ПОГЛАВЈЕ 5
Зошто да се зачува невиноста?
„Чувствувам силен притисок да имам секс“ (Кели).
„Незгодно ми е што уште сум невин“ (Џордан).
„ШТО, уште си невин?“ Можеби од тоа прашање ти се стемнува! Знаеш дека, општо земено, тинејџерите што немале секс се сметаат за „вид во изумирање“. Не е ни чудо што толку млади се сексуално активни уште во тинејџерските години!
Силата на желбите и притисокот од другите
Ако си христијанин, знаеш дека Библијата ни кажува ‚да се воздржуваме од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Сепак, можеби ти е тешко да ги контролираш своите сексуални нагони. „Понекогаш помислувам на секс без некоја очигледна причина“, признава Пол. Таквите чувства, во голема мера, се нормални.
Меѓутоа, не е лесно некој постојано да те задева и да те исмејува затоа што сѐ уште си невин! На пример, што ако ти велат дека не си прав маж или права жена ако си немал секс? „Другите прават сексот да изгледа толку привлечно и нормално“, вели Елена. „Ако не спиеш со кого стигнеш, те сметаат за чудак.“
Но, сексот пред бракот има една страна за која другите можеби ретко зборуваат. На пример, Марија раскажува како ѝ било откако спиела со својот дечко: „Чувстував срам и вина. Се мразев и себеси и него“. Повеќето тинејџери не се свесни колку често работите завршуваат вака. Во реалноста, предбрачниот секс честопати е емоционално болно искуство — со погубни последици!
Но, младата Сандра прашува: „Зошто Бог ги создал тинејџерите со сексуални желби, а во исто време вели дека не смеат да ги задоволат пред да стапат во брак?“ Добро прашање. Размисли за ова:
Дали сексуалните желби се единствените силни чувства што ги имаш? Не. Јехова Бог те создал со широк опсег на желби и емоции.
Мораш ли веднаш да реагираш на секој нагон што ќе ти надојде? Не, зашто Бог те создал и со способност да си ги контролираш реакциите.
Значи, што учиме од ова? Можеби не можеш да спречиш да ти надојдат некои желби, но можеш да се контролираш како ќе реагираш на тие желби. И навистина, ако реагираш на секоја сексуална желба што ќе ти дојде, би било исто толку погрешно и глупаво како да удриш некого секојпат кога ќе се нанервираш.
Факт е дека Бог никогаш немал намера луѓето да го злоупотребуваат сексот. „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:4). Како што има „време за сакање и време за мразење“, така има и време кога треба да се задоволат сексуалните желби и време кога тие треба да се држат под контрола (Проповедник 3:1-8). На крајот на краиштата, ти си тој што има контрола над твоите желби!
Но што да направиш ако некој те задева: „Зар навистина уште си невин?“ Нека не те плашат ваквите коментари. На оној што сака само да те исмева можеш да му речеш: „Да, сум, и знаеш што? Мило ми е што е така!“ Или би можел да му кажеш: „Тоа си е моја работа и нема што повеќе да зборуваме на таа тема“a (Изреки 26:4; Колошаните 4:6). Од друга страна, можеби сметаш дека оној што те распрашува заслужува да знае нешто повеќе. Во таков случај можеби ќе сакаш да му го објасниш својот став кој се темели на Библијата.
Ти текнува ли што друго би можел да кажеш ако некој те исмејува со зборовите: „Зар навистина уште си невин?“ На линиите напиши како ти би одговорил.
․․․․․
Скапоцен дар
Како му е на Бог кога луѓето се решаваат на секс пред брак? Па, замисли си дека си купил подарок за некој твој пријател. Но, тој го наоѓа и, од чиста љубопитност, го отвора уште пред да му го дадеш! Зарем нема да се налутиш? Замисли си тогаш како би му било на Бог ако почнеш со сексуални односи пред бракот. Тој сака прво да стапиш во брак за да можеш да им се радуваш на сексуалните односи, кои се дар од него (1. Мојсеева 1:28).
Што да правиш кога ќе ти надојдат сексуални желби? Едноставно кажано, научи да ги контролираш. Ти имаш сила за тоа! Моли го Јехова да ти помогне. Неговиот дух ќе ти помогне подобро да се самосовладуваш (Галатите 5:22, 23). Секогаш имај на ум дека Јехова „нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Псалм 84:11). Едно момче по име Гордон вели: „Кога низ главата ќе почне да ми се врти дека предбрачниот секс можеби и не е толку страшна работа, помислувам колку лошо ќе се одрази тоа на мојата духовност, и сфаќам дека за ниеден грев не вреди да си го расипам пријателството со Јехова“.
Вистината е дека да се биде невин не е нешто ненормално. Напротив, предбрачниот секс е нешто срамно, понижувачко и штетно. Затоа, не дозволувај светот со својата пропаганда да те прелаже да мислиш дека нешто не е во ред со тебе само затоа што живееш според библиските мерила. Со тоа што ќе ја зачуваш својата невиност ќе си го заштитиш здравјето, емоционалната состојба и, што е најважно, својот однос со Бог.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24
[Фуснота]
a Интересно, кога Ирод го испрашувал, Исус решил да не каже ништо (Лука 23:8, 9). Честопати, на дрските прашања најдобро е да не се одговори ништо.
КЛУЧЕН СТИХ
„Ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост... добро прави“ (1. Коринќаните 7:37)
ПРЕДЛОГ
Немој да се дружиш со луѓе кои имаат лабав морал, дури и ако тврдат дека имаат исти верувања како твоите.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Луѓето што имаат лабав морал пред бракот многу ретко се менуваат откако ќе стапат во брак. За разлика од нив, голема е веројатноста дека оние што лојално живеат според Божјите морални мерила пред бракот ќе му бидат верни на својот брачен другар.
ПЛАН!
Ако сакам да останам невин пред бракот, ќе треба да ․․․․․
Ако друштвото ми отежнува да си останам на одлуката, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Според тебе, зошто некои им се исмеваат на оние што немаат сексуални односи?
● Зошто не е лесно да се остане невин?
● Кои се добрите страни на тоа што ќе останеш невин пред бракот?
● Како ќе му објасниш на својот помал брат или сестра зошто е добро да се биде невин?
[Истакната мисла на страница 51]
››Она што ми дава сила да не попуштам пред сексуалните желби е мислата дека ‚ниту еден блудник или нечист нема наследство во царството на Бог‘ (Ефешаните 5:5)‹‹ (Лидија)
[Рамка на страница 49]
Прашалник
Што навистина се случува потоа?
Другите околу тебе и забавната индустрија честопати многу вешто ја прикриваат грдата реалност на предбрачниот секс. Разгледај ги трите ситуации подолу. Што мислиш, што навистина ќе се случи со овие тинејџери?
● Еден од соучениците се фали дека спиел со многу девојки. Вели дека тоа е чиста забава — никој не е повреден. Што навистина се случува потоа — со него и со девојките? ․․․․․
● На крајот од филмот двајца тинејџери, кои не се во брак, имаат секс за да си покажат колку се сакаат. Што ќе се случи потоа — во вистинскиот живот? ․․․․․
● Запознаваш згоден дечко кој сака да има секс со тебе. Ти вели дека никој не мора да дознае за тоа. Да речеме дека спиеш со него и потоа се трудиш да го скриеш тоа од другите. Што навистина ќе се случи потоа? ․․․․․
[Слика на страница 54]
Ако имаш секс пред бракот, тоа е како да отвориш некој подарок пред да ти го дадат