СЕДМО ПОГЛАВЈЕ
„Растеше пред Јехова“
1, 2. Во која ситуација Самоил им се обратил на Израелците, и зошто требало да се покаат?
САМОИЛ стоел, загледан во лицата на луѓето од неговиот народ, кои биле собрани во градот Гилгал. Дошле затоа што ги повикал овој човек кој со децении верно служел како пророк и судија. Било мај или јуни според денешниот календар, и сушната сезона веќе траела. Полињата биле позлатени затоа што пченицата била зрела за жетва. Меѓу насобраното мноштво завладеал молк. Како можел Самоил да им допре до срцето?
2 Луѓето не сфаќале во колку сериозна ситуација се наоѓале. Барале да биде избран човек што ќе владее како нивни цар. Не биле свесни дека со тоа покажуваат големо непочитување кон својот Бог Јехова и кон неговиот пророк. Тие, всушност, го отфрлиле Јехова, нивниот Цар! Како можел Самоил да ги поттикне да се покаат?
Од детството на Самоил учиме многу за тоа како да стекнеме вера во Јехова и покрај лошите влијанија
3, 4. а) Зошто Самоил зборувал за својата младост? б) Зошто треба да се угледаме на верата на Самоил?
3 Тишината ја прекинал неговиот глас. „Јас остарев и оседев“, им рекол на насобраните луѓе. Неговата седа коса им додавала уште поголема тежина на неговите зборови. Потоа продолжил: „Одев пред вас од својата младост до денешен ден“ (1. Сам. 11:14, 15; 12:2). Иако бил стар, Самоил не ја заборавил својата младост. Сѐ уште живо се сеќавал на тие денови. Одлуките што ги донел уште како дете му помогнале целиот живот да му остане верен и оддаден на својот Бог, Јехова.
4 Самоил морал постојано да ја зајакнува својата вера за да не му ослабне. Не дозволил во тоа да го спречи околината, односно луѓето кои немале вера во Бог и кои не постапувале исправно. И денес не е лесно да се има цврста вера, бидејќи живееме во безверен и расипан свет. (Прочитај Лука 18:8.) За да видиме што можеме да научиме од Самоил, да се вратиме во времето на неговото детство.
„Момчето Самоил служеше пред Јехова“
5, 6. Зошто Самоил имал необично детство, и зошто неговите родители биле сигурни дека ќе биде добро згрижен?
5 Самоил имал необично детство. Кратко откако мајка му престанала да го дои, кога имал околу три години, почнал да му служи на Јехова во светиот шатор во Сило, на околу 30 километри од неговиот дом во Рама. Неговите родители, Елкана и Ана, го одвеле таму за да му служи на Јехова. Така Самоил станал назареец.a Дали тоа значи дека родителите го напуштиле и дека не го сакале?
6 Во никој случај! Тие знаеле дека нивниот син ќе биде добро згрижен во Сило. Првосвештеникот Илиј несомнено водел сметка сѐ да тече како што треба, што значи дека се грижел и за Самоил, кој многу му помагал. Во шаторот служеле и некои жени, кои совесно ги извршувале задачите што им биле доделени (2. Мој. 38:8; Суд. 11:34-40).
7, 8. а) Како секоја година родителите го храбреле Самоил? б) Што можат денешните родители да научат од родителите на Самоил?
7 Освен тоа, Ана и Елкана никогаш не го заборавиле својот сакан првороден син, чие раѓање било одговор на една молитва. Ана го замолила Јехова да ѝ подари син и ветила дека ќе му го даде на Бог да му служи до крајот на животот. Секоја година кога одела да го види, таа му давала на Самоил нова туника што му ја имала направено за да ја носи додека служи во светиот шатор. Овие посети сигурно многу му значеле на малото дете. Без сомнение, Самоил напредувал во духовен поглед затоа што родителите со многу љубов го храбреле, му давале совети и го поучувале дека е голема чест што може да му служи на Јехова на тоа посебно место.
8 И родителите во денешно време можат да научат многу од Ана и Елкана. Честопати целото свое внимание го насочуваат кон задоволувањето на физичките потреби на своите деца, а притоа ги занемаруваат нивните духовни потреби. Но, на родителите на Самоил најважни им биле духовните работи и тоа во голема мера ја обликувало личноста на нивниот син (Прочитај Изреки 22:6.)
9, 10. а) Опиши го светиот шатор и чувствата што ги имал Самоил за тоа свето место. (Види ја и фуснотата.) б) Какви задачи можеби имал Самоил, и како можат младите денес да го следат неговиот пример?
9 Можеме да си замислиме како Самоил во текот на своето детство шетал по ридовите околу Сило. Кога оттаму ќе го вперел погледот кон градот и долината под него и ќе го здогледал светиот шатор на Јехова, сигурно се чувствувал среќен и горд. Тој шатор навистина бил свето место.b Бил направен речиси 400 години претходно под водство на Мојсеј и бил центар на обожавањето на вистинскиот Бог Јехова во целиот свет.
10 Малиот Самоил многу го сакал светиот шатор. Во библискиот извештај што подоцна самиот го напишал, читаме: „Момчето Самоил служеше пред Јехова опашано со ленен ефод“ (1. Сам. 2:18). Облеката што ја носел покажувала дека Самоил им помагал на свештениците во светиот шатор. Иако немал свештеничко потекло, Самоил имал разни задолженија. На пример, требало секое утро да ги отвора вратите низ кои се влегувало во дворот на светиот шатор и да му помага на остарениот Илиј. Радосно ги извршувал своите задачи, но со текот на времето неговото чисто срце нешто почнало да го вознемирува. Во Јеховиниот дом се случувало нешто многу лошо.
Останал верен и меѓу расипани луѓе
11, 12. а) Кој бил главниот пропуст на Офни и Финес? б) Со кои постапки во светиот шатор Офни и Финес покажале колку биле злобни и расипани? (Види ја и фуснотата.)
11 Уште како дете, Самоил видел голема злоба и расипаност. Илиј имал два сина, Офни и Финес. Еве што напишал Самоил: „Синовите на Илиј беа никаквеци. Не им беше грижа за Јехова“ (1. Сам. 2:12). Во овој стих се изнесени две работи што се тесно поврзани една со друга. Офни и Финес биле „никаквеци“ — што на изворниот јазик буквално значи „безвредни синови“. Тие немале никаква почит кон Јехова. Ги презирале неговите праведни мерила и барања. Од тој пропуст произлегле и сите други гревови што ги правеле.
12 Во Божјиот закон јасно било наведено какви должности имале свештениците и како требало да се принесуваат жртвите во Јеховиниот шатор. Имало силни причини за тоа! Тие жртви го претставувале сето она што Бог го правел за да им ги прости гревовите на луѓето. Така ќе биле чисти во негови очи и ќе можел да ги благословува и води. Но, Офни и Финес ги наведувале и другите свештеници да се однесуваат со големо непочитување кон жртвите.c
13, 14. а) Како влијаела расипаноста во светиот шатор врз искрените луѓе? б) Зошто Илиј потфрлил и како татко и како првосвештеник?
13 Замисли си го малиот Самоил како стаписано гледа толку сериозна злоупотреба на положбата, а никој не мрднува со прст за да го спречи тоа. Сигурно видел многу луѓе, меѓу кои имало сиромашни, бедни и угнетени, како доаѓаат во тој свет шатор со надеж дека ќе најдат утеха и сила, но заминуваат разочарани, повредени и понижени. И како ли се чувствувал кога дознал дека Офни и Финес ги кршеле и Јеховините закони во врска со моралот и спиеле со некои од жените што служеле на влезот од светиот шатор? (1. Сам. 2:22). Можеби се надевал дека Илиј ќе преземе нешто.
Самоил сигурно бил многу вознемирен поради злобата на синовите на Илиј
14 Илиј бил во најдобра положба да го реши тој проблем што станувал сѐ поголем. Како првосвештеник, бил одговорен за сѐ што се случувало во шаторот. А како татко, бил должен да ги укори своите синови. Всушност, тие си наштетувале и себеси и на многу други луѓе во Израел. Меѓутоа, Илиј потфрлил и како татко и како првосвештеник. Тој само благо, нежно ги скарал своите синови. (Прочитај 1. Самоилова 2:23-25.) Но, на неговите синови им требал многу построг укор. Тие правеле гревови за кои заслужувале смрт!
15. Каква остра осуда му била пренесена на Илиј, и како реагирале членовите на неговото семејство?
15 Состојбата толку се влошила што Јехова испратил кај Илиј „еден Божји човек“, односно пророк чие име не ни е кажано, за да му пренесе една остра осуда. Јехова му порачал на Илиј: „Им укажуваш поголема чест на своите синови отколку мене“. Тогаш Бог прорекол дека злобните синови на Илиј ќе умрат во еден ден и дека членовите на семејството на Илиј ќе доживеат многу неволји, па дури и дека ќе ја изгубат честа да служат како свештеници. Дали по ова силно предупредување нешто се променило? Библискиот извештај не спомнува дека членовите на тоа семејство ги промениле своите ставови (1. Сам. 2:27—3:1).
16. а) Што вели Библијата за напредокот на младиот Самоил? б) Зошто те радува тоа што останал близок со Јехова?
16 Како влијаела таа расипаност врз младиот Самоил? Одвреме-навреме во овој мрачен извештај наоѓаме зраци на светлина, зборови кои ни покажуваат дека Самоил напредувал во духовен поглед додека растел. Сети се дека во 1. Самоилова 2:18 пишува: „Момчето Самоил служеше пред Јехова“. Дури и на толку рана возраст, на Самоил најважно во животот му било верно да му служи на Бог. Во 21. стих од истото поглавје читаме нешто што уште повеќе нѐ радува: „Момчето Самоил растеше пред Јехова“. Значи, додека растел, Самоил станувал сѐ поблизок со својот небесен Татко. Таквиот близок личен однос со Јехова е најсигурна заштита од секаква расипаност.
17, 18. а) Како можат младите христијани да се угледаат на Самоил кога другите не постапуваат како што треба? б) Дали вредело тоа што Самоил постапувал исправно?
17 Самоил лесно можел да си помисли: „Ако првосвештеникот и неговите синови грешат, тогаш и јас можам да правам што сакам“. Но, расипаноста на другите, вклучувајќи ги и оние што се на одговорна положба, не е никаков изговор да се прави грев. Денес, многу млади христијани го следат примерот на Самоил и ‚растат пред Јехова‘ — дури и кога некои луѓе околу нив не постапуваат како што треба.
18 Дали вредело тоа што Самоил постапувал исправно? Да. Во Библијата читаме: „А момчето Самоил растеше и им стануваше сѐ помило и на Јехова и на луѓето“ (1. Сам. 2:26). Значи, Самоил им бил омилен на другите, барем на оние чие мислење било важно. Јехова многу го сакал ова момче затоа што му било верно. А Самоил бил сигурен дека неговиот Бог ќе го отстрани сето зло што се правело во Сило, но можеби се прашувал кога. Една ноќ го добил одговорот на тоа прашање.
„Зборувај, зашто твојот слуга слуша“
19, 20. а) Што му се случило на Самоил една ноќ во светиот шатор? б) Како Самоил дознал кој го повикувал, и како се однесувал кон Илиј?
19 Наскоро требало да се појават првите зраци на утринското сонце, а големиот светилник во шаторот сѐ уште ширел треперлива светлина во полумракот. Во таа глува доба, Самоил чул како некој го вика по име. Си помислил дека тоа е Илиј, кој веќе бил многу стар и речиси слеп. Самоил станал и ‚отрчал‘ кај него. Можеш ли да си го замислиш тоа дете како босоного трча кај Илиј да види зошто го вика? Трогателно е да се забележи дека Самоил се однесувал кон Илиј љубезно и со почит. И покрај сите свои грешки, Илиј сѐ уште му бил првосвештеник на Јехова (1. Сам. 3:2-5).
20 Самоил го разбудил Илиј и му рекол: „Еве ме, ме викаше“. Но, Илиј му кажал дека не го викнал и му рекол да се врати в кревет. Сепак, истото се случило уште двапати. На крајот, Илиј сфатил што се случува. Во тоа време Јехова ретко му давал виденија или пророчки пораки на својот народ, а јасно е и зошто. Но, Илиј сфатил дека Јехова пак почнал да дава објави, овојпат на тоа дете! Тогаш му рекол на Самоил да си легне и му кажал како да одговори на повикот. Самоил го послушал. Набрзо, повторно чул како некој го вика: „Самоиле! Самоиле!“ Момчето одговорило: „Зборувај, зашто твојот слуга слуша!“ (1. Сам. 3:1, 5-10).
21. Како можеме да го слушаме Јехова денес, и зошто е добро да го правиме тоа?
21 Конечно, Јехова имал во Сило слуга што слушал. Самоил продолжил да го прави тоа целиот свој живот. Дали и ти го слушаш Јехова? Ние не треба да чекаме да ни се обрати со некаков глас во ноќта. Може да се каже дека во наше време секогаш можеме да го слушаме Божјиот глас. Тој глас можеме да го чуеме преку неговата Реч, Библијата. Колку повеќе го слушаме Бог и постапуваме во склад со тоа што ни го кажува, толку повеќе ќе расте нашата вера. Така било и со Самоил.
22, 23. а) Како се исполниле зборовите од пораката што Самоил отпрвин се плашел да ја пренесе? б) Како угледот на Самоил сѐ повеќе растел?
22 Таа ноќ била пресвртница во животот на Самоил, бидејќи оттогаш почнал да го запознава Јехова на еден посебен начин — станал негов пророк и гласник. Во почетокот се плашел да му ја пренесе на Илиј пораката од Јехова бидејќи таа била конечна одлука дека пророштвото против тоа семејство наскоро ќе се исполни. Но, Самоил собрал храброст и му ја пренел пораката, а Илиј понизно ја прифатил Божјата пресуда. По кратко време, се исполнило сѐ што рекол Јехова. Израелците отишле во војна против Филистејците, а Офни и Финес загинале во ист ден. Илиј умрел кога дознал дека бил запленет Јеховиниот свет ковчег (1. Сам. 3:10-18; 4:1-18).
23 Од друга страна, Самоил бил верен пророк и неговиот углед сѐ повеќе растел. Во библискиот извештај пишува дека ‚Јехова бил со него‘ и дека не допуштил да остане неисполнето ниту едно пророштво што го кажал Самоил. (Прочитај 1. Самоилова 3:19.)
„Самоил го повика Јехова“
24. Каква одлука донеле Израелците, и зошто тоа било тежок грев?
24 Но, дали Израелците го следеле примерот на Самоил и станале духовни луѓе кои му се верни на Бог? Не. По некое време решиле повеќе да не им суди еден обичен пророк. Сакале да бидат како другите народи и да имаат цар кој ќе владее над нив. Самоил го послушал Јехова и им ја исполнил таа желба. Но, морало да им каже колку бил тежок нивниот грев. Тие не отфрлиле обичен човек, туку самиот Јехова! Затоа, Самоил го собрал народот во Гилгал.
25, 26. Како Самоил во Гилгал му помогнал на народот да ја сфати тежината на својот грев?
25 Да се ставиме на местото на остарениот Самоил во тие напнати моменти кога им се обратил на Израелците во Гилгал. Ги потсетил дека целиот живот бил чесен и верен. Потоа, ‚го повикал Јехова‘ и го замолил да испрати „громови и дожд“ (1. Сам. 12:17, 18).
26 Громови и дожд за време на суша? Такво нешто ниту се чуло ниту се видело! Ако народот имал макар и ронка сомнеж или му се потсмевал на Самоил, тоа не траело долго. Одеднаш, небото го прекриле темни облаци. Почнал да дува силен ветер кој го разбранувал житото во полињата. Зататниле силни, заглушувачки громови и почнало да врне дожд. Каква била реакцијата? „Целиот народ го обзеде страв од Јехова и од Самоил.“ Луѓето конечно сфатиле колку тежок бил нивниот грев (1. Сам. 12:18, 19).
27. Што прави Јехова за оние што имаат вера како Самоил?
27 До нивните бунтовни срца не допрел Самоил, туку неговиот Бог, Јехова. Од својата рана младост па сѐ до својата длабока старост, покажувал вера во својот Бог, кој го наградил. Јехова не се променил. Тој и понатаму им помага на оние што имаат вера како Самоил.
a Назарејците биле под завет што вклучувал забрана да пијат алкохолни пијалаци и да си ја потстрижуваат косата. Повеќето назарејци имале дадено таков завет само за одредено време. Но некои, како што биле Самсон, Самоил и Јован Крстител, биле назарејци целиот свој живот.
b Светилиштето имало правоаголна форма. Всушност, станувало збор за голем шатор кој имал дрвена конструкција. Меѓутоа, самиот шатор бил направен од најквалитетни материјали — фокини кожи, прекрасно извезени ткаенини и скапоцено дрво обложено со сребро и злато. Се наоѓал во еден правоаголен двор во кој бил и величествениот жртвеник. По сѐ изгледа, околу светиот шатор подоцна биле доградени и други простории кои ги користеле свештениците. Веројатно Самоил спиел во една од тие простории.
c Овој извештај ни открива два такви примера. Како прво, Законот јасно пропишувал кои делови од жртвата му припаѓале на свештеникот (5. Мој. 18:3). Но, злобните свештеници во светиот шатор вовеле една сосема поинаква практика. Додека се варело месото, ги испраќале своите слуги кај котелот, кои со голема вилушка ваделе од поубавите парчиња месо и им ги носеле! Второ, кога луѓето ќе ги донеле своите жртви за да се изгорат на жртвеникот, овие расипани свештеници ќе испрателе некој од слугите да го присили човекот што ја принесувал жртвата да им даде сурово месо уште пред да му се принесе на Јехова лојот од жртвуваното животно (3. Мој. 3:3-5; 1. Сам. 2:13-17).