ПОГЛАВЈЕ 13
„Јеховиниот закон е совршен“
1, 2. Зошто многу луѓе гледаат со презир на законите, но какви чувства може да имаме ние кон Божјите закони?
„ПРАВНИОТ систем е провалија без дно... тој голта сѐ“. Оваа изјава стоела во една книга издадена во 1712 год. Во неа писателот го критикувал правосудството затоа што понекогаш судските спорови со години се влечеле по судниците и ги доведувале до питачки стап оние што барале правда. И денес во многу земји законодавните и правосудните системи се сложени и проткаени со неправди, предрасуди и неправилности. Поради тоа, луѓето насекаде во светот гледаат со презир на законите.
2 За разлика од нив, забележи што напишал псалмистот пред околу 2.700 години: „Колку го сакам твојот закон!“ (Псалм 119:97). Зошто овој Божји слуга толку многу го сакал Божјиот закон? Затоа што законот на кој му се восхитувал не потекнувал од некоја човечка влада, туку од самиот Јехова Бог. Додека ги проучуваш Јеховините закони, најверојатно и твоите чувства ќе стануваат сѐ послични на чувствата на овој псалмист. Таквото проучување ќе ти помогне да сфатиш како размислува најголемиот Законодавец во вселената.
Врховниот Законодавец
3, 4. На кои начини Јехова покажал дека е Законодавец?
3 Библијата вели: „Еден е законодавец и судија“ (Јаков 4:12). Навистина, Јехова е единствениот вистински Законодавец. Дури и небесните тела се движат според неговите ‚закони што управуваат со небото‘ (Јов 38:33). И мноштвата свети ангели постапуваат во склад со Божјите закони. Тие имаат точно утврдени положби и ги извршуваат своите должности како Јеховини слуги слушајќи ги неговите заповеди (Псалм 104:4; Евреите 1:7, 14).
4 Јехова им дал закони и на луѓето. Тој ни го всадил своето чувство за правда со тоа што ни подарил совест — еден вид внатрешен закон — што може да ни помогне да разликуваме исправно од погрешно (Римјаните 2:14). Нашите прародители, Адам и Ева, имале совршена совест и затоа не им биле потребни многу закони (1. Мојсеева 2:15-17). Меѓутоа, на несовршениот човек му требаат повеќе закони за да може да ја врши Божјата волја. Семејните поглавари во минатото, како што биле Ное, Авраам и Јаков, добиле закони од Бог и им ги пренеле на своите семејства (1. Мојсеева 6:22; 9:3-6; 18:19; 26:4, 5). Но, Јехова станал Законодавец на еден посебен начин кога, преку Мојсеј, му дал една збирка закони на израелскиот народ. Мојсеевиот закон ни помага да стекнеме длабок увид во Јеховиното чувство за правда.
Краток преглед на Мојсеевиот закон
5. Објасни дали Мојсеевиот закон бил една опсежна и сложена збирка правила.
5 Многумина сметаат дека Мојсеевиот закон бил една опсежна и сложена збирка правила. Но, тоа е далеку од вистината. Овој законик се состои од околу 600 поединечни закони. Иако можеби тоа се чини многу, размисли за следново: До крајот на 20 век, сојузните закони на САД опфаќале повеќе од 150.000 страници. А на секои две години, се додаваат уште 600 закони! Всушност, во споредба со огромниот број човечки закони, Мојсеевиот закон е само капка во море! Сепак, Божјиот закон содржел упатства за некои полиња од животот кои денешните закони не ги ни спомнуваат. Да го разгледаме накратко овој законик.
6, 7. а) По што се разликува Мојсеевиот закон од другите закони, и која била најголема заповед во него? б) Како можеле Израелците да покажат дека го прифаќаат Јехова како Севишен Владетел?
6 Законот ја величал Јеховината врховна власт. Во овој поглед, ниту една друга збирка закони не може да се спореди со Мојсеевиот закон. Една од најголемите заповеди во него била: „Чуј, Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова! Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“. Како можеле Израелците да ја покажат својата љубов кон Јехова? Тие требало да му служат, подложувајќи се на неговата врховна власт (5. Мојсеева 6:4, 5; 11:13).
7 За да покаже дека го прифаќа Јехова како Севишен Владетел, секој Израелец требало да им биде подложен на луѓето на кои Бог им дал авторитет. Јехова ги користел како свои застапници родителите, поглаварите, судиите, а на крајот и царот. Ако некој се побунел против оние што предводеле, за Јехова тоа било исто како да се бунат против него лично. Од друга страна, и оние што имале авторитет ќе морале да се соочат со Божјиот гнев ако постапувале неправедно или безобѕирно кон неговиот народ (2. Мојсеева 20:12; 22:28; 5. Мојсеева 1:16, 17; 17:8-20; 19:16, 17). Според тоа, и едните и другите имале одговорност да го поддржуваат Бог како Севишен Владетел.
8. Како Законот ги поддржувал Божјите мерила за светост?
8 Законот ги поддржувал Јеховините мерила за светост. Изворните зборови кои најчесто се преведени со „свет“ и „светост“ се појавуваат над 280 пати во Мојсеевиот закон. Законот му помагал на Божјиот народ да прави разлика меѓу чисто и нечисто со тоа што наведувал околу 70 работи поради кои еден Израелец можел да стане нечист. Некои од овие закони се однесувале на личната хигиена, исхраната, па дури и на отстранувањето на изметот, и многу придонесувале за подобро здравје.a Но, тие имале повозвишена цел — да им помогнат на Израелците да останат во Божјата милост и да ги заштитат од грешното постапување на расипаните народи кои ги опкружувале. Да разгледаме еден пример.
9, 10. Кои одредби за половите односи и за раѓањето биле вклучени во сојузот на Законот, и каква била користа од нив?
9 Според одредбите во Законот, кога некоја жена ќе родела дете или, пак, кога маж и жена ќе имале полови односи, некое време биле сметани за нечисти (3. Мојсеева 12:2-4; 15:16-18). Со овие одредби не се омаловажувале таквите чисти дарови од Бог (1. Мојсеева 1:28; 2:18-25). Напротив, со нив се поддржувала Јеховината светост, бидејќи тие им помагале на Божјите слуги да останат неизвалкани. Народите околу Израел имале обичај да го мешаат обожавањето на своите богови со ритуали во кои се величале половите односи и плодноста. На пример, машката и женската проституција биле дел од религијата на Ханаан и, како резултат на тоа, Ханаанците станале крајно расипан народ. Но, Мојсеевиот закон во потполност го одвоил обожавањето на Јехова од сѐ што било поврзано со половите односи.b Имало и други користи.
10 Преку тие закони, Јехова сакал да ги поучи своите слуги за една важна вистина.c Тоа е дека негативните последици од гревот на Адам се пренесуваат од едно на друго поколение токму преку половите односи и раѓањето (Римјаните 5:12). Така Божјиот закон ги потсетувал Израелците дека гревот сѐ уште е сурова реалност. Всушност, сите ние се раѓаме во грев (Псалм 51:5). За да му се приближиме на нашиот свет Бог, на секој од нас му се потребни простување и откупнина.
11, 12. а) Кое важно начело за правда го застапувал Мојсеевиот закон? б) Кои заштитни мерки во Законот спречувале да се извртува правдата?
11 Законот ја поддржувал Јеховината совршена правда. Мојсеевиот закон го застапувал начелото на еднаквост во судските случаи. Во него пишувало: „Душа за душа, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога“ (5. Мојсеева 19:21). Во склад со тоа, кога некој ќе извршел злосторство, казната морала да биде еднакво тешка како и престапот. Ова обележје на Божјата правда се проткајува низ целиот Закон. Всушност, тоа е од пресудна важност за да го разбереме значењето на откупната жртва на Исус Христос, како што ќе видиме во 14. поглавје (1. Тимотеј 2:5, 6).
12 Во Законот биле вклучени и заштитни мерки кои спречувале да се извртува правдата. На пример, биле потребни најмалку двајца сведоци за да се потврди вистинитоста на некое обвинение. Казната за лажно сведочење била многу тешка (5. Мојсеева 19:15, 18, 19). Освен тоа, митото и корупцијата биле строго забранети (2. Мојсеева 23:8; 5. Мојсеева 27:25). Дури и во деловните зделки, Божјите слуги требало да се држат за Јеховините високи мерила за правда (3. Мојсеева 19:35, 36; 5. Мојсеева 23:19, 20). Овој возвишен и непристрасен законик навистина претставувал голем благослов за израелскиот народ!
Закони што ја истакнуваат Божјата милост и непристрасност
13, 14. На кој начин Законот овозможувал да се постапува праведно и непристрасно со крадецот и со жртвата?
13 Дали Мојсеевиот закон претставувал список на строги и безмилосни правила? Во никој случај! Под водство на светиот дух, цар Давид напишал: „Јеховиниот закон е совршен“ (Псалм 19:7). Тој добро знаел дека Законот поттикнувал на милост и непристрасност. На кој начин?
14 Се чини дека денес во некои земји законите се пообѕирни кон криминалците и повеќе ги штитат нив отколку жртвите. На пример, можеби некои крадци се осудени на затворска казна. Во меѓувреме, жртвите не само што остануваат без своите украдени поседи, туку мораат да продолжат и да ги плаќаат даноците кои делумно се користат за да се издржуваат такви криминалци. Во древниот Израел немало затвори како денес. Освен тоа, имало ограничувања и во поглед на строгоста на казната (5. Мојсеева 25:1-3). Крадецот морал да го надомести она што го украл. Но, требало да плати и повеќе. Колку? Судиите имале овластување да го одредат тоа, при што можеле да земат предвид повеќе фактори, како што е каењето на престапникот. Ова покажува зошто, според 3. Мојсеева 6:1-7, крадецот морал да даде многу помала отштета од онаа што била пропишана во 2. Мојсеева 22:7.
15. Како Законот гарантирал и милост и правда кога некој случајно ќе убиел некого?
15 Законот милосрдно го земал предвид фактот дека сите престапи не биле намерни. На пример, кога некој случајно ќе убиел некого, не морало да плати со својот живот ако ги преземел потребните чекори така што ќе побегнел во некој од градовите-прибежишта кои биле расеани низ целиот Израел. Откако овластени судии во тој град-прибежиште ќе го испитале неговиот случај, тој морал да живее таму сѐ до смртта на првосвештеникот, а потоа бил слободен да живее каде што сака. На тој начин имал корист од Божјата милост. Овој закон истовремено нагласувал колку е скапоцен човечкиот живот (4. Мојсеева 15:30, 31; 35:12-25).
16. Како Законот штител одредени човекови права?
16 Законот ги штител и човековите права. Размисли на кои начини ги заштитувал должниците. Законот забранувал заемодавачот да влезе во куќата на должникот за да му заплени дел од имотот како залог. Тој требало да чека надвор додека оној што зел заем од него не му изнел нешто како залог. На тој начин, домот на должникот бил заштитен. Ако заемодавачот зел во залог облека, требало да му ја врати на должникот до вечерта за да не му биде ладно во текот на ноќта (5. Мојсеева 24:10-14).
17, 18. Како Израелците се разликувале од другите народи во поглед на војувањето, и зошто?
17 Дури и војувањето било регулирано со Законот. Божјите слуги не смееле да водат војна за да ја заситат својата желба за моќ или власт, туку требало да го застапуваат Јехова во Неговите војни (4. Мојсеева 21:14). Во многу случаи, Израелците најпрво требало да му дадат можност на градот што сакале да го нападнат да се предаде под одредени услови. Ако одбиел, тогаш требало да го опсадат, но според правилата кои ги одредувал Бог. За разлика од многуте војници низ историјата, мажите во израелската војска не смееле да силуваат жени или да убиваат кого ќе стигнат. Требало дури и да водат сметка за околината и да не ги сечат родните дрвја.d Ниедна друга војска немала такви ограничувања (5. Мојсеева 20:10-15, 19, 20; 21:10-13).
18 Дали се згрозуваш кога ќе слушнеш дека во некои земји се обучуваат деца за војници? Во древниот Израел, ниту еден маж под 20 години не смеел да биде регрутиран за војска (4. Мојсеева 1:2, 3). Дури и возрасните мажи кои претерано се плашеле не биле земани за војници. Мажот кој само што стапил во брак не требало да оди во војска цела година за да може да го види својот наследник пред да започне со една ваква опасна служба. Законот објаснувал дека на тој начин младиот сопруг ќе можел „да ја развеселува“ својата жена (5. Мојсеева 20:5, 6, 8; 24:5).
19. Кои одредби во Законот ги штителе жените, децата, семејствата, вдовиците и сираците?
19 Исто така, Законот ги штител жените, децата и семејствата, и се грижел за нив. Тој им заповедал на родителите постојано да им посветуваат внимание на своите деца и да ги поучуваат за духовни работи (5. Мојсеева 6:6, 7). Забранувал секаков вид инцест, кој се казнувал со смрт (3. Мојсеева, поглавје 18). Освен тоа, забранувал и прељуба, која е една од главните причини за распад на семејството, и која ги уништува сигурноста и достоинството на неговите членови. Законот се грижел и за вдовиците и сираците, и најстрого забранувал да се постапува лошо со нив (2. Мојсеева 20:14; 22:22-24).
20, 21. а) Зошто Мојсеевиот закон дозволувал полигамија меѓу Израелците? б) Во поглед на разводот, зошто Законот се разликувал од мерилото кое Исус подоцна повторно го воспоставил?
20 Меѓутоа, некој би можел да праша: ‚Зошто Законот допуштал полигамија?‘ (5. Мојсеева 21:15-17). За да го разбереме ова, мора да ги земеме предвид околностите во тоа време. Оние што донесуваат заклучоци за Мојсеевиот закон според денешните сфаќања и култури, сигурно нема исправно да го разберат (Изреки 18:13). Јехова уште во рајската градина го одредил мерилото за брак, според кое бракот требало да биде трајна врска меѓу еден маж и една жена (1. Мојсеева 2:18, 20-24). Но, до времето кога му го дал Законот на Израел, полигамијата веќе со векови била длабоко вкоренета. Јехова добро знаел дека неговиот „непокорен народ“ често ќе ги крши и најосновните заповеди, како што била забраната за идолопоклонство (2. Мојсеева 32:9). Затоа, навистина било мудро што во тоа време не ги сменил сите нивни обичаи поврзани со бракот. Иако не ја вовел полигамијата, Јехова дал одредби во Мојсеевиот закон за да спречи таа да биде злоупотребена.
21 Слично на тоа, Мојсеевиот закон дозволувал еден маж да се разведе од својата жена поради повеќе сериозни причини (5. Мојсеева 24:1-4). Но, Исус рекол дека тоа било отстапка што Бог ја направил за Евреите ‚поради закоравеноста на нивното срце‘. Таквите отстапки биле привремени. За своите следбеници, Исус повторно го воспоставил Јеховиното првобитно мерило за брак (Матеј 19:8).
Законот ја воздигнувал љубовта
22. На кој начин Мојсеевиот закон поттикнувал на љубов, и кон кого?
22 Дали можеш да замислиш правен систем денес кој ги поттикнува луѓето да се сакаат едни со други? Мојсеевиот закон ја воздигнувал љубовта над сѐ друго. Само во 5. Мојсеева, глаголот „сака“ се појавува во различен облик десетици пати. Втората по важност заповед во целиот Закон била: „Сакај го својот ближен како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18; Матеј 22:37-40). Божјите слуги требало да покажуваат таква љубов не само еден кон друг туку и кон туѓинците што биле меѓу нив, имајќи на ум дека и самите порано биле туѓинци. Требало да покажуваат љубов кон сиромашните и кон оние што биле во неволја така што ќе им помагале во материјален поглед и немало да ја искористуваат нивната тешка ситуација. Им било заповедано да постапуваат обѕирно дури и кон домашните животни (2. Мојсеева 23:6; 3. Мојсеева 19:14, 33, 34; 5. Мојсеева 22:4, 10; 24:17, 18).
23. На што бил поттикнат писателот на Псалм 119, и на што треба да бидеме решени и ние?
23 Има ли друг народ што бил благословен со таков закон? Ништо чудно што псалмистот напишал: „Колку го сакам твојот закон!“ Но, неговата љубов не била само чувство во неговото срце. Таа го поттикнувала на дела, бидејќи тој се трудел да му биде послушен на Божјиот закон и да го применува во својот живот. Понатаму тој рекол: „Цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:11, 97). Да, псалмистот редовно одвојувал време да ги проучува Јеховините закони. Нема сомнение дека, додека го правел тоа, неговата љубов кон нив уште повеќе растела, а со тоа растела и неговата љубов кон Јехова Бог, кој ги дал тие закони. Слично на овој псалмист, биди решен и понатаму да го проучуваш Божјиот закон и станувај сѐ поблизок со Јехова — Големиот Законодавец и Богот на правдата.
a На пример, законите со кои било пропишано да се закопува човечкиот измет, да се ставаат болните во карантин и да се капе секој што допрел мртво тело, биле далеку пред своето време (3. Мојсеева 13:4-8; 4. Мојсеева 19:11-13, 17-19; 5. Мојсеева 23:13, 14).
b Во своите храмови, Ханаанците имале посебни простории наменети за полови односи. Но, според Мојсеевиот закон, оние што биле нечисти не смееле да влезат во храмот. Со оглед на тоа што Израелците одреден период биле сметани за нечисти ако имале полови односи, било незамисливо такво нешто да биде дел од службата која се вршела во Јеховиниот дом.
c Главна цел на Законот била да го поучи народот. Всушност, според една енциклопедија, хебрејскиот збор тора́, кој е преведен со „закон“, значи „поука“ (Encyclopaedia Judaica).
d Во Законот стоело следново прашање: „Зар е дрвото во полето човек за да го опсадиш?“ (5. Мојсеева 20:19). Филон, еврејски изучувач од првиот век, го навел овој закон објаснувајќи дека за Бог е „неправедно гневот кон луѓето да се истура врз работи кои не се виновни за ништо“.