тој симболичен див ѕвер се тие што ќе го уништат Големиот Вавилон, светската империја на лажната религија, чијшто значаен дел е христијанскиот свет (Откровение 17:3, 8—12, 16, 17).
15. Како ќе биде само Јехова ‚возвишен‘ во својот ден на суд?
15 Иако Големиот Вавилон можеби ќе биде директно опустошен и изгорен од страна на тие симболични десет рогови, тоа, всушност, е извршување на судот од Јехова. Во врска со Големиот Вавилон, Откровение 18:8 вели: „Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините неволји, смрт и тага и глад, и ќе биде потполно изгорена со оган, зашто е силен Јехова Бог кој ја осуди“. Затоа на Јехова Бог, Семоќниот, му припаѓа сета заслуга за ослободувањето на човештвото од доминацијата на лажната религија. Како што вели Исаија, „Господ [Јехова, NW] ќе се возвиши, Единствено Тој — во оној ден. Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските“ (Исаија 2:11б, 12а).
,Владетелите те заведуваат‘
16. а) Од што се состои ‚поткрепата‘ на едно човечко општество? б) Како ќе страда народот на Исаија поради тоа што ќе биде одземена ‚поткрепата‘ на нивното општество?
16 За едно човечко општество да биде стабилно, мора да има „поткрепа“ — неопходни работи како храна и вода и, што е уште поважно, водачи достојни за доверба, кои се способни да го водат народот и да одржуваат ред во општеството. Меѓутоа, во врска со древниот Израел Исаија претскажува: „Ете, Господ, Господ над Воинствата, им ги одзема на Ерусалим и Јудеја секоја поткрепа, помош во леб и помош во вода, јунакот и војникот, судијата и пророкот, вражалецот и старешината, педесетникот и чесниот, советникот и мудриот уметник и оној што се занимава со баење“ (Исаија 3:1—3). Обични деца ќе станат кнезови и ќе владеат каприциозно. Не само што владетелите ќе го угнетуваат народот туку и „луѓето ќе бидат угнетувани, човек од човек . . . детето ќе се големее над старецот, простиот над чесниот“ (Исаија 3:4, 5). Деца ‚се големеат‘ над своите старешини поради недостиг на почит кон нив. Условите за живот ќе паднат толку ниско што на оној кој нема никаква квалификација за владетел луѓето ќе му велат: „Ти имаш облека, биди ни главатар, и тие урнатини нека бидат под твоја рака!“ (Исаија 3:6). Но оние што се повикани на тој начин, ќе одбиваат, упорно тврдејќи дека тие немаат ниту способност да ја излечат ранетата земја ниту богатство за да се справат со одговорноста. Тие ќе велат: „Не сакам да бидам водач, нема кај мене ни леб ни облекло: не ме поставајте за кнез на народот“ (Исаија 3:7).
17. а) Во која смисла бил гревот на Ерусалим и Јуда ‚како Содом‘? б) Кого го обвинува Исаија за состојбата на својот народ?
17 Исаија продолжува: „Ерусалим се разурна и Јудеја падна зашто нивниот јазик и нивните дела Му се противат на Господа, па му се бунтуваа на погледот на Неговата Слава. Нивното лице сведочи против нив, го разгласуваат својот грев како Содом и не го кријат, тешко им ним, сами си спремаат пропаст“ (Исаија 3:8, 9). Божјиот народ се побунил против вистинскиот Бог со зборови и со дела. Дури и бесрамниот и непокајнички израз на нивните лица ги разоткрива нивните гревови што се толку одвратни колку оние на Содом. Тие се во сојуз со Јехова Бог, но тој нема да ги промени своите мерила заради нив. „Блазе му на праведникот, ќе се храни со плодот на своите дела! Тешко му на нечесниот, ќе му биде зло, на него ќе паднат делата на неговите раце. Дете го угнетува Мојот народ, и жените владеат со него. О народе мој, твоите владетели те заведуваат и го раскопуваат патот по кој одиш“ (Исаија 3:10—12).
18. а) Каков суд донесува Јехова над старешините и кнезовите од деновите на Исаија? б) Каква лекција учиме од Јеховиниот суд над старешините и кнезовите?
18 За старешините и кнезовите во Јуда, Јехова ‚станал да се суди‘ и „доаѓа на суд“: „Го опустивте Моето лозје, во вашите куќи е што му одзедовте на сиромавиот. Со кое право го угнетувате Мојот народ и го газите лицето на бедниот?“ (Исаија 3:13—15). Наместо да работат за благосостојбата на народот, водачите учествуваат во измами. Го злоупотребуваат својот авторитет со тоа што самите се збогатуваат, а им одземаат на сиромашните и на оние во оскудица. Но овие водачи мораат да одговараат пред Јехова над војските поради своето угнетување на бедниот. Какво само предупредување е ова за оние што денес се на одговорни положби! Добро нека внимаваат да не го злоупотребуваат својот авторитет.
19. За какво угнетување и прогонство е виновен христијанскиот свет?
19 Христијанскиот свет — особено неговото свештенство и главните — со измама стекнал многу од она што му припаѓа на обичниот народ, кого тој го угнетува и продолжува да го угнетува. Тој исто така го тепал, прогонувал и малтретирал Божјиот народ и дал причина за голем прекор на Јеховиното име. Во свое време, Јехова сигурно ќе му суди.
,Место убавина, жиг‘
20. Зошто Јехова јавно ги осудува „сионските ќерки“?
20 Откако јавно ги обвинува водачите за нивните престапи, Јехова се свртува кон жените од Сион, односно Ерусалим. Изгледа поради мода, „сионските ќерки“ носат ‚веришки на нозете‘ — синџирчиња прицврстени на глуждовите — кои создаваат мелодичен ѕвечкав звук. Жените го скратуваат својот чекор и одат „со ситни чекори“, негувајќи го она што би можело да се смета за отмено женствен од. Дали, и ако да, што е погрешно во ова? Погрешен е ставот на овие жени. Јехова вели: „Се гордеат сионските ќерки па одат со испружени вратови, намигнуваат наоколу со окото“ (Исаија 3:16). Таква горделивост не може да избегне казна.
21. Како влијае врз еврејските жени Јеховиниот суд над Ерусалим?
21 Според тоа, кога Јеховиниот суд ќе дојде врз земјата, овие горделиви ‚сионски ќерки‘ ќе изгубат сѐ — дури и убавината на којашто се толку горди. Јехова пророкува: „,Ќе го оќелави Господ темето на сионските ќерки, ќе ја открие Господ нивната голота.‘ Во оној ден Господ ќе одземе сѐ со што се гордее таа: веришките на нозете, мрежите за коса и месечинките, наушниците, нараквиците и превезите, главоврските, појасите, малите садови со мириси и приврските [или амајлии], прстените и обетките за носот, скапоцените облеки и плаштениците, приврските и торбичките, огледалата и кошулчињата, преврските за глава и наметките“ (Исаија 3:17—22; види ги фуснотите, NW со референции). Каков трагичен пресврт!
22. Освен своите украси, што друго губат жените од Ерусалим?
22 Пророчката порака продолжува: „Место благомириси, смрдеж; место појаси, јаже; место кадрави коси, ќелавост; место раскошна облека, вреќиште; место убавина, гнилеж [жиг, NW]“ (Исаија 3:23). Во 607 пр.н.е., гордите жени од Ерусалим паѓаат од богатство на сиромаштво. Ја губат својата слобода и добиваат „жиг“ на ропство.
,Таа сигурно ќе биде очистена‘
23. Што изјавува Јехова во врска со Ерусалим?
23 Зборувајќи сега за градот Ерусалим, Јехова изјавува: „Твоите мажи ќе паднат од меч, твоите јунаци во војна. Твојата врата ќе кука и ќе тажи, [и сигурно ќе бидеш очистена, NW] ќе седиш напуштена на земјата“ (Исаија 3:24, 25). Мажите од Ерусалим, дури и неговите јунаци, ќе бидат погубени во битка. Градот ќе биде срамнет со земја. На неговите ‚врати‘ ќе биде време за ‚кукање и тажење‘. Ерусалим ќе биде ‚очистен‘ и опустошен.
24. Какви драстични последици има за жените од Ерусалим загубата на мажите од меч?
24 Губењето на мажите од меч ќе има драстични последици за жените во Ерусалим. Завршувајќи го овој дел од својата пророчка книга, Исаија претскажува: „Седум жени ќе се фатат за еден маж — во оној ден: ‚Ќе јадеме свој леб, ќе речат, и ќе се облекуваме во своја облека, дај ни само да го носиме твоето име, симни го од нас сиот наш срам‘“ (Исаија 4:1). Недостигот на мажи кои се во состојба да се женат ќе стане толку голем што неколку жени ќе се прилепат кон еден маж за да се наречат со неговото име — то ест, да бидат познати во јавноста како негови сопруги — и со тоа да бидат слободни од срамот што се без сопруг. Мојсеевиот закон барал сопругот да обезбедува средства за храна и облека на својата жена (Излез 21:10). Меѓутоа, со тоа што се согласуваат да ‚јадат свој леб и да се облекуваат во своја облека‘, овие жени се спремни да го ослободат мажот од неговите законски обврски. Каква очајна ситуација за некогаш гордите ‚сионски ќерки‘!
25. Што ги чека во блиска иднина самовозвишените?
25 Јехова ги понижува самовозвишените. Во 607 пр.н.е. тој навистина предизвикал гордоста на неговиот народ да „падне“ и нивната „висина“ да се „понижи“. Нека вистинските христијани не заборават никогаш дека „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (Јаков 4:6).
[Слика на страница 50]
Идолите, богатствата и воените вештини не го спасиле Ерусалим во денот на Јеховиниот суд
[Слика на страница 55]
Во „Јеховиниот ден“, светската империја на лажната религија ќе биде опустошена