Посветувај се на читањето
ЖИВОТНИТЕ не можат да го прават она што го правиш ти токму сега. Секој шести човек не научил да чита — честопати поради немање можност да оди на училиште — а од оние, пак, што научиле, многумина не го прават тоа редовно. Сепак, способноста да читаш печатен материјал ти овозможува да патуваш во други земји, да запознаваш луѓе, чии животи можат да го збогатат твојот, и да стекнеш практично знаење, кое ќе ти помогне да се справиш со животните грижи.
Способноста на еден млад човек да чита влијае врз тоа колкава корист ќе извлече од своето школување. Кога ќе бара вработување, способноста да чита може да влијае врз тоа каква работа ќе добие и колку часови ќе мора да работи за да заработи за живот. Домаќинките што добро читаат се пооспособени да се грижат за своите семејства во поглед на правилната исхрана, хигиената и спречувањето на болестите. Мајките што се добри читачи можат, исто така, да вршат позитивно влијание врз интелектуалниот развој на своите деца.
Најголемата корист од читањето, се разбира, е тоа што ти овозможува да го „најдеш знаењето за Бога“ (Посл. 2:5). Во многуте начини на кои му служиме на Бог е вклучена способноста да читаме. На собраниските состаноци се чита Писмото и публикации темелени на Библијата. Начинот на кој читаш многу влијае врз твојата делотворност во службата на теренот. А и подготовката за овие активности опфаќа читање. Од таа причина, твојот духовен раст во голема мера зависи од твоите навики на читање.
Добро искористи ја можноста
Некои што учат за Божјите патишта имаат ограничено образование. Можеби треба да бидат научени да читаат за да го подобрат својот духовен развој. Или, можеби им е потребна лична помош за да ги подобрат вештините на читање. Таму каде што има локална потреба, собранијата настојуваат да организираат класови за описменување на темел на публикацијата Посвети се на читањето и пишувањето. Повеќе илјади лица извлекле голема корист од оваа подготовка. Поради тоа што е важно човек да е способен добро да чита, некои собранија заедно со Теократската школа за служба имаат организирано и класови за подобрување на читањето. Дури и таму каде што нема такви класови, некој може добро да напредува така, што секој ден ќе одвојува време да чита наглас и редовно ќе присуствува и учествува во школата.
За жал, стриповите и телевизијата, меѓу другото, го потиснале читањето во заднина во животот на многу луѓе. Гледањето телевизија и ограниченото читање можат да го спречат развојот на вештините на читање и способноста на едно лице да размислува и јасно да резонира, како и добро да се изразува.
Публикациите што ни помагаат да ја разбереме Библијата ги обезбедува „верниот и разборит роб“. Тие ни ставаат на располагање изобилство информации во врска со витални духовни работи (Мат. 24:45; 1. Кор. 2:12, 13). Исто така, нѐ држат во чекор со важниот развој на светските настани и нивното значење; ни помагаат подобро да се запознаеме со природниот свет и нѐ учат како да се справиме со спорните прашања што нѐ интересираат. Пред сѐ, тие се сосредоточуваат на тоа како да му служиме на Бог на прифатлив начин и да го добиеме неговото одобрување. Таквото здраво читање ќе ти помогне да се развиеш како духовна личност.
Се разбира, способноста добро да се чита сама по себе не е доблест. Таа вештина треба да се користи на исправен начин. Исто како и јадењето, читањето мора да биде селективно. Зошто да јадеш храна што не ти нуди вистинска хранлива вредност или може дури и да те отруе? На сличен начин, зошто да читаш материјал, макар и патем, кој може да ти го расипе умот и срцето? Библиските начела треба да го дадат стандардот според кој ќе го одмеруваме секој материјал што го избираме за читање. Пред да одлучиш што ќе читаш, имај ги на ум стиховите како што се: Проповедник 12:12, 13; Ефешаните 4:22-24; 5:3, 4; Филипјаните 4:8; Колошаните 2:8; 1. Јованово 2:15-17 и 2. Јованово 10.
Читај со исправен мотив
Важноста на исправниот мотив во читањето станува јасна откако ќе ги испитаме евангелските извештаи. На пример, во евангелието на Матеј наоѓаме како Исус на добро упатените верски водачи, пред да им даде библиски одговори на нивните лукави прашања, им ги поставува следниве прашања: „Зарем не сте читале?“ и „Зарем никогаш не сте го читале ова?“ (Мат. 12:3, 5; 19:4; 21:16, 42; 22:31). Една лекција што можеме да ја научиме од ова е дека: ако нашиот мотив за читање е неисправен, можеме да изведеме погрешни заклучоци или сосема да ја промашиме поентата. Фарисеите го читале Писмото бидејќи мислеле дека преку него ќе добијат вечен живот. Таа награда, како што истакнал Исус, не им се дава на оние што не го љубат Бог и што не го прифаќаат Неговото средство за спасение (Јован 5:39-43). Фарисеите имале себични намери; затоа многу нивни заклучоци биле погрешни.
Љубовта кон Јехова е најчистиот мотив што можеме да го имаме за да ја читаме неговата Реч. Таа љубов нѐ поттикнува да ја научиме Божјата волја, зашто љубовта „се радува на вистината“ (1. Кор. 13:6). Дури и ако порано не сме уживале во читањето, љубовта кон Јехова „со сиот свој ум“ ќе нѐ поттикне енергично да го напрегаме умот за да го примаме спознанието за Бог (Мат. 22:37). Љубовта побудува интерес, а интересот го стимулира учењето.
Размисли за темпото
Читањето оди рака под рака со препознавањето. Токму додека читаш сега, ти препознаваш зборови и го помниш нивното значење. Темпото на читање можеш да го зголемиш ако ја прошириш површината на препознавање. Наместо да застануваш да го погледнуваш секој збор, обиди се да гледаш по неколку збора истовремено. Додека ја развиваш оваа способност, ќе видиш дека појасно ќе го разбираш она што го читаш.
Меѓутоа, кога читаш подлабок материјал, поголема корист од своите напори ќе извлечеш ако применуваш една поинаква метода. Советувајќи го Исус Навин во врска со читањето на Писмото, Јехова му рекол: „Оваа книга на законот да не се одделува од твојата уста, и читај ја со придушен глас“ (Ис. Нав. 1:8, NW). За придушен глас се зборува честопати кога лицето е задлабочено во мислите. Според тоа, хебрејскиот термин преведен „со придушен глас“ се преведува и како „медитира“ (Псал. 63:6; 77:12; 143:5, сите NW). Кога медитира, лицето размислува длабоко; не брза. Читањето на еден медитативен начин овозможува Божјата реч да има поголем ефект врз умот и срцето. Библијата содржи пророштва, совети, пословици, поезија, објави на божествен суд, детали во врска со Јеховината намера и изобилство вистинити животни искуства — скапоцени за оние што сакаат да одат по Јеховините патишта. Колку само е корисно да ја читаш Библијата на таков начин што ќе ти овозможи тоа да го всадиш длабоко во умот и срцето!
Научи да се сконцентрираш
Додека читаш, стави се себеси во секоја сцена што се опишува. Обиди се да ги видиш ликовите со очите на својот ум и емоционално да ги доживееш искуствата што се случуваат во нивните животи. Ова е релативно лесно кога се чита извештај како што е оној за Давид и Голијат, запишан во 1. Самоил 17. поглавје. Но, дури и деталите во Излез и Левит во врска со изградбата на шаторот или воведувањето на свештенството ќе ти бидат реални кога визуелно ќе си ги претставиш димензиите и материјалот или кога ќе си го замислиш мирисот на темјанот, пржените зрна и животните што се принесувале како палени приноси. Помисли само колку мора да влевало страхопочит извршувањето на свештеничките служби! (Лука 1:8-10). Ако своите сетила и емоции ги вклучиш на ваков начин, ќе добиеш помош да го сфатиш значењето на она што го читаш и ќе ти послужи како помагало за помнење.
Но, ако не внимаваш кога се обидуваш да читаш, умот ќе ти лута. Можеби со очите ќе гледаш во страницата, но мислите ќе ти бидат на друго место. Дали е пуштена музика? Вклучен ли е телевизорот? Дали членовите на семејството си прават муабет? Ако е можно, најдобро е да читаш на тивко место. Меѓутоа, пречките можат да дојдат од тебе самиот. Можеби си имал исполнет ден. За жал, колку само е лесно во умот да ти се вртат активностите од тој ден! Се разбира, добро е да ги анализираш настаните од денот — но не и кога читаш. Можеби, во почетокот, умот ти е сосредоточен или дури периодот на читање го започнуваш со молитва. Но потоа, додека читаш, умот почнува да ти лута. Обиди се повторно. Дисциплинирај се да го држиш умот сосредоточен на материјалот што го читаш. Постепено ќе увидиш подобрување.
Што правиш кога наидуваш на збор кој не го разбираш? Некои непознати зборови можеби се дефинирани или е дискутирано за нив во текстот. Или можеби значењето ќе можеш да го сфатиш според контекстот. Ако не, одвој си време да го побараш зборот во речник, ако имаш, или забележи го за да можеш подоцна да прашаш некого за неговото значење. Ова ќе го прошири твојот вокабулар и ќе придонесе да го сфатиш прочитаното.
Јавно читање
Кога му рекол на Тимотеј да се посветува на читањето, апостол Павле конкретно мислел на читање во корист на другите (1. Тим. 4:13). Делотворното јавно читање вклучува повеќе отколку само гласно да се прочитаат зборовите од некоја страница. Читачот треба да го разбира значењето на зборовите и да ги сфаќа мислите што се изразени во нив. Само тогаш може исправно да ги пренесе идеите и точно да ги оживее емоциите. Се разбира, ова бара темелна подготовка и вежбање. Затоа Павле поттикнал: „Посветувај се на јавното читање“. Вредна обука за оваа вештина ќе добиеш во Теократската школа за служба.
Одвој си време за читање
„Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство [се од корист, NW], а избувливиот трпи сиромаштво“ (Посл. 21:5). Колку е само вистинито тоа во поглед на нашата желба да читаме! За да извлечеме „корист“, треба марливо да планираме другите активности да не го истиснат нашето читање.
Кога читаш? Дали извлекуваш корист читајќи рано наутро, или имаш поголема будност подоцна во денот? Ако можеш да одвоиш само по 15 до 20 минути секој ден за да читаш, ќе се зачудиш колку многу можеш да постигнеш. Клучот лежи во редовноста.
Зошто Јехова избрал неговите величествени намери да се запишат во книга? За луѓето да можат да се обратат на неговата пишана Реч. Ова им овозможува да размислуваат за Јеховините прекрасни дела, да им кажуваат за нив на своите деца и да ги запомнат тие Божји дела (Псал. 78:5-7, NW). Нашето ценење за Јеховината великодушност во тој поглед најдобро ја покажуваме со начинот на кој се посветуваме на читањето на неговата животодавна Реч.