Седумнаесетто поглавје
Туѓинци собрани во Божјиот дом на молитва
1, 2. Каква возбудлива објава била дадена во 1935, и од што била дел таа?
ВО ПЕТОК, на 31 мај 1935, Џозеф Ф. Ратерфорд му се обратил на конгресното мноштво во Вашингтон (Д.К.). Тој дискутирал за идентитетот на ‚големото мноштво‘ или ‚големото множество‘, кое во визија го видел апостол Јован. Во кулминацијата на својот говор, брат Ратерфорд побарал: „Сите оние што имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата, ги молам да станат!“ Според изјавата на еден од оние што биле таму, „повеќе од половина од присутните станаа“. Тогаш говорникот рекол: „Гледајте! Големото множество!“ Една жена, која била присутна, се сеќава: „Отпрвин завладеа молк, а потоа радосен клик, и веселото извикување беше гласно и долго“ (Откровение 7:9, Душан Х. Константинов).
2 Тоа било извонреден миг во исполнувањето на едно пророштво запишано пред околу 2.700 години, кое во нашите Библии се наоѓа во Исаија 56. поглавје. Како што е случај со многу други пророштва во Исаија, и ова содржи и утешни ветувања и строги предупредувања. Во својата прва примена, тоа му е упатено на Божјиот народ на сојузот од деновите на Исаија, но неговото исполнување се протега низ вековите сѐ до нашево време.
Што е потребно за спасение
3. Што мораат да прават Евреите ако бараат спасение од Бог?
3 Исаија 56. поглавје започнува со совет до Евреите. Меѓутоа, сите вистински обожаватели треба да обрнат внимание на она што го пишува пророкот. Читаме: „Господ зборува вака: ‚Пазете го правосудството и вршете ја правдата, зашто наскоро ќе дојде Моето спасение и ќе се објави Мојата правда. Блазе му на човекот кој прави така и на синот човечки што се придржува за тоа: кој ја почитува саботата за да не ја онечисти и кој ги чува своите раце од секое зло дело‘“ (Исаија 56:1, 2). Жителите на Јуда што бараат спасение од Бог мораат да бидат послушни на Мојсеевиот закон, да ја почитуваат правдата и да водат праведен живот. Зошто? Затоа што самиот Јехова е праведен. Оние што тежнеат по праведност уживаат среќа, која произлегува од поседувањето Јеховина наклоност (Псалм 144:15б).
4. Зошто е важно држењето на Сабатот во Израел?
4 Пророштвото го истакнува држењето на Сабатот, бидејќи Сабатот е важна одлика на Мојсеевиот закон. Всушност, една од причините за жителите на Јуда на крајот да отидат во изгнанство е нивното занемарување на Сабатот (Левит 26:34, 35; 2. Летописи 36:20, 21). Сабатот е знак на еден посебен однос што Јехова го има со Евреите, и оние што го држат Сабатот покажуваат ценење кон тој однос (Излез 31:13). Освен тоа, држењето на Сабатот ќе ги потсети современиците на Исаија дека Јехова е Творецот. Таквото држење исто така ќе ги потсети на милостите што тој ги покажал кон нив (Излез 20:8—11; Второзаконие 5:12—15). На крајот, држењето на Сабатот ќе им овозможи да имаат редовно, организирано уредување за обожавање на Јехова. Починката од редовната работа еднаш седмично на жителите на Јуда ќе им даде прилика да се молат, да проучуваат и да медитираат.
5. Во принцип, како можат христијаните да го применуваат советот за држење на Сабатот?
5 А како е со христијаните? Дали за нив важи охрабрувањето да се држи Сабатот? Не директно, бидејќи христијаните не се под Законот, па затоа од нив не се бара да го држат Сабатот (Колошаните 2:16, 17). Сепак, апостол Павле објаснил дека за верните христијани постои „сабатна починка“. Оваа „сабатна починка“ вклучува човек да има вера во Исусовата откупна жртва за спасение и да престане да се потпира само на делата (Евреите 4:6—10). Според тоа, зборовите на пророштвото на Исаија во врска со Сабатот ги потсетуваат Јеховините слуги денес дека е битно да имаат вера во Божјето уредување за спасение. Исто така, тоа е добро потсетување за потребата да негуваат близок однос со Јехова и да настојуваат редовно, постојано да го обожаваат.
Утеха за туѓинецот и евнухот
6. На кои две групи им се обрнува внимание сега?
6 Јехова сега им се обраќа на две групи кои сакаат да му служат, но кои според Мојсеевиот закон не се квалификувани да дојдат во еврејското собрание. Читаме: „Нека синот на туѓинецот, кој се прилепил кон Господа, не зборува: ‚Господ ќе ме одвои сосем од својот народ.‘ Нека скопениот [евнухот, NW] не зборува: ‚Еве, јас сум суво дрво‘“ (Исаија 56:3). Туѓинецот се плаши дека ќе биде отсечен од Израел. Евнухот е загрижен дека никогаш не ќе има деца за да го зачуваат неговото име. И двете групи треба да се охрабрат. Пред да видиме зошто, да разгледаме каква положба имале под Законот тие во споредба со нацијата Израел.
7. Какви ограничувања поставува Законот за туѓинците во Израел?
7 На необрежаните туѓинци им е забрането да учествуваат во обожавањето заедно со Израел. На пример, не им е дозволено да учествуваат во Пасхата (Излез 12:43). Туѓинците, кои не ги прекршуваат бесрамно законите на земјата, уживаат правда и гостољубивост, но немаат трајни врски со нацијата. Се разбира, некои потполно го пригрнуваат Законот и, во знак на тоа, мажите се обрежуваат. Така стануваат прозелити, привилегирани да вршат обожавање во дворот на Јеховиниот дом и се сметаат за дел од собранието на Израел (Левит 17:10—14; 20:2; 24:22). Меѓутоа, дури ни прозелитите не се целосни учесници во Јеховиниот сојуз со Израел и немаат наследено земјиште во Ветената земја. Други туѓинци можат да се свртат кон храмот во молитва, и се чини дека можат да принесуваат жртви преку свештенството сѐ додека тие се во склад со Законот (Левит 22:25; 1. Цареви 8:41—43). Но, Израелците не треба блиско да се дружат со нив.
Евнусите добиваат вечно име
8. а) Под Законот, како се гледало на евнусите? б) За што биле користени евнусите кај паганските нации, и на што може понекогаш да се однесува терминот „евнух“?
8 На евнусите, дури и да се родени од еврејски родители, им е одземена можноста да бидат во потполност членови на нацијата Израелa (Второзаконие 23:1). Кај некои пагански нации од библиски времиња, евнусите имале посебна положба и било обичај да се кастрираат некои деца заробени во војна. Евнусите биле наименувани како службеници на царските дворови. Еден евнух можел да биде „чувар на жените“, „чувар на соложниците“ или служител на царицата (Естира 2:3, 12—15; 4:4—6, 9). Нема доказ дека Израелците следеле такви обичаи или дека евнусите биле посебно барани заради вработување во служба на израелските цареви.b
9. Кои утешни зборови им ги упатува Јехова на дословните евнуси?
9 Освен што можеле само ограничено да учествуваат во обожавањето на вистинскиот Бог, дословните евнуси во Израел го трпеле големото понижување поради тоа што не можеле да станат татковци на деца, кои ќе го носат името на својата фамилија. Тогаш, колку се само утешни следните зборови од пророштвото! Читаме: „Зашто вака зборува Господ: ‚Со скопените [евнусите, NW] што ги пазат саботите, кои избираат што Ми е мило Мене, и остануваат постојани во Мојот Завет ќе издигнам во Мојата куќа и меѓу Моите ѕидови споменик и име, подобро отколку на синовите и ќерките, ќе им дадам вечно име што не ќе биде истребено‘“ (Исаија 56:4, 5).
10. Кога се изменила ситуацијата за евнусите, и каква привилегија им била дадена оттогаш наваму?
10 Да, ќе дојде време кога дури и состојбата на дословен евнух повеќе нема да биде пречка за некој да биде потполно прифатен како Јеховин слуга. Ако се послушни, евнусите ќе имаат „споменик“, или место во Јеховината куќа и име, подобро отколку синови и ќерки. Кога се случува ова? По смртта на Исус Христос. Во тоа време, стариот сојуз на Законот бил заменет со нов сојуз, а телесниот Израел бил заменет со „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Оттогаш наваму, сите оние што практикуваат вера можат да му принесуваат прифатлива служба на Бог. Телесните обележја и физичката состојба повеќе не се важни. Оние што верно истрајуваат, сеедно во каква физичка состојба се, ќе имаат „вечно име што не ќе биде истребено“. Јехова нема да ги заборави. Нивните имиња ќе бидат запишани во Божјата ‚Спомен книга‘, и во негово одредено време ќе добијат вечен живот (Малахија 3:16; Пословици 22:1; 1. Јованово 2:17).
Туѓинци вршат обожавање со Божјиот народ
11. Што се поттикнати да направат туѓинците за да добијат благослови?
11 А што е со туѓинците? Пророштвото сега се навраќа на нив, и Јехова има за нив многу утешни зборови. Исаија пишува: „А туѓинските синови, кои се определија за Господа за да Му служат и за да го љубат Господовото Име и за да Му бидат слуги, кои ја почитуваат саботата и не ја онечистуваат и кои се постојани во Мојот Завет, нив ќе ги доведам на Мојата Света Гора и ќе ги развеселам во Мојот Молитвен Дом. Нивните паленици и жртви ќе бидат угодни на Мојот жртвеник, зашто Мојот Дом ќе се нарече Дом на Молитва на сите народи“ (Исаија 56:6, 7).
12. Какво било некогашното разбирање во врска со Исусовото пророштво за ‚другите овци‘?
12 Во нашево време „туѓинските синови“ се појавиле постепено. Пред Првата светска војна, станало јасно дека бројот на поединци што ќе добијат спасение е поголем од бројот на оние што имаат надеж да владеат на небото со Исус — денес познати како Израелот Божји. Библиските студенти биле свесни за Исусовите зборови запишани во Јован 10:16: „И други овци имам, кои не се од ова трло; и нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, и ќе бидат едно стадо, еден пастир“. Сфатиле дека овие „други овци“ се земна класа. Но, повеќето Библиски студенти верувале дека другите овци ќе се појават во текот на илјадагодишното владеење на Исус Христос.
13. На кој начин се резонирало дека овците од Матеј 25. поглавје мораат да се појават во завршните денови од овој систем на работи?
13 На крајот бил постигнат напредок во разбирањето на еден поврзан стих што зборува за овци. Во Матеј 25. поглавје се наоѓа извештајот за Исусовата парабола за овците и козите. Според таа парабола, овците добиваат вечен живот бидејќи ги поддржуваат Исусовите браќа. Значи, тие се класа одделена и различна од помазаните браќа на Христос. Во 1923, во текот на еден конгрес во Лос Анџелес, Калифорнија (САД), било објаснето дека тие овци мораат да се појават не во Милениумот туку во завршните денови од овој систем на работи. Зошто? Затоа што Исус ја кажал параболата како дел од својот одговор на прашањето: „Кога ќе бидат овие работи, и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на работи?“ (Матеј 24:3).
14, 15. Како бил постигнат напредок во разбирањето на положбата на другите овци во времето на крајот?
14 Во 1920-тите, некои поединци што биле поврзани со Библиските студенти почувствувале со текот на времето дека Јеховиниот дух не им сведочи дека имаат небесен позив. Сепак, биле ревносни слуги на Највишиот Бог. Во 1931, положбата на овие била подобро разбрана кога била издадена книгата Vindication (Оправдување). Како дел од разгледувањето стих по стих на библиската книга Езекиел, Оправдување ја објаснило визијата за „човекот“ со писарски прибор (Езекиел 9:1—11). Овој ‚човек‘ е виден како оди низ Ерусалим и ги обележува на челото оние што тажат и плачат поради гнасотиите што се прават таму. „Човекот“ ги претставува Исусовите браќа, остатокот од помазани христијани што живеат на Земјата во времето на судот на противсликата на Ерусалим, христијанскиот свет. Обележаните се другите овци, кои живеат во тоа време. Во визијата тие се поштедени кога Јеховините извршители на пресудата му се одмаздуваат на тој отпаднички град.
15 Во 1932, едно подлабоко разбирање на пророчката драма за израелскиот цар Јуј и за Јонадав, неизраелски приврзаник, укажало како ќе постапуваат овие други овци за да ги поддржат Христовите помазани браќа — исто како што Јонадав тргнал со Јуј и го поддржувал во уништувањето на обожавањето на Ваал. На крајот, во 1935, другите овци што живеат во времето на крајот на овој систем на работи биле препознаени како големото мноштво коешто апостол Јован го видел во визија. Ова било за првпат објаснето на претходно спомнатиот конгрес во Вашингтон (Д.К.), кога Џозеф Ф. Ратерфорд покажал на оние со земна надеж како на ‚големото множество‘.
16. Какви привилегии и одговорности уживаат „туѓинските синови“?
16 Така, постепено се увидело дека „туѓинските синови“ имале голема улога во Јеховините намери во овие последни денови. Тие доаѓаат кај Израелот Божји со цел да го обожаваат Јехова (Захарија 8:23). Заедно со таа духовна нација му принесуваат прифатливи жртви на Бог и влегуваат во сабатната починка (Евреите 13:15, 16). Освен тоа, тие го обожаваат Бог во неговиот духовен храм, кој, слично на храмот во Ерусалим, е „дом на молитва за сите нации“ (Марко 11:17). Практикуваат вера во откупната жртва на Исус Христос, ‚перејќи ги своите долги облеки и обелувајќи ги во крвта на Јагнето‘. И, му служат на Јехова постојано, „му вршат света служба ден и ноќ“ (Откровение 7:14, 15).
17. Како се држат за новиот сојуз современите туѓинци?
17 Овие современи туѓинци цврсто се држат за новиот сојуз во смисла што, преку дружењето со Израелот Божји, ги уживаат користите и благословите што доаѓаат преку новиот сојуз. Иако не се учесници во тој сојуз, со цело срце им се подложуваат на законите поврзани со него. Така, Јеховините закони им се во срцето, и тие го запознаваат Јехова како свој небесен Татко и врховен Суверен (Еремија 31:33, 34; Матеј 6:9; Јован 17:3).
18. Кое дело на собирање се врши во времето на крајот?
18 Пророштвото на Исаија продолжува: „Говори Господ Бог, Кој ги собира распрснатите Израелци: ‚Ќе ги соберам уште покрај оние што веќе се собрани‘“ (Исаија 56:8). Во времето на крајот, Јехова ги собрал „распрснатите Израелци“, членовите на помазаниот остаток. Освен нив, тој собира и други, членовите на големото мноштво. Заедно, тие вршат обожавање во мир и хармонија под надзор на Јехова и на неговиот устоличен Цар, Исус Христос. Поради нивната лојалност кон Јеховината влада преку Христос, Добриот Пастир ги направил едно обединето, радосно стадо.
Слепи стражари, безгласни кучиња
19 Каков повик им е упатен на дивите животни од полињата и горите?
19 По тукушто спомнатите срдечни, изградувачки зборови следи впечатлив, скоро шокантен контраст. Јехова е подготвен да постапува со милост кон туѓинците и евнусите. Но многумина, кои тврдат дека се членови на Божјето собрание, се осудени и чекаат ред за суд. И повеќе од тоа, тие не заслужуваат ни пристоен погреб и се погодни само за да бидат растргнати од изгладнети ѕверови. Така, читаме: „Сите полски ѕверови, дојдете да јадете, и вие сите, горски ѕверови!“ (Исаија 56:9). Со што ќе се гостат овие диви животни? Пророштвото ќе објасни. Со своето објаснување тоа може да нѐ потсети на судбината што во претстојната војна Армагедон ги чека оние што му се противат на Бог, а чиишто мртви тела ќе бидат оставени да ги изедат небесните птици (Откровение 19:17, 18).
20, 21. Какви пропусти прават верските водачи, кои се бескорисни како духовни водачи?
20 Пророштвото продолжува: „Сите стражари му се слепи, и ништо не сфаќаат. Сите се тие неми пси, не можат да лаат. Сонуваат и дремат, најмило им е да спијат. Тоа се лакоми, ненаситни, кучиња; тоа се пастири без разум: секој се свртува по својот пат, секој по својата печалба. ‚Дојдете,‘ велат, ‚ќе донесам вино; ќе се напиеме жесток пијалак, и утре ќе биде како денес, големо изобилство, преголемо!‘“ (Исаија 56:10—12).
21 Верските водачи на Јуда тврдат дека го обожаваат Јехова. Тврдат дека се негови „стражари“. Но, тие се духовно слепи, безгласни и сонливи. Ако не можат да пазат и да разгласат предупредување за опасност, тогаш каква е користа од нив? Таквите религиозни стражари ништо не сфаќаат, не се во положба духовно да ги насочат луѓето слични на овци. Освен тоа, расипани се. Имаат ненаситни себични желби. Наместо да одат во Јеховиниот правец, тие си бараат сопствен пат, тежнеат по неправедна печалба, се препиваат со жесток пијалак и ги охрабруваат другите да го прават истото. Толку не се свесни за Божјиот неизбежен суд што им велат на луѓето дека сѐ ќе биде во ред.
22. Во кој поглед верските водачи од деновите на Исус се слични на оние од древната Јуда?
22 Претходно во своето пророштво, Исаија употребил слично сликовито излагање за да ги опише неверните верски водачи на Јуда — духовно пијани, дремливи и без разбирање. Тие го оптовариле народот со човечки традиции, кажувале религиозни лаги и, наместо да му се обратат на Бог, имале доверба дека ќе им помогне Асирија (2. Цареви 16:5—9; Исаија 29:1, 9—14). Тие очигледно ништо не научиле. За жал, исти такви водачи биле присутни и во првиот век. Наместо да ја пригрнат добрата вест што им ја донел Божјиот сопствен Син, тие го отфрлиле Исус и сковале завера да го убијат. Исус отворено ги нарекол „слепи водачи“, додавајќи дека ако „слеп води слеп, обајцата ќе паднат во јама“ (Матеј 15:14).
Денешните стражари
23. Кое пророштво на Петар во врска со верските водачи се исполнило?
23 Апостол Петар предупредил дека лажни учители ќе се појават и за да ги заведат христијаните. Тој напишал: „Имаше и лажни пророци меѓу народот [Израел], како што ќе има лажни учители и меѓу вас. Токму тие скришно ќе воведат погубни секти и ќе се одречат дури и од сопственикот кој ги купи, навлекувајќи си брзо уништување“ (2. Петрово 2:1). Каков е резултатот од лажните учења и од секташтвото на таквите лажни учители? Резултатот е христијанскиот свет, чиишто верски водачи денес му се молат на Бог да им ги благослови политичките пријатели, а потоа ветуваат светла иднина. Верските водачи на христијанскиот свет покажале дека се слепи, безгласни и заспани во врска со духовните работи.
24. Какво единство постои меѓу духовниот Израел и туѓинците?
24 Меѓутоа, Јехова доведува милиони туѓинци да го обожаваат заедно со последните членови на Израелот Божји во неговиот голем духовен дом на молитва. Овие туѓинци, иако од многу нации, раси и јазици, се во единство, меѓусебно и со Израелот Божји. Тие се уверени дека спасението може да дојде само од Јехова Бог преку Исус Христос. Мотивирани од љубов кон Јехова, им се придружуваат на Христовите помазани браќа гласно зборувајќи за својата вера. И, тие се длабоко утешени од зборовите на инспирираниот апостол кој напишал: „Ако јавно ја објавуваш таа ‚реч која е во твојата уста‘ дека Исус е Господ, и во своето срце практикуваш вера дека Бог го подигна од мртвите, ќе бидеш спасен“ (Римјаните 10:9).
[Фусноти]
a Терминот „евнух“ исто така почнал да се однесува на дворски службеник, без да се мисли на сексуално осакатување. Со оглед на тоа што Етиопјанецот, кого Филип го крстил, изгледа бил прозелит — бил крстен пред да им биде отворен патот на необрежаните не-Евреи — мора да бил евнух во оваа смисла (Дела 8:27—39).
b Авде-Мелех, кој му помогнал на Еремија и кој имал директен пристап до цар Седекија, е наречен евнух. Изгледа дека ова се однесува на неговата служба како дворски службеник, а не на некоја негова физичка осакатеност (Еремија 38:7—13).
[Слика на страница 250]
Сабатот овозможувал прилика за молитва, проучување и медитација
[Слики на страница 256]
Положбата на другите овци била јасно објаснета на конгресот во Вашингтон (Д.К.), во 1935 (крштавањето е прикажано на сликата долу, програмата на сликата десно)
[Слика на страница 259]
Дивите животни се повикани да дојдат на гозба
[Слики на страница 261]
Туѓинците и Израелот Божји се во меѓусебно единство