ОСМО ПОГЛАВЈЕ
Што е Божјето Царство?
Што ни кажува Библијата за Божјето Царство?
Што ќе направи Божјето Царство?
Кога Царството ќе ја спроведе Божјата волја на Земјата?
1. Која позната молитва ќе ја разгледаме сега?
МИЛИОНИ луѓе во светот ја знаат молитвата што мнозина ја нарекуваат Оченаш. Оваа прочуена молитва ја кажал лично Исус Христос за да ни покаже како да се молиме. Таа содржи многу важни мисли, и ако ги разгледаш првите три молби во неа, ќе научиш уште нешто за она што навистина го учи Библијата.
2. За кои три работи ги поучил Исус своите ученици да се молат?
2 Во почетокот на оваа молитва, Исус им рекол на своите слушатели: „Значи, молете се вака: ,Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата‘“ (Матеј 6:9-13). Што значат овие три молби?
3. Што треба да знаеме за Божјето Царство?
3 Веќе научивме многу за Божјето име, Јехова. Кажавме нешто и за Божјата волја — што направил и што допрва ќе направи Бог за луѓето. Но, на што мислел Исус кога рекол да се молиме: „Да дојде царството твое“? Што е Божјето Царство? Како ќе биде посветено Божјето име кога ќе дојде тоа Царство? И како неговото доаѓање е поврзано со вршењето на Божјата волја?
ШТО Е БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
4. Што е Божјето Царство, и кој е неговиот Цар?
4 Божјето Царство е влада што ја воспоставил Јехова Бог, кој го избрал и нејзиниот Цар. Кој е царот на Божјето Царство? Исус Христос. Како Цар, Исус зазема повисока положба од сите човечки владетели и затоа е наречен „Цар над царевите и Господар над господарите“ (1. Тимотеј 6:15). Тој има моќ да им направи многу поголемо добро на луѓето од кој и да е човечки владетел, па дури и од најдобриот.
5. Од каде владее Божјето Царство, и над што?
5 Од каде ќе владее Божјето Царство? Па, да размислиме каде е сега Исус. Сигурно се сеќаваш дека бил убиен на маченички столб, а потоа бил воскреснат. По кратко време, се вознел на небото (Дела 2:33). Значи, и Божјето Царство е на небото. Затоа Библијата го нарекува „небесно царство“ (2. Тимотеј 4:18). Иако Божјето Царство е на небото, тоа ќе владее над Земјата. (Прочитај Откровение 11:15.)
6, 7. Зошто Исус е подобар од сите други цареви?
6 Зошто Исус е подобар од сите други цареви? Како прво, тој никогаш нема да умре. Кога го споредува со човечките цареви, Библијата вели дека Исус е „единствениот кој има бесмртност и престојува во непристапната светлина“ (1. Тимотеј 6:16). Тоа значи дека сѐ што ќе направи Исус ќе трае вечно. А тој сигурно ќе направи многу добри работи за луѓето.
7 Обрни внимание на следново библиско пророштво за Исус: „Врз него ќе почива Јеховиниот дух, духот на мудроста и разборитоста, духот на советот и на силата, духот на знаењето и на стравот од Јехова. Тој ќе ужива во стравот од Јехова. Нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша. По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Исаија 11:2-4). Овие зборови се, всушност, ветување дека Исус ќе им биде праведен и сочувствителен Цар на луѓето што ќе живеат на Земјата. Зарем не би сакал да имаш таков владетел?
8. Кој ќе владее заедно со Исус?
8 Исус нема да владее сам со Божјето Царство. Заедно со него ќе владеат и други. На пример, апостол Павле му рекол на Тимотеј: „Ако истраеме, со него и ќе царуваме“ (2. Тимотеј 2:12). Да, Павле, Тимотеј и други верни луѓе што ги избрал Бог, ќе владеат заедно со Исус во небесното Царство. Колкумина ќе ја имаат таа посебна чест?
9. Колкумина ќе владеат со Исус, и кога Бог почнал да ги избира?
9 Како што видовме во седмото поглавје од оваа книга, апостол Јован добил едно видение во кое видел како „Јагнето [Исус Христос] стои на гората Сион [неговата положба како цар на небото], и со него сто четириесет и четири илјади, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко напишано на своите чела“. Кои се овие 144.000? Самиот Јован ни кажува: „Тие го следат Јагнето каде и да појде. Тие се откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“ (Откровение 14:1, 4). Да, тие се верни следбеници на Исус Христос, избрани да владеат на небото заедно со него. Откако по својата смрт ќе бидат воскреснати за живот на небото, тие „ќе царуваат над земјата“ заедно со Исус (Откровение 5:10). Од времето на апостолите, Бог почнал да избира верни христијани за да се потполни бројот од 144.000.
10. Зошто тоа што Исус и 144-те илјади ќе владеат со човештвото е доказ за Божјата голема љубов?
10 Тоа што Исус и 144-те илјади ќе владеат со човештвото е доказ за Божјата голема љубов. Како прво, Исус знае како е да бидеш човек и да страдаш. Во врска со него, Павле рекол: „Нашиот првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нас во нашите слабости, туку таков кој во сѐ е испитан како и ние, но не згрешил“ (Евреите 4:15; 5:8). И совладетелите на Исус страдале додека биле луѓе, и останале верни до крај. Освен тоа, се бореле со несовршеноста и со секакви болести. Тоа сигурно ќе им помогне да ги разберат проблемите што ги имаат луѓето!
ШТО ЌЕ НАПРАВИ БОЖЈЕТО ЦАРСТВО?
11. Зошто Исус рекол дека неговите ученици треба да се молат Божјата волја да се врши на небото?
11 Кога Исус рекол дека неговите ученици треба да се молат да дојде Божјето Царство, тој рекол и дека треба да се молат да се врши Божјата волја, „како на небото така и на земјата“. Бог е на небото, и таму верните ангели отсекогаш ја вршеле неговата волја. Меѓутоа, во третото поглавје од оваа книга видовме дека еден злобен ангел престанал да ја врши Божјата волја и ги навел Адам и Ева на грев. Од десеттото поглавје ќе дознаеме што уште ни кажува Библијата во врска со тој злобен ангел, Сатана Ѓаволот. На Сатана и на ангелите што избрале да го следат — наречени демони — им било дозволено да останат на небото извесно време. Тоа значи дека тогаш не ја вршеле Божјата волја сите што биле на небото. Ова се променило кога почнало да владее Божјето Царство. Новоустоличениот Цар, Исус Христос, повел војна против Сатана. (Прочитај Откровение 12:7-9.)
12. Кои два важни настана се опишани во Откровение 12:10?
12 Следниве пророчки зборови опишуваат што се случило: „Чув силен глас на небото како вели: ,Сега дојде спасението и моќта и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, бидејќи е исфрлен обвинителот на нашите браќа [Сатана], кој ги обвинува ден и ноќ пред нашиот Бог!‘“ (Откровение 12:10). Забележа ли кои два многу важни настана се опишани во овој библиски стих? Прво, почнува да владее Божјето Царство на чело со Исус Христос. И второ, Сатана е исфрлен од небото на Земјата.
13. Каков бил резултатот од тоа што Сатана бил исфрлен од небото?
13 Каков бил резултатот од овие два настана? Во врска со она што се случило на небото, го читаме следново: „Затоа веселете се небеса и вие што живеете на нив!“ (Откровение 12:12). Да, бидејќи Сатана и неговите демони повеќе не се на небото, верните ангели се радуваат затоа што на небото останале само оние што му се верни на Јехова Бог. Сега таму владее потполн мир и совршена хармонија. Божјата волја се врши на небото.
14. Што се случува поради тоа што Сатана е исфрлен на Земјата?
14 Но, што значеле овие настани за Земјата? Библијата вели: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:12). Сатана е бесен затоа што е исфрлен од небото и му останува само уште малку време. Во својот гнев, тој создава неволји на Земјата. Во следното поглавје ќе дознаеме нешто повеќе за нив. Но, имајќи го сето ова на ум, можеби ќе прашаме: „Како Царството ќе ја спроведе Божјата волја на Земјата?“
15. Која е Божјата волја за Земјата?
15 Па, сети се која е Божјата волја за Земјата. Ова го разгледавме во третото поглавје. Во градината Еден, Бог покажал дека негова волја е Земјата да биде рај во кој ќе живеат праведни луѓе што никогаш нема да умрат. Кога Сатана ги навел Адам и Ева на грев, тоа се одразило врз исполнувањето на Божјата волја за Земјата, но таа не се променила. Јехова сѐ уште има намера ,праведниците да ја поседуваат земјата и да живеат на неа засекогаш‘ (Псалм 37:29). Токму тоа ќе го постигне Божјето Царство. На кој начин?
16, 17. Што ни кажува стихот од Даниел 2:44 за Божјето Царство?
16 Да го разгледаме пророштвото што е запишано во Даниел 2:44. Таму читаме: „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“. Што ни кажува ова за Божјето Царство?
17 Прво, ни кажува дека Божјето Царство требало да биде воспоставено „во деновите на тие цареви“, односно додека сѐ уште постојат другите царства. Второ, ни кажува дека тоа Царство ќе постои вечно. Нема да биде поразено ниту заменето со некоја друга влада. Трето, гледаме дека ќе избувне војна помеѓу Божјето Царство и царствата на овој свет. Ќе победи Божјето Царство. На крајот, само тоа ќе владее со човештвото. Тогаш луѓето ќе ја имаат најдобрата можна влада.
18. Како е наречена решавачката војна помеѓу Божјето Царство и владите на овој свет?
18 Библијата ни кажува многу за таа решавачка војна што ќе се води помеѓу Божјето Царство и владите на овој свет. На пример, таа учи дека, како што се приближува крајот, злите духови ќе шират лаги за да ги заведат „царевите од целиот свет“. Со која цел? „За да ги соберат [царевите] за војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“. Царевите на земјата ќе бидат собрани „на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“ (Откровение 16:14, 16). На темел на овие два стиха, решавачката битка помеѓу човечките влади и Божјето Царство е наречена Армагедон.
19, 20. Зошто Божјата волја не се извршува на Земјата уште денес?
19 Што ќе постигне Божјето Царство со војната Армагедон? Сети се уште еднаш која е Божјата волја за Земјата. Јехова Бог имал намера Земјата да биде полна со праведни, совршени луѓе што ќе му служат во рај. Зошто не е така уште денес? Прво, ние сме грешни и затоа се разболуваме и умираме. Меѓутоа, од петтото поглавје дознавме дека Исус умрел за нас и затоа ќе можеме да живееме вечно. Веројатно се сеќаваш на зборовите што се запишани во евангелието по Јован: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
20 Друг проблем е тоа што многу луѓе прават лоши работи — лажат, се служат со измама и живеат неморално. Тие не сакаат да ја вршат Божјата волја. Таквите луѓе ќе бидат уништени во Божјата војна Армагедон. (Прочитај Псалм 37:10.) Уште една причина зошто Божјата волја не се врши на Земјата е тоа што владите не ги поттикнуваат луѓето да го прават тоа. Многу влади се немоќни, сурови или корумпирани. Библијата отворено вели: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).
21. Како Царството ќе ја спроведе Божјата волја на Земјата?
21 По Армагедон, над луѓето ќе владее само една влада — Божјето Царство. Тоа Царство ќе ја извршува Божјата волја и ќе донесе прекрасни благослови. На пример, ќе ги отстрани Сатана и неговите демони (Откровение 20:1-3). Благодарение на Исусовата жртва, верните луѓе нема повеќе да се разболуваат и да умираат. Под владеењето на Царството, тие ќе можат да живеат вечно. (Прочитај Откровение 22:1-3.) Земјата ќе биде претворена во рај. Со тоа, Царството ќе ја спроведе Божјата волја на Земјата и ќе го посвети Божјето име. Што значи тоа? Тоа значи дека, на крајот, под владеењето на Божјето Царство, сите луѓе ќе го слават Јеховиното име.
КОГА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ЌЕ ЈА ИСПОЛНИ СВОЈАТА ЦЕЛ?
22. Од каде знаеме дека Божјето Царство не дошло кога Исус бил на Земјата, ниту веднаш откако воскреснал?
22 Кога Исус им рекол на своите следбеници да се молат: „Да дојде царството твое“, било јасно дека во тоа време Царството сѐ уште не било дојдено. Дали дошло кога Исус се вознел на небото? Не, бидејќи и Петар и Павле рекле дека по воскресението на Исус, на него се исполнило пророштвото од Псалм 110:1: „Јехова му рече на мојот Господар: ,Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе‘“ (Дела 2:32-35; Евреите 10:12, 13). Значи, Исус требало да чека некое време.
Под владеењето на Царството, Божјата волја ќе се врши на Земјата како што се врши и на небото
23. а) Кога почнало да владее Божјето Царство? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
23 Колку долго чекал Исус? Во 19 и 20 век, искрените истражувачи на Библијата сфатиле дека тој период на чекање ќе заврши во 1914 год. (Во врска со оваа година, види го Додатокот под темата „1914 — значајна година во библиските пророштва“.) Светските настани што почнале да се случуваат од 1914 год. потврдуваат дека овие непристрасни истражувачи на Библијата точно ги сфатиле работите. Исполнувањето на библиските пророштва покажува дека во 1914 год. Христос станал Цар и дека Божјето небесно Царство почнало да владее. Значи, ние живееме во она „кратко време“ што му преостанало на Сатана (Откровение 12:12; Псалм 110:2). Исто така, можеме со сигурност да речеме дека наскоро Божјето Царство ќе почне да ја спроведува Божјата волја на Земјата. Зар ова не е прекрасна вест? Веруваш ли дека навистина е така? Следното поглавје ќе ти помогне да се увериш дека Библијата навистина го вели тоа.