„Пред сѐ, имајте горлива љубов“
„Крајот на сите работи се приближи . . . Пред сѐ, имајте горлива љубов еден кон друг“ (1. ПЕТРОВО 4:7, 8).
ИСУС знаел дека неговите последни неколку часа со апостолите се драгоцени. Бил свесен за она што ги чекало. Тие требало да завршат огромна работа, но ќе биле мразени и прогонувани, исто како што бил и тој (Јован 15:18—20). Таа последна ноќ, тој повеќепати ги потсетил дека треба ‚да се љубат еден со друг‘ (Јован 13:34, 35; 15:12, 13, 17).
2 Апостол Петар, кој бил присутен таа ноќ, сфатил колку е важно тоа. Со години подоцна, пишувајќи кратко пред уништувањето на Ерусалим, Петар нагласил колку е важна љубовта. Тој ги советувал христијаните: „Крајот на сите работи се приближи . . . Пред сѐ, имајте горлива љубов еден кон друг“ (1. Петрово 4:7, 8). Зборовите на Петар се богати со значење за оние што живеат „во последните денови“ на сегашниов систем на работи (2. Тимотеј 3:1). Што е „горлива љубов“? Зошто е важно да имаме таква љубов кон другите? И, како да покажеме дека ја имаме?
„Горлива љубов“ — што е тоа?
3 Многумина мислат дека љубовта е чувство кое мора да си дојде природно. Но, Петар не зборувал просто за кој и да е вид љубов; тој зборувал за љубовта во нејзиниот најблагороден облик. Зборот љубов во 1. Петрово 4:8 е превод на грчкиот збор ага́пе. Тој збор означува несебична љубов, која е водена, односно управувана од начела. Еден прирачник вели: „На љубовта агапе може да ѝ се заповеда затоа што таа не е првенствено емоција, туку е одлука на волјата која води до акција“. Поради тоа што имаме вродена склоност кон себичност, нам ни се потребни потсетувања да покажуваме љубов еден кон друг и тоа да го правиме така како што нѐ водат Божјите начела (Битие 8:21; Римјаните 5:12).
4 Тоа не значи дека треба да се сакаме само од чувство на обврска. Ага́пе не е љубов без топлина и чувства. Петар рекол дека мораме да имаме „горлива љубов еден кон друг“.a Сепак, за таквата љубов е потребен напор. Во врска со грчкиот збор преведен со „горлива“, еден стручњак вели: „Тој ти создава слика на атлетичар кој максимално ги напрега мускулите додека со последните сили ја завршува трката“.
5 Според тоа, нашата љубов не смееме да ја покажуваме само тогаш кога ни е лесно или да ја ограничиме на неколку избрани поединци. Христијанската љубов бара да ги ‚рашируваме‘ срцата, покажувајќи љубов дури и тогаш кога можеби не ни е лесно (2. Коринќаните 6:11—13). Јасно е дека овој вид љубов е нешто што треба да го негуваме и на кое треба да работиме, исто како што еден атлетичар мора да тренира за да ги усоврши своите вештини. Многу е важно да имаме таква љубов еден кон друг. Зошто? Од најмалку три причини.
Зошто треба да се сакаме?
6 Прво, „бидејќи љубовта е од Бог“ (1. Јованово 4:7). Јехова, Изворот на оваа драгоцена особина, прв нѐ засакал. Апостол Јован вели: „По тоа беше покажана Божјата љубов во нашиот случај, бидејќи Бог го испрати својот единороден Син во светот за преку него да добиеме живот“ (1. Јованово 4:9). Божјиот Син бил ‚испратен‘ со тоа што станал човек, ја извршил својата служба и умрел на маченички столб — и сето тоа за „да добиеме живот“. Како треба да реагираме на овој ненадминлив израз на Божјата љубов? Јован вели: „Ако Бог така нѐ љубеше, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг“ (1. Јованово 4:11). Забележи дека Јован пишува „ако Бог така нѐ љубеше [нас]“ — не само тебе, туку нас. Поентата е јасна: ако Бог ги сака нашите сообожаватели, тогаш мораме да ги сакаме и ние.
7 Второ, особено е важно уште сега да се сакаме за да им помогнеме на нашите браќа кога ќе имаат потреба, бидејќи ‚крајот на сите работи се приближил‘ (1. Петрово 4:7). Живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Ситуацијата во светот, природните катастрофи и противењето ни создаваат тешкотии. Под тешки околности, потребно е да се зближиме уште повеќе. Горливата љубов ќе нѐ сврзе и ќе нѐ мотивира ‚да се грижиме еден за друг‘ (1. Коринќаните 12:25, 26).
8 Трето, треба да имаме љубов еден кон друг бидејќи не сакаме ‚да му дадеме место на Ѓаволот‘ за да нѐ искористи (Ефешаните 4:27). Сатана брзо ни ги подметнува како камења спрепиначи несовршеностите на сообожавателите — нивните слабости, пропусти и грешки. Дали некој непромислен коментар или некоја нељубезна постапка ќе нѐ наведе да го напуштиме собранието? (Пословици 12:18). Нема, ако имаме горлива љубов еден кон друг! Таквата љубов ни помага да го одржиме мирот и обединето да му служиме на Бог „еднодушно“ (Софонија 3:9).
Како да покажеш дека ги сакаш другите
9 Љубов мора да се покажува најпрво дома. Исус рекол дека неговите вистински следбеници ќе се препознаат по љубовта што ќе ја имаат еден кон друг (Јован 13:34, 35). Љубовта мора да се гледа не само во собранието туку и во семејството — меѓу брачните другари и меѓу родителите и децата. Не е доволно да чувствуваме љубов кон членовите на семејството; треба да ја изразиме на изградувачки начин.
10 На кои начини можат брачните другари да покажат љубов еден кон друг? Еден маж што искрено ја сака својата жена, со зборови и со дела ќе ѝ даде до знаење дека ја цени — и пред други и кога се сами. Тој го почитува нејзиното лично достоинство и ги зема во обѕир нејзините мисли, гледишта и чувства (1. Петрово 3:7). Нејзиното добро го става пред своето и прави сѐ што може за да се грижи за нејзините материјални, духовни и емоционални потреби (Ефешаните 5:25, 28). Една жена што вистински го сака својот маж му оддава „длабока почит“, дури и ако тој понекогаш не ги исполнува нејзините очекувања (Ефешаните 5:22, 33). Таа го поддржува својот маж и му е подложна, нема неразумни барања, туку соработува со него за двајцата да им се посветат на духовните работи (Битие 2:18; Матеј 6:33).
11 Родители, на кои начини можете вие да покажете љубов кон своите деца? Ако сте спремни да работите напорно за да ги згрижите материјално, тоа е доказ за вашата љубов (1. Тимотеј 5:8). Но, на децата не им треба само храна, облека и покрив над главата. За да го сакаат и да му служат на вистинскиот Бог кога ќе пораснат, ним им е потребна духовна обука (Пословици 22:6). Тоа значи дека треба да одвоите време како семејство за да ја проучувате Библијата, да учествувате во службата и да одите на христијанските состаноци (Второзаконие 6:4—7). За да бидете доследни во таквите активности, потребни се прилично големи жртви, особено во овие критични времиња. Вашата заинтересираност и напорите што ги вложувате за да се грижите за духовните потреби на своите деца се израз на љубов, бидејќи така покажувате дека ви е важно нивното вечно добро (Јован 17:3).
12 Многу е битно родителите да покажуваат љубов и со тоа што се грижат за емоционалните потреби на своите деца. Децата се ранливи; нивните детски срца имаат потреба да бидат уверени дека ги сакате. Кажете им и покажете им дека многу ги сакате, бидејќи таквите изрази на наклоност ги уверуваат дека се достојни за љубов и дека имаат своја вредност. Пофалете ги од срце и искрено, зашто тоа им покажува дека го забележувате и го цените нивниот труд. Дисциплинирајте ги со љубов, затоа што таквото исправање им покажува дека се интересирате за тоа какви личности ќе станат (Ефешаните 6:4). Сите такви здрави изрази на љубов помагаат да се изгради едно среќно, тесно поврзано семејство, кое е подобро подготвено да им одолее на притисоците на овие последни денови.
13 Љубовта нѐ поттикнува да преминеме преку слабостите на другите. Сети се дека Петар, кога им дал на своите читатели совет да ‚имаат горлива љубов еден кон друг‘, кажал и зошто е ова толку важно: „Зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8). Да се ‚покријат‘ гревови не значи да се ‚прикријат‘ сериозни гревови. Исправно е таквите работи да се пријавуваат кај одговорните во собранието за тие да ги решат (Левит 5:1; Пословици 29:24). Воопшто не би било љубезно — и не би било библиски — да им се дозволи на луѓе кои направиле тежок грев да продолжат да повредуваат невини поединци или да ги малтретираат (1. Коринќаните 5:9—13).
14 Во повеќето случаи, грешките и пропустите на соверниците по природа се безначајни. Сите ние понекогаш грешиме во зборови или во постапки, и така се разочаруваме, па дури и се повредуваме еден со друг (Јаков 3:2). Треба ли брзо да ги разгласиме слабостите на другите? Таквата постапка само ќе послужи за да дојде до неслога во собранието (Ефешаните 4:1—3). Ако нѐ води љубовта, нема да ‚ги откриваме грешките‘ на некој сообожавател (Псалм 50:20, NW). Исто како што малтерот и бојата ги покриваат несовршеностите на еден ѕид, така љубовта ги покрива несовршеностите на другите (Пословици 17:9).
15 Љубовта ќе нѐ наведе да им помогнеме на оние што имаат вистинска потреба. Поради тоа што условите во овие последни денови и понатаму се влошуваат, можеби ќе дојде време кога на нашите соверници ќе им треба материјална или физичка помош (1. Јованово 3:17, 18). На пример, дали финансиската состојба на некој член на собранието драстично се променила на полошо или ја изгубил работата? Тогаш, можеби ќе можеме да му понудиме извесна материјална помош, толку колку што дозволуваат нашите околности (Пословици 3:27, 28; Јаков 2:14—17). Дали треба да се поправи домот на некоја постара вдовица? Тогаш, можеби ќе можеме да преземеме соодветна иницијатива да завршиме дел од работата (Јаков 1:27).
16 Можеме да покажеме љубов и кон други — не сме ограничени само на оние што можеби живеат близу до нас. Понекогаш, слушаме извештаи од други земји за Божји слуги што се жртви на големо невреме, на земјотрес или на граѓански немири. Тие можеби имаат очајничка потреба од храна, облека или од нешто друго. Не е важно дали се од друга раса или од друга етничка група. Ние ‚имаме љубов кон целата заедница од браќа‘ (1. Петрово 2:17). Затоа, исто како собранијата од првиот век, спремни сме да ги поддржиме акциите за помош што се организирани (Дела 11:27—30; Римјаните 15:26). Кога покажуваме љубов на такви начини, ја зајакнуваме врската што нѐ обединува во овие последни денови (Колошаните 3:14).
17 Љубовта нѐ поттикнува да ја споделуваме со другите добрата вест за Божјето Царство. Размисли за примерот на Исус. Зошто проповедал и поучувал? Тој ‚се сожалил‘ над мноштвата поради нивната лоша духовна состојба (Марко 6:34). Тие биле занемарени и заведени од лажните верски пастири, кои требало да ги поучуваат за духовните вистини и да им дадат надеж. Затоа, мотивиран од длабока, искрена љубов и сочувство, Исус ги утешил луѓето со „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:16—21, 43).
18 И денес, многу луѓе се духовно занемарени и заведени и немаат надеж. Ако, како Исус, сме свесни и заинтересирани за духовните потреби на оние што сѐ уште не го познаваат вистинскиот Бог, тогаш ќе бидеме поттикнати од љубов и сочувство да ја споделуваме со нив добрата вест за Божјето Царство (Матеј 6:9, 10; 24:14). Со оглед на краткото време што преостанува, никогаш не било поитно да проповедаме за оваа животоспасувачка порака (1. Тимотеј 4:16).
„Крајот на сите работи се приближи“
19 Потсети се, Петар го вовел својот совет да се има љубов еден кон друг со зборовите: „Крајот на сите работи се приближи“ (1. Петрово 4:7). Овој зол свет наскоро ќе му го отстапи местото на Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:13). Затоа денес не е време за човек да биде задоволен сам со себе. Исус нѐ предупредил: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка“ (Лука 21:34, 35).
20 Затоа, по секоја цена да ‚бдееме‘ и да бидеме свесни каде се наоѓаме во струјата на времето (Матеј 24:42). Да бидеме на штрек за сите искушенија од Сатана, кои можат да ни го одвлечат вниманието. Никогаш да не дозволиме овој ладен свет без љубов да нѐ спречи да ја покажуваме својата љубов кон другите. А што е најважно, уште повеќе да му се приближиме на вистинскиот Бог, Јехова, чиешто месијанско Царство наскоро ќе ја исполни неговата славна намера со Земјата (Откровение 21:4, 5).
[Фуснота]
a Во 1. Петрово 4:8, други преводи на Библијата велат дека ние мораме да се сакаме „постојано“, „сесрдно“ или „длабоко и искрено“.
ПРАШАЊА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ
• Каков совет имал Исус за своите ученици пред да се збогува со нив, и што покажува дека Петар сфатил колку е важно тоа? (пас. 1 и 2)
• Што е „горлива љубов“? (пас. 3—5)
• Зошто треба да се сакаме? (пас. 6—8)
• На кои начини можеш да покажеш дека ги сакаш другите? (пас. 9—18)
• Зошто сега не е време човек да биде задоволен сам со себе, и на што треба да бидеме решени? (пас. 19 и 20)
[Слика на страница 29]
Едно тесно поврзано семејство е подобро подготвено да им одолее на притисоците на овие последни денови
[Слика на страница 30]
Љубовта нѐ поттикнува да им помогнеме на оние што имаат вистинска потреба
[Слика на страница 31]
Споделувањето на добрата вест за Божјето Царство со другите е чин на љубов