Поглавје два
Величај го Јехова како единствен вистински Бог
1. Кој е единствениот вистински Бог?
БИБЛИЈАТА вели дека иако има мнозина што се сметани за богови, „за нас, всушност, има еден Бог, Таткото“ (1. Коринќаните 8:5, 6). Тој „еден Бог“ е Јехова, Создателот на сите работи (Второзаконие 6:4; Откровение 4:11). Исус се осврнал на него како на ‚мој Бог и ваш Бог‘ (Јован 20:17). Тој се согласил со Мојсеј, кој порано изјавил: „Јехова е вистинскиот Бог; нема друг освен него“ (Второзаконие 4:35, NW). Јехова е далеку понадмоќен од сѐ што би можело да се обожава, како што се идоли, обоготворени луѓе или неговиот непријател Сатана Ѓаволот, „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:3, 4). За разлика од сите нив, Јехова е, како што го нарекол Исус, „единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3).
2. Додека учиме за Бог, како треба тоа да влијае врз нашиот живот?
2 Благодарните луѓе што учат за Божјите особини што го радуваат срцето, како и за она што тој го сторил и што допрва ќе го стори за нас, се привлечени кон него. Додека расте нивната љубов кон него, тие се чувствуваат поттикнати да го величаат. Како? Еден начин е да им се кажува на другите за него. „Со устата [човек] дава јавна изјава за спасение“, се наведува во Римјаните 10:10. Друг начин е да го имитираме на збор и на дело. „Станете имитатори на Бог, како љубени деца“, стои во Ефешаните 5:1. За да го правиме тоа во уште попотполна мера, треба да го познаваме Јехова онаков каков што тој навистина е.
3. Кои се Божјите главни особини?
3 Низ Библијата има многу изјави што ги идентификуваат Божјите истакнати особини. Неговите четири главни својства се мудрост, правда, моќ и љубов. „Во Него е мудроста“ (Јов 12:13). „Сите негови патишта се правда“ (Второзаконие 32:4, NW). Тој е „крепок во моќта“ (Исаија 40:26, NW). „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Меѓутоа, која е најистакната од Божјите четири главни особини што повеќе од која и да било друга идентификува каков Бог е тој?
„Бог е љубов“
4. Која од Божјите особини била фундаментална за неговото создавање на универзумот и сите живи нешта?
4 Размисли што го мотивирало Јехова да го создаде универзумот и интелигентните духовни и човечки суштества. Дали тоа била неговата мудрост или моќ? Не, затоа што иако Бог ги употребил, сепак тие не биле мотивирачката сила. А неговата правда не изискувала тој да го споделува дарот на живот. Наместо тоа, огромната љубов била таа што го поттикнала Бог да ги споделува со другите радостите на постоењето како интелигентно суштество. Љубовта го поттикнала да си постави за цел послушното човештво да живее засекогаш во Рај (Битие 1:28; 2:15). Љубовта го поттикнала да направи подготовка за укинување на осудата што Адамовиот престап му ја донел на човештвото.
5. Според Библијата, на која особина е персонификација Јехова, и зошто?
5 Затоа, од сите Божји особини, најистакната е неговата љубов. Таа е неговата суштина, односно природа. Колку и да се важни неговата мудрост, правда и моќ, Библијата никогаш не вели дека Јехова е која и да било од тие особини. Но вели дека тој е љубов. Да, Јехова е персонификација на љубовта. Toa е љубов водена од начело, а не од емоции. Божјата љубов се води од начелата на вистина и праведност. Таа е највисокиот облик на љубов, а самиот Јехова е пример за неа. Таквата љубов е израз на потполна несебичност и секогаш е придружувана со конкретен доказ на дело.
6. Што ни овозможува да го имитираме Бог иако тој е надмоќен во однос на нас?
6 Токму оваа прекрасна особина, љубовта, ни помага да имитираме еден таков Бог. Како мали, несовршени луѓе склони кон грешки, може да си мислиме дека никогаш не би можеле успешно да го постигнеме тоа. Но, еве уште еден пример за огромната Јеховина љубов: Тој е свесен за нашите ограничувања и не бара совршенство од нас. Знае дека сега сме далеку од совршени (Псалм 51:5). Затоа Псалм 130:3, 4 (NW) вели: „Ако гледаше на грешките, о Јах, о Јехова, кој би опстанал? Зашто во тебе е вистинското простување“. Да, Јехова е „Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и изобилен во оддадена љубезност“ (Излез 34:6, NW). „Ти си, Господи, добар и проштаваш со задоволство“ (Псалм 86:5). Колку утешно! Колку само е освежувачки да му се служи на овој прекрасен Бог и да се искуси неговата милосрдна грижа полна со љубов!
7. Како може да се види Јеховината љубов во неговите дела на создавањето?
7 Јеховината љубов може да се види и во неговите дела на создавање. Помисли на многуте добри работи што Јехова ни ги дал за наше уживање, како што се прекрасните планини, шуми, езера и океани. Исто така ни дал и храна во зачудувачка разновидност за да уживаме во нејзиниот вкус и за да нѐ одржува. Јехова дал и огромно мноштво од прекрасни и миризливи цвеќиња, како и фасцинантни животински суштества. Направил работи кои на луѓето би им причинувале задоволство, иако не морал да го стори тоа. Точно, бидејќи живееме во овој зол свет во нашата сегашна несовршена состојба, не можеме во потполна мера да уживаме во неговата творба (Римјаните 8:22). Но, само замисли си што ќе стори Јехова за нас во Рајот! Псалмистот нѐ уверува: ‚Ти ја отвораш Твојата рака, и [ја] наситуваш [исправната] желба на сѐ живо‘ (Псалм 145:16).
8. Кој е најистакнат пример на Јеховината љубов кон нас?
8 Кој е најистакнат пример на Јеховината љубов кон човештвото? Библијата објаснува: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Дали Јехова го сторил тоа поради добротата на човекот? Римјаните 5:8 одговара: „Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“. Да, Бог го испратил својот совршен Син на Земјата да го даде својот живот како откупна жртва за да нѐ откупи од осудата на гревот и смртта (Матеј 20:28). Ова го отворило патот за луѓето што го љубат Бог да добијат вечен живот. За среќа, Божјата љубов се протега на сите оние што сакаат да ја вршат неговата волја, зашто Библијата ни кажува: „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).
9. Како треба врз нас да влијае фактот дека Јехова го дал својот Син како откупнина за нас?
9 Како треба да влијае врз начинот на кој сега го користиме нашиот живот фактот дека Јехова го дал својот Син како откупнина за нас, со што ни го отворил патот во вечен живот? Тоа би требало да ја продлабочи нашата љубов кон вистинскиот Бог, Јехова. Истовремено, тоа треба да предизвика да сакаме да го слушаме Исус, кој е претставник на Бог. „[Исус] умре за сите, за оние кои живеат да не живеат повеќе за себе, туку за оној кој умре за нив“ (2. Коринќаните 5:15). Колкаво само задоволство е да се следат Исусовите стапки, бидејќи тој бил примерен во имитирањето на Јеховината љубов и сочувство! Тоа е покажано со она што Исус им го рекол на понизните: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28—30).
Покажувај љубов кон другите
10. Кои се некои начини на кои можеме да покажуваме љубов кон сохристијаните?
10 Како можеме да покажеме дека имаме таква љубов кон сохристијаните каква што имаат Јехова и Исус кон нас? Забележи ги многуте начини на кои можеме да го правиме тоа: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува. Не ја става во сметка штетата. Не ѝ се радува на неправедноста, туку се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не затајува“ (1. Коринќаните 13:4—8; 1. Јованово 3:14—18; 4:7—12).
11. Кон кого друг треба да покажуваме љубов, и како?
11 Кон кого друг треба да покажуваме љубов, и како? Исус рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Ова вклучува да се споделува добрата вест за Божјиот иден рајски нов свет со оние што сѐ уште не се наши сохристијани. Исус јасно покажал дека нашата љубов не треба да биде ограничена на оние што ги делат нашите верувања, зашто рекол: „Ако ги љубите [само] оние кои ве љубат вас, каква ви е наградата? Зарем истото не го прават и даночниците? И ако ги поздравувате само своите браќа, што особено правите? Зарем истото не го прават и луѓето од нациите?“ (Матеј 5:46, 47; 24:14; Галатите 6:10).
,Оди во името на Јехова‘
12. Зошто Божјето име му одговара само нему?
12 Друг важен аспект од величањето на вистинскиот Бог е да се знае, да се користи и да се поучуваат другите за неговото единствено име, Јехова. Псалмистот ја изразил оваа срдечна желба: „Нека знаат: Ти си, Чие Име е — Господ [Јехова, NW]! Единствен, Сѐвишен на целата земја“ (Псалм 83:18). Името Јехова значи „Тој предизвикува да стане“. Тој е Голем Наумител кој секогаш предизвикува неговите намери да станат реалност. И, само вистинскиот Бог може со право да го носи тоа име, бидејќи луѓето не можат никогаш да бидат сигурни дека нивните напори ќе имаат успех (Јаков 4:13, 14). Само Јехова може да рече дека неговиот збор „сигурно ќе има успех“ во она за кое тој го испраќа (Исаија 55:11). Мнозина се восхитени кога првпат ќе го видат Божјето име во своите Библии и кога ќе дознаат што значи тоа (Излез 6:3, NW). Но, тие ќе извлечат корист од ова спознание само ако ‚одат во името на Јехова . . . засекогаш‘ (Михеј 4:5, NW).
13. Што е вклучено во познавањето на Јеховиното име и одењето во неговото име?
13 Во врска со Божјето име, Псалм 9:10 наведува: „Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име“. Ова вклучува повеќе отколку само да се знае името Јехова, што не значи дека автоматски и се има доверба во него. Да се знае Божјето име значи да се разбира и да се биде благодарен за тоа каков Бог е Јехова, да се почитува неговиот авторитет, да се слушаат неговите заповеди, да се има доверба во него во сите работи (Пословици 3:5, 6). На сличен начин, одењето во името на Јехова подразбира да му бидеш предаден и да го застапуваш како еден од неговите обожаватели, вистински користејќи го својот живот во склад со Божјата волја (Лука 10:27). Дали го правиш тоа?
14. Ако сакаме да му служиме на Јехова засекогаш, што е потребно освен чувство на должност?
14 Ако сакаме да му служиме на Јехова вечно, мора да бидеме мотивирани од нешто повеќе отколку само од чувство на должност. Апостол Павле го поттикнал Тимотеј, кој му служел на Јехова многу години: „Вежбај се во побожна оддаденост како своја цел“ (1. Тимотеј 4:7). Оддаденоста доаѓа од срце исполнето со ценење за личноста кон која таа оддаденост е упатена. Со „побожната оддаденост“ се изразува длабока почит кон Јехова лично. Таа одразува лојална приврзаност кон него поради неизмерната почит кон него и кон неговите патишта. Таа нѐ тера да сакаме секој високо да го почитува неговото име. Мораме да негуваме побожна оддаденост во својот живот ако сакаме засекогаш да одиме во името на Јехова, вистинскиот Бог (Псалм 37:4; 2. Петрово 3:11).
15. Како можеме да му ја дадеме на Бог нашата исклучителна оддаденост?
15 За да му служиме на Бог на прифатлив начин, мораме да го обожаваме неподелено, бидејќи тој е „Бог кој бара исклучителна оддаденост“ (Излез 20:5, NW). Не можеме да го љубиме Бог и во исто време да го љубиме злобниот свет чиј Бог е Сатана (Јаков 4:4; 1. Јованово 2:15—17). Јехова точно знае каква личност се обидува да биде секој од нас (Јеремија 17:10). Ако вистински ја љубиме праведноста, тој го гледа тоа и ќе ни помогне да ги издржиме нашите секојдневни искушенија. Поддржувајќи нѐ со својот моќен свет дух, тој ќе ни овозможи да триумфираме над злобата која е толку разуздана во овој свет (2. Коринќаните 4:7). Исто така, ќе ни помогне да ја задржиме нашата цврста надеж за вечен живот на рајска Земја. Каков само славен изглед е тоа! Треба длабоко да го цениме ова и спремно да му служиме на вистинскиот Бог, Јехова, кој ни овозможува такво нешто.
16. Што треба да сакаш да правиш заедно со милиони други?
16 Милиони луѓе ширум Земјата радо ја прифатиле поканата од псалмистот, кој напишал: „Величајте Го Господа со мене, заедно да Го возвишиме Неговото име“ (Псалм 34:3). Јехова те поканува да бидеш меѓу сѐ поголемите мноштва од сите нации што го прават ова.
Дискусија за повторување
• Каква личност е Јехова? Како извлекуваме корист од тоа што ќе стекнеме јасно разбирање за неговите особини?
• Како можеме да им помогнеме на другите луѓе да ја научат вистината за Бог?
• Што е вклучено во познавањето на Јеховиното име и одењето во негово име?
[Слики на страница 14]
Во својата огромна љубов, Јехова ‚ќе ја отвори својата рака и ќе ја насити желбата на сѐ живо‘