ДВАЕСЕТ И ПРВО ПОГЛАВЈЕ
Се борел со стравови и сомнежи
1-3. Кои настани се одиграле пред очите на Петар во текот на еден значаен ден, и што му се случило ноќта?
ПЕТАР се загледал во далечината додека со сите сили веслал кон брегот. Му се чинело како на источниот хоризонт да има слаб блесок светлина. Се прашувал дали можеби тоа се првите знаци на зората. Силниот ветар што му ја бушавел косата го разбранувал Галилејското Море. Брановите немилосрдно го удирале клунот на рибарскиот чамец. Иако студената вода постојано го заплискувала, Петар продолжил да весла.
2 Пред тоа, тој и другите ученици го оставиле Исус сам на брегот. Истиот ден виделе како Исус нахранил илјадници гладни луѓе со неколку леба и риби. Од таа причина луѓето сакале да го постават за цар, но тој не сакал да се меша во политика. Не сакал ниту неговите ученици да развијат таква желба. Оставајќи го мноштвото зад себе, им рекол на учениците да влезат во чамецот и да тргнат кон спротивниот брег, а тој се качил на планината за да се моли (Мар. 6:35-45; прочитај Јован 6:14-17).
3 Кога учениците испловиле, месечината, речиси полна, била високо на небото, а сега полека се спуштала кон запад. Но, за тоа време учениците успеале да минат само неколку километри. Не можеле да разговараат бидејќи морале напорно да веслаат, а веројатно им пречело и бучењето на ветрот и брановите. Можеби затоа Петар бил потонат во своите мисли.
За две години Петар многу научил од Исус, но имал уште многу да учи и да се менува
4. Зошто Петар е одличен пример за нас?
4 Можел да размислува за многу работи. Првпат го запознал Исус од Назарет пред повеќе од две години. Тоа време било исполнето со незаборавни настани. Многу научил, но имал уште многу да учи и да се менува. Бил спремен да се бори со личните слабости, како што се стравовите и сомнежите. Со тоа ни оставил одличен пример. Да видиме што можеме да научиме од него.
„Го најдовме Месијата!“
5, 6. Каков живот водел Петар?
5 Петар никогаш не го заборавил денот кога го запознал Исус. Брат му, Андреј, прв му ја донел возбудливата вест: „Го најдовме Месијата!“ Тие зборови засекогаш му го смениле животот на Петар (Јован 1:41).
6 Тој живеел во Капернаум, град на северниот брег на слатководното езеро наречено Галилејско Море. Тој и Андреј биле рибари и работеле заедно со Јаков и Јован, синовите на Зеведеј. Со Петар и жена му живееле неговата тешта и неговиот брат Андреј. За да го прехрани семејството, морал напорно да работи и да биде многу снаодлив. Рибарите сигурно работеле по цела ноќ — ги фрлале мрежите меѓу два чамца, а потоа ги извлекувале со рибите што ќе се фателе во нив. Можеме само да си замислиме колку макотрпно работеле додека преку денот ги сортирале и ги продавале рибите, а потоа ги крпеле и ги чистеле мрежите.
7. Која возбудлива вест ја чул Петар?
7 Библијата ни кажува дека Андреј му бил ученик на Јован Крстител. Петар сигурно со неподелено внимание слушал како неговиот брат му ја кажува пораката што ја проповедал Јован. Во една прилика, Андреј го видел Јован како покажува кон Исус од Назарет и вели: „Еве го Јагнето Божје!“ Андреј веднаш тргнал по Исус, а на Петар му ја кажал возбудливата вест дека дошол Месијата (Јован 1:35-40). После побуната во еденската градина, која се случила 4.000 години пред тоа, Јехова Бог ветил дека ќе дојде Спасителот кој на луѓето ќе им донесе вистинска надеж и подобра иднина (1. Мој. 3:15). Андреј го сретнал токму тој Спасител — Месијата! Затоа, Петар брзо отишол да го запознае Исус.
8. Какво е значењето на името што Исус му го дал на Петар, и зошто некои сметаат дека тоа име не му одговара?
8 Дотогаш, Петар бил познат како Симон. Но, Исус го погледнал и му рекол: „,Ти си Симон, синот на Јован. Ќе се викаш Кифа‘. (,Кифа‘ на грчки е ‚Петар‘.)“ (Јован 1:42). „Кифа“ е општа именка што значи „камен“ или „карпа“. Зборовите на Исус очигледно имале пророчко значење. Тој претскажал дека Петар ќе стане како карпа — односно, дека со својата постојаност, издржливост и оддаденост ќе има позитивно влијание врз Христовите следбеници. Дали и Петар го мислел истото за себе? Најверојатно не. Дури и во денешно време некои луѓе кои ги читаат евангелијата не гледаат на Петар како на постојан и оддаден човек. Некои сметаат дека Библијата го прикажува како променлив, непостојан и неодлучен.
9. Што бараат во луѓето Јехова и неговиот Син, и зошто треба да имаме доверба во нивното гледиште?
9 Точно, Петар си имал маани и Исус не бил слеп за нив. Но, исто како Јехова, неговиот Татко, Исус секогаш го барал доброто кај луѓето. Тој видел дека Петар има убави особини и сакал да му помогне да ги развие уште повеќе. Јехова и неговиот Син бараат убави особини и во нас. Можеби си мислиме дека кај нас е малку тешко да најдат нешто добро. Меѓутоа, мораме да имаме доверба во нивното гледиште и треба, како Петар, да бидеме спремни да учиме и да се менуваме. (Прочитај 1. Јованово 3:19, 20.)
„Не плаши се!“
10. На кои настани бил сведок Петар, но и покрај тоа, на што се вратил?
10 Веројатно некое време Петар го придружувал Исус на неговото проповедничко патување. Можеби го видел првото чудо кое го направил Исус кога на една свадба во Кана ја претворил водата во вино. Што е уште поважно, ја слушнал добрата вест за Божјето Царство која на луѓето им влевала надеж за подобра иднина. Но, и покрај она што го видел и чул, го оставил Исус и му се вратил на рибарењето. Сепак, неколку месеци подоцна Петар повторно го сретнал Исус — овојпат Исус го повикал да го следи и да го посвети својот живот на проповедањето на добрата вест.
11, 12. а) Каква ноќ поминал Петар додека рибарел? б) За кои работи можеби размислувал Петар додека го слушал Исус?
11 Петар цела ноќ ја поминал во риболов, но ништо не уловил. Секогаш кога ќе ги фрлеле мрежите, тој и другите рибари ги извлекувале празни. Како вешт и искусен рибар, Петар сигурно ги фрлал мрежите на различни места од езерото, обидувајќи се да открие каде јаде рибата. Како повеќето рибари, несомнено и тој одвреме-навреме посакувал да може да гледа низ матната вода и да ги пронајде јатата риби или некако да ги натера да се фатат во неговите мрежи. Се разбира, таквото размислување можело само уште повеќе да го обесхрабри. Тој не ловел риба за забава, туку за да заработи за живот. Многумина зависеле од него. На крајот, се вратил на брегот без никаков улов. Сепак, морал да ги исчисти мрежите. Затоа, кога Исус му пристапил, имал полни раце работа.
На Петар никогаш не му здодеало да го слуша Исус како зборува за Божјето Царство
12 Околу Исус се собрало мноштво народ, кое внимателно го слушало секој негов збор. Бидејќи од сите страни бил опкружен со луѓе, влегол во чамецот на Петар и му рекол да се оддалечи малку од брегот. Потоа почнал да го поучува народот, а водата го пренесувала неговиот глас така што сите можеле добро да го чујат. Луѓето што биле на брегот го впивале секој негов збор. И Петар внимателно го слушал. Никогаш не му здодеало да го слуша Исус како зборува за Божјето Царство, главната тема на пораката што ја објавувал. Колку би било убаво и тој заедно со Исус да ја шири таа добра вест! Но, би можел ли Петар да го прави тоа? Како би го прехранил семејството? Можеби со мислите повторно се навратил на тоа како цела ноќ се мачел, а ништо не уловил (Лука 5:1-3).
13, 14. Какво чудо направил Исус за Петар, и како реагирал Петар?
13 Кога престанал да поучува, Исус му рекол на Петар: „Отплови таму каде што е длабоко, фрлете ги своите мрежи и ловете!“ Петар се сомневал дека ќе има некакво фајде од тоа, па затоа рекол: „Учителе, цела ноќ се мачевме и ништо не уловивме, но штом ти така велиш, ќе ги спуштам мрежите“. Петар штотуку ги исчистил мрежите. Сигурно не сакал повторно да ги фрли во езерото, особено не во период кога рибата не јадела. Сепак, го послушал Исус, а веројатно и на рибарите од другиот чамец им дал знак да тргнат по нив (Лука 5:4, 5).
14 Кога почнал да ги вади мрежите, се изненадил од нивната тежина. Со неверување почнал уште посилно да ги влече и набрзо сфатил дека во нив има многу риби. Возбудено им мавнал на рибарите од другиот чамец да дојдат и да им помогнат. Кога пристигнале, им станало јасно дека сите тие риби не може да ги собере во еден чамец. Иако ги наполниле и двата чамца, останало уште риба. Чамците почнале да тонат од тежината на товарот. Петар не можел да си поверува на очите! Веќе претходно видел како Исус прави чуда, но овојпат направил чудо кое било поврзано со него лично. Пред нив стоел човекот што можел да ги натера дури и рибите да влезат во мрежите. Петар се исплашил. Паднал пред нозете на Исус и му рекол: „Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек!“ Сигурно се чувствувал недостоен да биде во друштво на оној на кого Бог му дал моќ да прави такви чуда. (Прочитај Лука 5:6-9.)
15. Како Исус го поучил Петар дека не треба да им се препушта на стравовите и сомнежите?
15 За да го охрабри, Исус му рекол: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе“ (Лука 5:10, 11). Не било време Петар да им се препушти на стравовите и сомнежите. Немал причина да се секира дали со рибарењето или на некој друг начин ќе може да се грижи за своите материјални потреби. Исто така, не требало да се плаши дека заради своите маани не бил дораснат на задачата што му била дадена. Исус го повикал да извршува едно важно дело кое требало да влијае врз иднината на целото човештво. Освен тоа, Петар требало да има на ум дека му служи на Јехова, Богот кој ‚простува великодушно‘ (Иса. 55:7). Требало да има доверба дека тој ќе се грижи за неговите физички и духовни потреби (Мат. 6:33).
16. Што направиле Петар, Јаков и Јован кога Исус ги повикал да го следат? Зошто тоа била најдобрата одлука што можеле да ја донесат во животот?
16 Петар веднаш го послушал Исус, а тоа го сториле и Јаков и Јован. Во Библијата пишува: „Ги извлекоа чамците на копното, оставија сѐ и појдоа по него“ (Лука 5:11). Верата го поттикнала Петар да има доверба во Исус и во Оној што го испратил. Тоа што почнал да го следи Исус била најдобрата одлука што можел да ја донесе во животот. И денес, оние што ги совладуваат своите сомнежи и стравови за да му служат на Бог, покажуваат дека имаат голема вера. Ако имаме доверба во Јехова, тој никогаш нема да нѐ разочара (Пс. 22:4, 5).
„Зошто се посомнева?“
17. Какви сеќавања му дошле на Петар две години откако го запознал Исус?
17 Да се вратиме на настанот што е опишан на почетокот од ова поглавје. Таа ноќ кога дувало силен ветар, Петар веслал по Галилејското Море пробивајќи се низ силните бранови. Се разбира, не знаеме какви сеќавања му навреле во тие моменти. Поминале две години откако го запознал Исус. Доживеал многу работи за кои можел да размислува. Исус ја излекувал неговата тешта. Ја одржал Проповедта на гората. Поуките што им ги кажал и чудата што ги направил биле доказ дека е Јеховиниот избраник, Месијата. Како сето ова влијаело врз Петар? Како што одминувало времето, тој сѐ повеќе се менувал. Неговите слабости, како што била склоноста да им се препушта на сомнежите и стравовите, не доаѓале толку многу до израз. Исус дури и го одбрал за еден од своите 12 апостоли! Но, Петар сѐ уште не ги совладал потполно своите стравови и сомнежи. За кратко време и самиот се уверил во тоа.
18, 19. а) Опиши што видел Петар на Галилејското Море. б) Како Исус му ја исполнил желбата на Петар?
18 За време на четвртата ноќна стража, која траела отприлика од 3 часот по полноќ па сѐ до изгревањето на сонцето, Петар одеднаш престанал да весла и нагло се исправил. Видел дека во далечината меѓу брановите нешто се мрда. Дали тоа бил некој голем бран осветлен од месечината? Не. Блесокот светлина кој се гледал не се менувал со кревањето и спуштањето на брановите. Тоа бил човек! Овој човек одел по водата! Како што се приближувал, изгледало дека ќе помине покрај нивниот чамец. Исплашени, учениците си помислиле дека тоа е некакво привидение. Но, тогаш човекот им рекол: „Бидете храбри, јас сум! Не плашете се!“ Тоа бил Исус! (Мат. 14:25-28).
19 Петар одговорил: „Господару, ако си ти, заповедај ми да дојдам кај тебе по водата!“ Во прв момент, Петар покажал храброст. Бил многу возбуден кога го видел тоа чудо и сакал уште повеќе да си ја зајакне верата. Сакал самиот да се увери дека е можно да се оди по вода. Исус му рекол да дојде кај него. Петар се прекачил преку работ на чамецот и зачекорил по разбрануваната површина на езерото. Замисли си како се чувствувал кога видел дека не потонува, туку цврсто стои на површината на водата. Без сомнение бил исполнет со чувство на страхопочит додека полека чекорел кон Исус. Меѓутоа, наскоро во него се појавило едно сосема поинакво чувство. (Прочитај Матеј 14:29.)
20. а) Што му го одвлекло вниманието на Петар, и што се случило тогаш? б) Која важна поука Исус му ја дал на Петар?
20 Петар требало да го насочи своето внимание кон Исус. Исус бил тој што, со помош на силата од Јехова, му помогнал да оди по разбрануваната вода. Го направил тоа бидејќи видел дека Петар верува во него. Но, нешто го одвратило вниманието на Петар. Во библискиот извештај стои: „Кога го виде бурниот ветар, се исплаши“. Тој почнал да ги гледа големите бранови кои го заплискувале чамецот, кревајќи облаци од пена и ситни капки. Го обземал сѐ поголем страв, а неговата вера станувала сѐ послаба. Овој човек, кого Исус го нарекол „Карпа“ затоа што сметал дека може да стане цврст и непоколеблив, почнал да тоне како камен бидејќи му ослабнала верата. Петар бил добар пливач, но во овој момент не се потпрел на своите пливачки способности. Гласно викнал: „Господару, спаси ме!“ Исус го фатил за рака и го повлекол на површината. Додека така стоеле на водата, Исус му дал една важна поука. Му рекол: „Маловерен, зошто се посомнева?“ (Мат. 14:30, 31).
21. Зошто е опасно да имаме сомнежи, и како можеме да се бориме против нив?
21 Петар дозволил да биде обземен од сомнежи. Сомнежите може многу да ни наштетат. Ако им се препуштиме, може да ни ја уништат верата и да доведат до тоа нашата духовност полека да потоне. Мораме со сите сили да се бориме против сомнежите. Како? Така што нашето внимание ќе го насочиме кон она што е навистина важно. Ако постојано размислуваме за она што нѐ плаши, обесхрабрува или ни го одвлекува вниманието од Јехова и од неговиот Син, сомнежите во нас ќе стануваат сѐ појаки. Но, ако размислуваме за она што го направиле Јехова и неговиот Син, за она што го прават и за она што ќе го направат во иднина за луѓето кои ги сакаат, ќе успееме да се одбраниме од сомнежите што ја нагризуваат нашата вера.
22. Зошто треба да се угледаме на верата на Петар?
22 Кога Петар се вратил со Исус во чамецот, видел дека бурата стивнала. На Галилејското Море завладеала мртва тишина. Тогаш, Петар и другите ученици му рекле на Исус: „Навистина, ти си Божји Син“ (Мат. 14:33). Додека полека самнувал новиот ден, срцето на Петар сигурно било исполнето со восхит. Успеал да ги растера стравовите и сомнежите. Точно, морал да смени уште многу работи во својата личност за да стане непоколеблив христијанин, како што прорекол Исус. Но, Петар цврсто одлучил да не се откаже, туку да продолжи да напредува за да стане зрел христијанин. Дали и ти си решен на истото? Примерот на Петар може многу да ти помогне во тоа.