ДЕЛ 26
Земјата станува рај!
Преку Царството со кое владее Христос, Јехова го посветува своето име, потврдува дека има право да биде Севишен Владетел и го уништува сето зло
ПОСЛЕДНАТА библиска книга, која се вика Откровение, им дава надеж на сите луѓе. Ја напишал апостол Јован. Таа содржи виденија кои на величествен начин го прикажуваат исполнувањето на Јеховината намера.
Во првото видение, воскреснатиот Исус пофалува и укорува неколку собранија. Следното видение го прикажува Божјиот небесен престол пред кој духовните суштества го слават Бог.
Додека Божјата намера полека се исполнува, Јагнето, односно Исус Христос, добива свиток со седум печати. При отворањето на првите четири печати, на светската сцена се појавуваат неколку симболични јавачи. Првиот од нив е Исус, кој јава на бел коњ како крунисан Цар. По него следат јавачи на коњи кои имаат различна боја. Со нив пророчки се претставени војната, гладот и болестите. Сите тие се обележја на последните денови на овој свет. По отворањето на седмиот печат се слушаат седум симболични труби кои го означуваат објавувањето на Божјите пресуди. Потоа следат седум симболични неволји преку кои Бог го излева својот гнев.
Воспоставувањето на Божјето Царство на небото симболично е претставено со раѓање на машко дете. На небото избива војна, и Сатана и неговите злобни ангели се исфрлени на Земјата. Еден силен глас објавува: „Тешко вам, земјо и море“. Ѓаволот е разгневен бидејќи знае дека има кратко време (Откровение 12:12).
Јован повторно го гледа Исус на небото претставен со јагне, а со него се и 144.000 лица кои се избрани од Земјата. Тие ќе царуваат со Исус. На тој начин, Откровението ни покажува дека бројот на оние што го сочинуваат останатиот дел од ветеното потомство изнесува 144.000 (Откровение 14:1; 20:6).
Владетелите на Земјата се собираат за Армагедон, „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“. Тие војуваат против јавачот на белиот коњ, односно Исус, кој ги предводи небесните војски. Сите владетели на овој свет се уништени. Сатана е врзан, а Исус и тие 144.000 владеат над Земјата „илјада години“. На крајот од тој илјадагодишен период, Сатана е уништен (Откровение 16:14; 20:4).
Што ќе значи за послушните луѓе илјадагодишното Царство на Христос и на неговите совладетели? Јован пишува: „[Јехова] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4). Земјата ќе стане рај!
На ваков начин, Откровението ја довршува библиската порака која им е упатена на луѓето. Преку месијанското Царство, Јеховиното име ќе биде посветено, и засекогаш ќе се докаже дека тој има право да биде Севишен Владетел!
Се темели на Откровение.